Житие на Свети Григориј Паламa – Отец Гаврил Галев
УЧИТЕЛ НА ПРАВОСЛАВНОТО ТАЈНОВОДСТВO
Секоја градба се заснова на темели, а за да се изгради, таа се потпира на столбови на кои се држи сето здание. Тие носечки столбови за Православната Црква се Светите Отци. Аголниот камен е Христос, темелите се апостолите и нивната проповед, а столбовите – Светите Отци и нивните догматски формулации. Светата Црква има повеќе такви столбови, врз чие учење се држи доктрината на нејзината вероисповед, а за свети Григориј Палама може да кажеме дека е централниот нејзин столб, кој ги поврзува сите други и во кого се соединува сета тежа на зданието, односно Црквата. Во своите догматски осврти, свети Григориј Палама го опфаќа и сублимира сето дотогашно догматско учење на претходните Свети Отци и го спојува во една целина, почнувајќи од списите на псевдо-Дионисиј Арeопагит, кападокиските Отци, свети Јован Златоуст, преподобен Максим Исповедник, па сѐ до свети Симеон Нов Богослов и сите отци-исихасти, пред и за време на неговото исповедништво.
Род и потекло
Свети Григориј Палама живеел во 14 век, за време на Палеолозите, последната династија на Источното Ромејско Царство. Се родил во 1296 година, во Мала Азија. За време на турските освојувања на тие простори, неговото семејство пребегало во Константинопол и таму нашле прибежиште во дворецот на императорот Андроник II Палеолог[1]. „Григориј потекнувал од благородни и побожни родители. Неговиот татко бил толку исполнет со добродетели, што царот Андроник II го направил свој советник. Но, не само земниот, туку и Бог, Небесниот Цар, го удостоил и го прославил со чуда уште додека бил жив. Однапред знаејќи го денот на своето упокоение, Константин (тоа било неговото име) примил монашка схима“[2].
Иако живеел на дворот, Константин, татко му на свети Григориј, се одликувал со молитвено трезвеноумие, умствено бдеење над срцето и богосозерцание. „Меѓу многумината што живееле во светот и имале непрестајна молитва е оној прекрасен Константин, кој иако живеел и се движел среде дворскиот царски бурен живот, се нарекувал татко и учител на царот Андроник, и секојдневно се занимавал со царски и државни работи, иако имал голем имот и многу слуги, жена и деца, и покрај сето тоа, тој бил нераздвоен од Бог и толку приврзан кон непрестајната умно-срдечна молитва, така што многупати заборавал што му говорат царот и високите царски службеници, и тоа повеќепати за една иста работа. Многумина од дворјаните, без да знаат која била причината за тоа, се наоѓале во непријатна положба и го прекорувале за тоа што толку го обременувал царот. Но, царот, знаејќи ја причината, го заштитувал и говорел: ’Константин има свои мисли, кои понекогаш не му даваат со сето внимание да се однесува кон нашите работи‘.“[3] И мајка му на свети Григориј, Калона, била длабоко побожна и добродетелна жена. Двајцата вложувале посебно внимание во воспитанието и растењето на своите деца.
Григориј од мал се одликувал со висока интелигенција; затоа неговите родители му овозможиле и соодветно световно образование. Меѓутоа, неговиот татко се упокоил млад, па грижата за воспитанието на нивните деца паднала врз мајка му. Самиот цар Андроник, кој во Григориј гледал иден великодостојник, настојувал момчето да се посвети на државна служба; затоа зел одговорност за неговото световно образование. Свети Григориј брзо напредувал и предначил пред неговите врсници во науката, особено во физиката и логиката, а најмногу во философските логички системи на Аристотел. Така, кога Григориј имал само седумнаесет години, го замолиле да одржи говор за Аристотел пред царот и другите великодостојници. Кога го завршил својот говор, сите биле толку восхитени, што Теодор Метохит, главниот државен службеник на царот, извикал: „Дури и Аристотел да беше овде денес, несомнено и тој ќе го пофалеше“.
На патеката на подвижништвото
Монахот е непрестајна светлина во окото на срцето.
– Свети Јован Лествичник
Покрај изучувањето на световните науки, Григориј ги изучувал и Светото Писмо и списите на Светите Отци. „Доаѓал во контакт со монаси и подвижници кои доаѓале од Света Гора во Константинопол, и ги распрашувал за монашкиот живот. Тие го советувале да ја посети Света Гора, па дури и да започне да се подвизува додека уште е во светот. Тој толку ревносно ги прифатил нивните совети, што ја сменил својата облека, своето однесување, односно целиот начин на живеење, па многумина помислиле дека се поместил од умот. Почнал многу строго да се подвизува: јадел само леб и пиел само вода. Исто така, ја практикувал и секоја друга добродетел.“[4] Во тајните на умно-срдечната молитва го вовеле светиот Епископ Теолипт Филаделфиски и свети Никифор Исихастот.
И покрај настојувањето на императорот да остане во дворот, кога наполнил дваесет години, Григориј тајно заминал на Света Гора. Како најстар, се погрижил за својата мајка и за своите сестри; ги оставил во еден женски манастир каде што подоцна биле замонашени, а тој заедно со неговите браќа продолжиле кон Света Гора. Таму станал послушник во манастирот Ватопед, каде што под раководство на преподобен Никодим Ватопедски[5] зачекорил по патеките на подвижништвото и примил монашки потстриг. Првите две години се подвизувал во пост, постојано бдение, трезвеноумие и непрестајна молитва. Во своите молитви секогаш Ја повикувал Мајката Божја за своја застапничка и помошничка.
Еден ден, на Света Гора, кога Григориј бил задлабочен во молитвата кон Бог, одненадеж пред него застанал светлозрачен и благолик маж, свети Јован Богослов, и умилно гледајќи кон него, го прашал: „Зошто ти, молејќи Му се на Бог, постојано повторуваш: ’Просветли ја мојата темнина, просветли ја мојата темнина?‘“ Григориј одговорил: „Што друго би барал освен тоа: да се просветлам и да познаам како да ја творам светата волја Негова?“ Тогаш светиот Евангелист му рекол: „По волјата на Владетелката на сите, Богородица, отсега јас ќе бидам со тебе неотстапно“.
Божјата промисла била по тригодишниот подвиг во потполно послушание кон својот духовен патеводител, преподобен Никодим да се претстави пред Бог. Во тоа време се упокоил и најмладиот брат на свети Григориј, Теодосиј. Тогаш свети Григориј, заедно со својот брат Макариј, преминале во Великата Лавра на преподобен Атанасиј Атонски, каде што игуменот и браќата ги примиле со голема радост. Во манастирот му го дале послушанието да им служи на браќата на заедничката трпеза и да биде псалт во хорот. Со исклучителна ревност го извршувал своето послушание, строго подвизувајќи се во секоја добродетел. Сите браќа се восхитувале на неговиот богоподобен живот. Успеал да достигне такво бестрастие што потполно владеел со своето тело, поминувајќи три месеца без речиси воопшто да спие.
Носител на непресушниот дар на благодатта Божја
Светиот апостол Павле вели: ’Ако бевме се испитувале самите себе, тогаш немаше
да бидеме осудени‘[6], па откако ќе го доживееме она чувство на светиот пророк Давид,
чувството за Божјото присуство насекаде, да можеме и ние да Му речеме на Бог:
’Но, и темнината нема да биде темнина за Тебе, и ноќта за Тебе е светла како ден и
темнината како светлина‘[7] – па не само што сакам сета сила на копнежот на мојата душа
да ја направам Твоја, туку сакам, ако во телото мое се најде некаква искрена желба,
сакам и тоа да полета кон Тебе, кон Тебе да се приврзе и кон Тебе да се прилепи[8].
– Свети Григориј Палама
Избегнувајќи ја човечката слава и стремејќи се кон осаменост и повисок степен на духовно совршенство, по три години тајно ја напуштил Лаврата и се населил во малата испосница „Глосија“. Таму живееле пустиници, свети луѓе, кои деноноќно се занимавале со непрестајната умно-срдечна молитва и со духовни созерцанија. Знаејќи дека каде и да оди, смиреното послушание е врата и основа за секој духовен подвиг и добродетел, свети Григориј му се препуштил на послушание на настојателот на оваа света обител, Григориј од Константинопол. Духовниот син Григориј, угледувајќи се на својот духовен отец Григориј, и самиот достигнал висок степен на светост и опит во практикувањето на непрестајната умно-срдечна молитва, која допира до неискажливите височини и длабочини на заедницата со Живиот Бог. Потопувајќи се во длабочините на созерцателната молитва, тој доаѓал до такво умиление и грабнување на умот, што потоци солзи непрестајно течеле од неговите очи како од извор. До крајот на својот живот не престанал да плаче за сиот свет.
