// Google analytics code

Отец Гаврил Галев: Свети апостол Павле – ПРВОВРХОВНИОТ АПОСТОЛ ХРИСТОВ

St Paul 3 (3)~+~

О, најчудесен апостолу,

кое слово е доволно за да не кажам помалку од тоа што си?

Ти кој си врховен меѓу апостолите,

и себеси се сметаше за најнедостоен и недоносче меѓу нив.

Ти кој најмногу се потруди од сите,

и најмногу претрпе од сите.

Ти кој беше вознесен на небесата

и виде што око човечко не може да види,

слушна што уво човечко не може да слушне и

на ум на човека што не може да му дојде.

Ти кој ја напиша највозвишената химна за љубовта,

од која ние, христијаните, и денес се учиме.

Свети апостол Павле, како што за него ќе каже златоустиот Јован, не се разликувал со ништо од сите нас, обичните луѓе, но имал цврст карактер, непоколеблива волја и безрезервна вера, кои направиле од жесток гонител на христијаните да стане прв апостол меѓу избраните, и заедно со неговиот соборец, свети апостол Петар, да се наречат првопрестолни меѓу апостолите. Неговите ревност и љубов кон Бог и луѓето се пример за сите поколенија. Тој е вистински образец како од Савле се станува Павле, односно од богоборец – светител Божји.

Младоста

 

Весели се во младоста своја, момче, и срцето твое да вкусува радост во дните на твојата младост; и оди каде што срцето те влече и каде што очите ти гледаат;

само знај, дека за сето тоа Бог ќе те изведе на суд.

(Проп. 11, 9)

 

Апостол Павле бил современик на Господ Исус Христос, а се родил некаде во првата деценија од 1 век, во киликискиот град Тарс, од родот Венијаминов, од угледни родители и римски граѓани. Oд неговите предци тој го наследил римското граѓанство. Неговото еврејско име било Савле – Саул (Шаул), и најверојатно бил именуван според израилскиот цар Саул. Подоцна, откако се преобратил во христијанство, го користел и неговото латинско име Павле, што значи „помал“, најверојатно затоа што се сметал за „најмал меѓу апостолите и како недоносче“[1].

Неговите родители го испратиле во Ерусалим, во фарисејското училиште, за да го изучува Мојсеевиот закон. Учител му бил познатиот, по мудрост и благочестие, рабин Гамалил, голем познавач на законот, почитуван од целиот народ.

Неговото име го претставувало и неговиот карактер: Савле значи копнежлив, жеден. Така, и Савле бил жеден за богопознание, посветено го изучувал фарисејското учење и предничел пред другите. Немало нешто што тој не го знаел, посебно кога станувало збор за Законот и татковските преданија. Ревносен по Бог и непопустливо праведен, сметал дека христијанството, кое во тоа време се јавило како нова „секта“, е погубно за јудејството, па силно му се спротивставил и сакал да го сузбие. „До смрт ги гонев јас следбениците на тоа учење, врзувајќи и предавајќи во затвор и мажи и жени, како што сведочат за мене првосвештеникот и сите старешини, од кои, откако бев земал и писма до браќата, одев во Дамаск да ги доведам во Ерусалим врзани и тамошните, за да бидат казнети“ (Дела 22, 4–5).

Колку бил безобѕирен во својата ревност, покажува фактот дека ништо не му значеле ниту возраста, ниту роднинските врски. Спорел за верата и се подбивал со светиот апостол Варнава, а го одобрувал и каменувањето на младото момче, светиот првомаченик Стефан, иако и двајцата му биле роднини. Бидејќи бил активен и ревносен фарисеј, таа негова фундаменталистичка ревност го однела дотаму што младиот Савле заминал дури до Дамаск за да ги прогонува христијаните, станувајќи најголем гонител на Христовата Црква.

