// Google analytics code

Житие на Свети Јован Златоуст – Отец Гаврил Галев

Sain John Chrysostom 1ПРОПОВЕДНИК НА ПОКАЈАНИЕТО

Да почнеме да се скрушуваме со срцето… да ги оплакуваме своите гревови,

како што ни заповедал Христос. Да почнеме да жалиме за своите престапи,

внимателно да се преиспитаме што сѐ сме направиле во минатото,

и да се погрижиме сето тоа потполно да го израмниме.

– Свети Јован Златоуст

 

 ~+~

Свети Јован Златоуст, великиот светилник на Црквата, бил роден околу 347 година во Антиохија, од угледни и благочестиви родители, Секунд и Антуса. Уште од мал останал без татко, па целосната грижа за неговото растење и воспитување ја презела неговата мајка Антуса, која била пример за духовна чистота и смиренољубие. И покрај младоста, убавината, богатството и угледот, Антуса останала вдовица до својата смрт, претпочитајќи го воспитувањето на својот син Јован пред сѐ друго. Таа оставила неизбришлив печат од својата добродетелна душа врз младиот Јован. Откако го утврдила во христијанската вера, таа го пратила својот син да студира световни науки кај најпознатиот софист во тоа време, Ливаниј.[1]

Темелно изучувајќи ги философијата и грчкото паганско незнабоштво, тие бргу му одмилеле за сесрдно да ѝ се посвети на христијанската вера како единствена и сецела Вистина, која на човекот му ја открива смислата на постоењето и му дава сѐ што му е потребно за живот вечен. Така, според тогашниот обичај да се крштеваат возрасни луѓе, и младиот Јован решил да биде крстен. Бил крстен од свети Мелетиј Антиохиски[2].

Бил еден од најнадарените, најинтелигентните и најревносните ученици, а неговиот углед растел не само меѓу учениците туку и кај учителите. Колку бил добар во философските науки, тоа го покажува следниов факт. Според христијанскиот историчар Созомен[3], кога на смртната постела го запрашале познатиот рeтор Ливаниј, кој е достоен да биде негов наследник, тој без колебање одговорил: „Јован, ако не ни го украдоа христијаните“.

Подоцна се вратил во својот дом за потоа повторно да замине за Атина на студии. Ја изучил сета грчка философија и станал мудар философ и красноречив говорник.

 

Во монаштво

Молитвата треба да биде орудието со кое во секое време добивам сѐ што ми треба,

и поради тоа таа треба да биде мое секојдневно прибежиште,

утеха, извор на добра и неисцрпна животна радост.

– Свети Јован Златоуст

 

Уште од својата рана младост, свети Јован се одликувал со побожен живот според Евангелието. Поради тоа бил возљубен од свештениците и епископот. Епископот Атински сакал да го ракоположи за свештеник, а по неговата смрт, бидејќи бил стар, се надевал дека свети Јован ќе го наследи неговото епископско место. Но, свети Јован, презирајќи ја ништожноста на овој страдален и привремен свет, а поттикнат од својот другар од детството, Василиј[4], решил да го остави светот и да се замонаши.

 

Неговото срце горело за целосен аскетско-исихастички подвиг и во себе го чувствувал повикот кон монашкиот живот. Меѓутоа, на молба на неговата мајка останал во светот, покрај неа до нејзината смрт. Во тој период многу се зближил со Патријархот Мелетиј, а учител во духовниот живот и во толкувањето на Светото Писмо му бил Диодор Eпископ Тарсиски[5].

Откако се упокоила мајка му, тој го продал и го раздал сиот свој наследен имот, ги распуштил слугите и заминал во манастир каде што набргу бил замонашен. Таму го предал својот живот во послушание, непрестајна молитва, строг подвиг и созерцанија на тајните Божји во Светото Писмо. Под раководство на искусните Старци од манастирот ги напишал своите познати дела: „За свештенството“, „За скрушеноста на срцето“, како и „Посланието до паднатиот Теодор“.

