Рождество на Пресвета Богородица – Отец Гаврил Галев
ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА
ИЗВОРОТ НА ЖИВОТОТ
Особено за Пресветата, Пречиста, Преблагословена
славна Владичица наша Богородица и Секогашдева Марија[1]
Достојно е навистина
блажена да Те нарекуваме Тебе, Богородице,
секогаш блажена и пренепорочна,
и Мајко на нашиот Бог.
Почесна од Херувимите и
неспоредливо пославна од Серафимите,
Бога Словото девствено што Го роди,
Тебе, Која навистина си Богородица,
Те величаме.
Кога сакаме да зборуваме за Онаа преку Која дојде спасението на светот и се удостои да стане Мајка Божја, и сакаме да го опишеме Нејзиниот живот, подобро да замолчиме, оти нема да најдеме соодветни зборови што можат да Ја опишат. Затоа и не можеме да направиме подобар вовед за Неа освен литургискиот возглас – дека е пренепорочна, почесна и пославна од секое создание.
Нашиот Митрополит Струмички Наум, со особен восхит кон Неа, ќе напише: „Она нѐ научи што е (Кој Е) смислата на нашиот живот. Она нѐ научи што е (Кој Е) вистинска вера. Она нѐ научи што е (Кој Е) апсолутно послушание. Она нѐ научи што е (Кој Е) одрекување од овој свет. Она нѐ научи што е (Кој Е) крајно туѓинување. Она нѐ научи што е (Кој Е) небесно смирение. Она нѐ научи што е (Кој Е) непрелестно кружно движење на умот во Бог, односно благодатна умно-срдечна молитва. Она нѐ научи што е (Кој Е) љубов. Она нѐ научи што е (Кој Е) совршена заедница со Бог. Она е совршен сад на Божјото Предание. Она дозволи да се воплоти Единородниот Син Божји во Неа – од Светиот Дух. Она Го роди нашиот Господ, Богочовекот Исус Христос. Она пострада неволно под Крстот, како никој од човечкиот род – кога било. Она, од сите нас, прва воскресна. Она е граница меѓу несоздаденото и создаденото. Преку Неа го добиваме секој дар Божји. Секој наш дар на Бог, Он преку Неа го добива. Она е Црквородица. Она е нашата Мајка, а ние сме Нејзини деца. Она е нашата Владичица Богородица и Секогашдева Марија“[2].
За Пресвета Богородица многу малку е напишано во Евангелието. Таа се спомнува во најбитните моменти од Христовиот живот и Неговиот спасителен домострој. Без Нејзино учество, домостројот на спасението би бил невозможен, и преку Неа единствено се исполни. Таа е Онаа што сиот род човечки Ја чекаше да се роди, за да ни Го роди Спасителот, и да се избавиме од гревот, смртта и вечната пропадливост. Затоа и ние толку Ја почитуваме и спомнуваме и на секој возглас од Литургијата: „Пресвета Богородице, спаси нè“, и тој спасителен восклик го чуваме над светите двери од иконостасот во црквите.
Рождество на Пресвета Богородица
Твоето раѓање, Богородице Дево,
радост му возвести на целиот свет,
зашто од Тебе изгреа Сонцето на правдата – Христос, нашиот Бог;
и откако ја разруши клетвата, ни даде благослов;
откако ја победи смртта, ни дарува живот вечен.
(тропар на Рождество Богородично)
Родителите на Пресвета Богородица се викале Јоаким и Ана, и тие биле од царска лоза. Но, со текот на времето, силата на нивната царска лоза се изгубила и тие биле само обични луѓе, непрепознатливи меѓу народот. Јоаким бил од родот на Авраам и Давид, а света Ана била од свештеничкиот род Аронов. Така, Марија пo таткo била oд царски рoд, а пo мајка oд архиeрeјски рoд, и сo тoа вeќe Гo прeтскажувала Oнoј што oд Нeа ќe сe рoди какo Цар и Првoсвeштeник.
