Покров на Пресвета Богородица – Отец Гаврил Галев
Пред многу години, поточно во 910 година во Цариград , во Влахерската црква, се служело сеноќно бдение. Тогаш, за разлика од денес, сите биле заедно и сите биле побожни. Цареви и слуги, богати и сиромашни, сите се молеле на Бога. И затоа имале напредок и во државата, имале напредок и во опшеството, имале напредок и во својот личен живот.
Тогаш Божјиот угодник Андреј го зел подвигот на јуродивство заради Христос, во тоа време многу редок подвиг, можеби единствен. Тој се откажал од се земно, дури и од својот ум, за да му служи на Христос. Тој бил сметан за луд, луѓето го потценувале и исмејувале бидејќи одел полугол во една парталава наметка, живеејќи и спиејќи со кучињата кои што го топлелe во студените зимски денови и ноќи. Kако што се вели, во еден момент, дури и кучињата, по Божјо допуштение за да подвижникот постигне духовно восовршување, и тие се откажале од него и почнале да му р’жат. Меѓутоа за разлика од нас, кои што постојано се жалиме и на едно мало искушение, веднаш паѓаме и почнуваме да се самооправдуваме, cекогаш ја бараме вината во друг, судиме и осудуваме, свети Андреј не се жалел ниту пак некого осудувал, туку за се благодарел на Бога, за се, a кога се наоѓал во поголеми искушенија, наоѓал и поголема надеж. Свети Андреј бил вистински свет човек.
Hа 1 октомври ( стар стил) 910 година, Сарацените (Арапите) ја нападнале Византиската империја и ја подложиле на тешки искушенија. Било сабота наспроти недела и се служело сеноќно бдение. Црквата била полна со луѓе. Биле собрани сите заедно, царот и царицата, патријарот со свештенството, благородниците и многу други Цариграѓани. Единствено тој бил удостоени да ја види Пресвета Богородица. Таа беше опкружена со пророци, апостоли и ангели.
Возбуден од глетката, свети Андреј тивко го прашал својот ученик:
„Гледаш ли, брате, како се моли Пресвета Богородица?
Епифаниј одговори:
„Гледам, Свети Оче, и се плашам!
Таа држела омофор со кој што го покривалa целиот народ. И до ден денес тој омофор Пресвета Богородица го држи и не’ чува. Меѓутоа под негова заштита влегуваме, само кога ќе имаме вера, кога ќе имаме надеж во застапништвото на Пресвета Богородица и љубов помеѓу себе.
Никогаш да не ја забораваме Пресвета Богородица, и никогаш да не го напуштаме нејзиниот пат, кој што бил пат на трпение, на љубов, на милост, на простување, на незлобивост, трудољубивост, молитва, смирение и секоја добродетел. Со овој настан Господ покажува едно нешто кое што ние го забораваме, а тоа е дека Бог е еднаков за сите и не гледа на лице, на чин, на надворешност, на слава, убавина, туку Господ гледа на срце. Срце чисто, срце понизно и смирено Бог не отфрлува.
Свети Андреј бил најпотценет човек во целото општество. Меѓутоа единствено само него му се јавила Пресвета Богородица. Така и ние кога ќе се смириме доволно, приближно до неговото смирение, тогаш и нас Пресвета Богородица ќе ни се објави и безрезервно ќе не заштитува. А и денес Таа е овде со нас присутна, меѓутоа за жал, заради нашите телесни очи, заради нашиот гревовен живот ние не можеме да ја видеме. Затоа треба да плачеме. Треба да плачеме и да се каеме за своите гревови, да се смириме и да си ја видиме својата сиромаштија, духовна голотија, да сe видиме колку сме далеку од вистинските христијани, од светителите, од Свети Андреј и од Пресвета Богородица, од Господа Исуса Христа.
Нека Господ по молитвите на Свети Андреј и Пресвета Богородица, не чува во нашиот живот, за и ние да се удстоиме да се сретнеме еден ден со него во царството небесно. Амин
Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија
14.10.2021