Господ изобилно го излеал врз него дарот на поучување, за кое еден од благочестивите подвижници во манастирот, отец Исихиј, добил и известување. Тој на сон ги видел двајцата најистакнати апостоли Господови, Јован и Петар, како на свети Јован му даваат свиток и клучеви. Свиток – за да ги разбира длабочините на Светото Писмо, и клучеви – за да разрешува гревови и да ги ослободува човечките срца од гревот и заробеноста на страстите, приведувајќи ги во Царството Небесно.

Подвизувајќи се во смирението пред Бог и Неговата неизмерна љубов, Бог го дарувал својот верен слуга и со дарот на чудотворство. Додека живеел во манастирот, по молитвите на свети Јован се случиле неколку чуда, исцелувајќи и ослободувајќи многумина од болести и немоќи. Во меѓувреме, не пропуштал да ги поучи и да ги исцели и нивните души, ослободувајќи ги од гревовите поради кои најчесто доаѓаат и болестите.

Христокопнежливиот подвижник во манастирот поминал четири години, но стремејќи се за уште поголеми подвизи и осаменост во непрестајната молитва и заедница со својот возљубен Господ Исус Христос, тајно се оддалечил во една пештера каде останал две години. Меѓутоа, поради строгите подвизи (многу малку јадел и речиси воопшто не спиел, деноноќно стоејќи на молитва), многу се разболел, па бил принуден да ја напушти пештерата и да замине во Антиохија.

Знаејќи дека такво светило не се испушта и не се става под поклоп, тогашниот блажен Епископ Мелетиј го задржал покрај себе и го ракоположил за ѓакон, каде што поминал пет години. За тоа време ги напишал следните книги: „Утеха на подвижникот Стагириј“ – во три книги, „За скрушеноста“ – во две книги, „За девственоста“, „На младата вдовица“, „За неповторливоста на бракот“, „Против Јулијан“.

Во тоа време за Патријарх Константинополски бил поставен свети Григориј Богослов, па свети Мелетиј заминал во Константинопол да присуствува на неговата интронизација. Малку подоцна, таму и се упокоил. Откако свети Јован слушнал за упокојувањето на својот епископ, заминал од Антиохија и се вратил во својот првобитен манастир, каде браќата го пречекале со голема радост.

 

Ракополагањето

 И јас, браќа, доаѓајќи при вас, дојдов да ви го соопштам Божјото сведоштво,

не со возвишена проповед или мудрост, бидејќи не сметав дека е добро меѓу вас

да знам нешто друго освен за Исус Христос, и тоа – Распнатиот.
И јас меѓу вас бев во немоќ, и страв, и во голем трепет.
И словото мое, и проповедта моја, не се состоеше во

убедливи зборови на човечка мудрост, туку во пројава на Духот и силата,
та верата ваша да се утврди не во човечка мудрост, туку во силата Божја.

(1 Кор. 2, 1–5)

 

После упокојувањето на свети Мелетиј, на негово место за архиепископ на Антиохија бил избран Флавијан[6]. Тој го ракоположил свети Јован за свештеник, а во моментот на неговото ракополагање одеднаш се појавил бел и светол гулаб, кој летал над неговата глава. Сите се воодушевиле од глетката. Откако бил поставен за презвитер, светиот угодник Божји ревносно го прифатил овој повик и сесрдно се грижел за спасението на своето духовно стадо. Се одликувал со голема мудрост и извонредно беседништво, а негова главна добродетел била проповедта, како и разбирањето и толкувањето на Светото Писмо.

 

Во една прилика, една богобојазлива проста жена му се обратила со зборовите: „Златна ти е устата, Јоване, ама твоето слово е многу длабоко за да допреме ние, обичните луѓе, до неговата длабочина“. Народот се согласил дека преку устата на оваа простодушна жена проговорил Бог и оттогаш го нарекле Златоуст. Неговите беседи не биле обични – празна красноречивост и говорништво. Иако на почетокот практикувал висок академски стил на изразување, со многу украси и епитети, по оваа добронамерна критика неговите беседи станале едноставни, разбирливи и многу длабоки. Неговиот збор и лекувал, и утешувал, и поучувал, и разобличувал, и поттикнувал на смирение и покајание. Со еден збор, неговото слово било чисто Божјо слово, Бого-словие, произлезено од неговата чиста душа, а просветлено со просветлувачката енергија Божја.