 

„Тешко е за тебе да се риташ против бодило

 

Бог на нашите татковци те определил да ја познаеш Неговата волја,

да Го видиш Праведникот и да чуеш глас од устата Негова,
зашто ќе Му бидеш сведок пред сите луѓе за она што си видел и чул.

(Дела 22, 14–15)

 

Но, на патот кон Дамаск се случило чудо. Тогаш фарисеите ја претрпеле најголемата загуба, а христијаните – добивка. Одејќи „на пат и наближуваше до Дамаск, наеднаш го обзеде светлина од небото, и откако падна на земја, чу глас што му зборуваше: ’Савле, Савле, зошто Ме гониш?‘“

Зачуден и исплашен од тоа што му се случило, прашал: „Кој си Ти, Господи?“ Бидејќи Црквата како Тело Христово, како и Господ Исус Христос, се поистоветува со секој еден од нас, како што вели: „ако сте го направиле на еден од овие Мои најмали, Мене сте Ми го направиле“ (Матеј 25, 40), Он Му одговорил: „Јас сум Исус, Кого Го гониш ти. Тешко е за тебе да се риташ против бодило“[2]. По ова три дена останал слеп, не јадел и не пиел.

Тогаш, всушност, се случила најголемата пресвртница во неговиот живот, која бележито влијаела врз целата вселена и врз спасението на човештвото. Савле – Павле тоа го правел од преголема ревност кон Бог, а Бог, Кој гледа на срце и Кој бескрајно љуби, и му се открива секому што Го бара, му се открил и нему; му открил дека Он е Спасителот, и му го открил Својот спасителен домострој.

Тој ја сфатил својата заблуда – спознал дека Бог е љубов[3] и дека не сака жртви, туку милост[4], па се покајал и побарал простување. Откако Бог го упатил кај светиот Ананиј да му прочита молитва, му се отвориле очите, и тој бил крстен. Кај него останал неколку дена, и откако се поткрепил, се поучил во вистинската вера и се вратил во Дамаск. „И веднаш почна да проповеда во синагогите за Исус, дека е Он Син Божји. И сите, што го слушаа, се чудеа и зборуваа: ’Не е ли овој, кој во Ерусалим ги гонеше оние што го спомнуваа ова име, та затоа и овде дошол за да ги заведе врзани при првосвештениците?‘ А Савле се засилуваше сè повеќе и ги збунуваше Јудејците кои живееја во Дамаск, докажувајќи им дека Овој е Христос. А откако минаа многу дни, Јудејците се договорија да го убијат. Но Савле узна за тој заговор. Тие, пак, дење и ноќе го чекаа на портата, за да го убијат. Но учениците го зедоа ноќе и в кошница го спуштија по ѕид“ (Дела 9, 20–25). Оттаму заминал за Ерусалим за да се види со светиот апостол Петар: „А кога Бог, Кој ме избра од утробата на мојата мајка и ме повика преку Својата благодат, благоволи во мене да Го открие Својот Син, за да благовестувам за Него меѓу иноверците – веднаш не го прашав ни телото, ниту крвта, ниту пак, отидов во Ерусалим при оние што станаа апостоли пред мене, туку заминав за Арабија и пак се вратив во Дамаск. А на три години потоа отидов во Ерусалим за да се видам со Петар, и останав при него петнаесет дена. Други, пак, од апостолите не видов, освен Јаков, братот Господов“ (Гал. 1, 15–19). Оттогаш, постојано и неуморно Го проповедал Христос како единствен Бог и Спасител.

Кога дошол во Ерусалим, свети апостол Павле се обидувал да им се придружи на учениците Господови, но сите се плашеле од него, затоа што го знаеле како гонител на христијаните. Подоцна, кога светиот апостол Варнава, кого Павле претходно го исмевал, видел и се убедил во неговото обраќање кон Христос, се израдувал и го привел кон апостолите, а тој им раскажал за неговото обраќање. Тоа ги исполнило со радост светите апостоли, и Го прославиле Бога. А свети апостол Павле и во Ерусалим се препирал со Евреите и Елините околу името Господово.