Подоцна, поради опасноста од нападите на Турците, свети Григориј заедно со браќата биле принудени да го напуштат местото и да се заштитат од турската наезда. Свети Григориј сакал да замине во Ерусалим на поклонение на светите места и таму да го продолжи својот монашки живот. Прашувајќи се дали тоа е Божјата волја, тој почнал да се моли. Додека се молел, паднал во лесен сон и имал видение. „Ми се чинеше дека сум во дворот на Царот и дека со мене се и моите дванаесет соподвижници. Царот беше таму, на својот величествен престол, опкружен со своите великодостојници. Тогаш, еден од нив ми пријде – изгледаше како голем војсководец, и ме прегрна. Носејќи ме до неговото место, им рече на моите браќа: ’Јас ќе го задржам Григориј кај себе, затоа што така му е угодно на Царот, а вие сте слободни да одите каде што сакате!‘“[9] По тоа видение, тие сфатиле дека самиот свети великомаченик Димитриј Солунски сака да го задржи свети Григориј во Солун. Така, тие нашле некое осамено место во областа Бер, близу Солун, и таму се населиле, а свети Григориј го ракоположиле за јеромонах. Тогаш имал триесет години.
Како свештенослужител бил задолжен да им служи Литургија на браќата, но за да го задржи својот осаменички начин на живот, свештеничката служба ја восогласил со своето тихување на тој начин што во сабота и недела служел Литургија, се причестувал со Светите Дарови Христови и ги поучувал браќата, а во другите денови од седмицата се повлекувал во осаменост во ближната пештера. Неговите Литургии биле толку вдахновени што тој служел како ангел, предизвикувајќи длабоко умиление и солзи кај присутните. Во тие часови, а особено по богослужбите, неговото лице светело од несоздадената божествена светлина и секој сакал да го гледа и да се насладува од присуството Божјо преку него. Многумина свети добродетелни мажи се восхитувале на неговиот добродетелен живот, поради кој се удостоил со дарот на чудотворство, а го нарекувале и богоносец и пророк.
Во тоа време се упокоила неговата добродетелна мајка, која била монахиња во еден манастир во Константинопол. Неговите сестри и нејзини соподвижнички го известиле за нејзината смрт и го повикале да ја погребе мајка си, а нив духовно да ги утеши и успокои. Свети Григориј ја исполнил нивната молба и заминал за Константинопол. На враќање ги зел своите сестри и ги сместил во еден женски манастир во Солун, а тој заминал кај своите браќа во Бер.
Свети Григориј пет години престојувал во Бер, но во 1331 година, поради честите напади и вознемирувања од српските натрапници, бил принуден да се врати на Света Гора, во Лаврата. Таму повторно бил срдечно примен од браќата. Се осамил во скитот „Свети Сава“, кој се наоѓал во непосредна близина. И таму го продолжил својот строг типик, без да излегува од ќелијата, освен во сабота и недела, кога одел на литургиските заедничарења во Лаврата.
Еднаш, за време на своето ќелијно молитвено правило, Ѝ се молел на Пресветата Владичица да ги ослободи него и браќата од сѐ што ги вознемирува и оддалечува од молитвата, а Таа Самата да се погрижи за сите нивни житејски потреби. Пресветата ја услишала неговата молитва и му се јавила заедно со мноштво светлозрачни мажи. Таа се свртела кон нив и им рекла: „Отсега, па натаму, вие грижете се за потребите на мојот слуга Григориј и неговите браќа“. И, навистина, оттогаш тој живо ја чувствувал грижата и промислата Божја за него.
Другпат, за време на молитвата го завладеал лесен сон и тој видел како во рацете држи сад со млеко, што се прелива и му ги наквасува рацете. Тоа млеко се претворило во мирисно вино, кое, исто така, се прелевало врз неговите раце и одежди, а насекаде ширело благоухание. Исполнет со неискажлива радост, тој здогледал еден светлозрачен младич, кој му рекол: „Зошто и на другите не им даваш од овој чудесен напиток, но дозволуваш залудно да се истура? Зарем не знаеш дека тоа е дар Божји, кој никогаш нема да престане да се излева? На тоа свети Григориј одговорил: „Но, ако во наше време нема некој што ги бара тие дарови, кому да му ги дадам?“ „Сепак, ти си должен да го споделиш, а остави Господ да одлучи кој е достоен да го прими“ – му одговорил соговорникот.
Откако се разбудил, свети Григориј разбрал дека промената на млеко во мирисно вино значи дека неговото учење ќе се промени од едноставно поучување во догматско и возвишено. Послушен на Божјата промисла, тој ја отворил својата света и медоточива уста, и тогаш ги напишал своите први дела: „Животот на преподобен Петар Атонски“ и „Слово за Воведение на Пресвета Богородица во Светињата на светињите“.
Во 1333 година, пак, бил назначен за игумен на манастирот Есфигмен. Во негово време, братството броело двесте монаси. И таму се случиле голем број чуда по неговите молитви. Еднаш, додека тој бил игумен, снемало масло во манастирот. Кога влегол во подрумите каде што се чувало маслото, ги видел сите садови празни. Се помолиле, и садовите, на очиглед на сите, се наполниле. Отишле и кај маслиновите садници, зашто тие биле причината што снемало масло (таа година ништо не родиле), ги благословил и оттогаш тие раѓале секоја година.
Но, свети Григориј малку време бил игумен. Неговата ревност за реформа предизвикала бранување во заедницата. Затоа, во 1336 година, тој повторно се повлекол во ќелијата на свети Сава, близу Лаврата на свети Атанасиј, каде што се занимавал со пишување богословски трудови, кои не ги оставил до крајот на животот. Таму достигнал такво духовно совршенство што дури и многумина свети подвижници им се восхитувале на неговите рамноапостолни добродетели и чудотворства.
Време на потресенија во Црквата
И ќе го чувам Твојот закон засекогаш и во веки веков.
(Пс. 118, 44)
За време на триесеттите години од 14 век, во животот на Источната Црква се случиле настани што го поставиле свети Григориј во редот на големите вселенски столбови и апологети на Православието. Околу 1330 година, во Константинопол пристигнал учениот монах Варлаам од Калабрија[10]. Наскоро Варлаам допатувал и на Света Гора. Таму се запознал со начинот на духовниот живот на исихастите и врз основа на догматот за недостижноста на Божјата природа, умното дејствување го нарекол еретичка заблуда. Варлаам влегол во спор со монасите и ги обвинувал за месалијанство, затоа што „Божествената суштина ја гледаат со телесни очи“, па дури и ги исмејувал зборовите на монасите за молитвените доживувања и за созерцанија што ги имале.
Соочувајќи се со разбранувањата што ги предизвикал западниот монах Варлаам, верниот народ бил во недоумица околу неговото учење. Затоа, неколкумина верни од Солун, гледајќи во свети Григориј најсоодветна личност, вдахновена од Бог, го замолиле да ги упати кон вистината. Светителот сфатил дека овој философ проповеда погрешно учење од тоа на Светите Отци, па му напишал писмо од испосницата „Свети Сава“ за да престане да го шири своето неправославно учење и да се врати на богатата традиција на светоотечкото Предание. Подоцна, на молба на верните, свети Григориј ја напуштил Света Гора и дошол во Солун, и таму отворено се борел против новата ерес. Најпрво, најучтиво го замолил Варлаам да престане да зборува за молитвеното тихување што не го разбира и да се занимава со тоа што го научил – философијата. Но, кога монахот Варлаам не ја прифатил неговата молба, свети Григориј отворено застанал богословски против него. Свети Григориј напишал:
„Ако умот не се придржува кон Божјите заповеди и кон Господ, Кој го наоружал со овие оружја, тогаш тој војува против ближните, беснее над своите сонародници и им се лути на оние што не ги одобруваат неговите безумни желби. Таквиот човек, за жал, станува човекоубиец, вподобувајќи се не само на бесловесните животни, туку и на влекачите и отровниците. Оној кој е поставен меѓу синовите Божји станува како скорпија или змија, како пород аспидин“[11].
Свети Григориј Палама поминал три години во Солун, во одбрана на Православието. Потоа се вратил на Света Гора, за и таму теоретски да го изложи учењето за исихастичката пракса и догматите за несоздадената благодат Божја. Тој напишал девет списи во одбрана на свештените тихуватели и за несоздадената божествена светлина.
Во одбрана на светите исихасти и нивната аскетско-исихастичка традиција
Гледаш ли дека е неопходно за оние што одлучиле да внимаваат на себе во безмолвие
да го собираат својот ум и да го заклучуваат во своето тело, а особено во она што е највнатрешно тело во телото, кое го нарекуваме срце. Зашто, според псалмопејачот:
’Сета слава на царската ќерка е внатре‘[12], тогаш зошто да ја бараме некаде надвор?
Ако според апостолот: ’Бог Го испрати Духот на Својот Син во срцата ваши, кој вика:
Ава, Оче!‘[13], тогаш како ние во нашите срца да не се молиме со овој Дух?
Ако според зборовите на Господ, на пророците и на апостолите:
’Царството Божјо е внатре во вас‘[14], тогаш нема ли да биде надвор од Царството Небесно
оној што така усрдно се труди да го изгони својот ум надвор од себе?
– Свети Григориј Палама
Таквото застапување не му се допаднало на Варлаам, па почнал да се користи со напади и клевети врз светогорските монаси, нарекувајќи ги „папокогледачи“. Подоцна отишол во Константинопол за да им се умилкува на царот и Патријархот, во што и успеал, и им станал советник за разни прашања. Поради тоа, и тие се заблудиле од неговото лажно учење, па го повикале светителот на црковен суд во Константинопол. Свети Григориј Палама со себе го носел и „Светогорскиот томос“, кој претходно самиот го составил, а во 1340 – 1341 година бил потпишан од сите светогорски игумени и монаси од Протатот во Кареја. Така, севкупното светогорско монаштво застанало против номиналистичкиот хуманизам на Варлаам, а свети Григориј Палама го признал за свој овластен претставник.
Исполнет со Светиот Дух, светогорскиот монах бестрашно застанал во одбрана на Православието, побивајќи ги ересите на Варлаам, кои се заканувале да ги срушат основите на догматите на Светата Православна Црква и нејзиното Свето Предание. Принуден јасно да го изложи и брани исихастичкото учење, свети Григориј го сублимирал православното учење за Божествената суштина и ја поставил разликата меѓу Божјите енергии и Божјата неспознатлива суштина, прецизно изложувајќи ја оваа богословска синтеза, која „не го разорува единството на Божественото Битие, бидејќи Бог во Својата едноставност е наполно присутен и во суштината и во енергијата“[15]:
„Бидејќи човекот може да се причестува со Бог и бидејќи натсуштествената суштина Божја е наполно недостапна за причестување, тогаш постои нешто помеѓу непричесната суштина и оние што се причестуваат (со Бог), што сепак, им овозможува да се причестат со Бог. Ако го отстраните тоа што постои меѓу она што е непричесно и причесниците – о каква празнина! – нѐ отсекувате од Бог, ја уништувате врската, создавате огромна, непремостлива бездна меѓу Бог, од една страна, и созданието и управувањето со созданијата, од друга страна. Тогаш би требало да бараме некој друг Бог, Кој не само што во Себе има смисла за Своето постоење, Свое самодејство и обожување на Самиот Себе преку Себеси, туку и да е добар Бог; на Таквиот нема да му биде доволно движењето кон созерцување само на Себеси, нема да биде само совршен, туку ќе надминува секаква полнота на битието, така што кога во Својата добрина ќе посака да стори добро, Тој и ќе може да го прави тоа. Така, Он преку Своите творечки и промислителни пројави (’излегувања‘) и енергии е присутен во сѐ. Со еден збор, мораме да бараме Бог Кој на некој начин е причесен. Општејќи со Него, секој на начин својствен за себе, сите ние ќе бидеме и ќе живееме, и ќе стекнеме обожение аналогно според степенот на заедничарењето“[16].
Според свети Григориј Палама, обожението не е некаква апстрактна состојба, туку жива заедница со Бог, од која произлегува знаењето за Бог, кое, пак, е надумно и натсетилно. Значи, „христијанскиот Бог, Бог на Светото Писмо, е Живиот Бог, но Он во исто време е суштински Трансцендентен во однос на сѐ создадено. Дури и тогаш кога се открива и јавува, Он не може да биде спознаен во Неговата суштина, бидејќи откривањето на Божествената суштина би било сведување на Бог на ниво на создадените битија, а човекот би го направил ’Бог по природа‘. Според тоа, севкупното откривање, севкупното учествување во Бог, севкупното обожение е слободен акт на Живиот Бог, на Божествената енергија. Меѓутоа, Бог не се поистоветува сосема со Својот акт. Тој останува над него, па и тогаш кога во него наполно се манифестира. Оти, Бог ја поседува тварта и ѝ го соопштува Својот живот, но тварта не може да Го поседува Бог, Кој секогаш останува ’Единствен Кој твори‘. Да се спознае Божествената суштина би значело да се поседува Бог.“[17]
Свети Григориј ги изложил своите аргументи во својот богословски труд „Тријади – во одбрана на светите исихасти“ (1338). На Константинополскиот собор, во 1341 година, во црквата „Света Софија“ се одвивал спорот на свети Григориј Палама со Варлаам, чија тема била природата на Таворската светлина. Варлаам тврдел дека несоздадената божествена светлина е сетилна, создадена и „инфериорна во однос на нашето разбирање“. На 27 мај 1341 година, соборот ги прифатил ставовите на свети Григориј Палама за тоа дека Бог, Кој е недостапен во Својата Суштина, се јавува Себеси во енергиите, како Таворската светлина, кои се насочени кон светот и достапни се за примање, но не се создадени.
„Зашто во светлината се гледа светлина, па во слична светлина се наоѓа и она што гледа. Ако не подејствува кон нешто друго, одделувајќи се од сѐ друго, и тоа самото цело станува светлина, вподобувајќи се на она што го гледа. Или, подобро кажано, се соединува не смешувајќи се, бидејќи самото е светлина и бидејќи гледа светлина преку светлината. Оттука, се гледа ли самото себе, тоа гледа светлина; го гледа ли она кон што гледа, и тоа е светлина. Ете што значи единство! Зашто сето ова е едно, така што оној што гледа да не може да го разликува ниту она преку кое гледа и кон коешто гледа, ниту што е тоа. Освен тоа дека е светлина и дека гледа светлина поинаква од сѐ создадено.“[18]
Иако учењето на Варлаам било осудено како ерес и самиот тој бил предаден на анатема, споровите меѓу паламитите и варлаамитите не завршиле. Меѓу вторите припаѓале ученикот на Варлаам, монахот Акиндин, и Патријархот Јован XIV Калека[19]; кон нив се приклонил и Андроник III Палеолог[20]. Акиндин настапил со редица трактати во кои ги прогласувал светителот Григориј и светогорските монаси за виновници за црковниот проблем. Светителот, пак, напишал подробно побивање на измислиците на Акиндин. Во 1344 година и Патријархот застанал на страната на Акиндин, а свети Григориј го осудил како виновник за сите црковни немири и побуни во тоа време. Акиндин го ракоположил за ѓакон, а свети Григориј, по негова наредба, го врзале и го затвориле во темница, во која невино страдал четири години.
Митрополит на древната солунска престолнина
А оние кои се надеваат на Господ, ќе ја обноват силата своја:
ќе кренат крилја како орли, ќе трчаат и нема да им биде тешко, ќе одат и нема да се уморат.
(Иса. 40, 31)
Во 1347 година, Патријархот бил симнат од тронот, а светителот Григориј Палама бил ослободен и воведен во чин Архиепископ Солунски, иако поради смирение не сакал да го прими. Меѓутоа, во тоа време, во Солун сѐ уште постоеле црковни немири и народот не сакал да го прими за свој Архиепископ. Поради тоа, тој се повлекол на неговата возљубена Света Гора.
Во тој период, Светиот Синод решил додека да се смират работите во Солун, свети Григориј да замине во Лемнос[21] како Епископ. Таму тој ревносно Му служел на Бог и проповедал, а и не мал број чуда и добрини направил меѓу народот. По некое време, Солуњаните сами изразиле желба и потреба да го вратат овој голем светилник Божји во нивниот град. Во Солун, покрај тоа што служел Литургија и проповедал, свети Григориј направил и голем број чуда и исцеленија: го исцелил синот на еден свештеник од епилепсија, а една монахиња, слепа на едното око, само што се допрела до неговите одежди, прогледала; и уште многу други чуда и исцеленија направил свети Григориј во овој голем и знаменит град.