Кога тој беседел, отсекаде притекнувале луѓе само за да го слушаат и да се напојуваат како од чист медоточен извор. Луѓето дури и ги оставале своите работи, а пазариштата и улиците останувале празни. Свети Јован никогаш не ги запишувал беседите, секогаш ги изговарал така како што во моментот ќе го просветлел Светиот Дух. Луѓето внимателно слушале, но за да ги имаат при рака и да се поучуваат од нив, организирале дури шест брзописци за да го следат и сѐ внимателно да запишуваат. На тој начин, неговата слава растела меѓу народот, а неговиот авторитет станувал сѐ поголем.

 

Почетокот на патот

Не вели: млад сум, зашто до сите до кои ќе те испратам,

ќе одиш, и сè што ќе ти заповедам, ќе кажеш.
Не плаши се од нив; зашто Јас сум со тебе, за да те избавам.

(Ерем. 1, 7–8) 

 

Наскоро починал стариот Патријарх Константинополски Нектариј, наследникот на свети Григориј Богослов, и долго време не можеле да најдат негов наследник. Тогаш на царот му предложиле да го побара прочуениот презвитер Јован, на што царот брзо интервенирал и пратил грамота до Патријархот Флавијан за да го пушти презвитерот Јован во Константинопол. Кога народот антиохиски разбрал за тоа, многу се возбудил и натажил, па никако не сакале да го пуштат. А и самиот тој, поради своето смирение, се сметал за недостоен за тој повик и не сакал да оди. Но, царот бил убеден во својата намера и затоа испратил свои пратеници, тајно да го донесат свети Јован во Константинопол.

Блажениот Јован Златоуст бил поставен за Патријарх Константинополски на 26 февруари 398 година. На денот на хиротонијата и востоличувањето свети Јован ја отворил својата златна уста и одржал долга и многу поучна беседа со која им се обратил на сите луѓе, а на царот лично му укажал строго да се држи до Православието, да се чува од еретиците и нивното богохулно учење, редовно да доаѓа во црква и да биде праведен и милостив. „Притоа, нека знае твојата побожност, честит царе, дека нема да се плашам, кога ќе биде потребно, да говорам и поучно и разобличувачки за доброто на Вашата душа.“

Тогаш во народот се појавило некое момче опседнато од злиот дух, кое почнало да вреска и да испушта застрашувачки гласови. Страв и ужас ги опфатило сите присутни во црквата. Но, богобојазливиот Јован не се исплашил и наредил да го донесат момчето пред него. Тогаш тој го прекрстил и го истерал злиот дух од него. Сиот народ и царот се израдувале што Господ ги удостоил меѓу нив да дојде такво големо светило на Црквата.

Откако се утврдил на престолот на константинополските патријарси, тој ревносно го пасел довереното му духовно стадо. Особено обрнувал внимание на свештеничкиот клир, искоренувајќи ги од нив лошите навики, нечистотата, зависта, неправдата, секоја видлива и скриена страст. Ги учел на целомудрие, љубов, молитва, правда, милост, исполнување и навикнување на секоја добродетелност и покајание.

Во Константинопол тој го организирал и литургискиот живот на Црквата. Таму и со свети Григориј Богослов веќе имало богат литургиски живот, но свети Јован ја скратил и ја приспособил литургиската служба, денес позната и како Златоустова Божествена Литургија, вовел сеноќни бденија, литии и други литургиски обичаи.

 

Пастирствувањето

Ако не Го најдеш Христос во просјакот покрај црковната врата,

нема да Го најдеш ни во путирот.

– Свети Јован Златоуст

 

Свети Јован не се грижел само за жителите на Константинопол, туку за целата негова епархија. Така, во Феникија, каде луѓето сѐ уште биле незнабошци и се поклонувале на идоли, тој ги срушил сите пагански храмови и го поучил тамошниот народ со словото на Вистината. Потоа, го покрстил сиот народ и го привел во Православието, и како дива маслинка ги накалемил на питомата. Со словото на Вистината ги просветлил и северните келтски краеви, испраќајќи им учени свештеници на кои претходно им дал послушание да го научат келтскиот јазик за да им проповедаат на нивниот разбирлив јазик за Христос.

Светителот најмногу се застапувал за сиромашните и гладните, сираците и вдовиците. Отворил многу болници и прифатилишта за лекување на болните и згрижување на бездомниците. Отворил и народни кујни на целата територија на епархијата и дневно хранел седум илјади и седумстотини сиромаси.

Монахот е секогаш монах. Иако епископството налага живот во светот, сепак, може да се сочува монахот во себе, како што покажал свети Јован. Тој никогаш не се откажал од монашкиот етос. Во секоја можна прилика на „слободно време“ од секојдневните обврски и грижи за својата епархија, тој секогаш времето го посветувал на молитва и осаменост во својата ќелија. Неговиот пост секогаш бил строг, а воздржанието неотстапно. Јадел само јачменов леб и вода, а спиел многу малку, и тоа не на постела, туку простум. На гозби никогаш не одел, сметајќи го тоа за изгубено време и за грев. За ова сведочат и зборовите од една негова беседа:

„Многумина велат: ’Каква е ползата од тоа да посетуваш забави, или каква е загубата?‘ Јас, пак, воздивнувам, бидејќи не ја осознавате таа корист и не го чувствувате тоа зло! Бог ти дал определено време – живот за да Му служиш, а ти попусто и без секаква полза го губиш, па уште и прашуваш: ’Каква е загубата?‘ Кога ќе изгубиш напразно макар и малку пари, велиш дека тоа е загуба, а губејќи цели денови од својот живот по сатански забави, не мислиш ли дека вршиш нешто за осуда? Ти си должен сиот свој живот да го поминеш во молитва и добродетели, а ти ги расфрлаш своите денови во кавги, врева, празнословие, по неумесни веселби и магепснички работи – си го губиш животот за своја погибел, и по сето ова повторно прашуваш: ’Каква е загубата?‘ Или, пак, не знаеш дека повеќе од сè треба да се цени времето? Ако загубиш злато, повторно можеш да го здобиеш. Но, ако изгубиш време, тешко можеш да го вратиш, зашто малку ни е дадено од него во сегашниов живот. И така, ако не го употребиш како што треба, кажи ми, што ќе одговориме Горе?“

Неговиот ум секогаш бил насочен кон проникнување во тајните длабочини на Светото Писмо. Посебно ги сакал посланијата на свети апостол Павле, чија икона ја имал во својата ќелија. Иако неговите толкувања биле многу прецизни и длабоки, сепак, како човек, се плашел да не ги разбира погрешно и се прашувал дали тоа Му е угодно на Бог. Таа дилема ја разрешил неговиот ученик Прокл, кој бил негов ќелијник. Еден ден, додека свети Јован го пишувал толкувањето на едно од посланијата на свети апостол Павле, Прокл преку клучалката видел како еден старец стои над увото на светителот и нешто му шепоти. Потоа, тие утврдиле дека тоа бил самиот свети апостол Павле, кој многу личел на иконата што ја имал свети Јован на ѕидот.

 

Заговорот

Се кренаа против мене неправедни сведоци:

и за она што не го знам ме сослушуваат;
ми враќаат зло за добро, и душата моја останува осамена.

(Псал. 34, 10–12)

 

Свети Јован не се плашел јавно да го разобличува гревот на грешниците. Притоа, некои од нив се покајувале и се враќале кон христоподобен живот, но за жал, некои, чии срца биле заробени од непријателот преку служењето на страстите, се противеле и бунтувале против Божјиот угодник, а некои, пак, смислувале дури и лаги и клевети само за да го оправдаат својот грев.

Една од тие што го мразеле светителот била и царицата Евдоксија[7], која била заробена од страста на среброљубието и била многу златољубива жена. Поради тоа, таа вршела големи неправди меѓу народот, бесрамно обидувајќи се да ги приграби нивните имот и пари. Меѓутоа, светителот секогаш стоел на страната на правдата, заштитувајќи ги оштетените, и не се плашел дека поради својата висока позиција како царица таа може и нему да му наштети.

