// Google analytics code

Свети Новомаченик Андреј Грузиски и Абхазиски – Игумен Гаврил

андрејТемелите на христијанството во Грузија или Иверија, како уште се нарекува оваа земја, се положени уште од првиот век. Најпрво овде проповедал св. ап. Андреј, потоа и св. ап. Симон Кананит и св. ап. Матија, како и апостолите Вартоломеј и Тадеј. Според преданието, по педесетница, според заповедта на Господ Исус Христос, “одете и проповедајте го Евангелието на сите народи,”  Грузија и се паднала на Пресвета Богородица. Таа никогаш не пошла во Грузија, туку цел свој живот останала со св. Јован Богослов, но како свој удел го испратила својот хитон во Иверија.

Во првите векови христијанството во Грузија било жестоко гонето. Во Кападокија, Мала Азија, живееле едни благочестиви христијани, роднини на св. Великомаченик Георгиј, кои имале една единствена ќерка, Нина, која поцоцна се заинтересирала за хитонот на Пресвета Богородица. Дознала дека се наоѓа во Иверските земји и поскала да појде таму. На тој пат ја благословила Пресвета Богородица. Кога дошла, наишла на многумина кои се уште не го биле чуле словото на Светото Евагелие. Таа неуморно работела на нивното просветление успевајќи сета земја да се покрсти во Името на Отецот и Синот и Сцетиот Дух. Годината 326 се смета за официјална година на покрстувањето на Грузија.  Од тогаш па до сега, во Грузија егзистира Православното христијанството. Но искушенијата никогаш не престануваат. Најпрво со комунистичкиот атеизам преку Советскиот Сојуз, а подоцна и со сепаратистичкиот национализам, повремено биле гонети служителите на Црквата.

Светот во зло лежи и со него раководат паднатите сили на поднебесието. Нетрпението, егоизмот, неискреноста, алчноста, непочитувањето, богоостапништвото го окупирале денешниот човек во се поголема мера. Јеромонах Андреј Курашвили е чиста невина жртва на безумството на овој свет. Загина од своите без суд и никаква причина, за што подоцна сите се каеле.

Отец Андреј или Патаа, како што му е световното име, е роден на 3 Април 1966 г. во скромната фамилија на Елгуџиј Курашвили. Неговиот татко бил комунист, но со висок морал и праведен човек. Многу сакал икони и ги собирал дома. Во една прилика успеал да заштити и спаси една едиција на стари икони и повторно да и ги врати на Црквата.

Неговата мајка Ламарка бил домаќинка и многу благородна душа. Таа успеала да подигне осум деца од кои четири од нив станале служители на Црквата. По маченичката смрт на о.Андреј, неговиот брат Јован станал свештеник, а двете сестри Василиса и Нана заминале во манастир, деноноќно да му служат на Бога. а1

Воспитанието со личен пример од  родителите има голема и суштенстева  улога во правилниот духовен, па и телесен развој на децата. Високо моралниот духовен живот на родителите, посебно на неговата мајка, имале пресудно влијание во карактерот на тогаш малиот Патаа.

Паата, било мирно и повлечено дете кое сакало многу да чита, посебно грузиска книжевност. Ја сакал многу природата и животните, а најмногу кучињата. Бидејки бил дружељубив и добар и чуствителен спрема сите, децата го сакале и имал многу другарчиња. Физички бил многу силен и вешт, така да во своето време бил и првак во карате и борење. Како и сите останати млади, сакал многу друштво и забави, меѓутоа тоа не го попречувало во целосната одговорност кон родителите и домот. Уште кога учел средно школо, истовремено почнал да работи и скоро целата негова плата да ја носел дома. Сето тоа го поттикнало да размислува подлабоко отколку од само она што го гледа и многу бргу заклучил дека таквиот живот нема цел и е многу едноличен и површен. Животот мора да има подлабока димензија која ги надминува овие граници, размилувал.

