Отец Гаврил Галев: Вистина, ако не ги простиме грешките и долговите на нашите ближни, ниту Бог нас нема да ни ги прости.
Во суштина, сите сме должници на нашиот Бог, Создател и Спасител, Кој е наш Господар, и ние сме Негови. Сите згрешивме и сеуште грешиме, пребиваме во своите гревови, и тешко ни е да се исправиме. Тоа е нашиот долг пред Бог, кој не е мал и не може со ништо да се откупи, освен со милоста Божја.
Според овој евангелски настан (Матеј 18, 23-33), откако господарот си го побарал долгот, а должникот не можел да му го врати, го ставил во затвор за дa исплати се што му должи. Но бидејќи овој не можел да го врати својот долг, му се молел и умилкувал, и господарот му се смилил и му ги простил гревовите. Така и Бог по нашите молитви, усрдие и трудови, а пред се, заради Својата голема милост, ни ги простува нашите гревови и ние сме слободни.
Но, од друга страна ние сме неправедни кога не им ги простуваме долговите на другите, кои се несразмерно помали од нашите долгови кон Бог. Сите сме паднати, грешиме и робови сме на гревот, и во тоа сите сме исти. Се повредуваме еден со друг, пред се, заради нашата гордост и самољубие. Се повредуваме зашто самите себе се сакаме повеќе од другите, и така горди, кога некој ќе каже нешто кое што нѐ повредува и ни се причинува дека е против нас, всушност тоа не нѐ повредува нас, туку нашата суета. Ние му го земаме за грев, ја губиме љубовта, се помрачуваме, се затвараме, страдаме и во тоа е болката и трагедијата на човештвото, што ние сме се пoистоветиле со нашите болни страсти и погрешни желби.
Навистина во овој живот, за наше добро, треба да бараме прошка. Самиот Бог нагласува дека треба да бараме и да простуваме, но тоа да биде од срце. Ако не е дадено од срце, тогаш е лага, на некој начин е дволичност, лицемерие, обид да се излаже Бог, но всушност ние сме тие што сме измамени. Исто како човекот кој не сакаше да му го прости на својот другар долгот од само сто денари, што беше многу малa сума пари во однос на неговиот долг од десет илјади таланти кој неговиот господар му го прости. Неговите пријатели, кои всушност се светите Божји ангели, го виделе тоа и го кажале на Господарот. Тоа значи дека ништо не може да се скрие на оваа земја, бидејќи Бог гледа длабоко во нашите срца.
Да потенцираме уште еднаш, ако од срце не му простиме на нашиот брат, Бог нема да ни прости ѝ нам. Можеме да скриеме работи од законот, од нашиот брат, сестра, родители, од нашиот духовен отец, но од Бога не можеме ништо да скриеме и заради тоа ќе бидеме судени и осудени, ако не простиме. Ќе бидеме оправдани само ако од срцето му ги простуваме гревовите на нашиот ближен.
Вистина, ако не ги простиме грешките и долговите на нашите ближни, ниту Бог нас нема да ни ги прости нашите, како што се молиме во Господовата молитва (Оче наш… прости ни ги долговите наши, како и ние што им ги простуваме на нашите должници…). Тоа не е некаква закана или казна, туку причинско последична реакција. Ако ние не му го простиме гревот на оној кој нам ни “згрешил”, тој грев на нељубов и непростување (а со него секогаш си оди гневот, злобата, омразата…) останува во нас и тоа во суштина e нашиот затвор и темница. Зашто таму кај што нема љубов, таму не е ни Господ, туку ѓаволот, и нема светлина туку темнина, нема слобода туку ропство. Тоа е суштината на нашeто заробеништво. Ние самите се заробуваме од тежината на нашиот грев и го носиме, го носиме и го носиме се додека не го простиме гревот на нашиот ближен, та макар тој грев бил најголем и од “нашиот најголем непријател”, ако пак не простиме, тогаш кога и да е, ќе не скрши.