Освен царицата, имало и луѓе од сите слоеви на општеството, со најразлични професии, па дури и клирици кои сакале да се „ослободат“ од новиот Јован Крстител, затоа што совеста ги разобличувала поради нечистиот живот што го воделе, а светителот со своите беседи ги разобличувал. Настроени против него, тие измислувале лаги, лажно го клеветеле и осудувале, но неговата чесност и праведност ги обесилувале сите нивни лажни обвиненија.

Во Константинопол, царицата владеела со своите своеволија на штета на невините. Имено, откако неправедно му го зеле сиот имот на некој си Теогнист од Солун, тој бил осуден и протеран. Од мака, сиротиот по патот умрел. На неговата вдовица ѝ останало само едно лозје, но алчната царица сакала и тоа да ѝ го одземе. Но, како и секогаш, тука бил свети Јован да реагира. Сакајќи да ја заштити оваа бедна вдовица, тој отишол во дворецот да разговара со царицата. Учтиво ја замолил да не ѝ го одземат тоа единствено лозје, но царицата упорно тврдела дека лозјето сега веќе е нејзино. Тогаш свети Јован ѝ рекол да попушти инаку ќе биде принуден да ја нарече „втора Езавела“, на што таа уште повеќе се разгневила, му се развикала и наредила насила да го исфрлат од дворецот.

По таа нејзина постапка, свети Јован им наредил на ѓаконите и вратарите на следната Литургија да ги затворат вратите за да не може царицата да влезе во црквата. Кога дошол празникот Крстовден, сите, заедно со царот, влегле во црквата, но кога вратарите ја виделе царицата како доаѓа заедно со нејзината свита, ѝ ја затвориле вратата. Кога слугите затропале, најавувајќи им на вратарите да отворат бидејќи надвор е царицата, тие им одговориле: „Патријархот ни нареди да не ја пуштаме!“, постапувајќи според заповедта на светиот Јован Златоуст.

Тогаш таа толку многу се разгневила што се заканила дека ќе му се одмазди со тоа што ќе го изгони од престолнината. Еден слуга од нејзината свита го извадил мечот и сакал да удри по вратата, но неговата рака во истиот час се исушила. Царицата и целата нејзина свита се преплашиле и се вратиле назад. Тогаш слугата со исушената рака гласно извикал, барајќи прошка: „Помилуј ме, владико свет, и исцели ми ја сувата рака што ја кренав против светиот храм. Згрешив, прости ми!“ Свети Јован наредил да му ја измијат раката во олтарната умивалница и таа веднаш станала здрава. На тоа сите се восхитиле и Го прославиле Бог.

Набргу по овој настан царицата лукаво издејствувала од царот дозвола за свикување собор на кој ќе може да биде осуден Патријархот Јован. Додека траел овој заговорнички собор против свети Јован, истовремено и тој одржал собор заедно со други четириесет епископи. Свети Јован им се обратил со трогателни зборови, на кој самиот прорекол за својот прогон. Ги замолил своите браќа да ја чуваат верата и единството на Црквата.

 

Прогонот

Ништо не нѐ прави послични на Бог колку подготвеноста

да им простиме на оние што ни прават зло.

  • Свети Јован Златоуст

 

На крајот, царот наредил да го протераат свети Јован. Кога за тоа разбрал народот, застанал пред црквата и три дена и три ноќи не дозволувал војниците да дојдат до него. Поради тоа, свети Јован ноќта скришно излегол од црквата и самиот им се предал на војниците, а тие го однеле во Никомидија.

