// Google analytics code

Петровденски (Апостолски) пости

lebСекој ден е благословен од Господа, а особено посните денови кои се востановени и дадени од Него во Црквата Негова за зголемување на нашата духовна будност и внимание над срцето и негово чистење од страстите.

Постот и молитвата ни се голем дар Божји, без кој за нас луѓето нема обожување и спасение. Тие се наше благодатно учество во Крстот Христов, па затоа и во Неговото Воскресение.

Постот и молитвата ги осветил и ни ги подарил во Црквата Самиот Господ, Богочовекот Исус Христос, преку севкупниот Свој живот во тело меѓу нас луѓето.

Свети Јован Златоуст вели: „Кога ќе слушнете за постот не плашете се од него како од страшен војвода: тој не е страшен за нас, туку за лошите духови.“ Затоа и Христос вели: „Овој род се истерува само со пост и со молитва“ (Матеј 17, 21). Па тогаш, штом е постот толку страшен за нашите непријатели и ги прогонува, потребно е да го сакаме и радосно да го примиме, а не да се плашиме од него.

Започнува Петровденскиот или Апостолски пост, кој си има и свое правило на постење.

Востановувањето на Петровденскиот пост се однесува до првите времиња на Православната црква. За Црковното востановување на овој пост се спомнува во Апостолските правила: „После Педесетница, празнувајте една седмица, а потоа постете; зашто справедливоста бара и да се радуваме по примањето на даровите од Бога, и да постиме после раслабувањето на телото“.

Овие пости се востановени во чест на светите Господови апостоли и ce пости вака:

* во средa и петок не се јаде масло и вино;

* во понеделник, вторник и четврток се дозволува масло и вино,

* а во сабота и недела масло, вино и риба.

Ако падне празник во понеделник, вторник и четврток, се дозволува масло и риба.

 Ако падне празник на помал светител во среда и петок се дозволува масло и вино.

Ако е голем празник во сред и петок се допушта, покрај масло, и риба.

Ако падне ден на црковна слава во среда и петок, се дозволува масло и риба.

Неговиот почеток е подвижен и зависи од празнувањето на Пасха (Велигден). Тој започнува една седмица по Педесетница, т.е. од понеделникот по Неделата на сите светии, а неговата должина варира од 8 дена до 6 недели. Завршува на празникот на светите апостоли Петар и Павле (29 јуни/12 јули по нов стил). Меѓутоа, ако се падне среда или петок се ублажува на риба, но не и месо.

И да не забораваме дека според каноните (правилата) на Црквата, ако ги практикуваме правилно сите пости и водиме редовен и правилен духовен живот под духовно раководство на духовен Отец, со негов благослов, можеме да се причестуваме секоја недела.

Лесен и благословен пост!

 

Отец Гаврил Галев


About The Author