Свети Серафим Саровски
~+~
Ако сакаме да го објасниме поимот „преподобен“, тогаш ако го спомнеме името на свети Серафим Саровски, сѐ сме кажале. Преподобен е оној што ги поминал трите степени од духовниот живот: очистување на срцето од страстите, просветление на умот и боговподобување или обожение, и согласно тоа трите вида дејствителна благодат: очистителна, просветлувачка и обожителна, остварувајќи ги во трите вида монашко организирање – општожитие, скит и пустиножителство. Всушност, преподобен е оној што позитивно се одзвал на призивот Божји, да се подвизува во добродетелите и спознанието на Бог, и да напредува од образ кон подобие Божјо, станувајќи подобен, сличен на Бог или бог по благодат. Преподобниот отец наш Серафим Саровски е сокровиште на благодатта на Светиот Дух, извор на милост, прибежиште на жедните и гладните за Бог, кои патуваат и се губат во разбранетото море на животот. Најслободно може да кажеме дека свети Серафим Саровски е најбележита личност, правило на монасите и образ на христијаните.
Од младоста под заштита на Пречистата
Од сè што е за пазење, најмногу чувај го срцето свое,
зашто од него се изворите на животот.
(Изрек. 4, 23)
Светиот преподобен отец наш Серафим Саровски се родил на 19 јули 1754 или 1759 година во градот Курск, од православни и благочестиви родители, Исидор и Агатија Мошин. Тие биле доста имотни, а неговиот татко се занимавал со градежничка работа. Бил многу успешен во работата и чесен човек, та често го ангажирале и за изградба на цркви.
Крстеното име на овој светител било Прохор и тој бил вториот син во семејството. Неговиот татко починал кога Прохор имал само три години и сета грижа за неговото воспитание ја презела мајка му Агатија, која била многу кротка, остроумна и благочестива жена. Нејзиниот карактер позитивно влијаел и врз младиот Прохор, кој уште од раните детски години се одликувал со бистар ум и физичка способност, ангелска кротост и големо смирение, што придонело тој да избере поинаков пат во животот од многумина негови врсници. Подоцна, кога почнал да му помага и да работи за својот брат Алексиј, во една прилика влегол и во личен конфликт со него, заклучил дека не е вредно да се занимава и грижи за материјалното и земното, затоа што тоа му пречи за здобивање на небесните и вечни вредности.
Неговата идна предназначеност се навестувала уште во детството, кога на чудесен начин останал жив и неповреден при падот од камбанаријата на Сергиевиот храм. И уште еден таков случај, кога на сон му се јавила Мајката Божја и му соопштила дека набргу ќе го излечи. Тоа се случило по неколку денови, кога во нивниот крај била донесена чудотворната икона на Мајката Божја „Знамение“, позната како „Курско-Коренска“, чија литија непредвидено поминала низ нивниот дворот, а мајка му го изнела тешко болниот Прохор пред иконата и тој веднаш потполно оздравел.
Поттикнат од тие настани, уште оттогаш неговиот поглед бил вперен кон небесното и се трудел во молитвата, читањето на свештените и богослужбени книги, и во редовното учество на богослужбите. Се спријателил и со еден непознат јуродив, кој ѝ се обратил на Агатија Мошина со зборовите: „Блажена си, вдовице, што имаш такво дете, кое ќе стане голем застапник пред Света Троица и огнен молитвеник за целиот свет“. Од најрани години почнал да размислува за вечноста, за исполнувањето на волјата Божја и спасението на својата душа.
Кога наполнил седумнаесет години, младиот Прохор решил да замине во манастир. Ѝ ја кажал својата желба на мајка си и побарал нејзин благослов, а таа го благословила неговиот избор. При разделбата му дала еден бакарен крст за околу вратот, од кој свети Серафим никогаш не се делел и со кој се упокоил.
Пред да замине отишол да се поклони во Киево-печерската обител и да земе благослов од проѕорливиот Доситеј, кој го советувал да оди во Саров, со зборовите: „Оди, чедо Божјо, во Саровската пустина, тоа е место што ќе ти биде за спасение. Со Божја помош, таму ќе го завршиш своето земно туѓинување. Единствено грижи се да се здобиеш со непрестајното сеќавање на Бог и постојано повикувај го името Божјо… Во тебе ќе се всели Светиот Дух и ќе те упати кон Светлината. Таму е отец Пахомиј, човек со богоугоден живот, кој ги следи житијата на нашите преподобни отци, Антониј и Теодосиј“.
Прохор со радост го прифатил словото на светиот Старец. Конечно, во 1778 година, во предвечерието на празникот Воведение на Пресвета Богородица, младиот Прохор засекогаш го напуштил светот и заминал во Саровскиот манастир, препуштајќи ѝ се на Божјата волја, и таму останал цели педесет и четири години.
Пофалба на монасите
За духовен отец му бил одреден јеромонахот Јосиф, под чие духовно раководство младиот Прохор бил искушеник околу осум години. Неговото прво послушание било во манастирската фурна, каде што правел леб и просфори. Како послушник долго време работел и во дрводелската работилница, при што станал многу вешт и го добил прекарот „Прохор столарот“. Потоа бил и еклисијарх во храмот. Бил ревносен и посветен послушник, исполнет со големо смирение и љубов кон браќата, имал беспрекорно послушание, огромна ревност и редовност на богослужбите, и непрестајно се трудел во Исусовата молитва. Восхитувачко било и неговото воздржание од храна. Во среда и петок не јадел ништо, а во другите денови јадел еднаш дневно. Неговата смирена и огнена ревност за духовен подвиг се забележувала уште во втората година од неговиот искушенички живот, покажувајќи зрелост на искусен подвижник.
Младиот искушеник го избегнувал секој непотребен разговор со браќата, знаејќи дека празнословието и одвојувањето од молитвата отвора простор за мрзеливоста и суетата, размислувајќи си: „Ако во себе имаш духовна храна, односно разговараш со Самиот Господ, зошто би одел по ќелиите на браќата дури и некој да те повикува?“ Покрај секојдневните послушанија, пред сè, Прохор никогаш не ги пропуштал црковните служби и доаѓал во храмот што е можно порано, стоел цело време со спуштен поглед за да ја одбегне расеаноста, напрегнато и внимателно слушајќи ги пеењето и читањето, а притоа непрестајно во умот ја кажувал Исусовата молитва. Истото го правел и додека се занимавал со физичка работа, во ќелијата или додека ги извршувал своите послушанија.
Во 1780 година тешко се разболел и три години страдал од водена болест, му се подуло целото тело и поголемиот дел од тоа време бил неподвижен. За сето тоа време од неговата уста не излегол ниеден збор на роптање или самосожалување. Сиот Му се предал на Бог и Неговата промисла, и непрестајно се молел, секојдневно натопувајќи ја дури и постелата со солзи. Старец Пахомиј сакал да повикаат лекар за да го прегледа, но наместо лекар, тој побарал од Старецот да го исповеда и причести со Светите Тајни Христови. „Се предадов себеси, оче свет, на Вистинскиот Лекар на нашите души и тела – нашиот Господ Исус Христос, и Неговата Пречиста Мајка“ – му рекол.
Старецот благословил да се отслужи сеноќно бдение и сите да се помолат за него. Бдението го служел Старец Јосиф, неговиот духовен отец. По Литургијата и причестувањето со Светите Тајни имал видение – во неискажлива светлина му се јавила Пресвета Богородица заедно со апостолите Петар и Јован Богослов. Свртувајќи се кон свети Јован, Таа покажала кон Прохор и рекла: „Овој е од нашиот род“, и десната рака ја положила врз неговата глава и целата вода од телото истекла од отворот што му се направил на десната слабина. На тоа место потоа му останал белег, како сведоштво за чудесното исцеление. На местото на јавувањето на Пресветата со апостолите настојателот на Саровската обител, Старец Пахомиј, благословил да се изгради црква и болница до неа. Таа задача му ја предал на послушникот Прохор. На тоа место била изградена црква посветена на преподобните Зосим и Саватиј Соловецки, а светата трпеза во олтарот била направена од него.
На 13 август 1786 година, по осум години искушеништво бил потстрижен за монах со име Серафим, а во декември истата година бил ракоположен за јероѓакон. Шест години секој ден служел Литургија. Кон божествената служба пристапувал со страв, служејќи со умиление, скрушеност на срцето, со длабока вера и потполно заборавање на сè световно. Пред празниците и неделите за службата се подготвувал останувајќи на молитва цела ноќ.
За време на Литургијата ги гледал ангелите како сослужуваат и пеат со браќата, а еднаш Го видел и Господ Исус Христос, сиот во неискажлива светлина, окружен со небесните сили. Тоа се случило за време на Божествената Литургија на Велик четврток, која ја служеле настојателот на светата обител, Старец Пахомиј, и неговиот духовен отец, Старец Јосиф. Срцето на блажениот се исполнило со неискажлива радост и со огнена љубов кон Господ, и бил озарен од божествената небесна светлина. Целиот негов изглед се изменил и не можел да проговори. Тогаш двајца јероѓакони му пришле и го внеле во олтарот, каде што тој останал уште два часа стоејќи неподвижно на молитва. По тоа видение го зголемил својот подвиг: дење работел во манастирот, а ноќе пребивал во молитва, во една ќелија во блиската шума.
По петнаесет години од неговото доаѓање, во 1793 година, на 39-годишна возраст во Саров бил ракоположен за јеромонах, но привлечен од безмолвието во пустината, преподобниот посакувал и постепено се подготвувал за зголемување на својот подвиг, угледувајќи се на животот на големите пустиножители и подвижници.
Пустински крин
Молитвата, постот, бдението и сите други христијански добродетели се добри
самите по себе, но тие не ја одредуваат целта на нашиот христијански живот.
Тие служат како неопходни средства за достигнување на таа цел. Вистинската цел на нашиот христијански живот се состои во здобивањето на Светиот Дух Божји.
Кога Духот Божји ќе слезе на човекот и ќе го осени со полнотата на Своето доаѓање, тогаш душата на човекот се исполнува со неискажлива радост,
затоа што Он радува сè до што ќе се допре. Предвкусот на таа радост
ни се дава и нам, а сега до нас е да си наложиме труд врз труд и да се вознесеме
од сила во сила, и така да ја достигнеме мерата на растот на полнотата Христова.
– Свети Серафим Саровски
Откако го погребал својот духовен раководител во монашкиот живот, со благослов на новиот старешина на манастирот, Исаиј, се повлекол во пустината, на еден висок рид во густата борова шума, на крајбрежјето на реката Саровка, во мала ќелија, која се состоела од една соба со мал прозорец и трем. Тоа било местото на почетокот на неговиот пустински подвиг. Во десниот агол имал икона, на другата страна печка, неколку исечени трупци за седење и глинена стомна каде што ги чувал суварките. Со тоа си ја исполнил својата дамнешна желба да замине во пустина. Пред упокојувањето на Старец Пахомиј, му ветил дека ќе се грижи за Дивеевскиот женски манастир, станувајќи им духовен раководител на сестрите.
Своето ќелијно молитвено правило го извршувал според уставот на древните пустиножители, а од Светото Евангелие никогаш не се одвојувал, прочитувајќи го во текот на седмицата целиот Нов Завет. Ги читал, исто така, светоотечките и богослужбените книги, а во недела одел во манастирот на Литургија за да се причести. Ја обработувал градината и чувал пчели. Строго го држел постот, јадел еднаш дневно, а во среда и петок воопшто не јадел. Во првата недела од постот не земал ништо до саботата, откако ќе се причестел. Стекнал толкава кротост и смирение што и дивата природа му се покорувала, па кај него доаѓала некоја огромна мечка, а тој ја хранел.
