// Google analytics code

Свети Григориј Палама

  

Свети Григориј Палама, Архиепископ Солунски е роден во 1296-тата година во Константинопол. Неговиот татко бил виден големец во дворот на Андроник II Палеолог (1282-1328), но откако тој умира, императорот лично превзема дел од одговорноста за воспитувањето и школувањето на сирачето Григориј. Обдарен со исклучителна способност за учење, Григориј ги совладува многу брзо сите теми од кои била составена високата средновековна едукација. Надежите на императорот биле дека младичот ќе се посвети на владините работи. Но младиот Григориј, едвај дваесетина години стар, во 1316-та година заминува за Света Гора и станува подстрижник во манастирот Ватопед, под духовно водство на старецот Св. Никодим Ватопедски. Григориј тука го започнува својот аскетски пат. Една година подоцна, во визија му се јавува Св. Јован Богослов и му ја ветува неговата духовна заштита. Мајката на Григориј и неговите сестри, исто така се повлекуваат во манастир.

По упокојувањето на старецот Никодим, Св. Григориј поминува осум години на духовни перипетии под водство на старецот Никифор,  а после неговата смрт, Григориј се префрлува во Лаврата на Св. Атанасиј.  Тука тој служи во манастирската трпезарија а потоа станува и црковен пејач. По три години, посакувајќи повисок степен на духовен напредок, Григориј се преместува во скитот Глосиа. Главешината на манастирот почнува да го упатува во тајните на непрестајната молитва и менталната контрола, методи кои биле развивани од монасите, почнувајќи од големите пустиници-аскети од четвртиот век: Евагриј Понтиски и Св. Макариј Египетски.

Подоцна, во 11-тиот век, Св Симеон Нов Богослов, дал детални инструкции за психичките активности на оние кои се молат на глас, метод кои бил применет од аскетите од Атос. Умешното практикување на внатрешната молитва (молитвата на срцето), која бара повлеченост и мир е наречено исихазам (од грчкото „исихија“ што значи мир, тишина) а тие кои ја практикуваат се нарекувале исихасти.

За време на неговиот престој во скитот Глосиа, идниот ерарх Григориј, во потполност е пронижен со духот на исихазмот кој го прифаќа како нераздвоен дел од својот живот. Во 1326-тата година, заради зголеменета опасност од Турска инвазија, тој со своите собраќа се повелкува во Солун, каде што е ракоположен за светштеник.

Св. Григориј ги спојува своите свештенички должности со животот на хермит. Пет дена во неделата ги минува во тишина и молитва, а само во саботите и Неделите тој доаѓа во контакт со луѓе. Тие два дена  проповеда и служи Литургија. Присутните во црквата, за време на неговите проповеди секогаш биле доведувани во состојба на плач. Понекогаш, Св Григориј присуствувал на теолошките собирања на младината кои биле организирани од идниот Патријарх Исидор. Откако се враќа од Константинопол, во близината на Солун,во областа Береиа, наоѓа место кое му одговарало за да има мир. Набрзо тука се создава мала заедница на монаси, кои тој духовно ја води во наредните пет години.

Во 1330-тите во животот на Источната Црква се случуваат настани кои ќе го постават Св Григориј во улога на еден од најважните апологети на Православието, и ќе му донесат огромна заслуга како на учител на исихазмот.

Околу 1330-тата година, во Константинопол од Калабрија (Италија) пристигнува монахот Варлаам. Тој е автор на теориите за логиката и астрономијата, бил исклучително добар и вешт говорник. Добива место во Универзитетот и започнува да ги обработува делата на Св Дионисиј Аеропагит, чија апофатичка (негативна, спротивно на катафатичка (позитивна)) теологија била призната подеднакво како во Источните, така и во Западните Цркви.

Наскоро Варлаам патува во посета на Атос, каде што се запознава со духовниот живот на исихастите. Тврдејќи дека е невозможно да се осознае Божјата суштина, тој ја прогласува внатрешната молитва за еретичка практика. Заминувајќи од Света Гора го посетува и Солун, каде што подоцна повторно се враќа, тој навлегува во расправии со монасите обидувајќи се да ја демонстрира создадената, материјална природа на Светлината од Тавор (како на пример светлината при Преображението Господово).

Ги исмева учењата на монасите за молитвените методи како и за несоздадената светлина која била искусена од исихастите.

По барање на Светогорските монаси, Св Григориј најпрво усно одговара на ваквите истапи, но откако ја согледува бесплодноста на ваквите обиди, тој своите теолошки аргументи ги става на хартија. Така настануваат „Тријадите во одбрана на Светите исихасти“ (1338).До 1340-тата година Светогорските аскети со помош на Светителот, создаваат општ одговор на нападите на Варлаам, образложен во таканаречениот „Хагиоритски Том“. На Константинополскиот Собор во 1340-тата година, во Црквата Св Софија, Св. Григориј Палама влегува во дебата со Варлаам, фокусирајќи се на природата на светлината на планината Тавор. На 27 мај 1341 Соборот го прифаќа ставот на Св Григориј Палама, дека Бог недостижен во Неговата Суштина, се открива Самиот преку Неговите енергии, кои се насочени кон светот и е возможно да бидат забележани, како светлината на Тавор, но не се материјални, ниту пак се создадени. Учењата на Варлаам се прогласени за ерес а тој самиот е анатемисан и бега назад во Калабрија.

Сепак, расправиите меѓу Паламитите и Варлаамитите се далеку од завршени. Варлаамитите во своите редови имаат личности како монахот Акиндинос како и Патријархот Јован XIV Калекос (1341-1347), а исто така се смета дека и самиот имепратор Андроник III Палеолог (1328-1341) бил нивни приврзаник.

Акиндинос, чие име значи „оној кој не нанесува штета“, всушност предизвикува огормна штета со неговото еретичко учење. Акинидос пишува серија на трактати во кои го обвинува Св. Григориј и Светогорските монаси за предизвикување црковен неред. Светителот, како одговор пак пишува детални образложувања на грешките на Акиндинос. Патријархот од своја страна, го поддржува Акиндинос и го нарекува Св. Григориј Палама причина за сите немири и нереди во црквата (1344) и го затвара во затвор за период од четири години. Во 1347-та година која Јован XIV  е заменет од патријархот Исидор (1347-1349), Св Григориј е ослободен и востоличен за Архиепископ на Солун.

На соборот во Влахерна во 1351-та година, официјално е признаено Православието на неговото учење. Но Солунјаните не го прифаќаат Св Григориј веднаш и тој е осуден да живее на различни места. На едно од неговите патувања до Константинопол, бродот паѓа во заточеништво на турците. Дури и во заробеништво, Св Григориј им проповеда на затворениците Христијани, па дури и на Турците. Хагарените биле вчудоневидени од мудроста на неговите зборови. Некои од нив не можејќи да го поднесат тоа, го тепале светителот и дури и ќе го убиеле доколку за него не била платена голема сума пари. Една година подоцна светителот е ослободен и се враќа во Солун.

 Св. Григориј извршил многу чуда во последните три години од неговиот живот, лечејќи болни.

Ноќта пред да почине, во визија му се јавува Св. Јован Златоуст. Со зборовите „Кон Висините, кон висините!“ Св Григориј Палама се упокојува во Господа на 14 Ноември 1359. Во 1368-та година е прогласен за светител на Константинополскиот Собор под водство на Патријархот Филотеј (1354-1355, 1364-1376), кој воедно ги составува Житието и службата за Светителот.


About The Author