Отец Гаврил Галев: Свети апостол Петар – ЧОВЕК КАРПА
Првопрестолен меѓу апостолите
Ако некому во целата историја на Црквата му одговараат претставките „нај“ и „прв“, тогаш тоа е убедливо свети апостол Петар. И тропарот така ги опева заедно со свети апостол Павле: „Првопрестолни меѓу апостолите…“ Тој е еден од „најпрвите“ ученици Христови и еден од оние што најмногу Го засакале Христос според заповедта: „Возљуби Го Господ, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум“ (Матеј 22, 37). Неговиот огнен карактер: брз, нестрплив, искрен и простодушен, го доведувало во ситуации во кои секогаш се истакнувал како прв, а според тоа ги носел последиците, и добри и лоши. Такви примери за него во Светото Писмо има многу.
Тој е еден од најдоверливите ученици на Спасителот и возљубен од Христос, поради што е и издигнат до апостолско достоинство меѓу првите дванаесет апостоли, а и меѓу нив, во првите тројца. Петар безрезервно Го следел Спасителот, а по Воскресението и бестрашно Го проповедал. Заедно со Јаков и Јован биле очевидци на многу значајни настани од животот на нашиот Спасител Исус Христос, како што се: Преображението Господово, воскресението на Јаировата ќерка, молитвата во Гетсиманската градина и уште многу други.
Од обичен рибар до ловец на луѓе
Свети апостол Петар бил Евреин, син Јонин, од племето Симеоново, брат на светиот апостол Андреј Првоповиканиот, од Галилејскиот град Витсаида во Палестина. Бил оженет со ќерката на Аристовул[1], со која имал еден син и една ќерка. Симон бил неписмен човек, но простодушен и богобојазлив, и ги исполнувал заповедите Господови. По занимање бил рибар, и како сиромашен човек, со трудот на своите раце заработувал храна за својот дом, хранејќи ги жената, децата, тештата и својот стар татко Јона.
Неговиот брат Андреј, презирајќи ја суетата на овој свет, одбрал да живее безбрачен живот, па заминал кај свети Јован Крстител, кој на Јордан проповедал покајание, и станал негов ученик. Кога чул за сведоштвото на својот учител за Христос – Месијата, а особено кога тој со прстот свој покажал на Господ: „Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе!“ (Јован 1, 29–36), Андреј го оставил свети Јован Крстител и отишол кај Господ Христос, и Го прашал: „Учителе, каде живееш?“ Тој им рекол: „’Дојдете и видете!‘ Тие отидоа и видоа каде живее; и останаа тој ден при Него“ (Јован 1, 37–39).
Наредното утро Андреј отишол кај својот брат Симон и му рекол: „Го најдовме Месија, што значи Христос“ (Јован 1, 41), и го одвел кај Него. „А Исус, кога го здогледа, му рече: ’Ти си Симон, син Јонин; ти ќе се наречеш Кифа, што значи: Петар – камен‘“ (Јован 1, 42). Во тој час Петар бил ранет од љубовта кон Господ, поверувал дека Он е вистинскиот Месија, пратен од Бог за спасение на светот. Но, Петар уште не ја оставал својата куќа и своето занимање, а понекогаш му помагал и неговиот брат Андреј поради нивниот престарен татко, сè додека и обајцата не биле повикани од Господ на апостолство.
Еднаш, по затворањето на свети Јован Крстител во темница, Господ Христос, одејќи покрај Галилејското Море, ги видел Петар и Андреј, и им рекол: „Одете по Мене и ќе ве направам ловци на луѓе“ (Матеј 4, 18–19). Откако Петар и другарите ловеле цела вечер и ништо не уловиле, Исус им заповедал повторно да ја фрлат мрежата за лов. Петар Му одговорил и рекол: „’Учителе, цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме, но по Твоја волја ќе ја фрлам мрежата‘. И штом го направија тоа, тие уловија голема количина риба, та дури и мрежата им се скина. Им дадоа знак на другарите, што беа во другиот кораб, да дојдат и да им помогнат; и тие дојдоа и ги наполнија и двата кораба, така што за малку ќе потонеа“ (Лука 5, 5–7). Тогаш Петар, погоден од ова чудо, сфатил дека овој Човек не е само обичен човек, паднал пред Неговите нозе и извикал: „Оди си од мене, Господи, зашто сум грешен човек!“ (Лука 5, 8). На тоа Господ му одговорил да Го следи, зашто отсега па натаму ќе лови луѓе за живот, како што досега ловел риби за смрт (сп. Лука 5, 10).
Ти си Петар, и на тој камен ќе ја изградам Црквата Своја, и портите адски нема да ја надвладеат!
Од тој час свети Петар станал следбеник Христов, заедно со брат му Андреј. И Господ го љубел Петар поради неговата простодушност. Го посетил неговиот дом и ја исцелил неговата тешта (Марко 1, 30). И, кога рано утрото Господ заминал сам на пусто место, тогаш Петар, не можејќи да издржи ниту еден час без Господ, поитал по Него, грижливо барајќи Го својот возљубен Учител, и наоѓајќи Го, Му рекол: „Сите Те бараат“ (Марко 1, 35–37).
