// Google analytics code

Три поуки

tivka mudrostСпечалил наемникот 3 златника и отишол во меаната да јаде. А таму бука – галамџии и мајтапџии куп. И додека чекаше да го послужат забележа во темниот агол маса и старец кој седеше сам. Единствениот кој молчеше во меаната. Кога праша зошто молчи, му одговорија дека неговите зборови злато вредат. Па си рече: имам три златника, можеби храната треба да ја заменам со влог. И појде кај старецот.

За првиот златник старецот му рече: Никогаш не суди.

За вториот златник му рече: Никогаш не лажи.

И за третиот : утрото е попаметено од ноќта.

Со празен стомак ја напушти меаната, а одејки по патот сретна убава девојка која по неа влечела старо, сега веќе некорисно магаре. И таман да ја праша – што ќе ти е тоа животно, зар не гледаш дека го отслужило своето, се сети на зборовите од старецот: не суди никогаш.

Па се сожали, и ја подаде раката кон животното да го помилува. И токму тогаш ја препозна убавата девојка, кралската ќерка, која беше позната во народот по својата преголема милостивост кон секое живо битие. Таа го беше зела магарето од дворот на својот татко за да го ослободи, зошто знаеше дека крајот други му го спремаат. Се сожали таа над парталавиот човек кој дури и кутрото магаре сакаше да го помилува, па му даде полна торба златници.

Наемникот пресреќен го продолжи патот. И не мина многу, кога го пресретнаа разбојници. Го прашаа: што носиш в торба? И тогаш тој се сети на втората поука што старецот му ја кажа: не лажи. И не излажа, а разбојниците му се потсмеваа на неговата парталавост, не верувајќи дека торбата му е полна злато. Тие заминаа, а наемникот се уште во чудо, си продолжи по патот.

Изморен, доцна во ноќта стигна дома, и оддалеку ја забележа жена си која на вратата испраќаше некој маж. Помислите неминовни беа, но сепак си рече: и овој пат ќе го послушам советот на старецот – утрото е попаметно од ноќта, па си легна и заспа. Утреден кога стана од спиење ја праша жена си за мажот кој вечерта доцна го испраќаше кој е, а таа му одговори дека тоа бил нејзиниот брат на кој му ја дала пушката да ги брани од разбојници.

Поука:

Вистината е Вистина, и секогаш победува. Затоа секогаш да се држиме до неа, зошто Христос е единствената вистина, а Бог ќе не чува на нашиот пат од искушенијата и непријателот.

Најчесто велиме дека не сме направиле големи гревови, не сме убиле и сл., но трагичното е тоа што ситните освестени гревови секојдневно продолжуваме да ги чиниме. Големиот грев е како камен, го гледаме и кога ќе ни попречи, можеме да го дигнеме и да го фрлиме. Но што е со ”ситните“ гревчиња? До кога ќе си ги дозволуваме и простуваме?


About The Author