// Google analytics code

Св. Козма и Дамјан – чудо во манастирот Сочаница во Косово

Чуда раскажани од протосинѓелот Јован Јеленков, игумен на манастирот Сочаница во Косово

Во Зочиште, манастирот е познат по исцеление на многу болести, особено на бездетност. Прво чудо за коешто слушнал, е следново: Дошол некој брачен пар од Лесковац, за да им бидат читани молитви за да добијат пород, зашто 22 години биле без деца. Им биле прочитани молитви, биле поучени да се венчаат, и потоа добиле дете, син, на кое се појавил знак, така што на неговото лево уво јасно се видел знак на буквата К, а на десното Д. – т.е. почетните букви на овие светители, чии мошти се наоѓаат таму.

Отецот лично видел, како многу неподвижни болни се исцелиле, откако ќе им биде прочитана молитва, или ќе легнат под моштите. Некој човек од Ораховец, се шлогирал, и веднаш, наместо на лекар, бил донесен тука, и откако му биле прочитани молитви, се исцелил.

Бисерка Јовановиќ од Косово, ослепела, па нејзиниот сопруг ја довел во овој манастир, каде што се исцелила откако легнала под моштите. Самата таа тоа го раскажала. Мажот ѝ стоел, а таа заспала, и почнала да вика: леле, ми изгореа очите. Сонувала како двајца луѓе носеле оган и ѝ го фрлиле во очи. Таа станала, а мажот почнал да вика: „Што ти е, што ти е?“ А таа сфатила дека прогледала, иако лекарите ѝ кажале дека невозможно е таа да прогледа.

Една жена дошла кај него и му го раскажала следново: „Јас сакав да се омажам, ама не ми одеше. Се молев да се омажам, и овие светители ми најдоа маж за да се омажам. А потоа се породив точно на денот на празникот, 14 јули, и родив ќерка, која ја крстивме со името Александра“.

Некои се молеле за да добијат работа, за да стапат во брак, деца, и нивните молби биле исполнувани, по молитвите на светите Лекари.

Во 1995 година, од Австрија дошол некој Србин, кој сакал да запали свеќа со запалката, со која палел цигари, но никако не можел да запали. И одеднаш од кандилото над моштите, на оддалеченост од 10 метри, долетал пламен, и му ги запалил свеќите. Тоа го сфатиле како чудо од светителите, дека не им е угодно да се палат кандила и свеќи со иста запалка, од која се палат и цигари.

На 8 јули 1997, отецот Јован бил нападнат од грб од страна на еден наркоман, кој по препорака на некој свештеник бил испратен таму на лечење, и му задал 11 убоди од нож, а отецот сето тоа го преживеал само по нивните молитви.

Наредната година манастирот бил нападнат од Албанците, а монасите читале акатист на светите Козма и Дамјан, и никој од нив не загинал. Потоа Албанците ги повеле на стрелање со автобус, но ги ослободиле, по молитвите на светите Лекари.

Собрал и превел: Свештеник Јани Мулев

Православна светлина бр. 27


About The Author