Оттогаш свети Петар не се одвојувал од Господ и неотстапно бил со Него, насладувајќи се од гледањето на лицето Негово и од Неговите зборови послатки од мед, и станал очевидец на многу Негови чуда. Верувајќи со сето свое срце дека Христос е Син Божји, тој и со устата го исповедал тоа. Така, кога Спасителот дошол во Ќесарија Филипова и ги прашал Своите ученици за кого Го сметат луѓето, тие му одговориле: „Едни за Јован Крстител, некои за Илија, а некои за Еремија, или пак, за еден од пророците“. И, кога Христос директно ги прашал: „А вие за кого Ме мислите?“ – Симон Петар прв рекол: „Ти си Христос, Синот на живиот Бог!“ Тогаш Христос му рекол: „Блажен си ти, Симоне, сине Јонин, бидејќи не плот и крв ти го откри тоа, а Мојот Отец, Кој е на небесата! И Јас ти велам: ти си Петар, и на тој камен ќе ја изградам Црквата Своја, и портите адски нема да ја надвладеат! Ќе ти ги дадам клучевите на Царството Небесно, и што ќе сврзеш на земјата, ќе биде сврзано на небесата, и што ќе разврзеш на земјата, ќе биде разврзано и на небесата“ (Матеј 16, 15–19).
Според блажен Августин, „што значи тоа: на тој камен ќе ја изградам Црквата Своја?‘ На таа вера, на тоа што тој го рекол: ’Ти си Христос, Синот на живиот Бог!‘“ Односно, „верата е темелот на Црквата, зашто не за личноста, туку за верата на свети Петар е кажано дека портите адски нема да ја надвладеат. Исповедањето на верата е тоа што го порази пеколот“, вели свети Амвросиј.
Нахранувањето на пет илјади луѓе
Другпат, пак, по нахранувањето на пет илјади луѓе, со жените и децата, со пет лебови и две риби, Христос сите ги отпуштил и сите ученици ги натерал да се качат во кораб, а Он отишол на гората за да се помоли (Матеј 14, 22–33). Таа вечер се појавила бура. Брановите биле силни и учениците ги опфатило голем страв. Тогаш Го виделе Христос како оди по брановите. Се преплашиле, помислиле дека гледаат привидение.
Додека морето беснеело, Он одел по морето како по суво, за кое Давид прорекол: „Твојот пат води кон морето, но Твоите патеки во многуте води и Твоите траги не ќе се познаваат“ (Псал. 76, 19), и: „Ти управуваш со силата морска и силните бранови негови Ти ги скротуваш“ (Псал. 88, 9). Гледајќи ја нивната ужаснетост, Господ им рекол: „Не плашете се, Јас сум!“ Петар, повторно, прв пред сите истапил, и побарал да оди по водата. Откако Христос му одговорил: „Дојди“, Петар излегол од бродот и тргнал по вода кон Христос. Но, кога го видел силниот ветер, се уплашил, почнал да тоне и извикал од страв: „Господи, избави ме!“ Христос ја испружил раката, го фатил и му рекол: „Маловернику, зошто се посомнева?“ И, кога влегле во чамецот, бурата веднаш се смирила.
За овој настан свети Јован Златоуст вели: „И, што прави во тој момент постојано пламениот Петар, кој секогаш ги претекнува другите ученици? ’Господи – вели тој – ако си Ти, дозволи да дојдам при Тебе по водата‘. Не рекол: помоли се и повикај помош од Бог, туку дозволи. Колкав жар, колкава вера – иако Петар, токму поради таа прекумерна ревност, често се изложува на опасности! Така и овде, тој бара премногу: впрочем, само од љубов, а не од фалење. Тој не рекол: заповедај да одам по брановите, туку што вели? ’Дозволи да дојдам при Тебе.‘ Никој не Го љубел толку многу Христос“.
Истото за него го вели и преподобен Јустин Ќелиски: „Имајќи топла љубов кон Господ, тој не сакал да Му се случи никакво зло. Затоа, кога Господ зборувал за Своите претстојни страдања, Петар се спротивставил на тоа, говорејќи од незнаење: ’Не дај Боже! Тоа нема да стане со Тебе, Господи!‘ Иако овие негови зборови не Му беа угодни на Господ, зашто Он и дошол со Своите страдања да го избави родот човечки од погибел, сепак, преку нив се обелоденила љубовта на Петар кон Господ, но и неговата простодушност, зашто слушнувајќи го страшниот укор од Господ: ’Бегај од Мене, сатано!‘ (Марко 8, 33), не Му се налутил на својот Господ, ниту си заминал од Него, туку со љубов го примил прекорот и со уште поголема усрдност Го следел (Матеј 16, 21–23)“.
Подготвувајќи ги за идните настани и Неговото напуштање, Христос им ја открил и тајната на Евхаристијата, односно причестувањето со Телото и Крвта Христови. По таа проповед, многумина од Неговите ученици Го напуштиле, затоа што тие зборови не можеле да се сместат во нивните срца. Тогаш Исус им рекол на дванаесеттемина апостоли: „Да не сакате и вие да си отидете?“ Но Петар, повторно прв, непоколебливо и со смирение, Му рекол: „Господи, при кого да отидеме? Ти имаш зборови за вечен живот, и ние поверувавме и познавме дека Ти си Христос, Синот на живиот Бог“ (Јован 6, 51; 67–69).