Оттогаш, тој целиот свој живот го посветил во служба на Бог, работејќи и жртвувајќи сè за спасението на сите, станувајќи му секому сè, само за да го придобие и на некој начин да му ја спаси душата[5]. Затоа, како што и самиот сведочи во своето Послание до Коринтјаните:

„За срам зборувам: како да сме биле немоќни? Но, ако некој се осмели, во безумство велам, ќе се осмелам и јас. Евреи ли се? И јас сум. Израилец ли е? И јас. Семе Авраамово ли се? И јас. Служители Христови ли се? Во безумство зборувам, јас сум повеќе. Повеќе се трудев, повеќе рани поднесов, повеќепати бев затворан во темница, и многупати на умирање. Од Јудејците примив петпати по четириесет без еден удар; трипати сум удиран со стапови, еднаш каменуван, трипати претрпев бродолом, и ноќ и ден поминав во длабочина; многупати сум патувал, сум бил во опасност од реки, во опасност од сонародници, во опасност од разбојници, во опасност од друговерци, во опасност по градови, во опасност по пустини, во опасност по море, во опасност меѓу лажни браќа; во труд и мака, во често неспиење, во глад и жед, во многу постење, на студ и голотија. Освен надворешните непријатности, тука се уште и секојдневните напади против мене, како и грижата за сите цркви“ (2 Кор. 11, 21–28).

 

Апостол на незнабошците

 

Задолжен сум кон Елините и варварите, кон мудрите и кон неразумните.

(Рим. 1, 14)

 

Еднаш, пак, стоејќи во црква и молејќи се, имал видение во кое Господ му рекол: „’Побрзај, та излези од Ерусалим поскоро, зашто нема да го примат твоето сведоштво за Мене!‘ Јас, пак, одговорив: ’Господи, тие знаат дека јас ги затворав и биев по синагогите оние што веруваа во Тебе; и кога се проливаше крвта на Стефан, Твојот сведок, таму стоев и јас, и го одобрував неговото убиство, пазејќи ги алиштата на оние што ги убиваа‘. И ми рече: ’Оди! Јас те праќам далеку – при незнабошците‘“ (Дела 22, 18–21).

Неговите четири патувања, поткрепени со силата Божја, дале големи плодови во основаните христијански заедници во Палестина, Сирија, Мала Азија, Македонија, Ахаја, Далмација, Илирија, Италија, Галија и Шпанија, каде што се развил богоугоден живот во најширока смисла, како сведоштво за евангелскиот и светотаинскиот живот во Христос, станувајќи на тој начин апостол на придојдените, незнабошците.

„Јазикот на овој човек светел посилно од Сонцето, и тој повеќе од сите изобилувал во словото на верата; зашто, со оглед на тоа дека се потрудил повеќе од другите, тој примил и голема благодат на Духот[6]. И ова постојано е потврдувано, не само во неговите Посланија, туку и во Делата Апостолски. Оти, во секое време на говорништво, нему луѓето секаде му отстапувале место. Онаму каде што го слушале незнабошците, тој бил сметан за Хермес, ’бидејќи управуваше со словото‘ (Дела 14, 12). (…) Тој ги исправал луѓето на два начина: со авторитетот на своето слово и со своето присуство“, вели свети Јован Златоуст.

 

Првото патување

 

И така, бидејќи оправдани со верата, имаме мир со Бог, преку нашиот Господ,

Исус Христос, преку Кого со верата добивме и пристап кон оваа благодат,

во која стоиме, и се фалиме со надежта во славата Божја. Но не само тоа, туку се фалиме и со маките, знаејќи, дека од маката се раѓа и трпението; од трпението, пак – искуство, а од искуството – надеж; надежта, пак, не посрамува, зашто љубовта Божја се излеа во нашите срца преку Духот Свет, Кој ни беше даден.

