ПОДАРИ СИ ТИШИНА
Немаме храброст да се осознаеме себеси. Немаме храброст да го осознаеме Христос. Зошто? Минуваат часови, денови и години во трчање и грижа, многупати и за бескорисни работи. Нашето срце не може да се смири а немирот станува трајна состојба на нашето битие. Многу пати не можеме без метежот а присуството на тишината нè излудува.
„И додека патуваа, Тој влезе во едно село; една жена, по име Марта, Го прими во својот дом. А таа имаше сестра што се викаше Марија. Таа седна до нозете Господови и го слушаше словото Негово. Марта беше многу зафатена околу служењето и, кога застана, рече: „Господи, зар не ти е грижа што сестра ми ме остави да служам сама? Кажи ѝ да ми помогне.“ А Исус ѝ одговори и рече: „Марто, Марто, ти се грижиш и се вознемируваш за многу работи. Но само едно е потребно. Марија го избра добриот дел, кој нема да ѝ се од-земе.“(Лука 10: 38-42).
Се плашиме од тишината бидејќи таму нашето јас ќе почне да се открива и ќе биде потребна храброст за да се види вистината, да се признаат грешките и пропустите, да се донесат важни одлуки за промена и покајание.
Тишината е начин да го откриеме нашето јас, да навлеземе во срцето, да ги најдеме и да ги откриеме дијамантите, но и да го фрлиме ѓубрето во кантата за отпадоци. Подарете си тишина. Подарете си еден час од денот за да се сретнете со Христа. Како? Со половина час молитва и половина час читање на духовна литература. Не можете да направите толку многу? Направете помалку, но направете го тоа. Молете се десет минути и поминете десетина минути во читање на Светото Писмо, светите отци, едноставни совети од светиите, не помалку од тоа. Како да го доите младенецот на вашата душа. Не ја лишувајте душата од оваа храна, бидејќи во спротивно ја ставате во орбитата на смртта.
Тој час нека биде вашиот Рај, вашата работилница во која ќе мора да погледнете, поправите, да ги воспоставите нештата и да преминете кон исцелението. И дојдете во Црква малку порано. Исклучете го мобилниот телефон и таблетот. Воздржете се од страстите, застанете пред иконостасот и слушајте ги благословите на свештеникот. Ова е доволно. Дали сакате да водите личен дневник? Направете го тоа! Но, застанете на карпата од понорот за да ја опишете реалноста таква каква што е и да осознаете каде е вашата вина кога делата, зборовите и вашиот живот воопшто не благоухаат на Рајот.
Кога заминувате на работа наутро, станете малку порано, запалете темјан , стишете се, успокојте се и помолете се. Прочитајте два или три реда од Божјото слово. Прекрстете се и појдете со својот сопатник Христос. И сè ќе врви добро. Одете со благослов!
На почеток, вашата душа можеби нема лесно да се навикне на сето ова. Тоа е исто како да му кажете на тврдоглаво дете да седи мирно. Но, постепено ќе се смирите. Постепено ќе го стекнувате спокојот, потоа ќе започне дијалогот за на крај да ги земете алатките во свои раце. Кога тишината чекори по шините на трпеливоста, тогаш возот на душата безбедно ќе ја достигне својата крајна дестинација. Дозволете си да навлезе тишината во вашите животи, кога вашите грижи вè прогонуваат. Тишината е детска соба во која зборуваме со нашата душа и можеме да му кажеме на Создателот за се што нè засега. И таму, во нашето молчание, нека се слеат првите слогови на молитвениот плач.
Старецот Емилијан го вели следново: „Како што ја сакате својата жена или вашиот сопруг, така возљубете ги мирот и тишината, и тогаш ќе го возљубите Бог многу повеќе од сите луѓе. Зафатена и уморна личност не може да го сака Бога и не може да стори ништо.
Човек кој го растргнува својот живот помеѓу илјадници авантури, дела, интереси, грижи, човек кој сака сè и во сè сака само да го слуша својот збор, нема да биде способен за ништо. Затоа, брате мој, најди време, дури и во десет или единаесет навечер, кога ќе ги заспиеш децата, самиот или со сопругата или секој пооделно, влези во своето срце и послушај го.
Ќе завршам со совет од покојниот старец Емилијан Симонопетриски: „Но, да најдеме време да останеме без зборови, сами со Бога. Додека седите пред ТВ и тој ве голта и заборавате на сè, најдете нешто што е ТВ на небото, што ве тера да размислувате за ангелите и да се сеќавате на светиите кои се околу нас во секој момент. Малку тишина и малку подвиг, кои треба да ги извршиме и кои ќе бидат наше правило. “Потоа започнува убавиот пат на покајанието и спасението.
Автор: о. Спиридон Скутис
Извор: .bogonosci.bg
За Преминпортал: Симеон Стефковски
Јули 2021 лето Господово
https://preminportal.com.mk/polez…/24335-podari-si-tishina