// Google analytics code

Отец Гаврил Галев: Богородица – наша застапничка пред Бога

image00027~+~

Свети Амвросиј Медиолански, говорејќи за овоземниот живот на Пречистата Дева Богородица, вака Ја опишува: „Таа била Дева не само по тело, туку и по душа, смирена по срце, богомудра, внимателна во зборовите; постојано го читала Светото Писмо, била неуморна во трудовите, целомудрена во разговорите, говорејќи со луѓето како пред Бог. Никого не навредувала, на сите им посакувала добро; секого го почитувала, никому не му се потсмевала, туку со Својата љубов покривала сè што ќе видела; од Нејзината уста не излегувало ништо што не излевало благодат; сите Нејзини дела зрачеле со највозвишена девственост; Нејзиниот надворешен изглед бил одраз на Нејзиното внатрешно совршенство, благост и незлобливост“.

Според свети Епифаниј и црковниот историчар Никифор Калист, Пресветата Дева Марија била средна по раст или малку повисока, „косата светло смеѓа; очите бистри, со маслинова боја; веѓите извиени и темни, носот не краток, устата исполнета со слатки зборови; лицето не тркалезно и не остро, но малку издолжено; рацете и прстите подолги“. Облеката Ѝ била едноставна, без никакви украси, како што тоа се гледа од Нејзиниот турбан што до денес е сочуван. Со еден збор, во сѐ Нејзино била присутна огромна благодат Божја.

Исто така, и свети Дионисиј Ареопагит силно посакувал да Ја види Богородица. Така, по три години од своето обраќање во христијанство, со благослов на својот учител, светиот апостол Павле, допатувал од Атина во Ерусалим. За тој настан, тој напишал:

„Исповедам пред Бог, о славен учителу и патеводителу наш, дека ми изгледаше неверојатно, покрај нашиот Бог, да постои битие толку обилно исполнето со божествена сила и чудесна благодат. Па, сепак, јас не само со духовните, туку и со телесните очи го видов тоа што не може да го досегне ниеден човечки ум. Да, да, јас со свои очи Ја видов боголиката и сесвета Мајка на нашиот Господ Исус Христос, посвета и од небесните духови…

Повторно и повторно исповедам пред сесилноста Божја, пред благодатта на Спасителот и пред преславното совршенство на Дева, Неговата Мајка, дека кога Јован, врховниот апостол и највисокиот пророк, кој во земниот живот сјае како сонце на небото, ме доведе кај боголиката и Пресвета Дева, ме осветли не само однадвор, туку и внатре таква голема и неизмерна божествена светлина, и се разли такво чудесно благоухание, што ни телото мое немоќно, ниту духот мој не можеа да поднесат такви чудесни знаци и првини на вечното блаженство. Изнемоште срцето мое, изнемоште духот мој во мене од Нејзината слава и божествена благодат.

Сведок ми е Самиот Бог, роден од Нејзината девствена утроба, дека јас Нејзе ќе Ја признаев за вистински Бог и ќе Ѝ оддадев поклонение какво што треба да Му се оддава само на вистинскиот Бог, доколку твоите божествени поуки и закони сè уште не ми беа свежи во новопросветлениот ум. Човек не може да достигне поголемо блаженство, чест и слава од блаженството што се удостоив да Ја видам Пресветата. Тогаш бев совршено блажен и среќен. Му благодарам на севишниот и преблаг Бог, на божествената Дева и преславниот апостол Јован, и на тебе, врховниот претставник и началник на Црквата, што ми учинивте такво големо добро“.

Таа сите ги укрепувала, сите со утехата на Светиот Дух ги утешувала и за сите се молела. Кога светите апостоли биле затворени во темница, Мајката Божја принела за нив умилна молитва кон Бог и ним им бил испратен ангел Божји, кој во ноќта им ја отворил вратата на темницата и ги извел (Дела апостолски 5, 18–19). Кога светиот првомаченик Стефан бил изведен на смрт, Мајката Божја одела оддалеку зад него, а кога го засипале со камења, Таа стоела оддалеку со свети Јован Богослов и усрдно Му се молела на Господ да го укрепи во страдањето и да ја прими неговата душа. Кога Савле ѝ досадувал на Црквата и ја гонел, Мајката Божја топло Му се молела на Бог за него, да го претвори од крвожеден волк во кротко јагне, од непријател во апостол, од гонител во ученик и учител на вселената. Со Нејзиното застапништво и благодат Црквата толку зајакнала, што ни вратите на пеколот не можат да ѝ наштетат, а за тоа и Самата Мајка Божја многу се радувала, според зборовите на Давид, како што мајка им се радува на своите деца (Пс. 112, 9).

 

*

 

Тебе и денес Те почитуваме, о Владичице, Владичице, и пак ќе кажам: Владичице! Богородице Дево! Соединувајќи ги нашите души со надежта во Тебе, како за некое најсилно и најсигурно сидро, умот, душата и телото целосно предавајќи Ти ги Тебе, Те фалиме со псалми, химни и духовни песни (Ефес. 5, 19), колку што можеме, бидејќи не сме достојни. (…)

Застапувај се за нас, добра Владичице, Родителке на добриот Владика, води нѐ каде што сакаш, и запри ги нашите срамни страсти, смири ја бурата и води нѐ кон мирното пристаниште на Божјата волја, и удостој нѐ со идното блаженство, слаткиот и прекрасен сјај на Воплотениот од Тебе Бог Словото, Кому заедно со Отецот и Сесветиот и Животворен Дух, Му доликува слава, сега и секогаш. Амин[1].

 

Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

12/ 10 / 2021

[1] Свети Јован Дамаскин.


About The Author