Пребивајќи во самотија и непрестајна молитва, понекогаш потонувал во внатрешната молитва на срцето и долго време останувал неподвижен, ниту пак, нешто слушал или забележувал околу себе. Еднаш схимонахот Марко Молчалник и јероѓаконот Александар го нашле задлабочен во таква молитва, па со почит стоеле тивко отстрана за да не се наруши неговото созерцание. Но, почнале да го посетуваат многу луѓе и да го нарушуваат неговиот мир, затоа што меѓу нив имало и такви што доаѓале поради вистински потреби, но и такви што доаѓале само од љубопитност. Најпрво, според примерот на Света Гора, побарал благослов од настојателот да не доаѓаат жени, а кога еднаш, по молитвата во која барал од Бог знак дали таа одлука е по Негова волја, забележал како огромните борови дрва ги наведнале своите гранки над патеката. Така сфатил дека Бог сака тој целосно да се повлече во осаменост.
Имал разни искушенија – од лажни виденија, застрашувања од демоните, па дури и ѕверски завивања, а понекогаш и физички удари. Меѓутоа, Старецот секогаш останувал смирен и не се растревожувал. За искушенијата кажувал: „Искушенијата на ѓаволот од таков вид се слични на пајажина. Треба само да се дувне и таа се кине. Така и пред непријателот, ѓаволот, треба само да се оградиме со крстниот знак – и сите негови замки ќе исчезнат“.
Меѓутоа, горделивиот и зол сатана, гледајќи го неговото големо смирение, почнал да го напаѓа со едно од најголемите искушенија: наметливите хулни помисли заедно со тешко подносливото униние. Тогаш светителот избрал нов подвиг, подвигот на столпништво. Стоејќи или клечејќи на еден камен во шумата, се молел со подигнати раце кон небото и со молитвата на митарот: „Боже, биди милостив кон мене, грешниот!“ Така ги поминувал ноќите, а по краткото спиење и поткрепувањето со храна, подвигот го продолжувал на сличен камен и во својата ќелија. Тоа го правел илјада денови и ноќи, по кои му се вратил молитвениот мир. Сепак, светителот не го прекинал ваквиот напор поради достигнувањето на посакуваниот мир, туку поради сериозно нарушеното здравје и големите отоци на нозете, сметајќи дека е неразумно да се истоштува телото дотолку за да се истошти и духот, па макар тоа да се прави и за здобивање добродетели.
Откако сите искушенија и напади на лукавите духови се покажале неуспешни, сатаната одлучил да нападне преку зли луѓе. На 12 септември 1804 година, сечејќи дрва во шумата, го нападнале тројца злонамерни селани. Барале пари од него, велејќи му: „Кај тебе доаѓаат луѓе и ти носат пари“. Тој смирено им одговорил: „Јас од никого ништо не земам“. Но разбојниците не му поверувале, па сакале физички да се пресметаат. Тогаш свети Серафим ги прекрстил рацете на градите и мирно им рекол: „Правете што е потребно“. Тие толку се озлобиле против него и толку го претепале, што тој одвај преживеал. Мислејќи дека е мртов, го врзале за да го фрлат во реката, но откако сѐ испревртиле во неговата ќелија и не нашле ништо, избегале.
Свети Серафим некако успеал да се одврзе и да се довлечка до манастирот. Состојбата му била многу тешка, но под покровот на Пречистата и со помош на браќата тој се опоравил. Оттогаш останал прекршен во половината. Во манастирот останал четири месеци и повторно се вратил во својата ќелија. А потоа, од љубов кон ближниот, која секогаш сè простува, им простил на разбојниците и се заложил тие да не бидат казнети. На наговорањата да сведочи против нив, тој одговорил дека доколку им биде судено, тој ќе си замине од Саров.
Серафим во тело
Во 1807 година се упокоил и вториот игумен на Саровскиот манастир, отец Исаиј, а преподобен Серафим се предал на подвиг на целосно тихување. Три години ништо не проговорил, непрестајно пребивајќи во молитва, a потоа, по заповед на манастирскиот собор на новиот игумен, отец Нифонт, се вратил во манастирот.
На 8 мај 1810 година, по триесет и две години од стапувањето во манастир, на педесетгодишна возраст, поради некои внатрешни манастирски недоразбирања околу причестувањето почнал да живее како затворник, без да излегува од својата ќелија и без никого да прима. Следејќи ги зборовите на свети Василиј Велики: „Сеќавањето на смртта е најголемата мудрост“, си направил мртовечки сандак, кој го чувал во претсобјето на ќелијата, за да се потсетува на смртта и да го држи смиреното покајание.
