// Google analytics code

Свети првомаченик Стефан

Джеймс Тиссот. Иоанн Креститель и фарисеи_(1)Во овој ден го славиме споменот на Св. Првомаченик Архоѓакон Стефан. Свети Стефан било младо момче, еден од седумте ѓакони избрани од апостолите за да им помагаат во службата Божја и за распоредувањето на даровите.

За него во Светито Писмо во Делата Апостлски се вели: “сиот народ…ги избра: Стефана, човек исполнет со вера и Дух Свети, и Филипа, и Прохора, и Никанора, и Тимона, и Пармена, и Николаја, придојден, од Антиохија; нив ги претставија пред апостолите, а овие, штом се помолија, ги положија рацете над нив…А Стефан, исполнет со вера и сила, вршеше големи чудеса и знаци меѓу луѓето.” Уште и…”Тогаш станаа некои… и почнаа да се препираат со Стефана; но не можеа да му се спротивставуваат на мудроста и Духот, со Кого тој зборуваше. Кога го слушаа ова, срцата им се кинеа од јад и со забите крцкаа против него. А Стефан, исполнет со Дух Свети, кога погледна кон небото, ја виде славата Божја и Исуса како стои од десната страна на Бога, и рече: „Еве, ги гледам небесата отворени и Синот Човечки како стои од десната страна на Бога. Но, тие, откако извикаа со висок глас, ги затворија ушите свои и еднодушно се нафрлија на него. И, кога го изведоа надвор од градот, почнаа на него да фрлаат камења: а сведоците ги оставија алиштата свои пред нозете на едно момче, по име Савле; и фрлаа камења врз Стефана, кој се молеше и велеше: „Господи Исусе, прими го духот мој!” А штом падна на колена, извика со висок глас: „Господи, не примај им го ова за грев!” И како го рече тоа, тој почина.”

Светите Отци неговиот спомен го поврзале со читање на евангелието со параболата за лозарите на кои Господарот им дал се што е потребно за да Му принесуват плодови, но тие обземени од себељубието најпрво ги убиле испратените слуги, а потоа и Наследникот за да му го присвојат Неговиот имот. Но, на крај, Господарот ги погубил и им го одзел лозјето. (Мт 21:33-42)

Еден од тие слуги кои биле убиени од неодговорните Лозари е и Св. Првомаченик и Архиѓакон Стефан. Поточно, првосвештениците и старешините јудејски коишто први требале да го познаат Спасителот во лицето на Исус Христос, обземени од своето самољубие не го примиле и го убиле.

На нив, Светиот Стефан им одржал една прекрасна беседа посочувајки им ја нивната заблуда преку примери од Светото Писмо. Меѓутоа, тие наместо да се покајат и освестат, обземени од своето его, исполнети со самите себе, егоистични, суетни, горди, самоубедени и со високо мислење за себе, разобличени од вистината, се чуствуваат посрамени и како вообичаено никогаш не признаваат и секогаш вината ја барат во другите, го обвиниле Стефана за “богохулник”. Затоа сакаат да се ослободат од оној кон со својот живот ги разобличува и се спремни дури да го уништат и убијат.

Гордоста, суетата или високото мислење за себе, односно егото, е најголема пречка во духовниот живот и во животот воопшто. Егото го затемнува умот и заробува срцето на човекот, па го прави умот да биде слеп и срцето безчуствително. Тоа е како една греда која не ни дава да се наведнеме и покориме и затоа ни се затворени вратите за благодатта Божја и Царството Небесно, каде што вратите се тесни и ниски и само покорните и скрушените влегуваат.

Егоистот мисли само за себе, а смирениот за сите. Таквиот е многу осамен човек, затоа што во неговото срце постои само неговото “Јас” и нема место за другиот. Но во црквата “Јас” неможе без “Ти”. Само преку љубовна заедница со другите можеме да се осознаеме и се формираме како личност.

Смирението, пак, е основа за секоја добродетел, почекот и врв на совршенството. Кога Свети Стефан, по примерот на својот Господар, се смирил неговото срце толку се исчистило, се исполнило со благодат и љубов што воопшто не чуствувал гнев, туку напротив, се нажалил и се помолил за нив да не им се зема за грев.

Свети Стефан на кого Бог му е на прво место, смирен и со скрушено срце, не се плашел да го исповеда Христос и да ја каже вистината, макар и по цена на својот живот. Тој не живеел за овој свет, туку за оној кој што ни е ветен и кој што е вечен. Не ја барал човечката правда, туку Божјата. Затоа и не се колебал јавно да ја исповеда Вистината и да ги разобличи заблудените. Отварајки му се целосно на Бога, му се отвориле небесата и ја видел славата Божја и Синот Човечки како стои од десната страна на Бога.

Затоа, ако сакаме да ги поседуваме даровите на светиот Дух и да го наследиме Царството Небесно потребно е како свети Стефан да го возљубиме Бога со сето свое срце, со сета своја душа и со сиот свој ум и ближниот како себе си, а не како Горделивците да се затвориме сами за себе, а со тоа да нема место и за Бог и ближниот.

 


About The Author