(Рим. 5, 1–5)

 

Првото патување свети апостол Павле го направил 47 – 48 година, заедно со светиот апостол Варнава. Средиште на неговите патувања била Антиохија Писидиска. Од Антиохија слегле во Селевкија, а оттаму отпловиле за островот Кипар, каде што во градот Саламин го проповедале словото Божјо по еврејските зборници. Дотаму со нив бил апостолот Јован – Марко, кој подоцна го напишал третото евангелие, но тогаш ги напуштил и се вратил дома. Од Кипар дошле во Перга Памфилиска, а оттаму повторно во Антиохија Писидиска, па во градовите Иконија, Листра и Дервија[7].

Во Листра светите апостоли Павле и Варнава најпрво исцелиле некој болен човек, хром од раѓање, па мештаните почнале да ги сметаат за богови: Павле го нарекле Хермес, а Варнава – Зевс. Мештаните донеле јунци и венци, сакајќи да им принесат жртви, но апостолите ги раздрале своите облеки и одвај ги убедиле да не го прават тоа: „Луѓе, што правите? И ние сме смртни луѓе како вас“ (Дела 14, 1–18). На крајот ги каменувале до смрт, но Господ ги сочувал и тие преживеале. Оттаму се вратиле во Антиохија, успешно завршувајќи го своето прво патување, обраќајќи во Христос многумина Евреи и незнабошци, и ракополагајќи многумина презвитери по сите цркви.

 

Второто патување

 

Никому никаков повод не даваме, за да не се напаѓа нашата служба,
туку во сè се препорачуваме за служители Божји, со големо трпение, во неволји, во нужди, во тешкотии,
при рани, во темници, во скитања, во напори, во бденија,
во пости, со чистота, со знаење, со долготрпеливост, со добрина, со Духот Свет,
со нелицемерна љубов,
со проповед на вистината, со сила Божја,
со оружјето на правдата во десна и во лева рака,
при чесност и бесчесност,
при укори и пофалби; нè сметаат за измамници, а ние сме вистинити;

за непознати, а добро сме познати; нè држат како да сме на умирање,
а еве – живи сме; нè казнуваат, но не можат да нè умртват;
нè нажалуваат,
а ние сме секогаш весели; нè сметаат за бедни, а мнозина обогатуваме;
како ништо да немаме, а сè имаме.

(2 Кор. 6, 1–10)
Откако се вратиле во Антиохија, Павле и Варнава се грижеле за Црквата и продолжиле да го проповедаат Евангелието. Во тоа време, Јован, наречен Марко, внук на апостол Варнава, не осудувајќи се да му пристапи на апостол Павле, му пришол на својот роднина, светиот Варнава, и со покајание и солзи го молел повторно да го поведе со себе, велејќи дека е подготвен да поднесе секакво страдање, па дури и смрт за Господ.

Тогаш, свети апостол Павле го повикал Варнава повторно да ги посетат местата во кои го објавувале Евангелието на претходното патување, но апостол Варнава сакал со себе да го поведе и својот роднина Јован – Марко. Но, свети апостол Павле се спротивставил на тоа, велејќи: „Зошто со себе да водиме плашлив младич, кој претходно нè остави во Памфилија, не сакајќи да оди со нас на делото на кое бевме испратени, и одвојувајќи се од нас се врати во својот дом?“ Така настанала расправија меѓу нив и на крајот се разделиле. Тоа се случило по Божја промисла, зашто тие, одејќи одвоено, на тој начин привеле кон спасение поголем број луѓе.

Светиот апостол Варнава го повел Марко со себе и се вратил на Кипар, во својата татковина[8], а свети апостол Павле го зел Сила, со кого ги пропатувал Сирија и Киликија, утврдувајќи ги тамошните цркви. Пред да пристигне за првпат во Антиохија Сириска, Павле поминал неколку години во Тарс[9]. Тогаш имал намера повторно да ги посети заедниците што таму ги основал, но сепак, Бог поинаку промислил.

Најпрво заминал за Иконија и Листра, а потоа во Троада. Во Листра апостол Павле го обрезал својот ученик Тимотеј, а им се придружил и светиот апостол Сила. Впечатливо е дека во Троада свети апостол Павле имал видение: му се јавил некој човек, Македонец, кој го молел да дојде во Македонија[10]. Тогаш, за првпат, свети апостол Павле преминал на европско тло, во градот Филипи. Таму свети апостол Павле проповедал на местото каде што најчесто се собирале многу луѓе, а прва што го прифатила христијанството била Лидија, благочестива жена. Таа го повикала апостол Павле во својот дом, а нејзините домашни поверувале и се крстиле, и имало уште многумина со нив.

Потоа, апостолите заминале за Солун, Бер, Атина и Коринт. Од Коринт се вратиле во Мала Азија, во градот Ефес. Од Ефес заминале за Ерусалим и повторно се вратиле во Антиохија. Второто патување траело три години, од 49 до 52 година.

Како и на претходното патување, и тогаш имале многу тешкотии и искушенија. Најпрво во Филипи изгониле нечист дух од некоја слугинка, која гатала и на тој начин им носела приход на нејзините господари, и тие, озлобени поради нивната загуба, ги наклеветиле на властите и ги затвориле. Но, Бог не ги напуштил, и во затворот се случило чудо. Настанал земјотрес и апостолите се ослободиле од оковите и ќелијата, поради што затворскиот стражар сакал да се самоубие, но тие го спречиле и отишле во неговиот дом, каде што го проповедале Евангелието и ги крстиле неговите домашни.

Во Солун, исто така, им се случиле непријатности, најпрво од солунските Евреи, кои не можеле да го прифатат нивното слово, а потоа им се придружиле и противниците од Филипи, кои дошле дотаму да ги прогонуваат. За Беријците се вели дека „беа поблагородни од Солуњаните; тие го примија словото со голема усрдност“.

Во Атина, свети апостол Павле ја покажал силата на своето слово и ја изрекол неговата позната проповед во аеропагот Атински, велејќи: „Луѓе Атињани, по сè гледам дека сте побожни. Зашто, кога минував и ги разгледував светилиштата ваши, најдов и жртвеник, на кој беше напишано: ’На непознатиот Бог‘. За Него, пак, Кого вие не Го знаете, а Кого Го почитувате, за Него јас ви проповедам“ (Дела 23–31). Во Атина им се придружиле Дионисиј, познат како Аеропагит (философ), и една жена Дамара, како и мноштво други.

Во Коринт им се придружиле еден Јудеец, Акила, со својата сопруга Прискила, кои му станале верни придружници и сотрудници на нивата Божја. Од нив светиот апостол Павле го научил ткајачкиот занает и работел заедно со нив, изработувајќи шатори, со свои раце заработувајќи храна за себе и за своите сопатници, како што за тоа говори во Посланието до Солуњаните: „Сами знаете како треба да се угледате на нас, бидејќи ние не живеевме неуредно при вас, ниту пак, при некого јадевме леб дарум, туку работевме со труд и мака дење и ноќе, за да не му додеваме на никого од вас. И не поради тоа што немавме власт, туку за да бидеме пример, та да се угледате на нас“ (2. Сол. 3, 7–9).

Во Ефес го сретнале Аполос, побожен Јудеец од Александрија, „красноречив човек и упатен во Писмата“, кој слушнал само за Јовановото крштевање, меѓутоа бил многу храбар и отворено проповедал. Светите апостоли ја исправиле неговата вера, го крстиле, и подоцна тој станал еден од најревносните апостоли Христови. Така, од ден на ден, од место на место, благодарение на Павловата неуморна проповед, сè повеќе луѓе ја примале христијанската вера.