Преображението Христово
Кога се приближило времето на спасоносните страдања, Христос на останатите ученици им рекол: „Поседете тука додека отидам онаму да се помолам“ (Матеј 26, 36), а со Себе ги зел само Петар, Јаков и Јован, и се преобразил пред нив на Гората Тавор, покажувајќи им ја Својата божественост колку што можеле тие да примат.
Свети Јован Златоуст вели: „Зошто Христос ги зема со Себе само овие ученици? Затоа што тие ги надминувале другите: Петар – со силната љубов кон Христос, Јован – со посебната љубов на Христос кон него, а Јаков – со одговорот што го дал заедно со својот брат: можеме да ја испиеме чашата (Матеј 20, 22), и не само со одговорот, туку и со делата – со оние со кои ги оправдал своите зборови, како и со други дела. (…)
Замислете, овие мажи не ги уплашило ништо: ни смртта, ни неволјите, ни понижувањето, ни безбројните страданија. Сето тоа за нив било пострашно од морето што требало да го преминат Јудеите. И, уште повеќе, Христос ги убедил сето тоа да го занемарат и да одат со целосна сигурност, како по сув пат. Подготвувајќи ги за сето тоа, Он и ги поставил пред нив мажите кои се прославиле во Стариот Завет. И, што прави, во овој случај, пламениот Петар? Добро ни е да бидеме овде (Матеј 17, 4), вели тој. Бидејќи веќе слушнал дека Христос треба да оди во Ерусалим и да пострада, плашејќи се и треперејќи за Него, тој, по прекорот што претходно го добил од Христос, не смее да Му пристапи и да го повтори истото: Биди милостив кон Себе, Господи (Матеј 16, 22), туку од страв, истата таа мисла ја искажува со други, но сосема јасни зборови. Сега, кога ја гледа гората и осамената пустина, тој помислува дека самото тоа место нуди безбедност, и не само што се надевал на безбедноста на местото, туку и мисли дека Христос веќе нема да оди во Ерусалим. Петар сака Христос да остане овде засекогаш, затоа и ги спомнува шаторите. Ако, мислел тој, се подигнат шатори, нема да одиме во Ерусалим; а, ако не одиме во Ерусалим, Христос нема да умре, зашто таму, како што кажувал Он, ќе Го нападнат книжниците. Но, не осмелувајќи се да го каже тоа така, а сакајќи тоа да се случи, Петар, без каков бил страв, вели: Добро ни е да бидеме овде! Овде се Мојсеј и Илија; Илија – кој го симна огнот од небото на земјата, Мојсеј – кој влезе во мракот и зборуваше со Бог; и никој нема да знае дека сме овде.
Гледаш ли колку огнено Петар Го љуби Христос? Немој да помислиш дека тоа што му го предложил на Христос не било обмислено; замисли колку пламен бил тој и како горел од љубов кон Христос. А дека тоа Петар не го кажувал од страв за себе, се гледа од неговите зборови, кои тој ги кажува кога Христос ја претскажал Својата смрт и Своето заминување: Ако треба дури и да умрам со Тебе, нема да се одречам од Тебе (Марко 14, 31). Внимавајте како тој заради Христос се подложува на опасности, не бега во моментот кога толпа народ Го нападнува Христос, туку уште и го извлекува мечот и му го отсекува увото на слугата на првосвештеникот. Значи, тој не се грижел за себеси, туку треперел за својот Учител.
Понатаму, онака како што неговите зборови биле решителни, тој сега се премислува, за повторно да не си навлече прекор, па вели: Ако сакаш да направиме тука три сеници: една за Тебе, една за Мојсеј, една за Илија? Што зборуваш, Петре? Зарем ти предмалку не Го одделуваше Него од слугите, а сега повторно Го мешаш со слугите? Еве како учениците биле несовршени до пред самиот Крст! Иако Петар имал откровение од Отецот, тој не успевал да го задржи постојано, туку се збунувал од страв – не само поради ова за коешто зборувам, туку и од стравот што се родил во него од она што го видел. Затоа, другите евангелисти, зборувајќи за тоа и покажувајќи дека причината за збунетоста со која тој ги кажал овие зборови бил токму овој страв, велат: Марко – Не знаеше што да каже, оти беа многу уплашени (Марко 9, 6); а Лука, кажувајќи да направиме три сеници, додава: не знаејќи што зборува (Лука 9, 33). Притоа, покажувајќи дека, исто како Петар, и другите ученици биле совладани од голем страв, Лука за нив го вели следното: Беше ги совладал сон, но штом се разбудија, ја видоа славата Негова (Лука 9, 32). Под сон евангелистот подразбира големо оптоварување, кое тие го доживеале од она што го виделе. Како што преголем блесок ги заслепува очите така и тие биле вчудовидени од светлината што ја виделе. Таа светлина не се појавила ноќе, туку денски, а тие не можеле да гледаат во неа поради величествениот блесок.“
Кога ќе се обратиш, укрепи ги браќата свои!
