Светител на светиите
Тропар св. Гаврил еп. Велички
Имајки ја светската слава си го оставил светот
И на пат(от) кон Света Гора игуменски благослов од Богомајката си добил.
Со пост, бденија и молива си го запазил целомудрието, Богобојажлив Гавриле.
Моли го сега Христа нашиот Бог да го умножи монаштвото,
да Ја запази Црквата наша и светот да го спаси.
Преподобен Гаврил Велички
СВЕТИТЕЛ НА СВЕТИИТЕ
Чудни луѓе се монасите. Попрво, тие не се обични земни луѓе, туку надземни,
кои светлината на својата душа смерно ја кријат под темното одејание. (…)
Од Бога се вооружени со сила да им се спротивставуваат на вековите и милениумите. (…)
За нив, кои излегле од времето и зачекориле во вечноста, времето од 2000 години е
како еден ден, а за еден ден колку може човек да се смени?
– преподобен Гаврил Велички
За светата личност за која се дрзнувам да пишувам, не сум достоен ниту да помислам, а јас дури и неговото име го носам и го сквернам. Го молам светителот да ми прости, но и да ме благослови и да ми ја просветли мислата успешно да го завршам пишувањето на ова негово кратко житие како еден мој најмал дар и благодарност кон него.
Потекнуваме од ист град, па дури и од исто маало, а јас, за жал, не го паметам. Знам дека кога се воцрковив и кога почнав редовно да одам на црква, да читам духовна литература, да постам и да се молам, ме споредуваа со некој си Мијалче, а воопшто не знаев дека тој Мијалче, всушност, е отец Гаврил Светогорецот и дека еден ден ќе се удостојам од Господ да бидам наследник на неговото име (дај Боже и на начинот на неговиот свет живот, ама далеку сум јас од тоа).
За него имам слушано уште од моите родители и првите соседи што го познаваа. Ми раскажуваа дека една година кога дошол во својата родна куќа, ја забележал нашата детска љубопитност и нѐ викнал кај него дома заедно со другарчето, ни дал бонбончиња и ни зборувал. Така неколку дена, а потоа заминал и не се вратил повеќе. На моја радост или жал, тоа е мојата единствена средба со овој свет човек, кој ни бил блиску, а толку далеку.
Во светот
Мијалче (подоцна Епископ Велички Гаврил) потекнува од стара позната занаетчиска штипска фамилија кујунџии. Pоден е во 1926 година, во Штип, од православни родители Методиј (подоцна монахКирил) и Горица Парнаџиеви. Татко му бил особено побожен човек. Тој имал ваков обичај: секоја ноќ, иако изморен од дневната работа, а и со влошено здравје, да се моли по два часа стоејќи. А кога не можел, поради замор или болест, тогаш наредниот ден на молитва стоел по четири часа. На ваков начин тој го скротувал своето тело, притоа давајќи му на својот син вистински пример за благочестив православен живот.
Основно образование, а потоа и гимназија завршил во родниот град. Уште како млад се одликувал со посебна кротост и послушност. Отсекогаш бил мирен и повлечен, но истовремено и напреден и современ. Во Штип тој го имал првото популарно фиќо. Од 1944 година бил учесник во НОВ. Во својата единица бил на должност писар, како строго доверливо лице. Поради големата ревност во службата и примерното однесување бил предложен и за прием во КПЈ, но поради тоа што „одел во црква”, изостанало примањето во членство. Се стекнал со чин водник и бил одликуван со орден „Заслуги за народот“.
По демобилизацијата се запишал на Факултетот за ликовни уметности во Белград. По дипломирањето, во 1955 година, работел како професор по уметност и историја на уметноста во Гимназијата и Учителската школа во Штип. Според оценката на ревизорот, познатиот уметник Борко Лазевски, тој бил „еден од најспособните педагози во Македонија“. Покрај работата во училиштето како професор, Мијалче, заедно со неговиот татко Методиј, работел и како скулптор. Нивните прекрасни експонати се наоѓаат низ парковите во Штип и околината, но и на други места.
Неговите ученици со радост раскажуваат и го опишуваат како високо морална личност. Уште тогаш отец Гаврил е забележан со брада и со многу тивок пристап кон секого. „Сѐ што ни предаваше како професор сакаше сите да го знаеме. Тоа што сакаше да го слушне од нас ни го пишуваше посебно на лист хартија и секому посебно му го даваше, само да го разбереме и запаметиме. Во пролетните деновиние учениците се договаравме да одржуваме час во природа. Настојувавме постојано да одиме. Тој никогаш не нѐ одбиваше. Секогаш настојуваше да бидеме надвор, да не седиме само во училницата, бидејќи надвор имаше што да се види, нацрта и научи“.
Во 1960 година се преселил во Скопје и таму доста успешно работел како самостоен уметник. За време на траењето на студиите и педагошката активност, двапати престојувал во странство. Најпрво како студент во втора година бил на научен престој во Париз, а потоа (1959 г.), со група просветни работници бил на светска уметничка изложба во Брисел. Познатиот штипски уметник, Тодор Максимов, за делата на Мијалче Парнаџиев ќе рече дека се вистински ремек-дела. Често Максимов го посетувал отец Гаврил и во Лесновскиот манастир. Но тогаш отец Гаврил повеќе не покажувал никаков интерес за вајарството и за уметноста воопшто, туку целосно се имал предадено на монашкиот живот.
Додека бил во светот, имал навика секојдневно да присуствува на богослужбите во соборната црква Свети Никола во Штип. Неговиот живот во сѐ бил монашки и пред да се замонаши. Во својот дом постојано пребивал во својата соба читајќи, молејќи се и живеејќи за Бог. А кога во неговиот дом доаѓале гости, тој културно и од учтивост се поздравувал со нив и повторно се повлекувал во својата соба. Девственоста ја сметал за голема светиња.
Во тоа време на најстрог атеизам со организиран прогон на Црквата, тој не се откажал од Бог. Дури и своите ученици ги поучувал во верата. За Велигден редовно им делел по едно црвено велигденско јајце и им велел: „Деца, изедете ги јајцата, згмечете ја лушпата и расфрлете ја по градот за да видат сите дека Христос воскресна!“
На Света Гора
Бескрајна е Божјата љубов и благост кон луѓето.
Он нас нѐ љуби силно, бидејќи сме Негов род. Иако ние секој час се откажуваме од Бога,
Он лесно не се одрекува од нас. Но, сепак, помило Му е кога луѓето нарочно Му се обраќаат. (…) Човекот треба да се одвои од светот и да тргне да Го бара Господа.
Дури во тишината на осаменоста Бог се впушта во дијалог со човекот.
Во вистински, пријателски и доверлив разговор –
лице во лице, очи во очи, срце кон срце!
– преподобен Гаврил Велички
Вo 1963 година го оставил светот и светската служба и заминал со сиот свој живот да Му служи единствено на Бог. Заминал на Света Гора Атонска. За неговиот престој таму директно добил благослов од игуманијата на Света Гора – Пресвета Богородица. Се раскажува дека кога стигнал во монашката држава, дошол на брегот на Белото море и сакал да се измие. Тогаш здогледал една Жена, Која умилно го гледала. По некое време, Жената како што дошла така и заминала. Размислил и заклучил дека тоа била Пресвета Богородица, бидејќи пристапот на жени на Света Гора е строго забранет. Тоа го охрабрило во неговиот понатамошен подвиг.
На Света Гора му рекле дека може да остане во српскиот манастир Хиландар, кој ужива статус на автономна српска територија под закрила на Света Гора. Се споменуваат две случки, кога во две различни прилики сакале да го протераат од Света Гора. Во едниот случај влегол во една пештера, кадешто еден пајак исплел толку голема пајажина што гонителите не го виделе, а во другиот случај, пак, го заштитиле змии.
Ги посетил сите манастири на Света Гора, а најмногу се задржал во рускиот скит „Камена“. Таму се подвизувал во една пештера како послушник на 84-годишниот руски монах, отец Татјан Иванов,кој тешко се разболел, па отец Гаврил морал да го однесе во матичниот манастир Свети Пантелејмон. Таму, во манастирската болница, по околу два месеца, отец Татјан се упокоил во Господ, а скитот го наследил монахот Гаврил.
На Литургија и Причест најчесто одел во манастирите Хиландар и Свети Павле, каде што поради неговиот исклучителен тивок карактер го добил називот „Невидливиот“, затоа што ниту го гледале кога доаѓа, ниту кога си заминува; единствено можеле да го видат кога пристапувал да се причести со светите и спасоносни животворни Тајни Христови. Бил замонашен во грчкиот манастир Свети апостол Павле со монашко име Гаврил, по големиот небесен војсководец и архистратиг Гаврил.
Целото време додека престојувал на Света Гора избегнувал контакти со луѓе. Сметал дека зближувањето со Бог најдобро може да се оствари преку оддалечување од луѓето. Меѓутоа, неговиот престој таму не траел долго. Неговото барање да му се даде грчко државјанство, услов за останување засекогаш на Света Гора, не му било одобрено, па затоа морал да се врати во својата родна земја.
Во својата родна земја
Деноноќието да има и трипати по 24 часа,
монахот ни тогаш не би можел да најде време за световна разонода.
Тој за молитвата жртвува сѐ, а молитвата не ја жртвува за ништо.
– Преподобен Гаврил Велички
Kога се вратил од Света Гора, бил многу слаб и со стара излитена мантија. За отец Гаврил слободно можеме да речеме дека е еден од најголемите подвижници на денешнината. Никогаш не му давал одмор на телото свое. Имено, тој речиси никогаш не спиел, а и кога спиел, секогаш лежел на земја или на тврда рогозина. Имал едно ќебе, рачно извезено со крстови. На својата надворешност воопшто не обрнувал внимание. Не се капел, а и алиштата речиси не ги перел, освен ако заврнело дожд, па тогаш дождовницата ја користел за перење. Но и покрај тоа, никогаш не испуштал непријатна мирис, туку напротив, благоухание на темјан и босилок се ширело од него, а на луѓето им било мило да стојат покрај него.
Кога ќе фател некоја болва, не ја убивал. Ја пуштал во природата и само ќе речел: „Сѐ што дишенека Го фали Господа“, иако целото негово тело било изнарането од убодите на болви. Држел најстрог пост. Никогаш не јадел јадења со масло, а јадел само по една просфора во седмицата. Во празничните денови, од послушание кон црковните правила, само го топнувал прстот во кандилото и го оближувал. Покрај тоа, за да биде неговиот подвиг уште поголем, а и како што самиот кажувал, за „постојано да се потсетува на Господ и да Му благодари“, на панталоните, на монашкиот појас, кој постојано го носел, и на чевлите одоздола си зашил ситни камчиња. За овој негов подвиг се дознало дури по неговото упокојување. Никогаш не користел греење и сијалица.
Иако многу строго постел и бил многу слаб, поседувал голема виталност и енергија. Никако не сакал да се вози во автомобил, па затоа најчесто одел пеш. Одел многу брзо. Одел пеш од манастирот до Пробиштип, Злетово, па и до Штип, кој е оддалечен од Лесново околу четириесетина километри. Се зборува дека ангели му помагале полесно да ги совладува овие далечини. Така, во еден случај, еден свештеник од Струмица го пресретнал долу во Злетово и му понудил да влезе во колата за да не се мачи да се качува пеш. Отец Гаврил одбил и заминал пеш преку гората. Кога свештеникот пристигнал во манастирот, се вчудовидел кога го видел отец Гаврил како стои пред портите и го пречекува.