 

Tретото патување

И така, возљубени, имајќи вакви ветувања, да се очистиме од секаква скверност

на телото и на духот, па да твориме дела свети и со страв Божји. Примете нè

во срцата ваши: никому не направивме лошо; никого не упропастивме,

ниту, пак, некого искористивме. Ова не го зборувам за осудување,

оти пред малку реков дека сте во срцата наши,

за да умреме и да живееме заедно.

(2 Кор. 7, 1–3)

 

Откако свети апостол Павле поминал одредено време во Антиохија, тргнал на уште едно патување, трето по ред, каде „ги обиколуваше редум Галатската област и Фригија, и ги утврдуваше сите ученици“, посетувајќи ги најпрво местата каде што поминал на своето прво и второ патување[11].

Потоа пристигнал во Ефес, каде апостол Павле, при своите патувања, поминал многу повеќе време отколку во другите градови, дури две години. Службата во Ефес била многу плодоносна: словото Божјо допрело до целата азиска провинција. Таму светиот апостол Павле вршел многу чуда, и не само неговите раце, туку и облеката и шамивчињата што биле натопувани со неговата пот имале таква чудотворна сила, што веднаш ги исцелувале болните од секаква болест, а злите духови биле изгонети.

Меѓутоа, и таму се побунил народот, па се втурнале на нив со јарост, затоа што со својата проповед го намалувале култот на незнабожечката божица Артемида[12]. Во тоа време биле основани црквите во Колоси, Eрапол и Лаодикија, преку апостолот Епафрас[13], еден од сотрудниците на апостол Павле[14]. Од Ефес заминал за Филипи и Коринт, за да ги посети и тамошните христијански заедници. Потоа заминал за Милет, каде се збогувал со старешините на ефеските цркви, и заминал за Ерусалим, каде што бил заробен.

Откако неколкупати бил испитуван, и немајќи докази да го држат, но и немајќи намера да го пуштат, тој го искористил правото на римски граѓанин и побарал да биде суден пред царот во Рим. На тој начин искористил да ја оствари својата долгопосакувана желба да проповеда за Христос и Евангелието во Рим.

Тоа му се смета како четврто патување, но таму апостол Павле тргнал како затвореник, што и му помогнало непречено да проповеда цели две години во Рим, и многумина Евреи и незнабошци обратил во Христос. На патот кон Рим претрпел и невреме и бродолом, но според промислата Божја, сите останале живи.

Апостол Павле напишал неколку од своите Посланија во затворската ќелија. Ги упатил до Ефесјаните, Филипјаните, Колосјаните и Филимон, во текот на неговото прво затворање од 61 до 63 година. А своето последно писмо, второто Послание до неговиот верен пријател и сотрудник Тимотеј, го напишал во текот на неговото последно затворање, во 67 година.

 

„Времето на моето одење настапи…“

 

Во сè сме навредувани, но не сме притеснети; во тешкотии сме, не губиме надеж;

нè гонат, но не сме оставени; нè кутнуваат, но ние не загинуваме. И секогаш во телото наше ја носиме смртта на Господ Исус, така што и животот Исусов да се открие

во телото наше. Зашто ние, живите, постојано се изложуваме на смрт заради Исус,

та и животот Исусов да се открие во нашето смртно тело,

така што смртта да дејствува во нас, а животот – во вас.

(2 Кор. 4, 8–12)

 

По две години заробеништво во Рим бил ослободен како невин. Како неуморен работник на нивата Божја, повторно заминал на проповед, сега во западните земји. Ги посетил Шпанија, Галија (денешна Франција) и цела Италија. Таму свети апостол Павле останал од 57 до 62 година.