Кога се приближило времето на страдањата, знаејќи дека ќе биде предаден и распнат, а тоа било пред еврејскиот празник Пасха, Христос ги собрал, за последен пат, да ја јадат заедно пасхата. Тогаш востановил Евхаристијата, новата Пасха, да ја прават во Негов спомен. Притоа, неочекувано му се обратил на Петар со зборовите: „Симоне, Симоне! Еве, сатаната посака да ве сее како пченица. Но, Јас се молев за тебе, да не намали твојата вера; а ти некогаш, кога ќе се обратиш, укрепи ги браќата свои!“ (Лука 22, 31–32). Со тоа сакал да му укаже дека однапред знае за тоа што ќе се случи, но и да не очајува, туку да се исправи и да не се откажува од патот Божји. Но, бидејќи пргав, надевајќи се на себе, Петар Му рекол на Спасителот: „Господи, готов сум да одам со Тебе и во затвор, и во смрт“. Исус му одговорил: „Ти велам, Петре, нема денес да пропее петел, дури трипати не откажеш оти Ме познаваш“ (Лука 22, 33–34). Тој повторно гордо Му одговорил: „Дури и сите да се соблазнат заради Тебе, јас никогаш нема да се соблазнам“ (Матеј 26, 31–35). „Ако треба дури и да умрам со Тебе, нема да се одречам од Тебе“ (Марко 14, 27–31).
Пред Неговото страдање, Спасителот отишол со Своите ученици во градината Гетсиманија. Со Себе ги зел тројцата апостоли: Петар, Јаков и Јован, и им рекол: „Душата Ми е смртно нажалена; останете тука и бидете будни!“ (Марко 14, 34). Се оддалечил малку, паднал со лицето на земја и се молел со солзи. Кога по молитвата се вратил при учениците Свои, ги нашол како спијат и му се обратил на Петар: „Симоне, спиеш ли? Не можеш ли еден час да бидеш буден? Бидете будни и молете се за да не паднете во искушение: духот е бодар, но телото е слабо“ (Марко 14, 37–38). Истата вечер се појавил Јуда со војници за да Го фатат Христос. Тогаш Петар, сакајќи да Го заштити Господ, скокнал прв пред сите, извадил нож и го удрил со него слугата на првосвештеникот, па му го пресекол едното уво. Господ го излекувал повредениот и му рекол на Петар: „Стави го ножот во ножницата! Зарем да не ја испијам чашата што ми ја дава Отецот?“ (Јован 18, 11), и Петар се повлекол.
Кога Го однеле Христос на суд, сите ученици се разбегале. Петар, не можејќи да истрпи и сакајќи да знае што се случува со Христос, заминал кај синедрионот, и од сите само Петар и Јован останале да Го следат оддалеку. Но, иако претходно исповедал дека никогаш нема да се откаже од Христос, кога дошол моментот на испит, го напуштила благодатта и Петар се исплашил. Во таква состојба тој трипати се откажал од Христос, одрекувајќи дека Го познава. Кога пропеал петел трипати, тој се сетил на зборовите Христови, се покајал, излегол надвор во дворот и горко заплакал (Матеј 26, 75). Неговото покајание било искрено и длабоко, и засекогаш останува како пример дека не треба да очајуваме како Јуда, туку да се каеме како Петар. Преданието вели дека до крајот на животот, секогаш кога ќе слушнал петел да пее, свети апостол Петар горко плачел.
Воскресението Христово
Одете, кажете им на учениците Негови и на Петар,
дека Он ќе отиде во Галилеја.
(Марко 16, 7)
Откако Го распнале Христос и Го погребале, преплашени, апостолите се затвориле и никаде не излегувале. Само храбрите жени мироносици постојано Го следеле и гледале каде Го полагаат. Уште рано наутро по саботата, жените мироносици дошле на гробот и не го нашле телото Негово. Тогаш им се јавил ангел, велејќи им дека Он воскреснал, а особено напомнал за Петар: „Одете, кажете им на учениците Негови и на Петар, дека Он ќе отиде во Галилеја“ (Марко 16, 7). Кога Петар слушнал од жените дека воскреснал Христос, тој буквално прв излетал и побрзал до гробот заедно со Јован. Кога дошле, го нашле гробот празен; само погребните повои стоеле таму.
Иако Бог допуштил апостол Петар трипати да се одрече од Господ, сепак, со своето горко покајание тој станал и се поправил, и се удостоил прв од сите апостоли да Го види Господ Христос по Воскресението Негово, како што вели светиот евангелист Лука: „Господ навистина воскреснал и му се јавил на Симон“ (Лука 24, 34). За тоа пишува и светиот апостол Павле, говорејќи: „Он беше погребан и на третиот ден воскресна, според Писмата, и му се јави на Кифа, и потоа на единаесетте“ (1 Кор. 15, 4–5). Гледајќи Го Господ, свети Петар се исполнил со неискажлива радост, и добил од Него милостиво простување на својот грев.
