// Google analytics code

РАСУДУВАЊЕ – Митрополит Струмички Наум

vodocha070920141~+~

Некои луѓе се најдоа збунети деновиве од привидно различните изјави и различните пракси на свештенството за време на деновите на славењето на Рождеството Христово.

И нормално, збунетиот скоро секогаш сака да се самооправда, скоро редовно вината за својата збунетост и за своето незнаење има потреба да ги префрли на друг, во овој случај на свештенството.

Не велам дека ние како свештенство сме идеални − далеку од тоа, но збунетоста на збунетиот повеќе говори за него отколку за другите, отколку за свештенството.

И затоа збунетиот наместо да се занимава со другите, подобро би му било да се позанимава со самиот себе и со причината на својата збунетост која секако е незнаењето, односно немањето на духовен опит.

Збунети се обично оние кои се задоволни со својата моментална духовна состојба. Православниот духовен живот не признава таква себедоволност.

Не велам со ова дека знаењето, односно духовниот опит е нешто што може да се стекне одеднаш, па макар човек и да го погоди директниот пат – говорам за пронаоѓање на свој духовен отец, кој понатаму точно духовно ќе го води.

Градењето на личносниот однос е долготраен процес. Но, подобро е да го најдеме директниот пат отколку да губиме време по некои споредни патишта.

Во една моја претходна беседа, покрај тоа што го посочив директниот пат – бидејќи имаме души што копнеат да го дознаат тоа, ги советував своите презвитери како да постапат и со луѓето кои се одлучиле да се движат по споредните патишта – тоа не е негација на споредниот пат, тоа е пастирски пристап:

„Добро е ако атеистот го донесеме барем до бадниковиот оган – за што и не треба голем труд. Оној што веќе доаѓа на огнот треба да му објасниме дека е добро барем да не го нарушува постот, а на собирањето околу огнот да гледа како на собирањето на пастирите на кои им било јавено доаѓањето Христово.

На оние кои така се собираат околу огнот треба да им објасни дека вистинското славење на Бог сепак се заокружува со одење во црква и причестување со Светите Христови Тајни.

Исто така, треба да се објасни дека бесмислена е семејната бадникова трпеза ако на неа мрсиме и затоа останеме без Причест на Рождество Христово, итн., итн.

Значи, накратко: луѓето треба духовно да ги водиме и духовно да растат, а не едни те исти луѓе секоја година да берат гранки и дрва по шумите, да палат и скокаат пијани околу огнови и да останат потсмев и на иноверните и на демоните – времен и вечен, а на голема жал на нашата Мајка, Пресветата Владичица наша Богородица и Секогашдева Марија.“

Од една страна, за оние кои се подготвени го покажав директниот пат, а за оние кои веќе го фатиле страничниот им покажав како најбрзо да се вклучат во директниот пат.

На оние кои, и покрај сѐ, се противат би ги прашал:

Кој од вас што коментираат против има духовен отец со кој се советува?

Кој од вас е исповедан и причестен?

Или кој од вас го знае Симболот на верата или Оче наш напамет,

а да не прашувам кој од вас држи пост или молитвено правило?

Никој.

Оние што имаат духовен отец и редовно одат на црква и се причестуваат точно знаат и прават како што велам.

А на тоа што го организираат некои свештеници во некои цркви, и надвор од нив, треба да се гледа како на обид духовно необразованите да се привлечат кон Црквата.

Можеби свештеникот не го прави тоа секогаш свесно, но Бог Кој преку него делува или допушта, секако – да.

Не е свештенството во расчекор, само Бог работите ги организира и ги допушта согласно сечие духовно образование, па да може секој да се најде негде и секој некако да се спаси.

 

Митрополит Струмички Наум

09 / 01 / 2022

 

 


About The Author