Свети првомаченик Стефан
Во овој ден го славиме споменот на Св. Првомаченик Архоѓакон Стефан. Свети Стефан било младо момче, еден од седумте ѓакони избрани од апостолите за да им помагаат во службата Божја и за распоредувањето на даровите.
За него во Светито Писмо во Делата Апостлски се вели: “сиот народ…ги избра: Стефана, човек исполнет со вера и Дух Свети, и Филипа, и Прохора, и Никанора, и Тимона, и Пармена, и Николаја, придојден, од Антиохија; нив ги претставија пред апостолите, а овие, штом се помолија, ги положија рацете над нив…А Стефан, исполнет со вера и сила, вршеше големи чудеса и знаци меѓу луѓето.” Уште и…”Тогаш станаа некои… и почнаа да се препираат со Стефана; но не можеа да му се спротивставуваат на мудроста и Духот, со Кого тој зборуваше. Кога го слушаа ова, срцата им се кинеа од јад и со забите крцкаа против него. А Стефан, исполнет со Дух Свети, кога погледна кон небото, ја виде славата Божја и Исуса како стои од десната страна на Бога, и рече: „Еве, ги гледам небесата отворени и Синот Човечки како стои од десната страна на Бога. Но, тие, откако извикаа со висок глас, ги затворија ушите свои и еднодушно се нафрлија на него. И, кога го изведоа надвор од градот, почнаа на него да фрлаат камења: а сведоците ги оставија алиштата свои пред нозете на едно момче, по име Савле; и фрлаа камења врз Стефана, кој се молеше и велеше: „Господи Исусе, прими го духот мој!” А штом падна на колена, извика со висок глас: „Господи, не примај им го ова за грев!” И како го рече тоа, тој почина.”
Светите Отци неговиот спомен го поврзале со читање на евангелието со параболата за лозарите на кои Господарот им дал се што е потребно за да Му принесуват плодови, но тие обземени од себељубието најпрво ги убиле испратените слуги, а потоа и Наследникот за да му го присвојат Неговиот имот. Но, на крај, Господарот ги погубил и им го одзел лозјето. (Мт 21:33-42)
Еден од тие слуги кои биле убиени од неодговорните Лозари е и Св. Првомаченик и Архиѓакон Стефан. Поточно, првосвештениците и старешините јудејски коишто први требале да го познаат Спасителот во лицето на Исус Христос, обземени од своето самољубие не го примиле и го убиле.
На нив, Светиот Стефан им одржал една прекрасна беседа посочувајки им ја нивната заблуда преку примери од Светото Писмо. Меѓутоа, тие наместо да се покајат и освестат, обземени од своето его, исполнети со самите себе, егоистични, суетни, горди, самоубедени и со високо мислење за себе, разобличени од вистината, се чуствуваат посрамени и како вообичаено никогаш не признаваат и секогаш вината ја барат во другите, го обвиниле Стефана за “богохулник”. Затоа сакаат да се ослободат од оној кон со својот живот ги разобличува и се спремни дури да го уништат и убијат.
Гордоста, суетата или високото мислење за себе, односно егото, е најголема пречка во духовниот живот и во животот воопшто. Егото го затемнува умот и заробува срцето на човекот, па го прави умот да биде слеп и срцето безчуствително. Тоа е како една греда која не ни дава да се наведнеме и покориме и затоа ни се затворени вратите за благодатта Божја и Царството Небесно, каде што вратите се тесни и ниски и само покорните и скрушените влегуваат.
Егоистот мисли само за себе, а смирениот за сите. Таквиот е многу осамен човек, затоа што во неговото срце постои само неговото “Јас” и нема место за другиот. Но во црквата “Јас” неможе без “Ти”. Само преку љубовна заедница со другите можеме да се осознаеме и се формираме како личност.
Смирението, пак, е основа за секоја добродетел, почекот и врв на совршенството. Кога Свети Стефан, по примерот на својот Господар, се смирил неговото срце толку се исчистило, се исполнило со благодат и љубов што воопшто не чуствувал гнев, туку напротив, се нажалил и се помолил за нив да не им се зема за грев.
Свети Стефан на кого Бог му е на прво место, смирен и со скрушено срце, не се плашел да го исповеда Христос и да ја каже вистината, макар и по цена на својот живот. Тој не живеел за овој свет, туку за оној кој што ни е ветен и кој што е вечен. Не ја барал човечката правда, туку Божјата. Затоа и не се колебал јавно да ја исповеда Вистината и да ги разобличи заблудените. Отварајки му се целосно на Бога, му се отвориле небесата и ја видел славата Божја и Синот Човечки како стои од десната страна на Бога.
Затоа, ако сакаме да ги поседуваме даровите на светиот Дух и да го наследиме Царството Небесно потребно е како свети Стефан да го возљубиме Бога со сето свое срце, со сета своја душа и со сиот свој ум и ближниот како себе си, а не како Горделивците да се затвориме сами за себе, а со тоа да нема место и за Бог и ближниот.