Симоне Јонин, Ме љубиш ли повеќе отколку овие?
Набргу по Христовото Воскресение, Петар и неколку други ученици ловеле риби во Тиверијатското Море. „А кога се раздени, застана Исус на брегот, само учениците не Го познаа дека е Исус“ (Јован 21, 4). „Тогаш Христос им рекол: ’Деца‘. Колку е исполнет со благост, грижа и сладост овој збор! Он не прашал бидејќи не знаел, туку за да отвори пат за чудото“, вели свети Григориј Палама. Тогаш Он им наредил да ја фрлат мрежата подлабоко и тие фатиле многу риби, и не можеле да ја извлечат мрежата. Тогаш Јован, „кој бил особено возљубен од Господ и Учителот на сите, и од сите бил најподготвен да Го познае Господ, најверојатно се сетил на чудото со рибите на Генисаретското Езеро“, продолжува Палама, Го познал и му рекол на Петар: „Господ е“. „Кога слушнал дека е Господ, Петар, кој од сите нив бил најревносен и најподготвен веднаш да дејствува, си ја препашал облеката – оти бил необлечен, и се фрлил во морето (Јован 21, 7). (…) Во својата ревност, Петар ги оставил сите, а другите ученици дошле со бродот, влечејќи ја мрежата полна со риби, за да Му ги подарат на Дарителот, за да можат да Му ги кажат светите зборови: ’Твое од Твоите‘.“[2] Тој ден Христос останал да јаде со Своите ученици и трипати го прашал Петар: „Симоне Јонин, ме љубиш ли повеќе отколку овие?“ (Јован 21, 15), на што тој одговарал дека Го љуби, а Господ трипати му ги доверувал на „пасење“ овците Негови (Јован 21, 15–17), зашто, како што вели пророкот, „сите ние бевме заблудени како овци“ (Иса. 53, 6).
Преподобен Гаврил Светогорец, Епископ Велички, пак, вели: „Бог сака барем некој да Го љуби приближно онолку колку Он што ги љуби луѓето. Господ Исус Христос, во Своето последно јавување на учениците, нели го праша трипати Својот верен ученик Петар: „Ме љубиш ли…?“ „Ме љубиш ли…?“ Преку него Бог се обраќаше кон сите луѓе. Тоа прашање би му го поставил на секого, но не сакаше да биде ожалостен поради тоа што луѓето не Го познаваат својот Создател. Се плашеше да не биде изневерен како и од самиот столб на верата во моментот на неговата човечка слабост. Затоа Исус сакаше барем тој потврден одговор на Петар да го понесе во Своето Небесно Царство и отиде уверен дека, сепак, е сакан. Таа љубов на Господа Му беше потребна за да може човештвото уште повеќе да го сака и поголеми дарови да му праќа“.
Прв проповедник на Евангелието
Ако Мене ме гонеа, и вас ќе ве гонат.
(Јован 15, 20)
На празникот на Педесетница, кога сите биле собрани заедно и биле еднодушни, Светиот Дух во вид на огнени јазици се спуштил врз сите присутни (Дела 2). Зашто, како што претскажал Бог преку Своите пророци: „И, ете, потоа ќе излеам од Мојот Дух врз секоја плот (Јоил 2, 28), и: „Мојата рака ја основа земјата, Мојата десница го распростре небото; ќе ги повикам – и тие ќе застанат заедно“ (Иса. 48, 13), присутните се исполниле со мудрост и духовна сила, па почнале да зборуваат на различни јазици. И во овој случај, Петар прв застанал пред сите и проповедал отворено за Христос. „А Петар им рече: ’Покајте се и секој од вас да се крсти во името на Исус Христос за простување на гревовите; и ќе примите дар од Светиот Дух. Зашто за вас е ветувањето, за вашите деца и за сите што се далеку, што ќе ги повика Господ, нашиот Бог‘“ (Дела 2, 38–39). Од неговиот говор се обратиле повеќе од три илјади души и поверувале во Христос. И, „сите беа постојани во учењето апостолско, во општувањето, во кршењето леб и во молитвите. И страв ја обзеде секоја душа, зашто многу чуда и знаци се вршеа преку апостолите“ (Дела 2, 42–43).
Светите апостоли Петар и Јован често оделе заедно, и во една прилика, кога сакале да влезат и да се помолат во храмот наречен Красна, здогледале еден човек фатен во нозете, кој не можел да оди, па седел пред храмот и просел. Тој мислел дека ќе добие пари од нив, но Петар му рекол: „Сребро и злато јас немам, а што имам, тоа ти давам – во името на Исус Христос Назареецот стани и оди!“ (Дела 3, 6). Тогаш фатениот станал и пошол по нив, а присутните многу се зачудиле. Откако свети апостол Петар им објаснил дека тоа што се случило е преку Господ Исус Христос и им одржал беседа за покајанието и спасението на душите, тие поверувале и се обратиле во Христос, а биле пет илјади души (Дела 3; 4, 4).
