Радувај се, благодатна, зашто во Твоето успение не нè остави
Кондак 11
Сите боговдахновени песни не се доволни за достојно да го воспееме Твоето сечесно Успение, сефална Владичице Царице Богородице: туку усрдно Тебе Ти го принесуваме, како Мајка на Царот на сите, ова наше смирено молење, со небесните чинови пеејќи Му на единствениот, Кој достојно Те прослави, Бог: Алилуја!
Икос 11
Ни се јави на земјата како блескав светилник на вистинската светлина, просветувајќи ни ги душите, и нас, кои го почитуваме Твоето сечесно преставување нè водиш кон разум божествен, за да пееме вака:
Радувај се, свеќо незгаслива на нематеријалниот оган;
Радувај се, незалезен зраку на невечерната светлина.
Радувај се, месечино осветлувана од сонцето на правдата;
Радувај се, светлино која светиш во темнина.
Радувај се, светилнику поставен на возвишениот свеќник;
Радувај се, извору на живот од гробот, изведен во светот.
Радувај се, Мајко на духовната светлина, која ги просветува душите на верните;
Радувај се, Мајко Божја, Која ги утешува душите на озлобените.
Радувај се, Дарителке на непосрамен крај на животот, на оние кои се надеваат на Тебе;
Радувај се, наследство на Божјите и Твои слуги, зашто на судот на Твојот Син, ги поставуваш од Неговата десна страна.
Радувај се, Преблажена, зашто преку Тебе сме блажени и ние, имајќи Те за помошничка;
Радувај се, Преблагословена во сите родови, зашто Господ е со Тебе, а преку Тебе и со нас.
Радувај се, благодатна, зашто во Твоето успение не нè остави.