По завршувањето на средното образование морал да замине во Унгарија на отслужување на воениот рок, кој многу совесно и одговорно го отслужил до крај, а кога си дошол дома, облеката и се она што го потсетувало на тој период ги фрлил во реката, за водата да ги однесе сите неубави спомени.

Тогаш било времето кога Грузија и сите дотогаш, на модерен начин, окупирани народи и држави, добиваа осамостојување. Тогаш човек можеше и малку послободно да погледа и од другата страна на работите, а не само така како што некој тоа ни го сервираше. Тогаш се симнуваа лажните скривала од нашите очи и срца и човек, посебно младиот човек, стана гладен за вистината и внатрешното духовно чуство во срцето. Така и Патаа, како добар по срце и бистар на ум (остроумен) го увидел тоа и постанал трагач по вистината и Богобарател. Бог си промислува за секого и на Свој начин му се открива, така да и милоста Божја кон младиот Патаа се пројавила на тој начин што во Багдад (Грузиски) се основала многу убава, богата библиотека во која имало и духовна литература и на тој начин можел често да оди таму, да чита и осознава. Раководител на библиотеката бил Илија Каркадзе, кој подоцна постанува и негов кум, затоа што открил дека тој всушност не бил ни крстен. Денес Илија Каркадзе е Православен свештеник во Грузиската Православна Црква.

а2Во тие услови, Патаа, подоцна  Јеромонах Андреј, духовно се просветлувал и изградувал како личност пиејќи од единстениот извор, кој е Самиот Бог Исус Христос, чуван во Својата Православна Црква. Во 1991 година тој го доживува и своето вистинско раѓање преку купелот на крштението просветлувајќи се со Светиот Дух. Како трагател по корените, Патаа, се упатил на поклоничко патување по својата родна Грузија. Се поклонил на повеќе места во Аџарија, а Великиот пост го затекнал во манастирот св. Андреј Првоповикан во Схалту, кој многу му се допаднал затоа што бил осамен во една шумичка. Во тоа време настојател бил игуменот Георгиј (Абдулазе), а малку подоцна за нов настојател дошол архимандрит Даниил, денешен митрополит Цсумски. Отец  Даниил му станал и негов духовен Отец, така да тој и не сакал да се одвојува од него. Се почесто се навраќал во неговиот манастир и седел таму, поминувајки ги деновите во послушание и непрестана молитва и заедница со Бог. Наскоро решил за стално да дојде во манастирот и самиот себе целосно да му се посвети на Бог.

Бидејќи бил многу послушен, смирен, а и трудољубив во внатрешната молитва бргу и напредувал во искушеничкиот подвиг. Многу малку разговарал, а и тогаш кога говорел бил „шкрт“ на зборовите и со тоа оставал голем впечаток. Многу сакал да се моли на Бог. Се трудел во умната молитва „Господи Исусе Христе, помилуј ме!“  Понекогаш знаел да влезе во храмот пред почетокот на службата и долго да се моли. Заради тие негови доблести на денот на неговиот роденден 1992 година бил замонашен со монашко име Андреј во чест на св.ап. Андереј Првоповиканиот покрстител на Грузија. Во Август, истата година, бил ракоположен во јеромонах и поставен за старешина на манастирот.

Неговото послушание се состоело во обработување на манастирскиот посед, ги поготвувал и просфорите за Литургија. Секојдневно правел 200 метании, а потоа читал акатист на Пресвета Богородица и служел молебен пред иконата на св. Андреј Првоповикан. Уште од почетокот, разгорен од топлината на ревноста во своето срце се препуштил на строг аскетско-исихастички подвиг. Неговиот духовен Отец Даниил бил претпазлив и најпрво му забранувал таков подвиг, но гледајќи ја неговата искрена желба и ревност, благословил подоцна. Најголемото време го поминувал во молитва и ретко спиел и се одмарал. Кревет немал, туку само даски и најчесто не лежел, туку склупчено седнувал на нив и главата ја потпирал на ѕидот и тоа го сметал за спиење и одмор. Во храната бил многу умерен и никогаш не дозволувал да биде преовладан од неа па макар и да бил прегладнет.