Редовно ги служел сите богослужби во манастирот. Непрестајно се трудел во подвигот на умно-срдечната молитва. Тишината и самотијата биле негови постојани сотрудници, затоа и често ги користел двете ближни пештери. А има и една чудесна случка од Света Гора.
Близу до пештерата каде што се подвизувал имало една полјана. Еден ден, на полјаната си играле коњи, кои биле гласни и му пречеле во молитвата. Не издржал, па излегол и ги изгонил. Но кога се вратил, во ќелијата здогледал змија. Си рекол: „Така ти е, Гавриле. Ти пречеа коњите, сега Господ ти испрати змија. Не ја гони и ќе живееш со неа“. Така и направил. (Јас мислам дека Оваа случка е од света гора)
Искушенија
Бидејќи живеел во време на антитеизам, често бил изложуван на искушенија од световните луѓе кои не ја почитувале светоста на Православната вера и манастирот. Така, еднаш една просветна работничка сакала да организира световен концерт во манастирот, на што отец Гаврил не се согласувал. Но, поради нејзината упорност и настојчиви молби, тој се повлекол и отишол на молитва. Само што се наместила бината и почнала приредбата, се излеал обилен дожд и сите се распрснале. И уште многу други слични примери.
Манастирот во Лесново во текот на времето станал кошница за сиот боготрагателски народ во тоа време. Притекнувале луѓе од сите краишта на државата, па и од странство, од најразличен профил и професија. Отец Гаврил станал возљубен духовен отец на многумина кои Го барале Бог. Го обновил и разрушениот стар конак во манастирот и ја подигнал црквата Успение на Пресвета Богородица во Пробиштип, која е и прва и единствена црква во градот. Најголема желба му била да ги види реновирани конаците, за што и самиот се залагал. Тогаш почнала обновата на конаците, за што отец Гаврил видно раскажувал и се радувал.
Целосно бил посветен на работата за обнова на конаците. Бидејќи било атеистичко време, некои знаеле и да го потценуваат и да се подбиваат со отецот, па му ги попречувале работите. Поради тоа, често морал лично да оди во Малешевијата и да приговара, а морал и таму да преноќува. Во еден таков случај, било зима и било доста ладно. Дошол во фабриката, ама немало никој. Имало фудбалски натпревар и сите работници биле во просторијата со телевизорот. Бидејќи не го интересирало тоа, морал да ги почека во работилницата. Било доста студено. Одеднаш, само од себе се запалила печката, толку силно што кога се вратиле работниците, го пофалиле дека се сетил да го запали за да им биде топло, но тој знаел дека огнот не е од него, туку дека Господ му го дал како утеха.
Кога почнал со работа околу манастирот, немал пари. Но Самиот Господ ги праќал луѓето да донираат и да помагат, па дури и чуда правел за да му помогне. Се зборува дека иако постојано трошел пари за материјали, неговото конто во банката не се намалувало. На кој начин, само Господ знаел.
Вратите на неговиот манастир биле ширум отворени за секој добронамерен посетител. Задолжително било секој посетител редовно да ги посетува богослужбите и да добие послушание во манастирот. Посебно бил строг за присуствување на богослужбите. Исто така, и секому му давал можност активно да учествува во нив. Имало и такви случаеви кога сите клучеви и одговорности за манастирот му ги доверувал и на некој што првпат го гледал. Таквата негова отвореност во тие лица будела пресврт во нивниот живот, па во нив се разгорувала верата во Бог и човекот.
Покрај сите свои подвизи и одговорности, меѓу првите дипломирал на Богословскиот факултет во Скопје. Напишал и книги и издал есеи во повеќе црковни весници. Покрај уметничките рецензии, автор е и на збирките поезија „33 Песни за Ерусалим“ (1975), „Света Гора – Небесна Земја“ (1978), „Пред најголемиот јубилеј на човекот“ (1980), „2000-годишнината на Христијанството е на прагот“(1981), „Правила и одредби на Православната Црква за постот“ (1994) и „Отец Херувим“ (1998) – и двете објавени постхумно.