Во молчание поминал цели пет години без да излегува од ќелијата. Потоа попуштил во строгоста на своето затворништво со тоа што ги отворил вратите на својата ќелија, продолжувајќи го подвигот на молчание, но сега другите можеле да дојдат и да го видат. Со потполно самоодрекување, трпение, смирение и жива вера, минувајќи го патот на општожителен монах, пустиник, столпник, молчалник и затвореник, тој се здобил со голема духовна чистота и бил удостен со високи благодатни дарови, меѓу кои и проѕорливост и чудотворство. Тогаш Господ го повикал Својот избраник во служба на највисокиот монашки подвиг – старчеството.
По четириесет и седум години натчовечки подвиг, во својата шеесет и шеста година, Пресветата Мајка Божја повторно му се јавила заедно со свети Онуфриј Велики и свети Петар Атонски. Му рекла да го остави безмолвието и да ги отвори портите за луѓето од светот и да го земе на себе подвигот на старчество. Тоа се случило на 25 ноември 1825 година.
Оттогаш, уште од раните часови, по Литургијата примал илјадници луѓе, кои доаѓале кај светиот Старец од разни причини: за утеха, поткрепа, совет, душевно и телесно исцеление. Старецот проѕирал во нивните срца и ги знаел нивните потреби, па како духовен лекар ги лекувал нивните душевни и телесни болки со молитва и со своето благодатно слово. Секој можел да ја почувствува неговата огромна сострадална љубов. Смирен, подзгрбавен старец со бела брада, износена камилавка, стар подрасник, торба на грбот со Евангелие, опинци и зимски кожни обувки – тој сите ги послужувал со парченце леб од петолебието, малку суварки, лажичка вино или голтка осветена вода. Чувствувајќи ја во себе воскресенската радост, сите ги поздравувал со зборовите: „Христос воскресе!“ На сите им се обраќал со зборовите: „Радост моја“, а себеси се нарекувал „бедниот Серафим“.
Безброј примери има за неговата проѕорливост: знаел кому помошта му е најпотребна, одговарал и пред да му постават прашање, знаел сè за гревовите и минатото на соговорникот; претскажувал настани. Бил во духовна врска со други подвижници што никогаш не ги имал видено. На многу луѓе им претскажал што ќе им се случи: стапување во монаштво, брак, колку деца ќе имаат, болести, смрт на блиски… Претскажал глад, колера, политичките немири во Русија и својата смрт. Исцелувал болни и бесомачни. Ги осенувал со својот крст и се молел за нив. Ги помазувал со масло од кандилото што горело пред иконата на Богомајката „Умиление“, или како што тој ја нарекувал – „Радост на сите радости“.
Влијанието на благодатниот Старец не се ограничувало само на Саровскиот манастир. Тој имал големо значење и за развојот на женското монаштво. Сиот свој живот со татковска љубов се грижел за Дивеевскиот манастир, кој бил основан од големата подвижничка Агатија Мељгунова. Сестрите од Дивеевскиот манастир биле во потполно послушание на свети Серафим и ништо не правеле без негов благослов. Светиот Старец, исто така, им помагал на уште два манастира: Ардатовскиот и Зеленгорскиот. Саровскиот подвижник во старчество поминал дванаесет години.
Пред престолот на Царот над царевите
О, прекрасен Божји угоднику и голем чудотворецу, преподобен оче Серафиме,
прими го ова наше мало молење, кое во пофалба ти го принесуваме. Стоејќи сега пред престолот на Царот над царевите, нашиот Господ Исус Христос, моли се за сите нас
да го добиеме Неговото милосрдие во денот на Судот, та со радост да Му пееме: Алилуја![1]
Небесната Царица последен пат му се јавила на празникот Благовештение. Видението траело четири часа, а биле присутни и ангели, свети Јован Крстител, свети Јован Богослов и дванаесет девици-маченички. Зборувале за многу работи, а на крајот Таа го известила дека наскоро ќе биде со нив во Царството Небесно. Една недела пред своето заминување, на Божик, присуствувал на Литургија и се причестил со Светите Тајни Христови. По Литургијата разговарал со игуменот Нифонт, велејќи му да се грижи за браќата, посебно за младите, а него да го погребаат во гробот што самиот си го одредил.
