// Google analytics code

Свети Василиј Велики

IMG_9323 (2)БОГОМУДАР УЧИТЕЛ

НА ВСЕЛЕНАТА

 ~+~

Свети Василиј е огнен столб на Црквата, еден од трите носечки столбови на учењето на Црквата, заедно со светите Григориј Богослов и Јован Златоуст. Тој е носител на Кападокиската школа, која ја поставува базичноста на догматите за светотроичноста на Бог, врз која подоцна ќе се надгради и сета пневматологија и христологија во Православната Црква, во одбрана против ересите.

Доволно е само да се каже – свети Василиј Велики, и да се добие јасна претстава за свет човек, маж Божји, праведник, жива икона на Христос. Архиереј, ревнител и непоколеблив борец за Православната Црква. Облагодатен богослов и боговидец, учител на вселената, чувар на догматите и светлина на православната вера. Боговдахновен устроител на Светата Литургија и црковното богослужение, апостолски уредувач на канонскиот поредок во Црквата и соборната организација.

Преподобен подвижник и совршен монах, основач на монаштвото, уредувач на монашките правила и татко на монасите. Снисходлив пастир, кој ги обраќа заблудените, утешител на немоќните и заштитник на сиромашните и сираците.

Називот Велики малкумина го добиваат во Црквата, а свети Василиј е еден од тие ретки што го добиле овој епитет поради неговиот свет и восфалуван живот. Колку свети Василиј бил Велик зборува податокот дека тој назив го добил уште додека бил жив.

 

Род и потекло

Роден е во Кесарија[1], во 330 година, од благочестиви и имотни родители, Василиј и Емилија. И, како што пишува во Светото Писмо, дека од доброто дрво се раѓаат добри плодови, така и неговите родители, татко му Василиј (+349), кој пред крајот на својот живот станал свештеник, и мајка му Емилија (+375), биле свети. Бог им подарил десет деца, пет машки и пет женски.

Најголемата ќерка се викала Макрина (330 – 379), по нејзината баба Макрина (260 – 340), која на млади години останала вдовица и сиот свој живот го посветила на служење на Бог (нејзиниот спомен се празнува на 12 јуни). Другите ќерки се омажиле, а еден од синовите починал млад. Останатите браќа на свети Василиј се посветиле во служба на Црквата Божја. Григориј (334 – 394) станал Eпископ Ниски, Петар (345/7 – 392) станал Eпископ Севастиски, а најмладиот, Навкратиј (332 – 358), станал монах. Света Теосевија (335 – 385), пак, била сопруга на свети Григориј Ниски, која подоцна станала ѓакониса во Црквата. Сите биле прогласени за светители.

 

Униврзитетот на пустината

Најраното детство свети Василиј го поминал на село, кај неговата баба Макрина, која е и родоначалник на благочестието во нивното семејство. Нејзин духовен отец бил свети Григориј Чудотворец. Свети Василиј поседувал исклучително бистар ум, па затоа уште од мал го дале на школување. Учел во Неокесарија, под раководство на неговиот татко, кој бил професор по реторика.

По смртта на татко му заминал на школување во Кесарија, каде што го запознал неговиот, оттогаш неразделен другар, Григориј, кој подоцна ќе стане Патријарх Цариградски.

Жеден за поголеми знаења, Василиј заминал од Кесарија во Цариград, каде што станал ученик на познатиот реторичар Ливаниј, а подоцна, околу 352 година, заминал во Атина, тогашната престолнина на философијата и науката. За свој учител го избрал познатиот Евул. Покрај тоа што ја посетувал школата на Евул, учел и кај големите ретори Имериј и Проересиј. Овде повторно го пречекал свети Григориј, и уште толку се продлабочило нивното пријателство. Како што подоцна рекол самиот свети Григориј, тие станале „една душа во две тела“.

Откако се здобил со темелно познавање на граматиката, реториката, астрономијата, философијата, физиката, медицината и естетиката, се вратил во Кесарија, каде што станал учител по реторика. Но, неговата душа копнеела да ја спознае Вистината. Тој не можел да се задоволи само со световните познавања, па затоа решил, по совет на неговата постара сестра, монахиња Макрина, и подвижникот Евстатиј Севастиски, да појде во еден друг вид универзитет – универзитетот на пустината, каде што учители се оние кои, вдахновени од Светиот Дух, Вистината ја виделе и ја спознале лично.

Заминал во Египет, колевката на монаштвото, каде што сè уште било присутно духовното влијание на познатите отци од пустината – светите Антониј, Макариј, Памво и другите струни на монаштвото. Лично се поучувал од тогашните негови современици, столбови на монаштвото во Тиваида: светите Пахомиј, Макариј Постариот и Макариј Александриски, Пафнутиј, Павле и др. За свој учител го избрал архимандрит Порфириј, кој му дал да ги изучува делата на Светите Отци, учители на Црквата, го вовел во тајните на Светото Писмо и го поучил со догматите на светата православна христијанска доктрина. За сето тоа време свети Василиј живеел строг подвижнички живот во сувојадение: јадел само сув леб и овошје.

 

Назад меѓу своите

По една година изучување на божествените тајни се вратил во Кесарија и сакал да го обрати и својот почитуван учител Евул во верата Христова. Кога пристигнал во Кападокија, го нашол својот поранешен учител по философија, окружен од ученици, како дискутираат на одредена тема. Тогаш, одзади пристапил свети Василиј и одговорил на поставената дилема, а учениците гласно прашале: „Кој е овој?“ Евул,  без да се сврти, рекол: „Или Бог, или Василиј“, затоа што никој друг не можел да даде одговор на прашањето.

Потоа, Василиј му зборувал на Евул за смислата, силата, покајанието и добродетелниот живот во Христос и Црквата, за Бог и вечниот живот, така што Евул го прифатил учењето што го проповедал великиот Василиј и поверувал во Христос и триединиот Бог, Света Троица.

Кога се вратил во својата земја, во 356 година, дознал дека мајка му Емилија и сестра му Макрина заминале во манастир, во Анеси, на реката Ирис, и дека неговите браќа водат монашки живот во непосредна близина. Сите тие промени, како и ненадејната смрт на неговиот помлад брат Навкратиј, а пред сè, неговата целосна посветеност на Евангелието, придонеле да ја напушти својата ветувачка кариера како академски учен адвокат во Кесарија. Го раздал сиот свој имот и избрал целосно да Му се посвети на Бог, одејќи по патот на аскетско-исихастичката пракса на монашкиот живот.

Најнапред, со Евул заминале да ги посетат светилиштата во Сирија и Палестина, и да се помолат на светите места во Ерусалим. Кога биле во Ерусалим, посакале да се крстат, па го замолиле Патријархот Максим III да ги крсти. Кога влегле во водата, свети Василиј се помолил со солзи и од небото слегoл Светиот Дух во вид на молња, која се спуштила над него. Од молњата излегол гулаб, ја заматил водата и одлетал на небото. Во Ерусалим престојувале една година, а потоа тргнале назад кон својата татковина.

 

Во центарот на црковните случувања 

За време на владеењето на Констанциј (337 – 361) се ширеле еретичките учења на Ариј, а Црквата ги повикувала нејзините светии во одбрана на верата. Во 360 година, Василиј, заедно со Eпископот Дијаниј, допатувал на Соборот во Цариград. Оттогаш активно учествувал во догматските спорови на Црквата (тој ја подготвил и победата на Православието на Вториот вселенски собор, но не ја доживеал). Во 362 година, последната година од животот на Дијаниј, во Антиохија, Епископот Мелетиј го ракоположил за ѓакон.

Кога Дијаниј се упокоил во 362 година, сите сакале Василиј да стане нов архиепископ, но тој избегал и се скрил, па го избрале Евсевиј. Евсевиј бил благочестив, но теолошки неук и неопитен во духовниот живот. Во 364 година тој го ракоположил свети Василиј за презвитер. Меѓутоа, откако видел дека народот повеќе се собира околу Василиј и го смета за свој духовен пастир, и има поголема чест и достоинство од него, неговото срце се исполнило со завист, се почувствувал загрозен, па сакал со клевета на некој начин да го отстрани.

Поради тоа, свети Василиј се повлекол во Понт, во областа Ирис, каде што му се придружил неговиот најдобар другар Григориј, кој дотогаш останал во Атина како професор по реторика. Таму заедно основале општожителен машки манастир. Животот во манастирот го устроиле според опитот што свети Василиј го стекнал во Египет, поминувајќи го времето во пост, молитва, созерцание, ракоделие, читање на Светото Писмо и изучување на светоотечките списи.

Бил голем основач и организатор на монашкиот живот, за што сведочи севкупното наследство на Кападокија од цели десет векови. Иако и самиот организирал скитски начин на монаштво, сепак, бил застапник на општожителниот идеал, бидејќи во него го гледал чистиот облик на монаштво. За него тоа е образ на животот според Евангелието, одреден, пред сѐ, од потребата за одрекување, и тоа не поради омраза кон светот, туку заради љубов кон Бог, која не може да се успокои и насити во суетата и метежот на светот. Во општожитието, даровите, кои на еден му се дадени од Светиот Дух, се пренесуваат и на другите – тој идеал извира во самата Црква како Тело Христово, бидејќи монаштвото треба да биде една мала Црква, а исто така, и тело.

Заедниците на свети Василиј броеле околу триесет-четириесет членови. Дневната литургиска молитва започнувала со Утрена во зорите, а последен молитвен час била Полуноќницата. Монашката заедница често се собирала заради беседи на одредени делови од Светото Писмо, како и за поучување. Ракоделието било од особено значење за самата заедница, а работата имала за цел да му се помогне на ближниот во неговите потреби. Особено го вреднувал земјоделието, кое придонесува за стабилноста на заедницата, како и за потребите на браќата и сиромашните. Подвигот на свети Василиј бил насочен кон подвиг на смирение, одрекување од светот, како и подвиг на воздржание во борбата со страстите.

Привлечени од благодатта Божја, наскоро околу нив се собрале мноштво ученици, а биле основани уште неколку машки и женски манастири. Свети Василиј тука ги напишал познатите „Монашки правила“, кои се први од таков вид и кои подоцна станале општо правило за општожителните манастири.

Свети Василиј живеел многу строго: носел само една мантија, а ноќе облекувал власеница, сакајќи да го скрие својот подвиг. Јадел само леб и вода, зачинувајќи го лебот со сол и корења (зачини). Од строгото воздржување станал многу блед и сув, а понекогаш доаѓал и до крајна изнемоштеност. Никогаш не се бањал, а зимно време никогаш не палел оган.

Во тоа време, Црквата ја навјасала злогласната аријанска ерес, та дури и царот станал аријанец, а многу црковни храмови биле предадени во нивни раце. Чувствувајќи ја опасноста од оваа ерес, Кесарискиот Архиепископ Евсевиј увидел дека згрешил против свети Василиј и дека не може да се одбрани сам, па го повикал да се врати и да се смират. Заради Христос и Црквата, свети Василиј простил и заборавил на секоја непријатност помеѓу нив, па се вратил и веднаш со својата ученост и просветленост застанал во одбрана на светата вера и Црквата Божја.

Во тој период свети Василиј не само што се покажал со силен ум како богослов, туку и со големо срце, развивајќи голема харитативна дејност. Бил многу снисходлив кон човечките немоќи и им помагал на сите, без исклучок, а сите го почитувале и сакале. Подоцна го основал комплексот познат како „Василијада“, кој се состоел од простории за прием на гости, болници, лепросариум[2], училиште и други градби, распоредени околу една црква. Покрај тоа, основал и голем број добротворни установи: сиропиталишта, старечки домови, болници и места за згрижување туѓинци.

 

Архиепископ Кесариски

Во 370 година, во рацете на свети Василиј починал Евсевиј, а соборот на епископите, и покрај тоа што свети Василиј не сакал, го избрале за нов Архиепископ Кесариски. Одлучувачки бил гласот на Григориј Назијанзин Постариот, таткото на неговиот другар Григориј, кој и покрај неговата длабока старост, дошол во Кесарија и гласал за него. Свети Атанасиј Велики не ја криел својата радост и воодушевеност за неговиот избор, зашто во него гледал наследник во борбата за зачувување на вистинската вера и Црквата.