Неговото срце и ум, жеднееле за непрестајна молитва и заедница со Живиот Бог. Знаел често да се осамува, а понекогаш и Господ му „помагал“ во тоа. Еднаш завеало толку снег што тој долго време останал отсечен во осамеништво во Схалтискиот манастир. На што, наместо да се плаши или жали и мрмори за тоа, тој му благодарил на Бога и велел: „Кога луѓето би знаеле колкава е таа среќа толку да се осамиш во манастирот, ќе остават се, ќе ги остават сите земни грижи и ќе тргнат по патот кој не води кај Бог.“

По ракоположувањето за јеромонах, тој го зголемил својот подвижнички подвиг и како што орел ослободен од кафез бргу се вивнува во височините, така и о. Андреј потполно се откажал од овој грешен и суетен свет и многу бргу напредувал во познанието на Бог и заедницата со Него. Не се интересирал за овоземните работи, многу малку разговарал, особено со жените и бил многу строг кон себе, што му помогнало во пронаоѓањето на правилниот однос кон  другите.  Секојдневно служел Литургија и се причестувал со Светите Тајни Христови и постојано молел во црква, во ќелија со Исусовата молитва, а надвор додека работел неговиот ум бил вознесен во молитвата. Имајќи таков напорен подвиг, некои знаеле и да го „сожалуваат“ па му предлагале да ја намали должината на Богослужбите и да се „одмори“. На што тој ќе одговоел дека има само две години како е во вистинската вера откако се крстил и дека е подобро да го надокнади тоа долго изгубено време во заблуда и сон.

Во 1992 година Архимандрит Даниил бил избран за епископ и устоличен на  Сухумско-Абхаската Епархија каде веќе се беше разгорел грузиско-абхазискиот воен конфликт. И покрај таквата опасност сепак љубовта и духовната приврзаност кон својот духовен Отец, Јеромонахот Андреј побарал да појде и тој со него, што малку подоцна со благослов на неговата светост Патријархот на цела Грузија Илија II се случило. Отец Андреј бил преместен во манастирот посветен на св. Јован Златоуст во живописната област Сухумија во селото Комани кое се поврзува со Третото наоѓање на главата на св. Јован Крстител, маченичката смрт на св. Василиск од 4 век и изгонувањето на св. Јован Златоуст, каде и тој се преставил пред Господа. На неговите родители и роднини, не им кажал дека бил преместен таму за да не се грижат, но тие беа дознале за се. Овој воен конфликт започнал на 14 Август 1992  и траел до 27 Септември 1993 година кога грузиските трупи ја напуштиле Абхазија.

Војната е кулминација на злото. Кога злото толку ќе навлезе во човекот и го окупира тогаш му ги заробува умот и срцето и обземен од демонот постанува крајно помрачен и безчуствителен. Во таква сосотојба тој не гледа ништо пред себе освен непријател, и е спремен да убива секого што ќе се најде пред него. Воениот конфликт не престанувал, а војниците полека станувале уморени од борбите и како што се вели во Евангелието дека онаму каде преовладува злото и благодатта е поголема, та преку неа Бог делува врз грешното човештво и му ги отвара очите на умот да ја увидуват на апсурдноста од злодејствијата.

За време на велигденскиот пост, Владиката Даниил, му дал благослов на о.Андреј, заедно со својот искушеник Гаврил, подоцна монах Симеон да одат во градот Комани во соборната црква. Тука о. Андреј служел Литургии и проповедал. Од неговите молитви и проповеди полека, еден по еден почнале да доаѓаат војниците, да ги слушаат неговите беседи и се молат на Бог. Отец Андреј знаел и да оди кај војниците и на првите борбени редови и да им проповеда за верата во Господ и љубовта Божја. Неговите проповеди биле јасни и кратки и со слово со сила, кое допирало до срцата на војниците и ги преобразувало. Многумина од нив крстил, исповедал и причестил со Светите Тајни Христови. Отец Андреј со сите сили се трудел да ја раскрие темната прашина околу нивните срца и да го преобрази образот Божји во нив за да ја почуствуват светлината тивка внатре во нивното срце.

И покрај надворешните немири, и непрстајниот труд околу душите на војниците и парохјаните, о. Андреј не го заборавал и своето внатрешно надградување. Тој навистина ја зачувал полнотата на благодатта од неговото крштение и ја умножувал со непрестајната умносрдечна молитва и дарот на солзи.

Често и читал. Најмногу го сакал старец Силуан Атонски и сметал дека тој му е најблизок по дух. Потоа ги читал Древниот Египетски Патерикон и делата на св. Јован Златоуст. Кога некој ќе ги споредувал современите преподобни отци со старите и ќе велел дека денес нема такви свети отци и аскети и тие не им се дораснати на старите, тој одговорал: зошто да нема? Нашиот Господ Исус Христос е ист, вчера, денес и утре“ (Ев. 13,8).

Заради неговиот подвиг и потребите на луѓето таму, Господ го надарил со дух на кротост, гледање на човековите души и сила на зборот со кој успевал да ги охрабри и утеши оскрбените и нажалените. По неговите молитви неколку икони почнале да мироточат. Неговата блага насмевка и светло срце ги омекнувало нивните срца и тие многу го почитувале како вистински слуга Божји. Кога го запрашувале за сета ситуација оговарал: „Лично не чуствувам страв. Оваа моја неустрашивост ми ја дава Бог. Не се плашам зашто благодатта Божја е со мене. Јас сум во Црквата… ако не се плашиме од вечните маки, зошто тогаш да се плашиме од абхазииците?

„Мојата поглед за конфликтот како свештеник е следен: Причина на овој конфликт е нашето оддалечување од Господ и последица на нашите слободни односи со Русија, но тоа што е невозможно за луѓето, возможно е за Господ. Ако биде Неговата света волја, се е можно. Постои пророштво за тоа дека во последните времиња Грузиската Црква ќе заблеска, вистина, ова време можеби настапуваат. Во крајна линија, може да се каже дека се приближуваат, зашто се гледаaт сите знаци. А уште од светите Отци и нашите предци знаеме дака нашиот живот и служење на Господ не се завршуваат ниту со Абхазија, ниту со овој свет. Меѓутоа за да може замјата да опстане, потребен е мир.  Да се надеваме , по Божјата волја, дека мирот сепак ќе дојде“

Сосотојбата во Абхазија и Комани постојано се повеќе се влошувала. Владиката Даниил го пуштил о.  Андреј да ги посети неговите домашни за да се утешат. Тие многу се израдувале и вистински се утешиле од него. Неговата мајка му рекла: „ ти сине, си почнал да личеш на Христос“ . За тоа време о. Андреј извршувал и голем број на парохоски работи, а кога решил да се врати назад, во Комани, тоа го сторил со тешка мака поради состојбата. Со него тогаш сакал да дојде и неговиот најмал брат, но тој не му дозволил.

а3Освојувачките сили се повеќе се приближувале до Комани. Три дена пред да биде опседнат Комани, Владиката Даниил со монахињите Теодора и Ирена го посетиле и Владиката дал благослов да се напушти градот заедно со Грузиските сили.

На 4 ти Јули 1992 г. Комани паднал во огнен обрач. Пукањата се слушале се поблизу и поблизи. Надвор изгледало како вистински пекол. Луѓето што биле со о. Андреј го запрашале: „Ќе го напуштиме ли градот? Не, нема да го оставиме Комани.  Ќе се молиме цела вечер, а утре в зори ќе служиме света Литургија.“ – бил одговорот.

На 5 ти Јули, Комани паднал под опсада. Наоколу постојано се слушале истрели кои потсетуваат на злото. Опасноста од смртта реално деменела над нивните глави. Во храмот на св. Јован Златоуст, покрај о.Андреј се наоѓале и Јуриј Ануа, неговата сопруга Зоја, подоцна монахиња Марија и ќерка и Манана исто така подоцна монахиња Марија. Кај нив иако во почетокот владеел стравот, гледајќи го примерот на о. Андреј на чие лице не можело да се прочита страв или паника или нервоза, туку само спокој, и тие се смирувале. Тоа било резултат на неговиот внатрешен мир и спокојство заради неговата силна вера и надеж во Бога и непрестајната Исусова молитва.

„Не се плашете, човекот треба само од едно да се плаши: да не биде лишен од Царството Небесно. Подготвувајте се постојано, човекот треба секогаш да е подготвен!“ –  и ги повикал достоинствено како вистински христијани благодарствено да си го понесат својот крст на спасениоето со кој Бог ги дарил.

Набргу пукањата и гласовите се приближиле до самиот храм. Кога слушнал непознати гласови, отецот знаел дека сепаратистите дошле до нив. Се слушнале пискотници. Отец Андреј, кој и во таквата пеколна состојба го чувал внатрешниот мир и спокојство, непоколебливо се јурнал надвор да им помага на немоќните. Тоа биле старците од инвалидскиот дом.

Во три часот навечер, борбата се пренела до самиот храм. „ секој момент може да ја очекуваме смртта. Да се подготвиме за исповед и Причест.“ им рекол о. Андреј и за последен пат го изнел путирот од олтарот и ги причестил.  „Отец Андреј беше многу мирен кога ни соопшти да се подготвиме за причест. После причестта не замоли да не разговарама меѓусебно и да се потрудиме да се влабочиме во самите себе како би можеле во овој пекол, кој се зацарил наоколу, да да го слушнеме тивкиот, но секогаш моќен и величенстнен глас на вечноста. Овие моменти беа незаборавни…Светлата душа на о. Андреј се покажа за нас со непозната и загадочна сила, чуствуваше спрема нас најнежна и сеопфатна љубов Христова, сведочејќи ја Божествената светлина според зборовите: И светлоста свети во темнината, и темнината не ја обзеде.“ (Јн 1,5). Не обзеде чуство дека о. Андреј пребива во другата димензија на животот каде владее хармонија и убавина и дека никакви пеколни сили, сите заедно, не ќе можат ништо да му направат, затоа што изворот на овие неописливи убавини и блаженства е самиот Господ Бог, вечен и сеопфатен.“ – сведочи искушеничката Марија.

Во пет часот наутро почнале надвор да викаат за да им ја отворат вратата. По благолов на о. Андреј вратата ја отворил Јуриј. Сепаратистите го фатиле и со тепање го извлекле надвор. Го удирале со кундаците и го однеле, а повеќе никој не го видел. Подоцна се дознало дека се удостоил со маченичка смрт.

Потоа го извлекле и о. Андреј и како што е јагнето немо пред своите стрижачи, така и тој не ја отвори устата. Отец Андреј посака да ја прими таа чаша и ја испи. Клекнал на коленаата и усрдно се молел. А неговиот непријател го застрелал во тилот, но тој ниту мртов не им се предаде и покори. Наместо, според логиката, да падне ничкум, тој паднал на грб. Дваесет минути од раната истекувала во потоци крв.

Меѓутоа, групата која се наоѓала во храмот не знаела што се случува надвот. Откако го изнеле о. Андреј разулавените и издрогирани абхазски војници влегле во храмот, почнале да викаат, пцостите постојано биле на нивните усти, та дури и гробницата на св. Јован Златоуст ја испревртеле, а по три часа во трк влегол некој млад човек и извикал: „Го убија вашиот старешина!“.  Тие со сета сила се упатиле на местото на злосторот и го нашле маченички пострадано телото на нивниот млад по години, но старец по мудрост, духовен Отец, јеромонах Андреј. На неговото лице, место грч, имало блажена насмевка.

Го пренеле во храмот, го подготвиле за погребение положувајќи го на одар пред олтарот на црквата. Во неговата лева рака му ја ставиле бројаницата од која никогаш не се одвоил непрестајно повтарајки ја Исусовата молитва. Цела вечер поминале во молитва. Неговот лице зрачело со блажина и насмевката која се уште не го напуштала. И иако било жешко јулско лето на неговото тело не се забележувало ни тронка од трулежност или да испушти лоша миризба. Неговата крв не се згрутчувала и не престанувала да тече.

Епилогот од таа ноќ бил страшен. Биле убиени сите грузиски војници. Маченички загинале и Јуриј и о.Андреј, за кого многумина жалеле и се каеле. Меѓу нив имало и такви кои сакале веднаш да му се одмаздат на злосторникот, но знаејки дека о. Андреј никогаш не би го дозволил тоа според неговите зборови: „Целосно препуштете се на Господ и Неговата света волја.“ Неколку дена потоа се дознало дека убиецот на о. Андреј нагазнал на мина и ги загубил десната рака и нога. По молитвите на о. Андреј Господ не му го зел животот, туку му оставил можност да се покае за својот злостор, но му ги отсекол оние делови од телото со кој згрешил, според зборовите: „Ако те соблазнува раката твоја или ногата твоја, отсечи ја и фрли ја од себе: подобро е за тебе да влезеш во животот без една рака или нога, отколку со двете раце и двете нозе да бидеш фрлен во вечниот оган“ (Матеј 18:8) и си ја спаси душата.

Утредента од Москава стигнал телеграм: „ Храмот св. Јован Златоуст е од светско значение. Ниту храмот, ниту неговиот имот не смеат да пострадат. Треба да се зајакне стражата. Не смеат да се дират служителите на храмот.“

По 52 дена на опсада и заробеништво, Зоја Ануа, сопругата на Јуриј Ануа и нивната ќерка били ослободени и превезени до Сухумскиот аеродром а од таму одлетале во Тбилиси кај Патријархот Илија II. Во Сухум се сретнале и со владиката Даниил. Додека биле во заробеништо во храмот, Зоја се заветиле пред чудотворната икона на Мајката Божја Тихвинска, дека ако останат живи ќе му се посветат на Бога во монаштво. Тоа и го исполниле и сега и двете се замонашени со име Марија.

На 7 ми Јули, на денот на раѓањето на св. Јован Крстител телото на св. Новомаченик Андреј било предадено на благословената Команска земја.

Отец Андреј ја заветил Грузиската Црква, да го објават неговиот превод на „Трите клуча за внатрешната молитва.“  Тој негов завет го исполнил Архиепископот Циклиски Зосим кој рекол: „Кога пастирот работеше на својата книга, во близината на Коман, се одвиваа жестоки борби. Во овие тешки моменти, о.Андреј никогаш не го напушташе храмот. Својата надеж ја полагаше само на Бог, Кој, благодарение на силата на неговата внатрешна молитва, секогаш беше со него. Кога го подготвував споменатиот превод за издавање, чуствував присуство на невидлива помош од о.Андреј.“

Неговата маченичка крв, ќе остане вечен сведок и непријатна трага на обезглавениот и безумен национализам кој се јавува во дваесетиот век, посебно кај Православните и кој за жал сеуште трае. Ние пак, безумни и заслепени од него, мислиме дака на Бога му принесуваме жртва, а убиваме конкретни и невини луѓе. Страдаат цели народи. Православието и нашата меѓусебна љубов слабеат, а сето тоа може да е само во слава непријателот на човечкиот род, ѓаволот и наш срам. Младиот дваесет и седум годичен јеромонах на Грузиската Православна Црква е чиста жртва на етнофилетизмот. Единствената негова вина била тоа што на прашањето „Чија е оваа земја?“, а тој одговорил: „Божја“.  Бог да ни прости да не помилува по молитвите на св.новомаченик Андреј Абхазиски и Грузиски. Амин


About The Author