Овие сопружници, живеејќи според Законот Господов, биле праведни пред Бог. Од својата заработувачка една третина употребувале за себе, а другото го раздавале на сиромаси и го принесувале како жртва во храмот. Во тоа време, на земјата немало побогоугодни луѓе од Јоаким и Ана, и затоа Бог ги удостоил да бидат родители на Пресветата Дева, однапред избрана за Мајка Божја. Но овие свети сопружници, по Божја волја, долго време биле бездетни, за во самото зачнување и раѓање на таква ќерка да се покаже и силата на благодатта Божја, и честа на Раѓањето, и достоинството на родителите.
Јоаким и Ана долго време тагувале што немаат деца. Еднаш, на еден голем празник, благочестивиот Јоаким, според обичајот, пристапил да принесе две грлици како жртва на Бог. Но, тогашниот првосвештеник Исахар не сакал да ги прими неговите дарови и му рекол: „Не си достоен од твои раце да се прими дар, бидејќи си бездетен и го немаш благословот Божји поради некои твои тајни гревови“.
Тоа многу го натажило Јоаким, и тој заминал од храмот посрамен и понижен; празникот му се претворил во плач, а радоста во тага. Од голема тага тој не се вратил дома, туку се упатил кон далечната пустина, каде што овчарите ги паселе неговите стада, и таму плачел поради својата бездетност. Почнал усрдно да Му се моли на Бог да биде благословен со дете, како некогаш Авраам, за и тој да може да се нарече татко. Освен молитвата, Јоаким четириесет дена постел, без да вкуси леб, и говорел: „Нема да јадам и нема да се вратам во својот дом, туку солзите ќе ми бидат храна и пустината – куќа, додека не ме услиши и посети Господ Бог Израилев“.
Во меѓувреме, гласот за тоа што се случило со Јоаким во Ерусалим допрел до благочестивата Ана, која останала во домот во Назарет. Тогаш, таа почнала да плаче со неутешни солзи и да говори: „Сега сум најнесреќна од сите: Бог ме отфрли, луѓето ме укоруваат, мојот сопруг не е крај мене! За што повеќе да плачам: поради вдовството или бездетноста? Поради тоа што не се удостоив да се наречам мајка или поради тоа што сум сама?“ Непрестајно леела солзи, не вкусувала храна и, слично на мајката на пророк Самоил, во голема тага Го молела Бог да ја ослободи од бездетноста.
Така, еднаш, само што ја завршила својата усрдна молитва, пред неа застанал ангел Божји и ѝ рекол: „Ана, твојата молитва е услишена; твоите воздишки ги преминаа облаците и твоите солзи излегоа пред Господ. Ете, ќе зачнеш и ќе родиш ќерка преблагословена, со која ќе се благословат сите народи на земјата, и преку неа ќе дојде спасението на светот. Таа ќе се вика Марија!“ Кога ги слушнала тие зборови, света Ана брзо се упатила кон Ерусалим за да Му заблагодари на Бог во светиот храм.
Во исто време, ангел му се јавил и на свети Јоаким, и му рекол: „Јоакиме, Јоакиме! Бог ја услиша твојата молитва и благоволи да ја излее врз тебе Својата благодат: ете, жена ти Ана ќе зачне и ќе роди ќерка, која ќе биде радост за сиот свет. Еве ти знак за вистинитоста на моите зборови: појди во Ерусалим и таму, пред златните двери, ќе ја најдеш својата сопруга, на која ѝ е јавено истото!“
И зачнала света Ана во деветтиот ден од месец декември, а на осми септември родила ќерка, Преблагословената Дева Марија, почетокот и посредничката на нашето спасение, и за Неа се израдувале и небото и земјата. Родителите Ја чувале како зеница во окото и необично будно Ја воспитувале, онака како што Ѝ доликува на Онаа што требало да биде Мајка на нашиот Спасител. Тие Ја љубеле не само како ќерка, толку долгоочекувана, туку и како своја Владичица, спомнувајќи си за зборовите на ангелот. А Таа, преисполнета со благодатта Божја, таинствено ги збогатувала со истата благодат и Своите родители.
Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија
[1] Возглас од Божествената Литургија на свети Јован Златоуст.
[2] Митрополит Струмички Наум, „Нови личносни односи“, Библиотека Воведение, Велјуса, 2016, стр. 215.