Наскоро, неговиот духовен авторитет се раширил далеку зад границите на неговата епархија. Тој бдеел над сите, ги заштитувал и се застапувал за црквите во неволја. За да биде присутен на секое место од неговата архиепископија, тој морал многу да патува. Ја покажал својата пастирска грижа и организаторска способност, воведувајќи мир и ред во епархијата. Се борел против симонијата[3] и недостојното свештенство, кое наместо да се грижи за духовното и спасението на душите во своето стадо, обземено од среброљубие, се грижело само за материјалното. Со текот на времето неговиот клир достигнал таков углед што станал пример за свештенството од соседните епархии.

За да го спречи обидот за нанесување штета на Православието и на Кесариската митрополија од страна на еретиците, свети Василиј го зголемил бројот на нови епископи низ Кападокија, ракоположил нови епископи од редовите на тогашните подвижници и богослови, а меѓу нив биле и свети Григориј Богослов, свети Григориј Ниски (неговиот брат), а подоцна и свети Амфилохиј Икониски. Со неговото дејствување и неуморен труд, пастирската и богословска мудрост, набргу биле собрани во едно сите православни на Истокот.

На Црквата ѝ дал млади клирици, епископи и богослови, кои подоцна го продолжиле неговото дело. Така го поставил и свети Петар, својот најмлад брат, за епископ во Севастија. Преку неговите ученици победило и Православието на Соборот во Цариград, во 381 година. Свети Григориј Богослов во Цариград ја ослободил престолнината од аријанството, а подоцна станал и Цариградски Патријарх. Свети Григориј Ниски напишал дванаесет книги против Евномиј и неговата ерес, а во заштита на свети Василиј и православната вера. Тој го завршил и „Шестодневот“ на свети Василиј со толкувањето за создавањето на човекот.

Посветен на свештеничката служба, Му се молел на Бог да го просветли и да му даде слово за да состави молитви и канон за општа свештена Литургија, според која ќе се служи во неговата епархија. Тогаш ја составил Светата Литургија, денес позната по неговото име – Василиева Литургија, која е сочувана до ден-денес и се служи во неделите за време на Великиот пост, на денот на неговиот спомен и во уште неколку посебни прилики во годината.

Кога свети Василиј служел Литургија и кога се молел за време на епиклезата, Светиот Дух видливо го покажувал Своето присуство, а сите свештенослужители, и Евул меѓу нив, кој и сведочи за тоа, гледале светлина и светли мажи во бели ризи како кружат наоколу. Тогаш паѓале ничкум на земјата, пролевајќи солзи и прославувајќи Го Бог.

За свети Василиј вистината и љубовта кон ближниот биле сè. Разгорен со огнот на самопожртвуваната љубов и држејќи се цврсто за вистината, тој не се откажувал и да загине за тоа. Со непоколебливост и бестрашност се борел за својата паства, а особено за тоа световната власт да не се меша во устројството на Црквата.

 

Два огнени столба

Забележана е една необична средба помеѓу пустиножителот свети Ефрем Сирин и Великиот Василиј. Таа средба најживо ја опишал самиот Ефрем во своето пофално слово кон свети Василиј.

Имено, преподобниот пустиножител Ефрем Сирин слушнал за духовната величина на свети Василиј и посакал лично да го види и да слушне некоја поука за свое духовно восовршување. Добил и известување од Бог за тоа кој е Василиј, слушнувајќи глас што му велел: „Ефреме, Ефреме, каков што е овој огнен столб, таков е и Василиј“, со што дефинитивно решил да појде од Сирија до Кападокија за да го посети овој свет маж.

Пристигнал на празникот Богојавление и тогаш го видел свети Василиј, облечен во раскошни бели одежди и окружен од неговите свештеници, кои исто така, биле свечено облечени. Гледајќи го тоа, преподобниот се соблазнил и му рекол на својот преведувач: „Ми се чини, брате, дека напразно се трудевме, зашто овој човек е со многу висок чин и јас не можам да дојдам до него“.