Треба да се сакаме и љубиме еден со друг, како што Светиот апостол Павле не учеше во неговата химна на љубовта во 13-та глава од првото посланието до Коринтјаните, така и ние да се сакаме еден со друг, секогаш да застанеме на последното место, да не ја бараме нашата слава и волја, туку пред се, да го живееме братот во своето срце. Тогаш и Господ ќе растe во нашето срце и полека, полека тоа ќе стане толку чисто и чуствително за секој двиг и потреба кон секој еден човек. Тогаш и навистина ќе нема раздори, тужби и кавги, за кои ние денес, во ова време, особено во ова нашe општество и заедница, сме сведоци.
Ќе кажам два примери кои што често ги повторувам. Првиот пример e како ѓаволот делува онаму каде што нема простување.
Биле двајца подвижници кои живееле заедно и во голема љубов. Ѓаволот гледајќи ја нивната љубов и заедништво, им завидел и сакал да ги раздели. Еден ден ѓаволот тропнал на вратата и на едниот му се претворил како гулаб, а на другиот како гавран, и меѓу себе почнале да се расправаат дали е гулаб или гавран. Не се смириле еден пред друг и не сакале да си попуштат и простат, па се скарале и разделиле.
Вториот случај е со двајца подвижници, кои исто така постојано живееле заедно и пребивале во љубовта Божја и меѓу себе. Еднаш разговарајќи за случувањата во светот, едниот од нив рекол: Ние не знаеме што е тоа кавга. Ајде да се скараме и да видиме што значи тоа човек да се скара и да го почуствуваме тоа чувство.Причината за нашата кавга ќе биде оваа тула. Јас ќе речам моја е, a ти ќе речеш не е твоја туку e моја, и така ќе се скараме. Тогаш Првиот рекол: Оваа тула е моја, другиот рекол: Не е твоја туку e моја, а првиот, кој сам го предложил тоа, рекол: Не е моја, твоја е, земи ја; и пак не се скарле и останале заедно, и тоа во уште поголема меѓусебна љубов.
Значи, кавгите потекнуваат од ѓаволот, кој сам по себе е зол, разделувач, проклетник, клеветник. Затоа не треба да го слушаме и да не им служиме на нашите страсти, гордост и заробеност на срцето, туку со отворено срце, со една јасна и чиста визија дека живееме за Царството Небесно, а не за ова царство, да им простуваме на своите браќа, а пред се, да бараме прошка за самите себе. Се сеќавате ли на оној Евангелски настан кога Господ рекол: Кој е без грев помеѓу вас, прв нека фрли камен (Јован 8,7). На крајот кој фрлил камен? Никој. Кој останал? Само Господ Кој е единствен без грев и грешницата на која Господ и ги простил гревовите. Така и ние, ако сакаме да ни се простат нашите гревовите, ако сакаме да го очистиме своето срце од страстите и да се ослободиме од ропството на гревот, темнината, ѓаволот и смртта, треба да се смируваме еден пред друг, да се сакаме и да си простуваме.
Треба секогаш да гледаме како постапува Христос, а не Адам. Гледајќи го Христа, ќе стигнеме до Христа каде што Он ѐ, со гледање во Адам ќе го достигнеме Адам, каде и да отиде. Треба да го користиме Христа како наш пример.
Христос не ни должи ништо, а сепак беше распнат и страдаше заради нашите гревови и нашето спасение. Затоа, ние всушност сме Негови должници и затоа треба да им простуваме на сите од дното на нашите срца и да ce сакаме еден со друг. На тој начин ќе стигнеме до Небесното Царство.
И за крај, Бог сака да не научи на оваа лекција, дека самото простување е всушност Небесното Царство. Позадина на простувањето е љубовта, позадина на непростувањето е гневот и омразата. Простуваме ли, љубиме. Љубиме ли, го имаме Бога. Работите се толку едноставни, а изборот е наш.
Простете ми најпрво на мене грешниот.
Амин
о. Гаврил
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија