Свети Гаврил Светогорец еп Велички – Невообичаен светител во невообичаено време
Денес го славиме споменот на светиот Гаврил Светогорец, епископ Велички. Невообичаен светител, во невообичаено време.
Ние денес се жалеме дека, ако сме се родиле во друго време и живееме со други луѓе, ќе бидеме подобри. Тоа е само изговор за нашите слабости зашто сме самобендисани и мрзливи и не сакаме да се подобриме, т.е. покаеме. Тоа е потполна лага или поточно, се самолажеме. Ова тврдење, ниту е точно, а ниту e прифатливо од Бога, а Бог пак, го правиме неправеден и незаинтересиран за нас. Светиот отец наш Гаврил, тоа потполно го побива и лично со својот живот го покажува спротивното. Потребно е ние само да се потрудиме.
Роден после балканските братоубиствени војни и Првата Светска Војна. Ја преживеал и страшната Втора Светска Војна, во која како младинец и самиот бил учесник. Носител на значка за храброст, иако никогаш не постанал комунист. И пост воениот период, времето на тоталитарниот комунизам во кој живеел, за него не биле полесно време за живеење. Тоа е време на духовно отпадништво и отворен а(нти)теизам. Па дури и кога заминал на Света Гора, и таму немал мир. Бидејки македонец, политички бил гонет и никаде прифатен. Но Богомајката, Игуменијата на Светогорската градина, го примила и заштитувала. И отпосле, по доаѓањето назад во родната Македонија, неговиот живот бил со искушенија барајки прикладно место за монахување.
Откако се сместил во Лесновскиот манастир, тој станал духовен центар, не само за нас Македонците, туку како светило кое не се става под поклопец и тој го осветлувал целиот православен свет, така и о. Гаврил ги привлекувал луѓето. Кај него доаѓале луѓе од најразлилни краеви и слоеви на општествениот живот. Станал светило во негово веме. Дури и политичари и високи фунционери во тоа комунистичко време, тајно доаѓале да се исповедаат и консултираат со него.
Ова наше време, во кое ние само се жалеме и кукаме, е само тивко ветерче, спрема времето во кое тој живеал. Но тој не гледај на тоа колку надвор е лошо, не се жалел и никого не судел. Не го свртувал своето внимание на ништо надворешно туку секогаш со умот се спуштал во срцето, кое е дом Божји. Само во очистеното срце може да го сретнеме, видиме и да разговараме со Бог. Бог рекол дека нашето срце ќе го направи Свој дом и во него ќе постави трпеза. Насладувајки се, наситувајки се, со благодатта Божја, најпрво преку крштението, па потоа и преку добродетелите, а пред се со молитвата, ние заедничареме се Бог. Знаејки го тоа, тој никогаш не го симнал својот поглед од срцето и не се занимавал со световни, суетни работи.
Затоа и Бог толку многу го обдарил со Неговите дарови на прзорливост, на подвижништво, на молитва и чудотворност. Преку неговите молитви се случувале чуда кои денешниот современ свет ниако не може да ги прифати, дури и поредокот на природата се поместувал.
Што е она што него посебно го карактиризирало. Тоа се: неговата цврста вера, силна волја и јасната сосредоточеност во целта да го задобие Бог и царството Негово уште овде на земјата.
Смирението го зел како база, темел, без кое не може да се ѕида на зградата на духовниот живот. Љубовта кон световното ја заменил во љубовта кон Бога и се што е небесно. Уметноста на вајарството со коja се занимавал во светот, ја заменил со уметноста на сите уметности, а тоа е молитвата. Неговата храна, не се состоела во сладострастието на раскошните трпези, туку во постот и солзите.
Светиот Отец Гаврил бил единствениот вистински монах во Македоноја во тоа време. Тој бил и сеуште е пример и поттик за сите оние кои сакаат да го следат Бога. Тој е и благовесникот на возобновувањето на монаштвото во нашата Црква, МПЦ – ОА. Нему многу му должиме и неговите свети молитви сеуште ги просиме. Ние сме удостоени и почестени да ги имаме и неговите свети мошти од кои тече неизмерна благодат и се‘ извор на многуброијни исцеленија.
Свети Оче наш Гавриле, нов светилнику на Православието, моли го Бога за нас!
Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија
12 / 01 / 2022