// Google analytics code

Покајанието – почеток на спасението (Архимандрит Лазар Витаниски)

15Секој чекор на патот на духовниот живот на христијанинот не е ништо друго, туку покајнички подвиг на срцето што ги согледува своите гревови. Со покајанието, за оној што почнал да верува во Бог, се отвораат вратите во црковниот свет и само преку покајанието ќе му се отворат и  рајските врати. Кратко речено – почетокот на покајанието е почеток на спасението.

Во наше време има многу луѓе што ја спознале мрачната длабочина на неверието и безбожноста, кои ги вкусиле погубните плодови на најсмрдливите гревови, но кои, по Божја милост, се ослободени од овој пекол и се повикани на светлост, будење, живот преку покајание и светата тајна крштавање, преку исповедување на своите страшни гревови и нивно простување, преку примање на благодатните сили во светата тајна причестување. Тие се раѓаат за нов живот, кој е потполно поинаков, кој ни малку не личи на животот што дотогаш го живееле. Но, овој нов живот бара одрекување од многу претходни поими, вредности, навики, знаења и вкусови, и тој, често, бара потполно заборавање на целиот ужасен гревовен хаос што останал зад човекот, и кој човекот го отфрлува со почетокот на своето спасоносно покајание. Овој процес на одрекување од стариот живот, обновување и воскреснување на душата е многу сложен и кај секого е различен и таинствен. Бог, по патиштата што само Он ги знае и со несфатливите Свои судови, секој човек го ослободува од овој гревовен Содом, од египетското ропство, и го води преку пустината на очистувањето во Ветената Земја. Свети Теофан Затворник длабоко и детално го анализира овој момент на почетокот на духовниот живот во книгата Пат кон спасението.

За тоа како треба да се каеме за направените гревови, какви се тие гревови, колку се тешки, како човек да ги напушти и повеќе да не ги повторува – за сето ова се составени многу поуки, за тоа често зборуваат свештениците во храмовите, многу верници некако и сами го знаат тоа, зашто не е тешко да се согледаат надворешните гревови што се направени со збор и дело, односно да се согледаат своите очигледни наклоности и страсти. Секако, и на овие први скалила и чекори кон побожноста секој нов верник среќава многу препреки, борби, тешкотии и тага. Но, овде се уште се јасно се гледа, злото не е прикриено, тоа гласно сведочи за себе, потребни се само храброст и решителност, цврста намера човекот да започне нов живот и конечно да прекине со стариот живот. И кога верникот ќе ги оствари тие први мали победи над себе тој почнува да чувствува огромно внатрешно олеснување, ослободување, помирување со Бога, со совеста, со луѓето, како да исфрла тешко бреме од грбот, што го притискало целиот живот, чувствува радост и прилив на нови сили и со воодушевување влегува во црковниот свет, во новото семејство, почнува нов живот. И ако новопросветениот христијанин со Божја помош успеал да ги отфрли своите претходни гревовни дела и ако сите свои воскреснати сили ги насочи на новиот пат тогаш… дури тогаш за него почнува она најважното и најтешкото.

Кога човекот ќе ги согледа многуте свои очигледни гревови, тогаш стекнува правилно мислење за себе, зашто тоа во неговата душа внесува страв Божји и трепет пред судот Божји. Тој тогаш го чувствува правецот по кој треба да оди. Но, кога верникот, по милоста Божја, ќе ги отсече своите очигледни гревови, покајанието станува значително посложено и почувствително, почнува да се заканува голема опасност човекот да го изгуби патот, единствениот вистински и тесен пат кон спасението и да се сврти кон широкиот пат на самозадоволството и гордоста. И иако се каеме за поранешните гревови и го напуштаме својот претходен срамен живот, и иако добиваме простување од Бог за многуте гревови, ние и понатака патиме од многу духовни болести, страсти и грешни навики, болни ни се: срцето, разумот, волјата, сите наши чувства. Гревовите ни се простени, но страстите се уште се живи во нас, ние не правиме грешни дела, но склоноста кон нив, желбата за нив уште е жива во нас, и сето ова бара уште многу покајнички труд, многу борба, болни повикувања и молби упатени кон Милостивиот Лекар – Човекољубецот нашиот Господ. И до кога така? Додека живееме во тело!

Токму овде се наоѓа раскрсницата: на многумина овој пат не им изгледа ни малку привлечно – непрестано покајание, постојано незадоволство од себе, недоверба во себе, сомнеж во сите свои чувства, во сите движења на душата, некаква постојана внатрешна напнатост, болка и горчина. А човекот, напротив, би сакал веднаш да добие потполн мир, внатрешна угодност, чувство на духовно задоволство со самиот себе, чувство на своја значајност и избраност. И добро е ако оној кој штотуку стапил на христијанскиот пат веднаш сретне вистински наставник, кој на самиот почеток ќе му укаже на правиот пат, кој ќе го научи да не бега од спасоносната тага и скрушеност, да не ја отфрла од себе оваа непријатна, но корисна претстава и глетка за болеста на својата душа, да не ја крие зад лажното мислење за себе и самооправдувањето, туку да ја носи оваа болка како свој крст, како вистинско сведоштво за правилноста на избраниот пат (зашто Спасителот на Своите следбеници им ја прорекол оваа болка што потекнува од нашата падната природа: Во светот ќе имате маки (Јн. 16, 33). Зашто, оној што не ќе го замрази сиот грев околу себе и својот грешен живот не може да биде Христов ученик! Како залог за идната радост човекот треба да ја чува оваа самоосуда како евангелската сол, без која секое делување на душата веднаш почнува да трули и да смрди.

А често се случува токму спротивното! Ова стана веќе раширена болест во нашето време: сега луѓето заради сладострастието што се вкоренило во нив, заради наклоноста секогаш и во се да бараат комфор и пријатност, самиот духовен живот го сфаќаат како средство за најбрзо добивање на некакво внатрешно „блаженство”, сладок мир и еуфорија. И сега наидуваме на ваква слика: човекот ги исповедувал своите поранешни тешки гревови, одел малку во црква, на исповед уште неколку пати се присетил на нешто од минатото, се научил малку да се моли, надворешно почнал да води среќен живот, но и понатаму не гледа заради што треба да се кае: „Живееме некако нормално, немаме некои посебни гревови. Да, ни доаѓаат различни лоши мисли, оживуваат старите страсти во срцето, но тоа е кај сите така. Меѓутоа, колку добри дела правиме сега” итн. Така уште на самиот почеток човекот може да развие бесчувствителност за своите гревови. И ако не се научи внимателно да гледа на слабостите на својата душа, ако во неа не израсне внатрешно покајание, без него целиот духовен живот нема да има вистински ориентир, ќе скрене на лажен пат, во погибелна прелест. Тогаш човекот не само што нема да умее да ги воочи своите скриени страсти, туку и ќе почне да си замислува дека е особено надарен, дека има „духовни”, „благодатни” и „свети” дарови. Сите овие појави на душевното дејствувње што на човекот му изгледаат светли, благодатни и богоугодни создаваат кај него впечаток за некаква негова особена избраност, му изгледаат како почеток на возвишен духовен живот.

И навистина, кај човекот, кој создал некакво лукаво мислење за својата праведност, за тоа дека веќе стои на некакво значајно духовно ниво, се појавува чудно и необјасниво воодушевување, плима на некакви душевни сили, необична распаленост што тој ја сфаќа како света ревност, како и пориви на бурни душевни активности. Ни малку не е едноставно во овие движења да ја познаеш маската на самоизмама. Потребно е духовно искуство за човекот навистина да ја разликува ваквата болна распаленост од вистинската ревност. При сето тоа, човекот што скршнал од правиот пат не престанува да се нарекува грешник и делумно се смета за таков. Се работи за тоа што овде страстите почнуваат да делуваат многу лукаво и скриено, така што тука постои дури и признавање на гревовноста, но тоа е многу површно, повеќе е на зборови отколку во чувствата, додека признавањето на својата праведност лежи длабоко во срцето, иако со зборови, можеби, човекот не ја изразува.

Сега се гледа колку е важно, уште од самиот почеток на духовниот живот, на верникот да му се даде добар правец, да се предупреди да не му се случи слична самоизмама, да не му се допушти да се смета дека е оаза во пустината на Ветената Земја (св. Игнатиј Брјанчанинов), односно да не му се дозволи да мисли дека е спасен и избавен од опасностите кога штотуку стапил на патот на борбата. А за тоа е потребно на новиот верник, штом се покае за гревовите што порано ги направил, да му се даде поука за сложеноста на внатрешните страсти, да му се отворат очите за длабокиот мрачен свет на внатрешната гревовна разболеност на душата, за светот на лукавствата на лукавиот против кого ќе мора да се бори, а кој често ќе се крие зад маската на добродетелите и праведноста. Затоа е важно на човекот веднаш да му се укаже на потребата за постојано, вистинско и внимателно преиспитување на нашите наводни „добродетели” и појавата на нашата „духовна” огненост, ревност и нагли пориви кон возвишени подвизи.


About The Author