// Google analytics code

Отец Гаврил Галев: Мнозина повикани, а малцина избрани – од нас зависи

~+~

Преку оваа парабола може да ја видиме големината Божја, од една страна и нашата малодушност и маленкост, од друга. Се гледа љубовта Божја и нашата неблагодарност. Бог ги отвара вратите за сите. Ни дава подеднаква можност за благочестив, благодатен живот на земјата и спасение на небесата, ама не сите се обраќаат и го прифаќат. Изборот останува да биде лично наш и според тој избор, така ќе живееме овде на земјата, а и тоа ќе си го наследеме и на небесата.

Имено, господарот на банкетот, оној кој што ги поканува луѓето, е Бог Отец. А поканетите, сме ние,народот. Пред се православните христијани или конкретно историски гледано, избраниот народ Божји, Израилот. Сите биле поканети да дојдат на Неговата вечера, а тие како договорени, се испооткажале еден по друг. Преку овие откажувања се гледа робувањето на човекот од трите главни страсти: сластобие, среброљубие и славољубие, кои што всушност се една единствена и најлошата: себељубието.

Едниот му рекол купив нива, извини ме треба да одам да ја видам. Како да нема друг ден кога може тој да појде да ја види нивата, па мора баш тој ден да биде. Заборава дека, ако Бог не му дал можност да собере, да спечали доволно за да ја купи, тој ќе ја купил никогаш.

Другиот пат купил пет чифта волови и ќе одел да ги проба. Исто така и овој, како да нема некои други денови кога што ќе може да ја изработи нивата, па мора да е баш тој ден. Но од оваа негова постапка се гледа неговиот однос кон Бога. Исто така заборава дека, ако Бог не му допушти добра клима, дожд во свое време, сонце,  добри денови, добро здравје и се што треба, таа (неговата нива) ќе роди само чички. 

Образложението на третиот е најсмешно: “се оженив”. Неговото оправдание било дека се оженил, па сега треба да биде со жената, како да тој се жени само за еден ден, една недела или за едeн месец, а не за цел живот. И отпосле кога ќе помине благодатта на тој почетнички период, почнуваат да се напаѓаат маж со жена. На мажот да му биде жената крива, да и наоѓа маани, била ваква, била таква, па дури и Богa да го наоѓа за виновен (исто важи и за неблагодарните жени). Наместо животот да го сфатат аксетcки и да му благодарат на Бога за се, тие бараат живот во исполнување на телесните страсти и затоа животот им станува празен и потемнет.

 И на крајот, сите овие луѓе кои што се откажале од Бога, тие всушност имаат еден неправилен однос кон Него, заради тоа и страдаат. 

Кога правилно ќе го восогласиме нашиот однос кон Бог, тогаш ќе имаме доволно време за се. Ќе имаме пари да купиме не една нива, туку и повеќе. Затоа што тие ниви, тоа богатство и изобилството на земните блага – страстите, нема да ни наштетат, заради тоа и Бог ќе ни го умножува. Ќе знаеме како правилно да го користиме. Ќе знаеме како правилно да го контролираме нашиот живот, а не тоа да не преокупира и да го зароби нашиот живот, да не направи робови, роботи, монструми и сл. 

Затоа се во животот треба да ни биде правилно подредено. Најпрво, според двоедната Божја заповед на љубовта, да го славиме и прославуваме Бога со нашите лични односи со Него преку исполнувањето на Божјите заповеди, благодетниот живот, светотаинскиот живот, животот во покајание, во исповедание, молитва… Потоа да имаме правилен љубовен и личносен однос со луѓето. Да се почитуваме, да се сакаме, да не се превознесуваме и надметнуваме еден над друг, да не судиме и осудуваме, да не озборуваме, љубомориме, завидуваме итн. Потоа и секој однос кон природата и кон секое создание Божјо да ни биде правилен.

Да се воспостави ред и поредок во нашите срца, во нашите умови, во нашите домови, тогаш ќе ја имаме благосостојбата овде на земјата. Кога ќе го пореметиме правилниот распоред и однос во основните работи во животот, се пореметува и се друго. Знаете  кога темелите на куќата се криви, тогаш и целата куќа не е како што треба. Ако кровот го поставиме најдолу, како ќе опстои тоа здание. Ако во собата за дневен престој ја паркираме колата, а не во гаражата, не ќе можеме да функционираме. Или ако во кујната ја поставиме туш кабината, а не во купатилото, како ќе готвиме. Тогаш, ако знаеме кое кај треба да стои во куќата за да може правилно да фунционира, како тогаш да не знаеме да направиме правилен распоред во нашиот живот?

Ама гледате, Бог е милостив. Неговото “срце”, неговата љубов е преголема, што едноставно, секогаш ни дава нова можност. Во неговиот дом секогаш име место за сите нас. Да ги викнал сите слаби и немоќни и болни, сеуште ќе има место. Тоа не значи дека и на тие, кои што згрешиле на почетокот нема да има место ако се покајат, и за нив и за сите нас има место во Божиот дом. Се додека сме живи овде на земјата, Бог ни дава можност за покајание и спасение. 

Овaa предупредувачка парабола изречена од Спасителот се однесуваат и на нас, денешните христијани. Ние, иако се нарекуваме големи христијани, сепак нашиот живот потполно не се восогласува со Божјите заповеди. 

Многумина од денешните православни христијани не одат редовно на Литургија во Недела и за празници, а и тие што доаѓаат, не доаѓаат на време. Кога со почетниот возглас на свештеникот: “Благословено е царството”, се вознесува земната Црквата, и се соединува со Небесната Црква (Која всушност е една) во Царството Божјо, најчесто храмовите ни се празни и еден по еден, неодговорно и без грижа на совест се довлечкуваме. Ама веќе наредниот ден во Понеделник, никој не доцни на работното место во фабриките и канцелариите. И повторно, гледате, како немаме одговорност кон Бога, а сепак Бог повторно нѐ прима и не ги отфрла тие што задоцниле. 

Исто така и кога нашиот Духовен Отец ќе ни даде некое задолжение и му треба некоја помош од нас, а ние еден по еден, исто како примерите од денешното евангелие, под изговор на разни причини се откажуваме, на тој начин всушност самите се откажуваме од Бога и од благодата Божја. Меѓутоа срцето на духовниот отец е широко да го прима и оној кој што се откажал да му помогне. 

И така е сѐ во нашиот живот. Господ на секој ни дава слобода сами ние да одлучуваме. Неговата љубов е подеднаква за секого, сонцето за сите сјае подеднакво и дождот го праќа за секого подеднакво, ама не сите подеднакво ги ползуваме овие Негови блага. Од нас самите зависи. Kолку ние ќе прифатиме Бог да биде присутен во нашите срца, односно колку што на Бог ќе му дадеме предност во нашиот живот, а не на себе и на нашите страсти,- толку и Бог ќе е со нас. Тој потполно ја почитува нашата слобода. Според тоа и ќе бидеме од оние што се поканети а не пошле, или оние кои што се малцина и избрани. Во суштина изборот е наш.

Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

24 / 12 / 2023


About The Author