Во својата пастирска и духовничка дејност имал зацртано три цели:
– обнова на Лесновскиот манастир;
– обнова на монаштвото;
– свештено прославување на јубилејот 2000 години од христијанството.
Имал воспоставено односи со многу значајни личности од светот, меѓу кои и британската и шведската кралица. Имал лични контакти и со тогашниот американски претседател Роналд Реган, британскиот дипломат Маргарет Тачер и многу други. Неговата преподобност била почитувана и надвор од нашата Црква. За тоа сведочат многумина, а посебно впечатливо е сведоштвото на блаженоупокоениот Патријарх Српски Павле, кога од просториите на Патријаршијата во Белград го здогледал отец Гаврил, па ги извикал сите да дојдат до прозорецот, со зборовите: „Дојдете да видите светител како оди на земјата!“
Пред да дојде на Света Гора, Српската Православна Црква сакала да го направи нејзин владика, а бил многу близок и со отец Емилијан Симонопетриски, кој во тоа време бил игумен на Метеорите. Тој сакал да го задржи отец Гаврил како игумен на еден од тамошните манастири, а подоцна го барале за игумен и на скитот Свети Харитон Исповедник во Ерусалим.
Благодатни дарови
Од Бог добил дар на проѕорливост и чудотворство. На многумина што доаѓале во манастирот, а првпат ги гледал, им ги знаел имињата, па дури и потеклото, како што бил случајот со една посетителка која имала царско потекло, но сакала да остане анонимна. Отец Гаврил преку дарот на проѕорливоста го воочил тоа и ѝ направил чест како на кнегиња. Потоа, едно момче раскажувало дека во својата младост се соочувал со прашања кои никако не можел да си ги одговори, па дошол кај отец Гаврил за духовен совет. Отецот, свртен со грб, не го ни погледнал, му ги кажал прашањата и одговорите. Овој бил толку вчудовиден што дури и по неколкупати ги проверувал прашањата, кои лично самиот ги имал напишано на хартија. Има многубројни сведоштва за светоста на неговиот живот и неговата жед за Бог. Еднаш еден човек, кој многу добро го познавал, ми кажа: „Не сум видел човек кој толку многу Го сакаше Бог“.
Кога во 1971 година се вратил од Света Гора, барајќи мир за да може постојано да Му се моли на Бог, променил неколку манастири: Пресвета Богородица – Матка, Пресвета Богородица – Побожје, СветиДимитриј – Марков Манастир, Свето Преображение – Зрзе, за во 1975 година трајно да се насели во манастирот Свети Гаврил Лесновски во Лесново – Брегалничка епархија, тогашна Злетовско-струмичка, каде често знаел и со денови да се повлече од манастирот и да се насели во двете ближни пештери, каде што се подвизувал и неговиот истоименик свети Гаврил Лесновски.
Во манастирот на Матка, во неговиот испоснички подвиг му се придружил и неговиот татко, кој при монашкиот потстриг го добил името Кирил. Така, родителот станал ученик на својот роден син, а, пак, синот, како искусен духовен отец, смирено го раководел својот татко. И неговиот татко бил ревносен монах и силен молитвеник. Еднаш отец Кирил се молел во храмот за луѓето кои, прелажени од ѓаволот, доаѓале преку ден испратени од бајачи и гледачи. Отец Кирил со солзи во очите се молел за нив, за Бог да им го прости гревот: „Господи, прости им на сите што денес згрешија. Не знаат. Од простота и од незнаење одат таму и ги лажат. Прости им, Господи“. Тој се помолил за сите, и толку ѝ била угодна молитвата на Пресветата Владичица наша, упатена од овој праведник, што одеднаш од Нејзиниот пречист образ излегла голема светлина и целиот манастир внатре заблескал. Од иконата на Мајката Божја како да излегувал пламен. И тогаш отец Кирил паднал на колена и почнал да плаче како дете и да се радува. Потоа станал и уште еднаш, и уште еднаш, таа светлина засветлила трипати.