Меѓутоа, вечниот непријател, ѓаволот, не можел да мирува и да се помири со својот пораз од овој голем свет угодник Божји, па сѐ уште создавал немири и несигурности. Свети Григориј со сета сила ја бранел Православната Црква од погубната ерес, овојпат од наследниците на Варлаам. Непрестајно проповедал и писмено ја изложувал православната вера. За да ја смират ситуацијата, во 1351 година царот и Патријархот свикале голем собор, речиси еднаков на Вселенските собори. И, таму, свети Григориј ја разобличувал погубната ерес на Варлаам и неговите следбеници, и извојувал значајна победа. Поради тоа, втората недела од Великиот пост му е посветена на овој голем светител и столб на Црквата, и на неговата победа над погубната ерес на интелектуалната рационализација на божествените тајни од страна на западниот ум, која се смета за втора победа на Православието. Конечно, на Влахернскиот собор торжествено била посведочена православноста на неговото учење.
Три години пред неговото упокоение, свети Григориј Палама се вратил во Солун, но тешко се разболел. Сите се плашеле за неговиот живот, но Господ направил чудо и го кренал. Тогаш бил повикан од царот Јован V Палеолог[22] да дојде и да посредува при несогласувањата во царското семејство. Свети Григориј, без да се штеди, веднаш заминал. Но, попат го пресретнале и го заробиле Агарјаните, и како роб бил продаван од стопан на стопан. Тој ја искористил таа ситуација за ширење на Евангелието. Носен од град во град, тој го проповедал Евангелието Христово, ги утврдувал православните во верата, ги утешувал заробените христијани и ги укрепувал со надеж да го носат својот крст. На сите им ги објаснувал тајните на мудроста Божја за спасението на луѓето. По една година, светителот бил откупен од некои богати српски трговци.
Откупен од ропството како маченик со бескрвно мачеништво, радосно ѝ се вратил на својата паства во Солун. Исполнет со различни дарови Божји, по примерот на големиот апостол Павле, продолжил да управува со народот со кротост и смирение, но во исто време, продолжил храбро да се бори против непријателите Божји, усрдно бранејќи ја православната вера. Бестрашно ги разобличувал и ги поразувал еретиците со мечот на словото Божјо. Бил дарежлив и исклучително благ во решавањето на сите проблеми и тешкотии, изобилно украсен со даровите Божји како вистински Христов ученик. Како еден од апостолите Христови, тринаесет години богомудро и богоугодно ја раководел својата паства.
Не случајно го нарекувале и чудотворец. Откако по вторпат се вратил, иако веќе со слабо здравје, тој со својата молитва направил безброј чуда во слава Божја и за утеха на верните. До крајот на своите сили служел Литургија и проповедал. Дури и откако сосема изнемоштел од болеста, тој и прикован за постелата проповедал и го толкувал Евангелието.
Кон небесата
Непосредно пред да се упокои, свети Григориј им претскажал на своите верни чеда дека наредниот ден, по празникот на свети Јован Златоуст, ќе се претстави пред Бог, велејќи им: „Пријатели мои, денес ќе заминам од вас кон Господ. Тоа го знам бидејќи во видение ми се јави божествениот Златоуст и со љубов, како свој пријател, ме повика кон себе“. И навистина, истиот тој ден, на 14/27 ноември 1359 година, свети Григориј заминал кон Господ во Неговите вечни живеалишта. Неговите последни зборови биле: „Кон небесата! Кон небесата!“ Мирно се претставил пред Бог. Неговото лице било озарено со несоздадената Божја светлина, за која толку се борел сиот свој живот, па и целата соба заблескала од неискажливата светлина[23].
Колкава е неговата слава на небесата, сведочи едно видение на еден добродетелен монах од Великата Лавра на Света Гора. Тој се нашол во храмот „Света Софија“ во Константинопол, каде што го видел соборот на Светите Отци, меѓу кои биле: свети Атанасиј Велики, свети Василиј Велики, свети Григориј Богослов, како и свети Григориј Ниски и свети Кирил Александриски, а со нив и мноштво други светители. Собраните Отци живо расправале за нешто. Кога дошло времето, како по обичај, да се донесе одлука, тогаш монахот слушнал како сите кажуваат, како со една уста: „Ние не можеме да го потврдиме учењето и да донесеме одлука, ако на соборот не дојде и на гласањето не присуствува и Григориј Солунски“. Тогаш испратиле еден прислужник веднаш да го повика свети Григориј на соборот. Тој отишол, но бргу се вратил и рекол: „Не е возможно кој било да му се приближи сега, бидејќи стои пред самиот царски Престол и насамо разговара со Царот“. Тие му заповедале повторно да појде, да причека додека да заврши разговорот, па тогаш да го повика. Тој така и направил. Свети Григориј дошол на соборот. Здогледувајќи го како доаѓа, сите Отци станале и срдечно го примиле, го сместиле меѓу тројцата врховни Богослови, еднакви по слава и чест. Така соборот во негово присуство заседавал и ја потврдил својата одлука, споредувајќи ги своите зборови со неговите, а сѐ во слава на соборната Црква Христова. Сите присутни богослови му се обратиле со благодарност и неопислива радост, велејќи дека сето она што тие во разни околности и времиња го богословствувале, сето тоа тој сега го собрал во едно, во последните времиња, со божествената сила и благодат, добро го обединил и обработил, и преку себе ги прославил нив со Духот Свет. Тоа бил крајот на ова прекрасно видение на светогорскиот пустиник, на кој Бог му ја открил небесната слава на овој проповедник и учесник во вечната божествена светлина[24].
Во 1368 година, само девет години по неговото упокоение, тој бил канонизиран за светител на Константинополскиот собор од страна на Патријархот Филотеј[25].
По молитвите на нашиот свет заштитник, свети Григориј Палама, Господи Исусе Христе, помилуј нѐ!
Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија
27 / 11 / 2021
[1] Андроник II Палеолог, византиски цар, кој царувал од 1281 до 1332 г.
[2] The life of Saint Gregory Palamas Archbishop of Thessalonika the Wonderworker, by Philotheos, Patriarch of Constantinople. http://sgpm.goarch.org
[3] „Добротољубие“, том 5, Македонска Православна Црква, Скопје, 2009, стр. 465.
[4] The life of Saint Gregory Palamas Archbishop of Thessalonika the Wonderworker, by Philotheos, Patriarch of Constantinople. http://sgpm.goarch.org
[5] Неговиот свет спомен се слави на 11 јули.
[6] 1. Кор. 11, 31.
[7] Пс. 138, 13.
[8] „Добротољубие“, том 5, Македонска Православна Црква, Скопје, 2009, стр. 290–291.
[9] The life of Saint Gregory Palamas Archbishop of Thessalonika the Wonderworker, by Philotheos, Patriarch of Constantinople. http://sgpm.goarch.org
[10] Полуостров во Јужна Италија.
[11] St. Gregory Palamas, „The Homilies,“ Mount Thabor Publishing, 2014, стр. 20.
[12] Пс. 44, 13.
[13] Гал. 4, 6.
[14] Лука 17, 21.
[15] Јован Маендорф, „Свети Григориј Палама и православната мистика“, Библиотека Воведение, Велјуса, 2001, стр. 135.
[16] Тријада III, 2, пар. 24, стр. 544–583.
[17] Јован Маендорф, „Свети Григориј Палама и православната мистика“, Библиотека Воведение, Велјуса, 2001, стр. 134.
[18] Тријада II, 3, пар. 36, стр. 346–477.
[19] Јован XIV Апрен (Калека) бил патријарх Константинополски од 1332 до 1347 г.
[20] Андроник III Палеолог, византиски цар, кој царувал од 1328 до 1341 г.
[21] Остров во Егејското Море, на исток од Света Гора.
[22] Јован V Палеолог (1341 – 1376) го имал за соцар Јован VI Кантакузин (1341 – 1355).
[23] Види: Арх. д-р Јустин Поповић, „Житија светих за новембар“, Манастир Св. Ћелије код Ваљева, Београд, 1998, стр. 450.
[24] Истото, стр. 452–454.
[25] Преподобен Филотеј Кокин бил Патријарх Константинополски (1354 – 1355; 1364 – 1376) и верен ученик на свети Григориј Палама. Претседавал на Константинополскиот собор за канонизацијата на свети Григориј Палама и ја составил службата во негова чест. Се упокоил во 1376 година.