 

Веднаш настанал голем бунт меѓу народот. Многумина биле убиени, а уште повеќе ранети. Народот го барал својот пастир, Златоустиот Јован, да се врати повторно на својот патријаршиски престол. Во тие денови настанал голем земјотрес од кој сите се исплашиле, а посебно царицата, затоа што дворецот најмногу се тресел од сите зданија во градот, а еден дел дури и се срушил. На тоа народот упатил јасна порака: „Ако не го вратите Патријархот Јован, така ќе се сруши и целиот град!“

Царот многу се исплашил и по молба на народот наредил свети Јован веднаш да биде вратен. Така, свети Јован се вратил во Константинопол на престолот, на општа радост на сиот народ, кој го пречекал со палмови гранчиња и псалми. Меѓутоа, тоа не траело долго. По само два месеца, повторно бил свикан нов собор против светителот, на кој дошле истите учесници од претходниот. И, повторно светителот бил неправедно осуден, и повторно била донесена истата одлука да биде прогонет. И, повторно имало немири во градот. И, повторно власта сакала да го протера, но народот не дозволувал и го чувал. Toa траело со месеци.

На 9 јуни 404 година, царот му се заканил на светителот самиот да се предаде затоа што ќе биде обвинет за крвопролевање во градот. Светителот ги повикал кај себе своите најблиски соработници – епископи и ѓаконисата Олимпијада, и им ја кажал намерата дека заради мирот во градот сака да се предаде. Ги поучил да бидат цврсти во верата и заради зачувување на мирот во Црквата да го прифатат за свој патријарх оној што ќе биде избран за негов наследник. Потоа војниците го зеле на мало бротче и оттаму го пренеле во Витанија. На 20 јуни истата година започнало неговото страдалничко патешествие. Константинопол, пак, бил зафатен од голем пожар, кој како да имал разум, па самиот избирал кои згради да ги зафати.

Патувајќи од град во град, свети Јован неуморно проповедал. На сите тие места срдечно бил прифатен од локалното население, кое со благоволение го слушале. Во градот Кукуз, Мала Ерменија, локалното население го привел од идолопоклонство во христијанство и насекаде се ширел добриот глас за него. Меѓутоа, тоа не ѝ се допаднало на царицата, па наредила и оттаму да го изгонат во местото Питиунт, кое се наоѓало на брегот на Понтиското Море, последното место во империјата опкружено со сурови варвари.

 

Sain John Chrysostom 2„Слава Му на Бог за сѐ!“

Измачуван од своите гонители, во опасност, по дожд и жештини, без потребно засолниште, патувајќи без престан, постојано ја силеле мазгата со која патувал да оди побрзо, само за да го истоштат и што поскоро да умре. Светителот не го издржал патувањето и се претставил во Господ.

Неколку денови пред неговото упокоение, кога стоел на молитва, му се јавиле светите апостоли Петар и Јован, кои му ги пренеле зборовите: „Радувај се, добар пастиру на словесните овци Христови, горазд страдалнику!“ Тие му го предвестиле неговото скорешно победничко претставување во Царството Небесно, како и тоа дека царицата Евдоксија ќе умре во страшни маки без да може некој да ѝ помогне.

По неколку денови патување, дошле до градот Коман, каде што се наоѓаат моштите на светиот маченик Василиск, кој му се јавил и го охрабрил да издржи. Утредента бил празникот Крстовден и свети Јован сакал да отслужи Литургија, но неговите гонители не му дозволиле, испловувајќи од пристаништето. Но, дувнал ветер и по промислата Божја бротчето повторно се вратило на истото место од каде што тргнале. Тогаш застанале и му дозволиле да служи Литургија. Свети Јован се причестил со светите и животворни Тајни на Телото и Крвта Христови, потоа кажал благодарствени молитви кон Бог, ги благословил сите присутни, им дал последен целив, се прекрстил и легнал, изговарајќи ги своите последни зборови: „Слава Му на Бог за сѐ!“ И во тој час ја предал својата душа во рацете на Бог.

Набргу сите што учествувале во заговорот против свети Јован се разболеле од страшни болести и немоќи. Божјата правда ја снашла и царицата Евдоксија. Најпрво царот Аркадиј наредил да ја затворат во една од палатите на дворот за никој освен робинките да не може да доаѓа таму, а потоа се разболела од страшно крвотечение по целото тело, кое се претворило во огромна рана, та и страшно замирисало. Ја лекувале најдобрите лекари, но не можеле да ја излекуваат. „Оваа болест ме снајде поради Божјиот гнев, поради Патријархот Јован“, велела таа. Таа се покајала и се обидела да ги исправи своите грешки и неправди, но тоа не ѝ помогнало да се излекува и така умрела во грч. Откако ја погребале, нејзиниот ковчег се тресел цели триесет и две години, сѐ додека моштите на свети Јован не биле пренесени во Константинопол.

Неправедните Бог ги понижил, а оние, пак, што биле со свети Јован и на некој начин му помогнале, ги прославил. Така, Епископот на градот Кукуз, Аделфиј, кој го примил праведникот во својот дом, многу тажел по него и усрдно Го молел Бог да му го открие местото на блажениот во Царството Небесно. Бог го удостоил со видение и го однел во рајот. Таму ги видел сите, но свети Јован никаде не можел да го види. Затоа прашал каде се наоѓа свети Јован. Му било одговорено:

  • Дали мислиш на Јован, проповедникот на покајанието?
  • Да – одговорил Аделфиј.
  • Него не може да го види човек што е во тело, бидејќи стои напред пред престолот

Божји, кој е опкружен со херувимите и серафимите.

 

Од моштите на свети Јован Златоуст главата му почива во Успенскиот храм во Москва, телото во Ватикан во Рим, а дел од моштите, од 2006 година, се чуваат и во патријаршиската црква посветена на свети Георгиј во Истанбул.

Црквата Божја постојано е прославувана од светителите што Го славеле Бог на разни начини овде на земјата. Едни од нив се апостоли, други маченици, некои отшелници, исихасти, чудотворци и исповедници. Свети Јован Златоуст не само што припаѓа на сите овие категории, туку во историјата на Црквата само тој од сите го добил епитетот „Златоуст“. Познат е и како проповедник на покајанието, толкувач на Светото Писмо, беседник, писател на многу богословски и етички трактати, догматичар и философ. Тој е еден од најплодните православни беседници и богослови, ако не и прв меѓу нив. Тешко е да се набројат сите дела на свети Јован Златоуст: околу две илјади беседи, десетина богословски и етички списи, 245 писма, и, конечно, неговата Божествена Литургија.

 

По молитвите на свети Јован Златоуст, Господи Исусе Христе, помилуј нѐ и дарувај ни вистинско покајание!

Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

26 / 11 / 2021

[1] Ливаниј (о. 314 – 392 или 393) бил грчки учител по реторика кај софистите. И покрај сѐ поголемото ширење на христијанството во доцното Римско царство во тоа време, Ливаниј останал елински незнабожец.

[2] Бил Патријарх Антиохиски од 360 г. до својата смрт во 381 г. Сиот негов живот бил посветен на борбата против ариевата ерес. Учествувал на Вториот вселенски собор, на кој го утврдил свети Григориј Богослов на Константинополскиот престол. Претходно тој го ракоположил за ѓакон свети Василиј Велики, а го крстил свети Јован Златоуст. После завршувањето на Соборот го завршил својот овоземен живот во Константинопол.

[3] Sozomen (1995) [1890]. “Ecclesiastical History of Sozomen, Book VIII, Chapter II: Education, Training, Conduct, and Wisdom of the Great John Chrysostom.”

[4] Подоцна свети Василиј Велики.

[5] Диодор епископ Тарсиски (+390), одиграл клучна улога на Константинополскиот собор и се спротивставил на антихристијанските учења на Јулијан Отстапникот. Основал еден од највлијателните центри на христијанската мисла во раната Црква, а многумина од неговите ученици станале видни богослови.

[6] Флавијан I Антиохиски (о. 320 – 404) бил Патријарх Антиохиски од 381 година па сѐ до својата смрт. Неговата служба била одбележана со долгогодишен раскол меѓу антиохиските христијани, кој конечно бил решен дури по неговата смрт, во 415 година.

[7] Евдоксија била сопруга на царот на Источното Ромејско царство, Аркадиј. Била родена околу 380 година, а починала околу 404 година, на 24-годишна возраст.


About The Author