Дотогаш неговата активност била ограничена само во Ерусалим. Откако жителите на Самарија го прифатиле словото Божјо (околу 45 година), апостолите ги испратиле Петар и Јован кај нив за и тие да Го примат Светиот Дух. „А во градот имаше еден човек по име Симон, кој пред тоа правеше магии и со тоа го доведуваше во чудо народот на Самарија, велејќи за себе дека е тој голем човек. Него го слушаа сите, и мало и големо, и велеа: ’Тој е голема сила Божја‘“ (Дела 8, 9–10). Но, откако ги видел чудата на апостолите, тој се восхитил и поверувал. Кога чул дека Светиот Дух се дава со полагање раце на апостолите, им донел пари на апостолите и им рекол: „Дајте ми ја и мене таа власт, та над кого ќе ги положам рацете, да Го прими Духот Свет!“ Но, бидејќи Симон помислил дека овој дар се добива за пари, апостол Петар му рекол: „Среброто твое нека загине заедно со тебе, зашто помисли дека дарот Божји се добива за пари. Ти немаш дел, ниту учество во тој дар, бидејќи срцето твое не е право пред Бог. Туку покај се за оваа зла мисла и помоли Му се на Бог за да ти се прости помислата на срцето твое – ако е можно; бидејќи те гледам исполнет со горчлива жолчка и во окови од неправда“ (Дела 8, 20–23). Но, Симон одрекол и не сакал да се покае.
Потоа, Петар ги посетил и црквите во Јудеја и Галилеја. Кога дошле во Лида, најпрво го излекувал Енеј (Дела 9, 31–35), а потоа бил повикан во Јопија и таму свети апостол Петар ја воскреснал од мртвите младата девојка Тавита (Дела 9, 36–43).
Меѓутоа, како што рекол Христос: „Ако Мене ме гонеа, и вас ќе ве гонат“ (Јован 15, 20), Евреите, исполнети со завист, ги фатиле и ги ставиле во затвор. Но, бидејќи не нашле ништо за да ги мачат, ги пуштиле. И во друга прилика повторно ги затвориле, но ангел Господов дошол и ја отворил вратата, а тие незабележливо си заминале. Големи чуда правеле апостолите. Луѓето се туркале само за да се допрат до нив и да се исцелат. Дури и сенката на свети апостол Петар исцелувала (Дела 5, 15).
Бог ја отвора вратата и за незнабошците
По каменувањето на светиот првомаченик Стефан настанало гонење на Црквата, а свети апостол Петар заминал во Ќесарија Палестинска. Таму имал видение: го видел небото отворено и некаков сад да слегува кон него, во кој ги имало сите четвороножни животни, ѕверови, лазачи и птици небески (Дела 10, 1–8). И се чул глас кон него: „Петре, стани, заколи и јади!“ А Петар одлучно одговорил: „Никако, Господи, оти никогаш не сум јадел погано или нечисто“. И повторно се чул истиот глас: „Она што Бог го очистил, ти не го сметај за нечисто!“ Тоа се повторило трипати, а садот повторно се кренал кон небото. Додека траело тоа видение, некои луѓе, испратени од стотникот Корнилиј, затропале на вратата и го побарале за да дојде и да го исцели Корнилиј. Тогаш го сфатил значењето на видението – дека Бог ја отвора вратата на Црквата и за незнабошците, односно за сите. Затоа, без колебање отишол. Таму им зборувал за Христос како единствен Бог и Спасител, и додека сè уште проповедал, Светиот Дух слегол врз нив. Потоа ги крстил.
И повторно свети Петар прв ги отворил (поточно Бог преку него) вратите за светлината на Евангелието меѓу останатиот незнабожечки народ. Кога за овој настан разбрале другите апостоли, тие го укориле, затоа што дотогаш сметале дека најнапред Евангелието треба да се проповеда меѓу избраниот народ. Но, тој им раскажал за сè што се случило и на крајот додал: „Може ли некој да забрани да се крстат со вода оние кои Го примија Духот Свет како ние?“ И сите Го прославиле Бог (Дела 10, 7; 11, 1–18).
Апостолски патувања
Оние кои се меѓу вас свештеници, ги молам јас, кој сум и сам свештеник,
и сведок на Христовите страдања и соучесник во славата, што ќе се открие:
пасете го Божјото стадо, што го имате, надгледувајќи го не присилно,
туку драговолно и според Бог; не заради неправедна корист, туку од добро срце.
И не како да управувате со народот, туку давајќи му пример на стадото.
(1 Петар 5, 1–4)
Од Ќесарија свети Петар пропатувал долг пат: најпрво отишол во Сидон, каде исцелил многумина и им поставил епископ. Потоа заминал за Вирит, и таму поставил епископ. Оттаму отпатувал во Вивла, па во Трипол Финикиски, Ортосија, Антарда, потоа на островот Арадос, па во Валанеј, Понт и Лаодикија. Во Лаодикија исцелил многу болни, ги собрал верните, востановувајќи ја тамошната црква, и им поставил епископ. Од Лаодикија отпатувал за Антиохија, каде што се криел Симон Маѓесникот. Дознавајќи за доаѓањето на свети Петар, Симон побегнал во јудејските градови. Во Антиохија свети Петар исцелил многу болни и поставил епископи. Од Антиохија отпатувал за Тијана Кападокиска, а оттаму во Анкира Галатиска, каде што ја устроил црквата, многумина крстил и им поставил епископ.