Исто така, додека биле во манастирот на Матка, им се случило следното искушение. Рано наутро, околу два часот по полноќ, според светогорскиот обичај, отец Гаврил и отец Кирил служеле Божја служба во храмот. Штом излегле од храмот по молитвениот труд, дошла полиција со цел да ги протера од манастирот. Отец Гаврил стоел со бројаницата додека полицајците настојувале да го напуштат манастирот. „Излегувајте од манастирот, бргу соберете си ги работите и да ве нема“, биле нивните зборови. А отец Кирил на тоа рекол: „Добро, манастирот е за монасите, како вие нè протерувате, па ние го чуваме манастирот…“ „Ма, да не ве гледаме, излегувајте!“ И едниот полицаец го подбутнал отец Кирил, а тој паднал на земјата и просолзил. Отец Гаврил само молчел и со наведната глава се молел. „Утре повторно ќе дојдеме и да не ве најдеме тука“, порачале полицајците и си заминале.
Меѓутоа, ноќта толку многу наврнало снег, што целиот град Скопје бил блокиран и никој не одел на работа, ни децата не отишле на училиште, туку сите го чистеле снегот по улиците. А отец Кирил му рекол на отец Гаврил: „Гавриле, гледаш ли, мојата солза не падна напразно. Ајде сега нека дојдат да нè прогонат“. Но, гледајќи ја Божјата промисла во сѐ, тие го напуштиле манастирот и водени од Божјата грижа и заштита, се населиле во манастирот Свети Гаврил Лесновски, многу славен манастир, изграден од преподобниот Гаврил во 11 век.
Отец Гаврил секогаш избегнувал метеж и непријатности. Во една друга прилика, во неговиот манастир дошла една група војници. Тогаш тој се заклучил во својата ќелија и цела недела додека тие биле таму не излегол, пребивајќи во тишината на непрестајната умно-срдечна Исусова молитва. Тие се чуделе каде е „стариот“ и што се случува со него, бидејќи цела недела не излегол од ќелијата, па дури и му тропале да проверат дали е жив.
Имал голема љубов кон верниот народ. Често ги собирал луѓето за големите празници и им држел сеноќни бденија. Бил строг кон себе, а благ кон другите. Сите ги поучувал на кротост, љубов, долготрпеливост, самопожртвуваност, ревност за Бог, вера, молитва. Ги поучувал какви треба да бидат како христијани во општеството за достоинствено да Го сведочат Христос преку своите однесување, облекување, говор и дела. Младите ги поттикнувал да учат и да завршат што повисоки школи. Родителите ги поучувал да ги воспитуваат децата во православен дух, а Старите што повеќе да одат на црква и со себе да ги носат и внуците. Дејствувал според зборовите на свети апостол Павле: „За сите станав сè, та по каков и да било начин да спасам некого“ (1. Кор. 9, 22).
Чуда
Отец Гаврил се удостоил уште за време на овој живот да биде носител на благодатта на Светиот Дух и сведок Божји. Покрај многуте дарови што ги поседувал, Себлагиот Бог му го дал и дарот на чудотворство и исцеление преку молитвата. Има многубројни примери за чудотворноста на неговата молитва. Ќе споменеме само некои од нив.
Внукот на едно негово духовно чедо бил многу болен и требало да замине на тешка операција, за која докторите не гарантирале дека ќе остане жив. Во тие тешки моменти на тага, духовното чедо заборавило на својот духовен отец, но пред самиот ден на операцијата, во крајно бунило, добила просветлувачка помисла да отиде кај дедо Гаврил (како што многумина го нарекувале) и веднаш тргнала. Пред портите ја дочекал отец Гаврил со зборовите: „Оди си дома, твојот внук е здрав“. И кога се вратила дома, ѝ кажале за чудесното исцеление на нејзиниот внук, на што многу се чуделе и самите лекари.
Исто така, едно дете сѐ уште е жив сведок дека по молитвите на отец Гаврил неговиот јазик се ослободил и тој почнал да зборува. Тоа дете, по име Ѓорѓи, од едно струмичко село, не можело да зборува, па неговите родители честопати го носеле кај отец Гаврил за да се помоли за него. Еднаш, кога го однеле кај него за време на Вечерната служба, тој го однел детето во храмот и му прочитал молитви. Наредниот ден отец Гаврил служел Света Литургија и цело време се молел за детето. Откако се причестило и откако завршила Литургијата, детето ги подигнало рацете нагоре и рекло: „Мамо!“ Сите присутни во храмот се израдувале и зачудиле, и Му оддале слава на Бог, Кој прави чуда преку Своите служители.
Во манастирот се наоѓа и една чудотворна икона на Пресвета Богородица. Поточна, тоа е фреската на задниот јужен столб во црквата. Пред неа се молел за еден свој близок кој многу пиел. Ја молел Пресветата да му даде знак дека му ги простува гревовите. Одеднаш се појавил пламен од фреската, чии траги и денес се видливи.
Преподобниот бил многу милостив и човекољубив кон ближните. Еднаш, дошло некое семејство со трчање и во паника, бидејќи некоја кола го удрила нивниот син. Тогаш отец Гаврил влегол во храмот, веднаш започнал да се моли и подолго време не излегол. Кога излегол, им рекол: „Одете, детето ќе биде дома здраво и живо. Ама тоа е, сте работеле во недела. Внимавајте на неделата и богослужбата. Работевте ли денес?“ Тогаш тие му одговориле: „Работевме, работевме…“ „Е па, другпат нема да работите во недела“ – им одговорил отецот.
Потоа, долго време немало дожд во Лесново, па селаните дошле да го замолат отец Гаврил да Му се помоли на Бог за да им испрати дожд. „Дојдете, ајде, сите да се молиме на Бог…“, им рекол, и среде молитва, за чудо и радост на сите, започнало да врне дожд. Селаните започнале да му благодарат за молитвите, а отец Гаврил скромно им се обратил со зборовите: „Никогаш не си ги препишувајте чудата на себе… Не сум тоа јас… Манастирот е чудотворен и свет, а и тие што доаѓаат добиваат исцеление!”(Вакви случаеви да се моли за дожд и неговата молитва да биде услишана имало повеќе.)
Хиротонија
Во 1981 година, на 28-ми август, на празникот на Успение на Пресвета Богородица, од Синодот на Македонската Православна Црква бил унапреден во архимандрит, а во 1989 година, повторно на празникот на Успение на Пресвета Богородица, е хиротонисан за епископ со титула Велички. Иако отсекогаш копнеел и прибегнувал кон тихување, сепак, од послушание прифатил да биде хиротонисан за епископ. За време на неговата хиротонија, неговите солзи сами течеле, а тоа ги повлекло и солзите на сите присутни во Црквата. Благодатта на Светиот Дух го исполнувала целиот храм. Солзите се лееле од неговите очи. Солзи поттикнати од длабоко смирение дека не е достоен да го носи тој возвишен чин, но и благодарност за Божјата неизмерна љубов и милост. Меѓутоа, тоа биле и еден друг вид солзи. Тој знаел дека наскоро ќе ги напушти сите оние што заради него дошле да се радуваат.
На денот на самата хиротонија, по Литургијата, додека другите се подготвувале да го овековечат овој свет настан со заедничка фотографија, отец Гаврил се задржал во храмот и половина час не можел да ги собере солзите. На малкумината што останале со него им рекол: „Вие ми дојдовте на погребение“, на што тие го укориле и му рекле дека денес е ден радосен за сите и дека не треба да зборува така. „Не, не, вие денес ми дојдовте на погребение“, биле зборовите на отец Гаврил. Си ја предвидел својата блиска смрт и самиот си отслужил четириесет заупокоени Литургии. Раскажувал дека на тие негови последни Литургии му пееле ангели.
Во деновите пред да се упокои почнал самиот да си го подготвува погребот, правел подготовки во манастирот и купувал сѐ што било потребно за погребението. Бидејќи било општопознато дека бил многу штедлив човек, луѓето се чуделе кога виделе како носи вреќи со грав во манастирот, дека расчистува и „троши пари“. Но тој никому ништо не му кажувал. Само оставил едно ливче на кое пишувало: „Јадењето направете го без масло“. Дури и гробот сам си го направил. Тоа била една обична рамна плоча и обичен, од камен исклесан крст, многу поскромен од гробот на татко му, чиј гроб, исто така, самиот го направил.
На 12-ти јануари 1990 година, со Евангелието, кое постојано го читал, и со крстот на гради, а во раката – бројаница, мирно Му ја предал својата душа на Бог. На неговиот погреб присуствувале неколку владици и многубројно свештенство. Бил погребан зад олтарниот дел на манастирот, покрај својот телесен татко и духовен син, отец Кирил.
Во вечноста
Се упокоил, но не ги оставил своите духовни чеда. По неговото заминување во Горниот Ерусалим на многумина им се јавил во сон, а на едно негово духовно чедо, на кое нагло почнал да му слабее видот, му се јавил на сон, го излекувал и го упатил кон црквичето Вознесение Христово во Штип. Во домот на едно негово духовно чедо, од неговата фотографија што тој ѝ ја имал дадено додека бил жив, почнало да тече свето миро. А и до ден-денес се случуваат чудеса на неговиот гроб, од каде се чувствува и благоухание во воздухот, а селаните кажуваат дека по неговото упокојување во Господ, на неговиот гроб гледале светлина во вид на огнен столб.
Неговиот подвижнички и многустрадален живот, чистотата на верата, како и многубројните чудеса за време на животот, но и по смртта, се сигурен показател дека тој е примен во населбите на светителите, и таму, пред престолот Божји се моли за верниот народ, како и за сите кои со вера го повикуваат. Во новите храмови речиси насекаде се живописа неговиот свет лик, се сликаат икони, се запишуваат неговите чудеса – останува уште да се издаде негово официјално житие, служба, акатист, да се одреди ден за негово празнување (најверојатно денот на неговото упокојување, 12-ти јануари) и да се извадат неговите свети мошти од гробот во Лесновскиот манастир – сето тоа како подготовка за неговото официјално канонизирање кое е во план да се случи наредната година, односно признавање на неговата светост, и вбројување во диптихот на светиите.
По молитвите на нашиот свет отец Гаврил Светогорец, епископ Велички, Господи Исусе Христе, помилуј нѐ! Амин.
Тропар, гл. 8
Имајќи ја светската слава, си го оставил светот
и на пат кон Света Гора игуменски благослов од Богомајката си добил.
Со пост, бденија и молитва си го запазил целомудрието, богобојазлив Гавриле.
Моли Го сега Христа нашиот Бог, да го умножи монаштвото,
да ја запази Црквата наша и
светот да го спаси.
подготви: игумен Гаврил (Галев)
, да читам духовна литература, да постам и да се молам, ме споредуваа со некој си Мијалче, а воопшто не знаев дека тој Мијалче, всушност, е отец Гаврил Светогорецот и дека еден ден ќе се удостојам од Господ да бидам наследник на неговото име (дај Боже и на начинот на неговиот свет живот, ама далеку сум јас од тоа).