// Google analytics code

Свети Јован Крстител – Митрополит Струмички Наум

2-copy (2)~+~

„На другиот ден, Го виде Јован Исус како доаѓа при него и рече: ’Еве го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе.‘“

Да, паднат човек не може да спаси паднат човек, туку Богочовекот Христос го спасува паднатиот човек. А го спасува преку целиот Домострој на нашето спасение, од воплотувањето, преку смртта и воскресението, па сѐ до Своето славно вознесение и седнување оддесно на Отецот. Го спасува целиот Адам преку Телото Свое, Црквата, оживотворено од Светиот Дух Господ на денот на светата Педесетница. Го спасува целото паднато човештво преку Светите Тајни и светите добродетели на Светиот Дух, во Црквата. И го спасува, само ако тоа го сака и конкретниот човек.

„Овој е, за Кого што реков: ’По мене иде Човек, Кој пред мене беше, оти постоеше порано од мене.‘“

Со други зборови: по мене иде Човек – Богочовекот Христос, Кој и пред мене беше, пред јас да се појавам, како Слово и Син Божји, Кој предвечно се раѓа од Отецот; за Кого што ви реков дека кон Него ве водам – не кон себе, затоа што од Него на дар ве примив, бидејќи Е вистински Бог и вистински Човек.

Тој Единствен Е и затоа ние може да постоиме; и затоа постоиме, затоа што Бог од љубов нѐ создал, од љубов нѐ држи во постоење, од љубов нѐ спасува и од љубов ни го дарил Царството Небесно – несоздадената Благодат на Светиот Дух Господ. Бог ни дарувал и битие, и благобитие, и вечно благобитие, и ние постоиме. А Бог Единствен Е.

„Јас не Го познавав, но дојдов да крштевам со вода, за да биде Он објавен на Израилот.“

Односно, вие не Го познавате, но секој што во послушание ќе го очисти своето срце од страстите, ќе Го познае и ќе Го сведочи во Новиот Израил, Црквата.

И сведочеше Јован, велејќи: „Го видов Духот да слегува од небото како гулаб и застана над Него. Јас не Го познавав, но Оној што ме прати да крштевам со вода [т.е. Оној што прв ме возљуби и позна, и Којшто ми даде вонредна благодат на преобразување и созерцание], ми рече: ’Врз Кого видиш да слегува Духот и да застанува над Него, Тој е Кој ќе крштева со Дух Свети‘“.

„И јас видов и засведочив дека е Овој Син Божји“ (Јован 1, 29–34).

Односно: Јас ве водам по патот што го поминав, но лично ваш е подвигот на очистување, а лично Негов е двоедниот дар на отворање на срцето и на аскетската умно-срдечна молитва; лично ваш е подвигот во оваа молитва, а лично Негов е двоедниот дар на просветлување на умот и за духовно воспитание и образование на другите.

Рековме дека на Богојавление за првпат доаѓа до израз Тајната на новозаветното, царско и есхатолошко свештенство преку личноста и делото на свети Јован Крстител.

Во суштина, Бог, Тајната на Домостројот на нашето Спасение во Црквата ја восовршува само преку оние кои се удостоиле да бидат носители на царското, новозаветно, внатрешно и есхатолошко свештенство, без оглед на тоа – дали го имаат и дарот на официјалното и формално свештенство. Поради нив светот сѐ уште и постои. Ова, ново свештенство, може секој крстен да го има.

Свети Јован Крстител е и икона и почеток на тајната на новозаветното и есхатолошко свештенство, и почеток на крајот на старозаветното: „Јас треба од Тебе да бидам крстен, а Ти при мене ли доаѓаш?“ (Матеј 3, 14). Зборови што значат токму ова: „И удостој ме, преку мене – недостојниот и грешен Твој слуга, да Ти бидат принесени овие Дарови, [внимавајте!] зашто Ти си Тој Кој принесува и се принесува, Кој прима и Кој се раздава, Христе Боже наш…“

Достигнувањето на вториот степен од духовниот развој – просветлувањето на умот со дарот на умно-срдечната молитва, е внатрешно духовно покритие за Светата Тајна Свештенство, но тоа е и личен дар за нас во Црквата, дар на новозаветното, царско и есхатолошко свештенство, т.е. дар кој ќе нѐ краси и во Царството Небесно.

И во двата случаја, и кога се работи за официјалното свештенство и кога се работи за внатрешното, царско и есхатолошко свештенство, е очигледно дека, во суштина, Богочовекот Христос е Тој што секоја Тајна ја восовршува преку нас, луѓето.

Зошто денес се изразив дека свети Јован е почеток на крајот на старозаветното? Затоа што секогаш кога ние ќе немаме внатрешно духовно покритие за нашиот свештенички чин, односно секогаш кога ние ќе го немаме дарот на отвореното срце, умно-срдечната молитва и просветлувањето на умот, ние, по природа на нештата, сѐ уште ќе бидеме на соодветен начин продолжители и на старозаветното свештенство и схоластичката теологија.

Појавата на внатрешното, царско и есхатолошко свештенство, значи дека времето, храмот, теологијата и видот на старозаветното свештенство се исполнети, надминати и заменети со сѐ ново, и дека сите обиди за нивно возобновување го оддалечуваат – до отпаѓање, денешното свештенство од Оној што ги исполни, надмина и замени со Самиот Себе – Богочовекот Исус Христос.

За носителот на внатрешното, царско и есхатолошко свештенство, секое место станува место на коешто се служи личната-соборна Света Литургија и станува храм Божји и Света Трпеза. И секое место на Божјава земја станува подеднакво свето место – без никаква градација. Единствено несвети се демонската и човековата слободна волја, насочени кон грев.

И само ако сме носители на ова внатрешно, царско и есхатолошко свештенство, можат да ни се отворат очите да го видиме јасно погоре напишаното. И тие што се носители не се расправаат со тие што не се и на кои не им се отвориле очите.

 

Господи Исусе Христе, прости ни и помилуј нѐ!

Митрополит Струмички Наум

(19.01.2022 16:45)


About The Author