Откако во Шпанија, благодарение на некоја благочестива жена Ксантипа, го покрстил градоначалникот Филотеј, целиот град го наѕрел неговиот маченички крај. Тој се упатил кон Рим за да пострада за Христос и својот живот да го даде за Него, затоа што смртта ја сметал за придобивка. По патот му напишал на неговото духовно чедо, светиот апостол Тимотеј: „Зашто јас веќе станувам жртва, а времето на моето одење настапи. Добро се борев, патот го завршив, верата ја запазив; понатаму ме очекува венецот на правдата, што ќе ми го даде во оној ден Господ, праведниот Судија; но не само мене, туку и на сите кои се радуваат на Неговото доаѓање“ (2 Тим. 4, 6–9).

Свети апостол Павле отишол во Рим за да му помогне на својот брат во Христос и сотрудник, светиот апостол Петар, да го победи Симон магот, и двајцата останале во Рим. Ревносно проповедале за Христос и ги учеле луѓето на целомудрен живот. Тоа многу го налутило свирепиот цар Нерон, кој наредил да ги фатат и двајцата, и да ги погубат. Светиот апостол Петар бил распнат на крст, и сметајќи се за недостоен да загине исто како неговиот Цар и Бог, Господ Исус Христос, побарал да го распнат со главата надолу. А, на светиот апостол Павле, како римски граѓанин, наредиле да му ја отсечат главата, затоа што според римскиот закон било недолично римски граѓанин да умре со таква срамна смрт на крст, како што во тоа време се практикувало. Двајцата биле закопани во иста гробница, и се слават во ист ден, на 29 јуни/12 јули.

 

*

„Таква била таа света душа, го опфаќала сиот свет и во себе ги носела сите луѓе, сметајќи дека најблискиот однос е во Бог. И тој толку многу ги љубел, како да ги родил сите, или попрво, покажувал поголема инстинктивна наклонетост од кој било татко. Зашто, таква е благодатта на Духот – таа ги надминува болките на плотта и поогнено копнее од другите. Тоа особено може да се види во душата на Павле, која преку љубовта како да добила крилја – постојано одел насекаде, без да застанува некаде, ниту пак, да мирува.

Затоа, никој да не каже: „Јас сум невешт и неук“. Никој не е помалку учен од Петар, никој не е попрост од Павле, па дури и тој самиот, без да се срами, признава: „Иако сум прост во проповедта, во знаењето не сум“ (2 Кор. 11, 6). Сепак, овој прост и неук човек надмина безброј философи, им ја затвори устата на безброј говорници, а сè направи со својот просветлен ум и со Божјата благодат. Какво оправдување имаме тогаш ние, кои дури не им служиме ни на оние што живеат со нас? Тоа е само изговор и оправдување – оти не желбата за знаење и поучување го попречува нашето учење, туку млитавоста и унинието[15]. Да го отфрлиме, тогаш, унинието и со сета трудољубивост да се припоиме кон нашите членови, за и овде да бидеме во мир, со поучување во стравот Божји на оние што ни се блиски, за оттука да можеме да се причестиме со безбројните блага, преку благодатта и човекољубието на нашиот Господ Исус Христос, преку Кого, и со Кого, слава и чест на нашиот Отец, со Светиот Дух, сега и секогаш, и во сите векови. Амин.“

 

Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

13 / 07 / 2021

[1] Види: 1 Кор. 15, 8–9.

[2] Види: Дела 9, 3–5.

[3] 1 Јов. 4, 7–8.

[4] Види: Матеј 12, 7.

[5] Види: 1 Кор. 9, 19–23.

[6] Види: 1 Кор. 15, 10.

[7] Областа Дервија се лоцира некаде помеѓу денешна Струмица и Валандово.

[8] Види: Дела 4, 36.

[9] Види: Дела 9, 30; Дела 11, 25–26.

[10] Види: Дела 15, 36; 16, 9.

[11] Види: Дела 18, 23.

[12] Види: Дела 19, 10; 26.

[13] Види: Кол. 4, 12–13.

[14] Види: Кол. 1, 7; Фил. 1, 23.

[15] Види: Дела 1, 15; 2, 41.


About The Author