Отец Гаврил Галев: Да се сакаме еден со друг и да ги отвориме нашите срца за Христос
Ги прочитавме дванаесетте стадални евангелија во кои се раскажува за страданијата Христови… и што да се каже? Или поправо треба само да се молчи. Да молчиме и се срамуваме од себе си, затоа што немаме никакво оправдание за она што му го направивме на Христос. И немојте да мислите дека да бевме ние во тоа време во Ерусалим ќе изберевме да бидеме како Мајката Божја или возљубениот Христов ученик светиот Јован Богослов и ќе го следевме Христос и ќе бевме под крстот Негов. Не. Ние ќе бевме или како останатите апостоли и ќе се разбегавме или како Петар и ќе се откажевме од Христос, а и најлошо, ќе бевме како Евреите кои викаа: “распни го, распни!”
А дека е така, сведочи нашиот живот. Нашите дела, нашите зборови и нашите мисли. Тие сведочат дека сеуште грешиме и со тоа всушност се откажуваме од Христос го распнуваме и му нанесуваме рани.
Но да се покаеме. Да се покаеме како св ап Петар, на кого Господ му дал знак со петелот за да го потсети на неговиот грев. Кога Петар го слушнал петелот, тој навистина се покајал и горко заплакал. И секогаш во неговиот живот, кога ќе слушнeл петел, тој горко плачел и се каел.
Но дали ние сме како него, па да ги распознаваме знаците кои Господ ни ги дава за наше покајание и дали се покајуваме? Најчесто не. Туку напротив, уште толку се ожесточуваме и грешиме.
Затоа треба да имаме покајание и смирение. Да се смириме, да се покаеме и да имаме љубов помеѓу себе.
Да се потрудиме да бидеме како св Јован Богослов, учителот на љубовта, кој го напиша највозвишеното Евангелие и во него тој, поточно Христос, не учи на љубов. Да се сакаме еден со друг и душата своја да си ја полагаме еден за друг, како што Христос тоа го направи за нас. Зашто, ако немаме смирение, ако немаме покајание и ако немаме љубов, ние ништо немаме и сме ништо.
Но да се смириме и да се покаеме. Да се сакаме еден со друг и да ги отвориме нашите срца за Христос. Барем во овие неколку дена за да може да го очистиме нашето срце и да ја почувствуваме воскресенската благодат што Христос ни ја дава. Да го просветлиме умот и да ја видиме светлина Христова и да го спознаеме Него како вистински Бог и вистински човек и критериум според кој ние треба да живееме.
Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија
21 / 04 / 2022