Отец Гаврил Галев: Христијанска антропологија според светиoт апостол Павле во посланијата до Коринтјаните (I дел)
Вовед
Човекот не е само загатка, туку тајна. Загатката може да се реши – понекогаш се работи само за информации и комуникација. Можеме само да се доближиме до тајната, но не и да ја решиме. – проф.д-р Владета Јеротиќ[1]
Живееме во време во кое се почесто се споменува поимот човеков и човекови права и се помалку сме запознаени со човекот и кои се неговите „права“. Што е, или поточно, кој е човекот и какво е неговото назначение, смисла и цел на постоењето, е отворено прашање со векови.
Темата за која сакаме да пишуваме по предметот „Толкување на I и II Послание до Коринтијаните“ е избрана затоа што во денешно време, теоретски човекот е позициониран во центарот на светот, додека во реалноста е сè повеќе и повеќе подецентрализиран и дезориентиран. Тоа се случува затоа што е поместена оската, односно основата на која е поставена оската е поместена „зашто никој не може да постави друг темел освен оној што е поставен, а тоа е Исус Христос“ (1 Кор. 3:11).
Со своето воплотување, Богочовекот Исус Христос ја поместува гравитацијата и стана центар и критериум за човештвото, затоа нашата тема, поточно би ја именувале како „Христоцентрична антропологија“. [2]
Античка дуалистичка антропологија
Во време на светиот апостол Павле, во Коринт антрополошката мисла била под силно влијание на стоиците, епикурејците и академиците. За да се разбере антропологијата на свети Павле, најпрво неопходно е да ја земеме во предвид дуалистичката антропологија на Грците кои прават јасна разлика помеѓу душата и телото, но исто така дури и повеќе на хебрејската рамка на референци, саркс и психа (тело и душа). Според која двете компоненти на човековата природа ја означуваат целата жива личност, а не само како дел од човекот[3] .
Според хеленскиот дуализам, телото е спротивставено на душата и претставува ковчег, гроб или непријател на душата. Телото и душата се сметаат за две различни спротиставени супстанци. Душата е вечна, а нејзиното родно место е идеалниот свет. Телото е привремено, материјално и тоа е извор на страдањата и страстите на душата. Бесмртнатa душа е привремено затворена во смртното тело[4].
Свети Павле и неговите посланија до Коринтјаните
Свети Павле напишал четири посланија до Коринтјаните, од кои биле зачувани само две[5]. Во своите посланија до Коринтјаните тој се занимава со проблемот за човекот, неговиот социален и црковен живот, моралот, полот, назначението и есхатологијата.
По вокација тој не бил психолог и не дава конкретна психосоматска дефиниција за тоа што е човекот, но од неговите посланија можеме да прочитаме дека бил повеќе од психолог. Тој бил комплетен духовник, достоен познавач на човековата душа и нејзините потреби, не од книга, туку преку внатрешно искуство на Светиот Дух. Просветлен од благодатта на Светиот Дух и мудроста што не е од овој свет, туку од Бога, тој го познавал човекот одвнатре (1 Кор 2:11-13).
Кога свети Павле зборува за човекот, тој секогаш го поврзува со Бог, поточно со Богочовекот Исус Христос, преку Кого е сè и преку Кого сме и ние живи (1 Кор. 8:6). Според тоа, неговата антропологија е строго христоцентрична,а исто така и сотириолошка и есхатолошка. Свети Павле говори за човекот, создаден според образот и подобието Божјо; за гревот, падот и неговото искупување; за обожението и крајното спасение, т.е. единството со Бог, како крајна цел на човечкото суштествување. Продолжува…
Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија
[1] Nahum Ilievski, Christians’ Identity (in Macedonian), (Monastery of the Most Holy Theotokos Eleusa: Library of Eleusa, 2018, 177
[2] Ben Witherington, Conflict and Community in Corinth: A Socio-Rhetorical Commentary on 1 and 2 Corinthians. Grand Rapids: Eerdmans, 1995, 126
[3] John S Romanides, “Original Sin According to St. Paul.” The Romans, http://www.romanity.org/htm/rom.10.en.original_sin_according_to_st._paul.01.htm#180 (accessed June 4, 2019)
[4] Ray S. Anderson, On Being Human, (Grand Rapids: Eerdmans, 1982), p. 208
[5] Mark, Alen Powell, Introducting the new Testament: A Historical, Leiteratry, and Theological Survey Backer Pablishing Group, Singapore, 2009, 274