// Google analytics code

Преображение празник на празниците- Отец Гаврил Галев

~+~

Овој празник е празник на празниците, затоа што во него се слават повеќе празници во едно. Се прославува Преображението на Христос, Кој се преобрази и ја покажа својата Божествена природа, имајќи ја покрај тоа и човечката. Се откри како потполн Бог и потполн Човек.

Се празнува Светата Троица, Која се јави во три лица.

Христос, Синот Божји, се преобразуваше на Гората пред Апостолите; Светиот Дух, преку преобразувачката благодат се јави во светлина и Отецот со гласот кој сведочешe: “Oва е Мојот возљубен Син“.

Се празнува и Црквата, Која се објавува преку Христос заедно со Апостолите и Пророците. Старозаветната и новозаветната, во Една Света и Соборна Црква. А се слави и Преображението на Апостолите, кое всушност е суштина на нашето постоење и причина за кое што Бог не створи и за кое што Бог дојде во тело и стана човек, што и за нас е и нај значајно.

Овој настан не е привид, овој настан не е приказна, мит или некаква симболика. Ниту пак оваа светлина е тварна, како што учат некои и хулат на Светиот Дух. Оваа светлина е нетварна и таа е енергија Божја. Нетварна благодат Божја, која се пројавува од Божјата природа и му се дава на човекот да заедничари со Бога и да биде едно со Бога. Ако веќе оваа светлина беше тварна, тогаш сето ова ќе беше само добра  престава. Нашата вера ќе беше приказна и мит, а нашиот живот ќе беше залуден и лажен. Но нашата Црква не е театар. Таа е жива реалност и икона на Небесното Царство. Бог на овој начин покажа дека Господ Исус Христос е вистински Бог и затоа дојде во светот и стана вистински Човек, за да ние учествувавајки во таа енергија, ја примиме и станеме синови Божји, богови по благодат. 

Свети апостол Петар, во “Апостолот”, претходно прочитан, вели дека “станавме очевидци на величието Божјо (2 Петар 1:16). На друго место вели дека треба да се потрудиме преку добродетелите да станеме учесници во Божјата природата (2 Пет. 1, 1-7). Со тоа, Тој ни објавува дека таа светлина не е тварна и привидна, туку нетварна и реална која што нас ни ја дава и ние сме “задолжени” да ја примиме. Затоа Исус ги изведува Апостолите, само тројца, затоа што еден од нив не бил достоен. Никој не е достоен ама тој бил ептен недостоен, Јуда кој што подоцна го предаде. Ги поведува со Себе за да ги исполни со благодатта Божја и им ја даде таа светлина  и покаже дека тоа е реалност.

Со преображението Христово и Апостолите учествуваат во Христовото преображение, светлината ги исполнила и нив. Имајќи ја таа енергија, благодата Божја, се просветлиле, се преобразиле, се обожиле. Се преобразиле, затоа што покажале достоинство, а достоинството пред се го покажале преку верноста кон Господа Исуса Христа. Односно биле послушни и затоа Господ ги преобразува. Господ ги повикал да дојдат со Него сами на гората и тие смирено го послушале. Дошле со Него, но ако се противеле, ако тие барале човечка правда и разумно разбирање на настанот, тие немале да бидат учесници во благодата Божја.

Според тоа и ние преку послушност кон својот духовен Отец, кон црквата и кон Божјата волја, да се преобразуваме. Преобразувањето значи промена на нашиот живот. Да го очистиме нашето срце од нив и да ги преобразиме нашите гревовни страсти во добри. На секоја стрaст да и се спротивставиме со спротивна на неа добродетел. На омразата – љубов. На гневот – милост. На празнословието- молитвата. На гордоста – смирението. На лутината – кротоста, на среброљубието – милосpдноста… И на тој начин да се удостоиме, колку што можеме, како што вели Тропарот, да ја примиме таа благодат и да се преобразиме и да учествуваме во благодатта Божја, што е и спасението. 

