Отец Гаврил Галев: Чудото со синот на една вдовица
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин!
Во ова Евангелие и Евангелски настан, опишан во светото евангелието според Лука, се открива големината и славата Божја: Господ е единствен Господар на животот и на смртта, како и на се’ останато. Bдовицата, која што го оплакува својот син и на погребот ‘собрала’ многу народ е сведоштво за нејзината општествена положба: богата, славна и почитувана. Но тоа не и помогнало да ја спречи смртта на своето сакано и единствено дете. Тука не можел да и помогне ниту сиот собран народ, ниту пак богатството што го поседувала. Единствениот што може тоа да го направи е Бог, Господ Исус Христос.
Сожалувајќи се над неа, ја сопира поворката и го воскреснува момчето. За да го прослави името Божјо и за да го спознаат вистинскиот Бог, го враќа од смрт во живот, давајки му можност за спасение.
Смртта всушност не е крај, смртта е премин. Крај е ако го изгубиме Бог, односно го напуштиме, не веруваме во Него и не вршиме дела Божји.
Смртта ќе биде премин ако живееме Божествен живот, како што апостол Павле вели: не живеам веќе јас, туку Христос живее во мене. Ние се распнавме за Христос, заедно со Него, и нашиот живот е Христов живот, Божествен живот. Тоа се гледа преку содржината и достоинството на нашиот живот. Затоа ние треба да станеме орудија Божји, храм на Светиот Дух, и на тој начин да бидеме носители на вечниот живот, којшто не престанува со смртта, туку преминува на онаа страна, страната која Светите Отци на Црквата ја нарекуваат царство Божјо, царство на Отецот и Синот и Светиот Дух, коешто е во вечни векови.
Според аскетско-исихастичкото толкување на ова Евангелие, жената, мајката, е нашата душа и нашето срце. Синот, упокоениот, мртвиот, е нашиот ум. Оние што го носат одарот на упокоениот, тоа се демоните, а одарот се страстите. И ние ако не внимаваме на нашиот живот, ако не ги контролираме нашите мисли и дозволиме лошите, нечистите мисли да завладеат со нас, на тој начин нашиот ум умира и нашето срце се оттуѓува од Бога. На тој начин ние го наследуваме оној крај, за кој претходно говорев. Затоа само Господ, односно прво живата вера во Него, а потоа и повикувањето на името Божјо: Господи Исусе Христе, помилуј ме грешниот/грешната – и учеството во светите тајни, a пред се тајната на Евхаристијата, ни дава живот вечен и нашата душа станува жива.
Возљубени, да внимаваме какви мисли примаме. Какви мисли примаме, таков ќе биде нашиот живот и таква ќе биде нашата душевно-духовна состојба. Односно, ќе биде светла и просветлена ако примаме светли и просветлени мисли, а со тоа ќе бидеме носители на живот, или, помрачена и потемнета, односно ќе бидеме носители на смртта. Затоа велам внимавајте – што и да се случува во нашиот живот, секогаш да примаме добри, позитивни, благи и љубовни мисли, коишто го исполнуваат и нашето тело, коешто е храм, и го исполнува и бележи нашиот живот. Еден отец има речено дека според содржината на садот дејствува и самиот сад. Ако примаме во него отров, тој го разјадува од внатре садот и тој се распаѓа со време. Меѓутоа, ако во него ставиме благоухано миро, тогаш и самиот сад пушта благоухана миризба и сите ги привлекува.
На тој начин и нашиот живот да го направиме благоухан и со нашиот живот да го прославиме Бога, и така да ја воспоставиме таа вечна заеднца, којашто не престанува и којашто се пренесува во царствето Божјо, коешто е и овде и во вечни векови. Амин.
25.10.2015 Роклин
о. Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија