// Google analytics code

Прости… – Игумен Гаврил

prostiОваа Недела е Прочка, ден за простувањето и помирувањето меѓу себе и со Бог. Простувањето е основа и почеток на духовниот живот како и Големиот Пост. Во претходните недели Светата Црква не поучуваше за гордоста и смирението, за покајанието, за Судот Божји, а сега и за простувањето. Простувањето е како врата. Ако простиме, ние ја отвараме таа врата и со тоа во своето срце Го примаме Бог и оној на кого сме му простиле. Простувањето е примање на Бога во себе. Но ако некому не простиме, значи дека Христос е надвор од нашето срце и ние немаме ништо со Христос.

Простувањето е ослободување. Ако не простиме, гневот, недостатокот од љубовта, студенилото, лошите желби или страсти, чувства и намери, впрочем сé што е гревовно и лошо останува во нас, сé до оној момент кога ќе простиме, односно ќе се ослободиме од нив. Кога срцето се ослободува преку простување, благодатта расте, радоста е неизмерна, a љубовта неискажлива. Во спротивност, ќе си носиме тежина и студенило преку целиот живот и тoa е товар кој тежи, а што е уште пострашно ако не простиме, таа тежина и студенило продолжуваат и по смртта во вечни маки.

Не е лесно да се прости. Заради нашата падната природа, заробена пред се од страста на високото мислење за себе си, гордоста, или стравот од погазување на сопственото его, тешко ни е да простиме.

Но како да се бориме? Едноставно – заради љубовта Христова. Ако Тој дојде, пострада и се распна заради нас, редно е и ние тоа да го направиме за Него. На почетокот, на првиот степен од духовниот раст кога го чистиме срцето од страстите тешко е простувањето и ќе се бориме одреден период. Тогаш најважно е да сакаме и да се потрудиме. Bажно е да се бориме и според тоа ќе видиме дали и колку Го сакаме и сме со Христос. Ако успеeмe да простиме за пократок период, тоа значи дека сме поблиску до Него, и обратно.

Најпрво, треба да се воздржиме да не вратиме на злото со зло. Потоа да почнеме да се молиме, за (потоа) Господ да не смири и благодатта Божја да се всели во нас за да имаме сила да простиме.

Господ нека ни прости на сите нас. Барам прошка од сите вас што сум ви згрешил, а исто и простувам на секој што ми згрешил. Ве повикувам сите да си простиме помеѓу себе и да не дозволиме ѓаволот да стои помеѓу нас и да не разделува. Христос да е помеѓу нас! Aмин.


About The Author