Од Анкира заминал во Синоп Понтиски, а оттаму во Амасија. Потоа отпатувал за Гангар Пафлагониски, па во Клавдиопол Оноријатски, а оттаму во Никомидија Витиниска, па потоа во Никеја, и на крајот дошол во Ерусалим за празникот Пасха. Таму светиот апостол Павле го посетил и останал со него петнаесет дена. Од Ерусалим свети Петар повторно заминал за Антиохија, каде што го затекнал апостол Павле. Откако и таму поставил епископи, заминал за Македонија, каде што, исто така, поставил епископи: Олимп на Филипјаните, Јасон на Солуњаните, и Сила, ученикот на свети апостол Павле, на Коринтјаните. Оттаму отпловил за Сицилија, па за Тавроменија, и на крај допатувал во Рим.
Сите патишта водат кон Рим
Се случило најголемото чудо. „Ете, Јас ве праќам како овци меѓу волци“,
им вели Спасителот на Своите Апостоли.
И навистина се случило чудо – овците ги победиле сите волци.
– Преп. Јустин Ќелиски
Во Рим свети апостол Петар неуморно проповедал по плоштадите и домовите, и многу луѓе привлекол кон Христовата вера. Гледајќи го сето тоа, Симон Маѓесникот не можел да ја скрие својата злоба кон него, зашто сметал дека проповедта на апостолот го посрамува и со тоа се расипува неговата слава. Затоа, правел уште повеќе привиденија со кои го лажел народот.
Кога апостол Петар дознал дека Симон е во Рим, и дека се нарекува Христос и ги прелажува луѓето, се распалил со ревност за вистинскиот Бог и веднаш се упатил кон неговата куќа. Кога дошол таму, имало многу луѓе, кои му бранеле да влезе внатре. Свети апостол Петар ги прашал: „Зошто не ми давате да влезам кај гатачот-измамник?“ А тие му одговориле: „Тој не е гатач, туку моќен бог, кој на својата врата постави стража што ги знае помислите човечки“. Велејќи го тоа, тие покажале кон црното куче што лежело пред вратата и додале: „Овој пес ги умртвува сите што му смислуваат неправда на Симон“. Тогаш, свети апостол Петар му се приближил и му рекол на песот: „Оди и кажи му на Симон: Петар, апостолот Христов, сака да дојде кај тебе“. На зачуденост на сите присутни, песот го послушал, отишол и проговорил со човечки глас.
Симон го примил светиот апостол и почнал да прави „чуда“ пред сите, а светиот апостол со силата Христова покажал уште поголеми чуда. Во тоа време се случило на една вдовица од висок царски род да ѝ почине синот многу млад и таа неутешно плачела. Присутните што ја тешеле се сетиле на Симон и на Петар, кои мртви воскреснуваат, и едните го викнале Симон, а другите Петар. Дошле и двајцата. Свети апостол Петар му рекол на Симон: „Кој ќе го воскресне момчето, неговото учење ќе се прифати за вистинско“. На тоа се согласил Симон, но му рекол на народот: „Ако јас го воскреснам мртовецот, ќе го убиете ли Петар?“ „Жив ќе го спалиме пред тебе!“ – извикале тие.
Прв се обидел маѓесникот, кој успеал со помош на демоните да му ја помрдне малку главата, па сите почнале да го слават Симон. Меѓутоа, свети апостол Петар им рекол да не брзаат со пофалбите, затоа што тој не е воскреснат. „Ако момчето е навистина живо, тогаш нека стане, нека проговори и нека почне да оди.“ Повторно Симон уште долго се обидувал, повикувајќи ги демонските сили, но залудно. Тогаш свети Петар застанал пред сите и гласно се помолил: „Господи Исусе Христе, Ти ни заповеда со Твоето име да воскреснуваме мртви. Затоа, Те молам, оживи го овој млад човек за овие луѓе да познаат дека Ти си вистинскиот Бог, и дека нема друг освен Тебе, Кој живееш и царуваш со Отецот и Светиот Дух засекогаш. Амин“. Откако се помолил свети Петар, мртовецот станал, ги отворил очите и почнал да говори и да оди. Тогаш мртовецот паднал пред нозете на Петар и му рекол: „Јас видов како Господ Исус Христос им наредува на ангелите заради твоите молитви да ме вратат на мојата мајка“. И сите Го прославиле Бог што Петар Го проповедал, а Симон сакале да го убијат. Но, апостол Петар им забранил: „Господ наш и Учител не нареди да враќаме зло за зло; пуштете го, нека оди каде сака, доста му се срамот и понижувањето, и сознанието дека неговото маѓесништво е беспомошно и немоќно“.
Од срам Симон Маѓесникот цела година не се појавил во Рим, но најпосле успеал да се спријатели со царот Нерон, кој многу го засакал, па продолжил со своите лажни чуда. Еден ден, не можејќи во ништо да го победи апостол Петар, Симон ветил дека ќе се вознесе. Се искачил на една висока зграда и повикувајќи ги сите демони што му служеле, почнал да лебди во воздухот. Тогаш свети апостол Петар гласно Му се помолил на Христос, велејќи: „Господи Исусе Христе, Боже мој, обелодени ја измамата на овој маѓесник за да не се соблазнат луѓето што веруваат во Тебе!“ И, им наредил на демоните: „Вам, о демони, ви наредувам во името на мојот Бог: не носете го повеќе, туку оставете го таму каде што сега се наоѓа во воздухот!“ Во тој миг демоните, покорувајќи се на зборовите на апостолот, го оставиле Симон во воздухот, а тој паднал на земјата и се здробил. Наредниот ден Симон умрел, предавајќи ја својата душа во рацете на демоните, а народот ги славел Петар и Господ Исус Христос, вистинскиот Бог и Спасител, што Го проповедал Петар.
Кога разбрал Нерон за смртта на Симон, многу се налутил и ожесточил кон Петар, но својата зла намера, да го убие, ја извршил дури по неколку години. Свети Петар, пак, како неуморен работник и ревнител, не можел да остане мирен сè додека не се распространи Црквата Христова насекаде низ светот. Го поставил Лин за прв епископ на Рим, а набргу потоа заминал за Шпанија, потоа за Картагена, во Африка, па дошол во Египет. Доаѓајќи во Египет, поставил епископи: Руф го поставил за епископ на Тива, а на Александрија – евангелистот Марко. Потоа, по откровение, бил пренесен во Ерусалим заради успението на Пресвета Богородица, па повторно се вратил во Египет. Поминувајќи ја Африка, дошол во Рим, а оттаму во Медиолан, па во Фотикин, насекаде поставувајќи презвитери и епископи. Отпатувал и за Британија, каде што поживеал долго време, приведувајќи многу луѓе во верата Христова.
Domine, quo vadis?
Но близу е крајот на сè. Па бидете мудри и бодри во молитвите.
А пред сè, имајте постојана љубов меѓу себе,
оти „љубовта покрива многу гревови“.
(1 Петар 4, 7–8)
Во Британија му се јавил ангел Божји на свети Петар и му рекол: „Петре, се приближи времето на твоето заминување од овој свет. Затоа, потребно е да отидеш во Рим; таму ќе поднесеш крсна смрт и ќе добиеш праведна награда од Христос Господ“.
Свети Петар се задржал уште малку во Британија, утврдувајќи ја Црквата Божја; им поставил свештеници и епископи, и во дванаесеттата година од владеењето на Нерон се вратил во Рим. И таму не мирувал и не престанал неуморно да проповеда и да го поучува народот за Христос. Неговата проповед допрела и до двете омилени наложнички на Нерон, и тие поверувале и се крстиле. Откако се очистиле и го примиле дарот на Светиот Дух, тие решиле да живеат целомудрено, но тоа го разјарило Нерон, кој сакал да му се освети на свети Петар и да го убие.
Тој бил подготвен и сакал да пострада, но верните го убедувале и го молеле заради нив и потребите на Црквата да замине од Рим и да се скрие. Светиот апостол никако не се согласувал, но најпосле, по долги убедувања, се согласил и по соборните молитви се упатил надвор од градот. Но, во ноќта кога излегувал од градот, пред градската капија, свети Петар Го здогледал Господ Христос како оди кон градот, па поклонувајќи Му се, Го прашал: „Господи, каде одиш?“ (Domine, quo vadis?) Спасителот му одговорил: „Одам во Рим за да бидам повторно распнат!“
Поразен, апостол Петар сфатил дека неговото бегство од Рим не Му е угодно на Господ, па се вратил и бил затворен, заедно со Климент, Иродион, Олимп и многу други верни, кои биле осудени на смрт со обезглавување, а свети апостол Петар бил осуден на распнување. Свети Климент, како роднина на царот, бил ослободен, а другите пострадале за Христос. На 29 јуни/12 јули 67 година светиот апостол Петар бил распнат на крст. Но, тој ги молел распнувачите да го распнат со главата надолу, сметајќи се себеси за недостоен да пострада со истата смрт како и Спасителот, и сакал пред нозете Негови да ја преклони својата глава.
Така завршил великиот апостол Господов свети Петар, прославувајќи Го Бог со крсна смрт: трпејќи огромни болки од клинците во рацете и нозете, тој ја предал својата непорочна душа во рацете Божји. Неговиот ученик свети Климент, Епископ Римски, го погребал неговото свето тело, а верните често доаѓале да се молат на неговиот гроб, поради што на тоа место подоцна бил изграден прекрасен храм во чест на свети апостол Петар.
Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија
[1] Еден од Седумдесеттемина апостоли. Брат на свети апостол Варнава и следбеник на свети апостол Павле. Бил поставен за Епископ Британски од свети апостол Павле. Ги просветил тамошните народи, ги крстил во името на Господ Христос, изградил цркви, поставил свештеници и ѓакони, и најпосле мирно се упокоил во Господ.
[2] Saint Gregory Palamas, The Homilies, Mount Thabor Publishing, PA, 2014, стр. 186–187.