Православен поглед на исламот (дел 1)
Свештеномаченик Даниил Сисоев
Свештеномаченик Даниил Сисоев е познат руски богослов и апологет, мисионерски проповедник на Православното Христијанство меѓу муслиманскиот народ на територијата на поранешниот Советски Сојуз. Поради својата просветителна дејност и отворено дебатирање со иноверните, после многу критики и закани упатени од страна на муслиманите, на 19.11.2009 год. беше застрелан пред храмот посветен на св. Тома во Москва, каде што свештенослужеше. Одговорноста за убиството ја презедоа радикални исламисти од Кавказ.
***
Денеска нема да зборуваме само за исламот како ислам. Секако, и на таа тема треба да разговараме, бидејќи многу луѓе воопшто не знаат што е исламот; знаат нешто за традиционална религија, зборуваат само за добро… Ќе зборуваме и за тоа, но ќе зборуваме и за посебните струи кои сега постојат внатре во исламот, бидејќи многу луѓе несфаќајќи ја реалната ситуација, почнуваат да зборуваат: „Па, да, ете, муслиманите вршат терористички напади, сите тие се терористи“ или обратно: „Никој од нив не е терорист, затоа што муслиманот што јас го познавам, не подготвува напади“. Сето тоа е поврзано со фактот дека луѓето не знаат каква е внатрешната структура на исламската зедница, која на арапски се нарекува „ума“[1]. Ние сме во состојба од гледна точна на Господа Бога да го оцениме овој религиозен правец.
Зошто велам „од гледна точка на Господа Бога“? Затоа што ние, христијаните, се трудиме воопшто да немаме сопствена точка на гледиште. Таа нам воопшто не нé интересира. Според зборовите на еден англиски писател: „можеш да имаш илјада точки на гледишта, сé додека не ја најдеш вистината. Тогаш ќе постои само една точка на гледиште – вистинската“.
Прво, треба да кажеме што е ислам. Кога зборуваат за ислам, многу често почнуваат да зборуват за него како за религија. Под зборот „религија“ се подразбира одредена религиозна организација, црква или секта – религиозна организација каде луѓето се собираат да се помолат, да решат некои духовни прашања.
Во реалноста, тоа воопшто не е така. Исламот во таа смисла е мошне далеку од религијата според нашето традиционално сфаќање. Тоа е многу важно да се запамети, бидејќи разговорот кај нас често станува разговор на „глув телефон“. Кога разговараме со муслиманите, тие ни зборуваат за едно, а ние ним за друго. Не можеме да се разбереме едни со други, затоа што под едни исти зборови опфаќаме потполно различни сфаќања.
Ете, неодамна еден добар човек ми предложи да го примам исламот и ми ја објасни причината зошто се обратил и зошто исламот е вистинската религија. Тој човек ми објасни дека исламот е вистинска вера затоа што муслиманите не пијат, не се дрогираат, сите нивни девојки се невини, не се допушта разврат и затоа исламот е многу добра религија, единствена надеж на напредниот човечки род.
Иако фактите велат дека тоа не е вистина, макар само заради тоа што 80% од хероинот се одгледува во исламски земји… Меѓутоа, суштината е дека човекот ја доживува религијата како одреден проект на земен поредок. И тоа, патем речено, е силно изразена црта. Ако одиме на исламските интернет сајтвои, ќе забележиме дека поголемиот број од материјалите кои се наоѓаат таму, претставуваат материјали за уредување на животот: за источната кујна, пазарот; кои се нормите на шеријатот за должината на брадата, за должината на ногавиците или било што – ете такви нешта! Тоа претставува одреден обид за глобално уредување на светот, кое се основа на Божјиот авторитет. Во таа смисла, исламот повеќе може да се споредува не со црква – Православна или римокатоличка – туку со проектите како национал-социјалистички, комунистички, сегашната глобализација. Токму тоа е проект на изградба на некакво царство Божјо на Земјата, со земни средства, под покровителство на Господа Бога.
Згора на тоа, за муслиманите во принцип не е можна поделба меѓу религијата и политиката. Тоа е многу важно да се разбере, бидејќи тоа е црта која е карактеристична за исламот. Можеме да замислиме православен христијанин кој, на пример, живее во Америка, меѓу Папуанците на Нова Гвинеја, среде самиот тој ислам. Православието како такво, опфаќајќи го притоа целокупниот човеков живот, претпоставува дека човекот може да сопостои со некој за него туѓ поредок. Освен тоа, за православните тоа е нормална состојба, затоа што знаеме дека Царството Христово „не е од овој свет“, како што рекол нашиот Господ. Зошто православниот христијанин може да остане православен дури и живеејќи во антихристијанска заедница? За нас, нормално, не е нормално што постојат такви околности, но види, тоа очигледно е неизбежно зло до крајот на светот. Според зборовите на св. Јустин Философ[2]: „знаеме дека Црквата ќе ја зафатат прогони до самиот крај, додека не се врати Господ и не нé ослободи сите нас“. Затоа за нас прогоните се нешто нормално.
Зошто? Затоа што ние сме туѓо тело, претставници на Царството Божјо на земјата. Чувствуваме дека сме, и сме – ако сакате, како диверзанти, кои се пратени на непријателска територија. Затоа постојат помалку или повеќе згодни ситуации, но за нас овој свет е место во кое можеме да постоиме, но притоа не се надеваме на своите сили дека овој свет ќе стане Царство Божјо. Се надеваме дека Самиот Бог ќе се замеша и ќе ја преуреди сета Вселена.
За исламот тоа не е така. За исламот тоа претставува служење на Бога, кое пред сé, се пројавува во шеријатот, законот. Тој закон го опфаќа религиозниот живот на човекот, неговиот душевен, духовен, телесен и општествен живот, го уредува во семејството и сé останато. Шеријатот претставува одреден глобален проект кој притоа, што е најинтересно, речиси воопшто не го вклучува Самиот Господ Бог. Во тоа е најголемата, суштинска разлика во однос на Православието: ако во Православието сé се прави со силата на Семоќниот Господ, во исламот мешањето на Господ Бог се смета речиси непостоечко.
Ќе се обидам да објаснам. Работата е во тоа што од гледна точка на исламот, секоја постапка на човекот, ангелот, атомот, ја прави лично Господ Бог – Алах. Заради тоа и се јавува парадоксалниот феномен дека човекот притоа сé мора да прави сам. Заради тоа што, ако сакате, Бога го има мошне многу, за човечката слобода речиси и не останува место, и најмалиот дел слободата која човекот ја има – слободата на избор, претставува единствен инструмент со кој може нешто да се направи. Тоа е парадокс, но тој го дефинира целокупниот поглед на светот кај муслиманите.
Од една страна, човекот може да направи некое дело, на пример – да изврши терористички напад и да смета дека тоа е добро дело. Зошто? Затоа што тоа го направил Алах – преку него. Меѓутоа, тој притоа знае дека не може да очекува помош од Алах. Зошто? Затоа што Алах сé прави сам, не можеш да го молиш за нешто, затоа што ти си марионета т.е. имаш само мало делче на избор.
Омар Хаијам на таа тема одлично напишал: „Играчите не ја прашуваат топката за дозвола, по полето лета гонета од удари“[3]. Ете, така и ние се носиме по полето на овој свет, гонети од ударите на Алах. Се јавува многу чуден обид за изградба на Царство Божјо на земјата без Бога, кој навистина исламот го прави сличен на комунизмот или национал-социјализмот. Покрај тоа, интересно е дека исламските земји многу лесно го прифатија социјализмот. Многу од сегашните исламски држави се социјалистички. Сирија, Ирак до неодамна, додека Садам Хусеин[4] беше таму. Многу исламски земји соработуваа со Советскиот Сојуз. Соработуваа не затоа што добиваа оружје, туку постоеше и некоја заедница во идеологијата.
Продолжува…
Земено: www.vistinatakeveoslobodi.wordpress.com
Друго:
2 дел – Православен поглед на исламот