На 2 јануари (15 јануари по нов стил) 1833 година, преподобен Серафим за последен пат дошол во болницата при Зосимо-Саватиевската црква на Литургија и се причестил со Светите Тајни. По Литургијата го целивал чесниот Крст, иконата на Пресвета Богородица, ги направил вообичаените поклони, се простил со браќата, велејќи им: „Спасувајте се, не паѓајте со духот, бидете будни, денес ни се приготвуваат венци“. И во последниот ден преподобен Серафим примал посетители, а и самиот посетил некои од отците. Кога се повлекол во својата ќелија на молитва, неговиот ќелијник, отец Павле, слушнал како блажениот Старец ги пеел пасхалните стихири, прославувајќи го Воскресението Христово.
Како што прорекол дека неговата смрт ќе биде објавена со пожар, така и се случило. Кога утредента сите отишле на Литургија и кога почнале да ја пеат Богородичната песна „Достојно е“, еден од монасите тивко соопштил дека излегува чад од ќелијата на отец Серафим. Неколку монаси веднаш се упатиле кон ќелијата на Старецот и го нашле на колена пред иконата на Мајката Божја „Умиление“, со прекрстени раце на градите и бакарниот крст што го добил како мајчински благослов. Очите му биле затворени, а лицето живо озарено од моливеното созерцание.
Со благослов на настојателот го положиле во сандакот што самиот си го имал приготвено и го однеле во соборната црква, каде што останал осум дена, а го погребале на местото што самиот си го избрал. Веста за неговата смрт брзо се раширила и многумина од околината и од цела Русија дошле да се поздрават со својот возљубен „баќушка“.
Пред смртта го дал својот последен совет – во несреќи, неволји и тага да доаѓаат кај него на гробот и да му се обраќаат како и дотогаш: „Ќе ве слушам и вашата тага ќе помине! Зборувајте со мене како со жив, зашто сум жив и секогаш ќе бидам!“ И по неговото упокоение тој не го остава верниот народ, кој и понатаму молитвено му се обраќа како на свој застапник.
Неисцрпен извор на чуда
Веднаш по неговата смрт многу народ почнал да доаѓа на неговиот гроб. Во 1891 година, на местото на неговиот гроб бил подигнат и параклис. На 19 јули 1902 година, императорот на цела Русија, Николај II Романов, го покренал прашањето за канонизација на овој свет човек. Седумдесет години по блаженото упокоение на саровскиот Старец Серафим, тој бил прогласен за светител. Наредната година, на 19 јули, на роденденот на свети Серафим, биле откриени и неговите мошти, а за време на преносот на моштите во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ по улиците во Саров се одржала литија на која присуствувале околу триста илјади поклоници. Било присутно и царското семејство, а цар Николај II бил еден од оние што го носеле ковчегот со моштите. На свеченоста се случиле многу исцеленија.
Во 1926 година тогашната богоборечка власт го затворила Саровскиот манастир и ги скрила моштите на светителот. Тие биле пронајдени на 11 јануари 1991 година, во подрумот на Петроградскиот музеј за религија и атеизам, а оттаму биле пренесени во Дивеевскиот манастир, каде што се наоѓаат и денес.
Засакувајќи Го Христос од младоста, блажен,
и на Него единствениот пламено посакувајќи да Му служиш,
со постојана молитва и со труд во пустината се подвизуваше.
Со умилното срце стекнувајќи ја љубовта Христова,
стана возљубен избраник на Мајката Божја.
Поради тоа ти повикуваме:
спасувај нè со своите молитви,
преподобен оче наш Серафиме!
(тропар на свети Серафим Саровски)
Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија
[1] Од Акатистот на свети Серафим Саровски.