И не само што Апостолите биле послушни, но и Синот Божји е послушен за што сведочи и Отецот: „Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја; Него по­слушајте Го!“ (Мат. 17:5). Тоа е уште една потврда дека преку добродетлта на послушанието се стекнува благодатта Божја и послушанието е неопходен подвиг, почетен чекор и основен услов преку кој што можеме да се ослободиме од гревовите, од служењето на ниските страсти и да се искачиме на гората и се преобразиме. Не случајно Господ се качил на високо место покажувајќи дека тој процес бара труд и трпениe, односно подвиг. Тоа е подвизување, тоа е искачување, ослободување од оковите, ослободување од гревовите, ослободување од ниските страсти, ослободување од овој земски световен живот и воздигнување на повисоки духовни сфери за кои што Апостол Павле сведочи нарекувајќи ја таа состојба “трето небо” и она што просечен човек не го видел, доживеал, почувствувал, тоа неизмерно богатство нам ни се дава ако така живееме ( 2 Кор. 12:2-5).

Понатаму, и сите овие учесници во настанот на Преображението не се случајни и имаат свое значение. Овој настан се случува пред страшните страдални денови Господови, кога Тој требаше да пострада, да биде распнат, да умре и да воскресне. Со Неговото преображение, Тој ја објави, ја покажa вистината за Себе и ни откри што не очекува од онаа страна на животот, после смртта. Тоа го направи за да не се соблазнат неговите ученици, да не се сомневаме и ние денес. Мојсеј и Илија се јавуваат, како претставнци од Стариот Завет. Едниот починат, другиот се уште е жив. (Знаеме дека Илија бил жив вознесен на небесата, и ќе дојде пред второто Христово пришествие.) Едниот претставник на законот, другиот на Пророците. Мојсеј и Илија и разговараат со Господ Исус Христос дека се што било напишано, пророкувано во Стариот Завет е вистина и се исполнува со Христос во Новиот Завет. Апостолите Петар, Јаков и Јован се преставници на живите и на Новиот Завет и тие ги преставуваат трите најголеми христијански добродетели, верата, надежта и љубовта, исто така и добродетелите на послушание, покајание и смирение. Во средината на ова збиднување е Христос, Кој треба да ни биде центар на нашиот живот. 

Ова навистина било несекојдневен и впечатлив настан што предизвикало блаженство кај апостолите и кои посакале тоа вечно да трае. Затоа и свeтиoт апocтол Петар ги изрекол тие нелогични зборови, но полни со смирение и љубов „Господи, добро ни е да бидеме ов­де; ако сакаш ќе направам тука три ко­либи: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија (Мат. 17,4).” Тој веќе заборавил за себе, мислел да ги “осигура” Исуса, Мојсеј и Илија, само да останат и овој настан вечно да трае.

И гледате дека ништо во црквата не е случајно и се се случува со длабока смисла. Се во црквата е со значение, и тоа со суштинско значение поврзано за нас самите. Целиот домострој Божји е врзан за нас. Преку слободата на нашиот избор, за да бидеме учесници во тој домострој, во тој круг и ние треба да се фатиме за Христа.  А да се фатиме за Христа значи да живееме согласно Неговата волја. Значи да го живееме Неговиот живот, да ги имаме Неговите мисли и чувства и така да постапуваме. Тоа ќе го постигнеме ако се држиме до заповедите Божји, пред се за основната заповед од која произлегуваат сите други, а тоа е љубовта. Кога човек ќе се подвизува во љубов и кога ќе ја стекне, потоа не треба на ништо да се учи, љубовта ќе го научи на се.   

И да не ја заборавиме неа, без која не ќе беше се: “по молитвите на Богородица и нас грешните да нé осветли Твојата вечна Светлина.

Слава Тебе, Дарителу на Светлината.”(тропар на Преображение).

Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

19.08.2023


About The Author