// Google analytics code

Пасивна социопатија – Митрополит Струмички Наум

IMG 526~+~

Беспричинско творење на зло со збор и на дело, а проследено од бесчувствителност, е најпрепознатливиот белег на луѓето со растројство на Божествениот лик во себе, т.е. со растројство на личноста. Таквите лица се општопознати како психопати и социопати. Но, се појавува поголема опасност и од ваквото активно растројство на личноста, а тоа е пасивната социопатија.

Што, накратко, значи пасивна социопатија? Тоа е кога човек активно не прави никакво зло никому, но истовремено е бесчувствителен за страдањето на луѓето околу себе и за сите останати за кои слуша дека многу страдаат; и истовремено не помага никому.

Пасивната социопатија е пандемијата на новото време. Ама баш нема човек кој, помалку или повеќе, не е зафатен од оваа болест. Јас би ја класифицирал според концептот дискаунт матрица – како највисоко ниво на дискаунт, односно игнорирање како заштитен психолошки механизам кој, од друга страна, всушност е потиснување; а тоа, пак, е сигурна основа за други психосоматски болести – само прашање е на време кога ќе се појават.

Добрата вест не е вест. Модерниот човек е просто нападнат од информации, преку електронските медиуми, за многу и најразновидни несреќи, најчесто со смртни последици, а тој, нема ни време, ни знаење како тоа да го процесуира во себе, без притоа да претрпи поголеми негативни последици. Бесчувствителноста е една од лошите последици, која кај модерниот човек, поради ваквиот начин на информирање, се профилира како пасивна социопатија.

Но, вината не е само на страна на медиумите, оти и тие се однесуваат согласно потребите на пазарот. Секој од нас мора и самиот да се запраша зошто повеќе го интересираат лошите вести, отколку добрите? А, јасно е дека тоа се случува поради страстите што сѐ уште живеат во нас, а пред сѐ, самољубието. Што, пак, да кажам за оние што шират зло по социјалните мрежи…

Исто така, на пример, не треба да гледаме и филмски проекции и информативни емисии кои содржат насилство, затоа што несвесно ја зафаќаме ко божем страната на „доброто“, а последицата е повторно иста – пасивна социопатија. Истото се случува и кога безрасудно ги прифаќаме колективните несвесни шеми и ја заземаме личната, семејната, политичката, националната, „црковната“ и која било друга страна, наместо Христовата. Итн., итн.

Единствен лек против оваа модерна пандемија е, пред сѐ, молитвата за целиот свет. Времето е такво што сите треба да се префрлиме на постојана молитва за цел свет, и тоа треба да ни биде единствената идеја секогаш кога ќе застанеме на молитва; и тоа, со молитва за секоја поединечно чуена несреќа. Само тогаш нашата молитва ќе добие сериозност и покајание. Само таква молитва Бог слуша. Само на тој начин ќе развиеме лична сострадалност.

Кога застануваме на молитва со свесноста дека Христос ни е покајание и сѐ, тогаш сериозноста и покајанието произлегуваат од таа свесност, а кога се молиме за целиот свет, а посебно за оние кои конкретно страдаат, тогаш сериозноста, покајанието и концентрацијата ни доаѓаат, покрај од Богочовекот Христос, и некако природно, од нашата човечност – што е најдобра варијанта.

Исто така, битна е и конкретната помош на дело. Сум ви напишал, ако меѓу две одења во црква не сте нашле некого да му помогнете, според своите сили, конкретно – а сте можеле, немојте ни да се причестувате со Телото и Крвта Христови. Не можеме свесно да го оставиме да страда оној со кој Богочовекот Христос лично се поистоветил (види: Матеј 25, 40), а тоа да нема никакви духовни последици по нас.

Покрај молитвената и конкретната помош на дело, многу е важен и нашиот аскетски подвиг. Да не објаснувам многу, секогаш кога ќе бидеме гладни, жедни, ненаспани, уморни, па и телесно исцрпени заради Богочовекот Христос, секогаш ќе учествуваме во и ќе ги олеснуваме страдањата на сите што страдаат. И подобро да учествуваме и да им ги олеснуваме страдањата на страдалните со волев аскетски подвиг отколку со трпение и благодарност на болестите што секако ќе нѐ снајдат. Бог секако нѐ љуби и не го остава своето лозје неискроено.

Лошата навика е главниот проблем и во случај на пасивната социопатија и во многу други нејзини пројави, како – комфорот, млакоста на личниот подвиг, безбожниот или безличен или игнорантски однос кон својот Епископ (иако од односот кон Епископот им зависи целиот живот на луѓето – знаеле или не, сакале или не), безверниот и ладен однос кон Светата Литургија и Светата Причест (кога би ја служеле во полна благодат, не би можеле ни да ја довршиме) итн. На лошата навика ќе ѝ се спротивставиме со добра пракса.

 

Господи Исусе Христе, по молитвите на Богородица, помилуј нѐ!

Митрополит Струмички Наум

(18.10.2021 11:54)

 


About The Author