// Google analytics code

Откровение во обратна насока – Митрополит Струмички Наум

vodocha070920141Рековме дека треба да ја знаеме разликата помеѓу теолошкото познание што произлегува од љубовната заедница со Бог во отвореното срце, односно од просветленоста на умот преку умно-срдечната молитва, и знаењето (теолошко, схоластичко) што го добиваме само од читање теолошки и други текстови (електронски или печатени). Едното нѐ прави соучесници во Божјиот Домострој на спасението на човекот и светот, а другото постепено нѐ прави демоноподобни (сѐ знаат, ама никого не љубат – освен себе). Резултатите од второто ги гледаме насекаде околу нас.

Живееме во информатичкото општество на глобалното село. Животот се одвива брзо и динамично, а од сите страни сме изложени на нови и нови информации. Преку разните екрани и средства за повеќе еднострана отколку двострана комуникација, демонот го пропуштивме и дома. Просто, во целата збрка забораваме дека ние, христијаните, сме туѓинци во овој свет што го чекаат идното Царство (пред сѐ, внатре во нас), и за кои сѐ дотогаш важат правилата на туѓинување во ваквиот свет. Овој заборав е основната демонска цел.

За жал, правилата за туѓинување, денес, едвај монасите ги сочувуваат – некако. Би требало да се угледаме на нив и да го повратиме барем суверенитетот над нашиот материјален и семеен дом, како предуслов за враќање на суверенитетот над нашето срце. Практично, тоа значи ако не исфрлање – како кај монасите, тогаш барем ригорозно ограничување на информациите што можат да протечат низ нашиот дом, пред сѐ, преку електронските медиуми и средствата за комуникација, како и многу повеќе одвоено време за молитва и соодветно читање.

Се среќаваме со разни информации и од духовниот живот. Треба како пчели мудро да ги одбираме само оние што ни се од духовна полза согласно степенот на нашиот духовен развој, а другите да ги одбегнуваме. Потребни ни се теолошко-догматски информации за храна на разумот – но точно дозирани, иако повеќе ни се потребни аскетско-етички информации или поуки од списите на светите Отци и од житијата на светиите за храна на срцето. Убаво е да го храниме срцето и со жив пример, ама тоа денес е реткост. Ваквиот начин на духовна исхрана треба да ни е поттик кон аскетско-исихастички подвиг за очистување на срцето (и по тоа ќе го препознаеме како полезен), и тој треба да трае сѐ до отворањето на умот за умно-срдечната молитва. Потоа ни следува нов начин на духовна исхрана.

Потребна е рамнотежа и соодветна пропорција помеѓу знаењето од опит и знаењето од читање. Едното со другото треба да се надополнуваат. Добро е, како што реков, кога преку читањето го поттикнуваме и го освестуваме опитот. Најдобро е откровението во обратна насока – кога опитот ни го открива значењето на напишаното во Евангелието или во делата на светите Отци – како кај просветлените. Најлошо е собирање на знаење без опит во љубовта Божја – како тоа кај демоните.

Дури ни сите информации од животот на Црквата не се важни да ги знаеме. За важните нѐ известува духовниот отец (посебно во манастир). Кај неважните разликуваме: нормални и соблазнителни. Нормалните не треба да нѐ интересираат, исто како и соблазнителните. Кај вториве битен е изворот: дали се од оговарање или сами ги бараме таквите на интернет мрежата. Од лошо – полошо.

За полошото, најдов еден коментар на фејсбук (кој важи и за оговарањето): „Ако тоа (што го читате или слушате) е лага, а вие верувате, тогаш очекувајте со прифаќањето на лагата да влезе и демонот на лагата внатре во вас. А ако е вистина, а вие осудувате, заедно со осудувањето ќе влезе во вас и демонот на осудувањето. И во двата случаја, демонот влегува во вас (за чие влегување веќе сте се подготвиле со покажаната несоодветна заинтересираност), што потоа ќе се случи, сами ќе видите. Христијански, правилно е (ако веќе некако дојде до нас информацијата) да се помолиме за луѓето за кои се пишува (или за кои слушаме), без оглед дали тоа е лага или вистина, Господ да ги помилува, и заедно со молитвата да влезе во нас Духот на љубовта и да нѐ спаси сите“.

Божествена Литургија, Водоча
28.06.2015


About The Author