Сепак, решил да остане до крајот на службата. Додека свети Ефрем се борел со помислите, Светиот Дух го известил Архиепископот дека великиот Ефрем од Сирија е тука. Василиј му рекол на ѓаконот да појде до столбот, каде што стоел преподобниот, му го опишал како изгледа иако никогаш не го имал видено, и да го викне во олтарот. Кога ѓаконот дошол и го повикал, свети Ефрем се зачудил и му одговорил: „Мора да си грешка, брате, ние сме туѓинци и Архиепископот не нè познава“. Но, свети Василиј и по вторпат го испратил, овојпат именувајќи го по име, при што свети Ефрем се стаписал, направил метанија и рекол: „Навистина е велик Василиј! Навистина, Василиј е огнен столб! Навистина, Светиот Дух зборува од устата негова!“

После завршувањето на Светата Литургија, Василиј прв му пристапил на свети Ефрем и во своето смирение го прашал зошто морал да помине толку голем пат за да види грешен човек. Ефрем му се поклонил на светителот доземи и му ги исповедал сите свои мисли.

Подоцна, во негова чест била подготвена трпеза, а преподобниот го замолил светителот да ја положи својата рака врз него и да му прочита молитва за да му биде даден дарот на Светиот Дух, за да може да чита и да зборува грчки, зашто верувал дека свети Василиј може тоа да го измоли од Бог. И така и се случило, само што свети Василиј воедно му ја прочитал и молитвата за ракополагање за ѓакон, а утредента го ракоположил и за свештеник.

 

Над смртта

Овој вистински служител Божји, поради своите љубов и смирение, семилостивиот Бог го услишувал за сите негови барања. Многу се подвизите и чудата што ги направил во неговиот краток живот на земјата. Ќе го спомнеме ова негово последно чудо додека бил жив.

Во неговиот град имало некој многу добар доктор, Евреин по потекло. Името му било Јосиф. Свети Василиј уште како дете бил со кревко здравје, а подоцна, поради неговите натчовечки подвизи и лишувања, гонењата и неправдите, уште толку му се влошило здравјето, па поради тоа често одел на лекар. Негов личен лекар бил овој добар и чесен Евреин, со кого бил и близок пријател. Кога свети Василиј наполнил четириесет и девет години, многу се разболел, а овој Јосиф имал способност од топлината на жилите да определи кога некој ќе умре. Тој му рекол на свети Василиј да се подготви, затоа што тој ден ќе замине од овој свет. Свети Василиј му одговорил:

– А што ако останам жив до утре напладне, што ќе направиш тогаш?

– Ќе умрам.

– Да, ќе умре гревот во тебе за да оживееш во Бог.

Тогаш Евреинот му рекол дека ако навистина свети Василиј остане жив, тој ќе се откаже од еврејската вера и ќе се крсти во Исус Христос. Светителот Му се помолил на Бог да му го продолжи животот и Бог му ја услишал молитвата. Утредента, кога дошол Евреинот и го видел светителот сè уште жив, паднал пред неговите нозе и рекол:

– Голем е христијанскиот Бог и нема друг бог, освен Него. Затоа, се одрекувам од еврејството и пристапувам кон вистинската христијанска вера. Заповедај, Владико свет, веднаш да бидам крстен јас и целиот мој дом.

Свети Василиј рекол дека ќе стане од одарот и лично тој ќе го крсти. И така направил. Отслужил Света Литургија и го крстил, му го дал името Јован, а на крајот го причестил и го поучил колку е значаен вечниот живот, и на сите им дал последен совет. Се простил со сите, Му се заблагодарил на Бог за неискажливата милост што му ја дал и во третиот час попладне, мирно Му ја предал својата душа со зборовите: „Во Твоите раце го предавам својот дух!“

Тогаш Евреинот рекол: „Слуго Божји Василиј, навистина и сега немаше да умреш, ако самиот не сакаше!“

Се упокоил на 1/14 јануари 379 година, во Кесарија Кападокиска, а на земјата поживеал четириесет и девет години. Погребот на свети Василиј бил значаен настан и покажал колку многу тој бил возљубен од луѓето. Не само христијаните, туку и Евреите и незнабошците масовно доаѓале да му се поклонат на светителот. На погребот дошол и неговиот неразделен пријател, свети Григориј Богослов, а учествувале мноштво епископи, свештеници и ѓакони, и со песни и химни го испратиле овој голем светител Божји на Црквата.

 

Богослов на Црквата

Свети Василиј Велики е еден од најголемите умови на Православната Црква, врз чие учење подоцна се дополнуваат многу теолошки школи и правци во изложувањето на светата православна вера и одбраната од погрешните учења. Тој е еден од носителите на таканаречената Кападокиска школа, заедно со свети Григориј Богослов и свети Григориј Ниски, која пред сè, се занимава со вистината на Света Троица. Целото негово учење се заснова на светото Предание.

Исто така, тој го користел и своето богато философско знаење. Философијата ја користел еклектички, креативно, преобразувајќи ги античките термини, крштевајќи ги со водата на живиот опит на Црквата. Како теолог, тој се вградил во теологијата на Црквата преку своето учење за Бог. Всушност, тој многу кратко и концизно ја формулирал доктрината на Бог Света Троица: една природа – три Ипостаси (μία φύσις, τρεις ύποδτάσεις). Трите Божествени Ипостаси (Личности) се Отецот и Синот и Светиот Дух. Тие се еднакви според божественоста и Нивната божествена природа, божествениот живот и божествените енергии што се пројавуваат во светот. Личноста на Бог Отецот е „почеток“, „причина“ и „извор“ на Божеството на Синот и Светиот Дух.

Свети Василиј Велики е автор на бројни дела, кои главно може да се поделат на догматски, егзегетски, аскетски, литургиски, беседи и писма. Најзначајно негово дело е „Против Евномиј“, во три книги. Овој трактат има уште две книги, кои му припаѓаат на Дидим Слепиот. Неговото второ дело е „За Светиот Дух“, во триесет поглавја, кое го напишал по молба на свети Амфилохиј Икониски во 375 година.

Свети Василиј е еден од најзначајните писатели на аскетски списи. Ги напишал: „Морални правила“, збирка од осумдесет правила или кратки упатства за сите христијани, како и „Монашки правила“, во две книги: првата со наслов „Големи правила“, со педесет и пет поглавја, која се однесува на општите правила за монашкиот живот во општожитие, и втората – „Мали правила“, на број триста и тринаесет. Потоа, неговите поуки за „Судот Божји“, „Слово за верата“, „За Крштението“ (две книги), „Подвижнички поуки или совети“, „Подвижнички слова“, „За младината“, „За постот“, „За молитвата“ и др.

Составил текст и Канон за Света Литургија, која го носи неговото име. Меѓу егзегетските дела спаѓа и едно од неговите најпознати дела – „Омилии на шестодневот“, кое било дополнето од неговиот роден брат, свети Григориј Ниски, со списот „За човекот“.

Свети Василиј бил и голем беседник. Со извонредната интелигенција и просветлен ум успеал академското искуство што го стекнал да го преобрази во слово на Црквата и да му го пренесе на народот Божји. И свети Фотиј за него ќе рече: „Кој сака да стане совршен говорник, нема потреба ни од Платон, ни од Демостен, ако го избере Василиј за образец и пример“.

Придонесот на свети Василиј Велики не се гледа само во теологијата на Црквата, туку и пошироко, во сите аспекти на нејзиното постоење. Тој се вградил и како подвижник, и како основач на монаштвото, пастир и беседник.

Веднаш по упокојувањето на свети Василиј, Црквата почнала да го прославува неговиот свет спомен. Неговата чесна глава денес се наоѓа во Великата лавра на Света Гора, а дел од неговите мошти се наоѓа во црквата „Светите Методиј и Кирил“, во Струмица.

 

Светилнику на љубовта, од Христа што заблеска и Црквата Христова прекрасно што ја украсуваш, моли Го Бог за нас!

Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

 

[1] Кападокија, Мала Азија, на територијата на денешна Турција.

[2] Место за лекување лепрозни.

[3] Црковно злосторство кое се однесува на купување позиции во црковната хиерархија, наречена според Симон Маѓесникот, кој се појавува во Дела Апостолски 8, 18–24.


About The Author