Отец Гаврил Галев: Рождество Христово – Извадок од житието на Мајката Божја
Рождество Христово
~+~
Раѓањето Твое, Христе Боже наш,
го озари светот со светлината на познанието;
во неа, пак, оние што на ѕвездите им служеа
од ѕвездата се учеа Тебе да Ти се поклонуваат,
Сонце на правдата, и да Те познаат Тебе,
Исток од висините, Господи, слава Ти.
(тропар на Рождество Христово)
Кога праведниот Јосиф видел дека Таа е тешка, потонал во голема недоумица и тага, бидејќи мислел дека Таа го погазила заветот на девственост. Според свети Атанасиј Александриски, Јосиф, сиот смутен, вака Ѝ говорел на Пресветата Дева: „Што се случи со Тебе, Марија?
Нели си Ти чесна Девојка, воспитана во свештените дворови на храмот? Нели си Ти онаа Марија која не сакаше ниту да погледне во лице на маж? Каде е палатата на Твојата целомудреност? Каде е Твоето срамежливо лице? Јас се срамам, а Ти си смела оти го покривам Твојот грев“.
Но, Таа му одговорила: „Ако самата зборувам за себе, тогаш ќе испаднам суетна. Стрпи се малку, Јосифе, па пастирите ќе ти објават за мене“. И ништо друго не зборувала освен: „Жив е Господ, Кој досега ме чуваше во беспрекорна девственост, та не познав грев и никој не се допре до мене, а тоа што е во мене е по Божја волја и дејство“.
Јосиф, сепак, намислил тајно да Ја напушти. Но, ноќта пред да замине, на сон му се јавил ангел Господов и му рекол:
„’Јосифе, син Давидов, не бој се да ја примиш Марија, жената своја, зашто зачнатото во неа е од Светиот Дух; Таа ќе роди Син и ќе Му ставиш име Исус, зашто Он ќе го спаси народот Свој од неговите гревови‘. А сето тоа стана за да се исполни кажаното од Господ преку пророкот, кој вели: И ете, девица ќе зачне во утробата своја и ќе роди Син, и ќе го наречат Емануил – што значи: со нас е Бог!
Штом се разбуди Јосиф од сонот, направи така како што му беше заповедал ангелот Господов и ја прими жената своја“ (Матеј 1, 20–24).
Исто така, познато е и следното: во времето кога Пресвета Дева Марија била бремена, првосвештеникот и целиот синедрион дознале за тоа. Тогаш ги довеле Пресветата Дева и праведниот Јосиф пред првосвештеникот и синедрионот. Првосвештеникот Ѝ рекол на Дева Марија: „Го заборави ли Бог, Ти Која си воспитана во Светињата на светињите, Ти Која примаше храна од ангелски раце и слушаше ангелско пеење. Што си направила?“ А Таа плачејќи говорела: „Жив Господ Бог Мој, чиста сум и не знам за маж“. Тогаш првосвештеникот му се обратил на Јосиф: „Што си направил?“ Јосиф одговорил: „Жив Господ Бог Мој, чист сум од Неа“. На тоа првосвештеникот рекол: „Бидејќи не ја приклони главата под крепката десница Божја за да биде благословено твоето потомство, и тајно од синовите Израилеви си се сретнал со Дева, посветена на Господ на дар, затоа и двајцата сте должни да ја испиете водата на разобличувањето, за Господ да го обелодени вашиот грев пред сите“.
Таков суд Бог востановил преку Мојсеј, опишан во Четвртата книга Мојсеева: ако постоел сомнеж дека некој направил прељуба, а не ја кажува вистината за тоа, тогаш на тој човек му се давало вода што носи проклетство со посебно свештенодејство и посебен чин. И по судот Божји, по пиењето на таа вода настанувало некакво изобличување кај човекот што извршил прељуба, после што се обелоденувало беззаконието. Првосвештеникот прво го напоил Јосиф, а потоа и Марија, но не се случило никакво изобличување. Тогаш првосвештеникот им рекол: „Штом Господ не го објави вашиот грев, одете со мир“. А Јосиф, земајќи Ја Дева Марија, се вратил во својата куќа, славејќи Го Бог Израилев.
Кога се исполниле девет месеци од благовеста, што ја јавил архангел Гаврил, во тие дни излегла заповед од ќесарот Август за попис на сите жители во Римското Царство. „Тоа беше прв попис за управувањето на Квириниј во Сирија. И отидоа сите да се запишат, секој во својот град. Отиде и Јосиф од Галилеја, од градот Назарет, во Јудеја, во градот Давидов, наречен Витлеем, бидејќи беше од домот и племето Давидово, за да се запише со Марија, свршената за него жена, која не беше празна. А кога беа таму, Нејзе Ѝ дојде времето да роди. Го роди Својот Син првенец, Го пови и Го положи во јасли, оти за нив немаше место во гостилница“ (Лука 2, 1–7).
Бидејќи за нив немало место во гостилница поради мноштвото народ кој дошол да се попише, праведниот Јосиф и Пресветата Дева се засолниле во една пештера. И таму Пречистата и Преблагословена Дева на полноќ топло Му се молела на Бог, и наоѓајќи се во богомислие и горејќи од копнеж и љубов кон Него, без болки Го родила Господ Исус Христос. Бидејќи Таа зачнала чисто, така и се породила, без да го загуби девството, како што вели свети Григориј Ниски: „Дева зачна, Дева носеше, Дева роди, Дева остана. Ниедно од овоземните чуда не е слично на ова“.
Многу чуда се случиле за време на Рождеството Христово. Зашто, во истиот час кога се родил Господ Христос, во пештерата потекло извор вода од камен, а во Рим од земјата избил извор елеј и потекол во реката Тибар. Се срушил идолскиот храм, многу идоли се разбиле, а на небото се појавиле три сонца. Но најголемо чудо било кога ангелите слегнале на земјата, пеејќи песни, и јасно им се покажале на луѓето.
Така и на тројцата пастири им се јавил светиот благовесник Гаврил и им ја објавил радоста за Раѓањето на Спасителот. Притоа, им укажал на знак за вистинитоста на својата благовест, велејќи: „И еве ви знак: ќе најдете повиен Младенец, како лежи во јасли“ (Лука 2, 12). По тоа јавување, тие веднаш се упатиле кон Витлеем и кога дошле во пештерата, ги виделе Пречистата Дева Марија и праведниот Јосиф, и Младенецот повиен во јасли. И веднаш поверувале дека тоа е Христос Господ, очекуваниот Спасител, и раскажале за јавувањето на ангелот. „И сите, што чуја, се восхитуваа на сето она што им расправаа пастирите. А Марија ги пазеше сите тие зборови, слагајќи ги во срцето свое. И се вратија пастирите, славејќи Го и фалејќи Го Бог за сè она што чуја и видоа, како што им беше речено“ (Лука 2, 18–20).
(Извадок од житието на Мајката Божја)
Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија