// Google analytics code

Отец Гаврил Галев: Да не работиме за храна што се расипува, но за храна што останува за живот вечен

Veligden 2022~+~

15 Но Исус, штом разбра дека сакаат да дојдат и да Го фатат за да Го направат цар, се оддалечи Сам во гората.

16 А приквечер, учениците Негови слегоа до морето,

17 и влегоа во кораб; и кинисаа преку морето кон Капернаум.

18 Морето, пак, се подигаше, оти дуваше силен ветар.

19 И кога беа поминале дваесет и пет – до триесет стадии, Го видоа Исуса како оди по морето и се приближува кон коработ, па се уплашија.

20 Но Он им рече: »Јас сум, не бојте се!«

21 Тогаш тие сакаа да Го примат во коработ; и веднаш коработ пристигна до брегот, каде што одеа.

22 Утредента наутро, народот, што стоеше од другата страна на морето, забележа оти таму немаше друг кораб освен еден, во кој влегоа учениците Негови, и дека Исус не влезе во коработ со учениците Свои, а тие сами заминаа.

23 И други кораби дојдоа од Тиверијада, близу до она место, каде што беа јале леб, по благословувањето Господово.

24И кога видоа луѓето дека Исус не беше таму, ниту учениците Негови, влегоа сами во кораби и дојдоа во Капернаум да Го бараат Исуса.

25 И, штом Го најдоа отаде морето, Му рекоа: »Рави, кога дојде овде?«

26 А Исус им одговори и рече: »Вистина, вистина ви велам: вие не Ме барате затоа што видовте чудеса, туку затоа што јадовте од лебовите и се наситивте.

27 Работете не за храна што се расипува, но за храна што останува за живот вечен и која ќе ви ја даде Синот Човечки, зашто врз Него сложил печат Бог Отец.«

 

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

 

Би сакал да кажам збор два за денешното Евангелие, затоа што навистина како што е потребно да се разликува денот од ноќта, така е потребно да се разликува и вистината од лагата.

 

Господ во денешното Евангелие јасно ни говори за што треба да живееме, кон што треба вистински да се стремиме, која е нашата вистинска цел и нашето вистинско остварување. А тоа е Синот Човечки како цел и мерило на сите вредности и животот вечен кој што е заедницата со Hего Самиот, Господ Исус Христос и се стекнува уште сега и овде. А се она што е од овој свет треба да го презреме, треба да го запоставиме, дури и по можност да го умртвиме. Зашто, сѐ што е во светот – похотата на телото, желбата на очите и гордоста на животот, не е од Отецот, туку од овој свет. А светот поминува и похотите негови, а оној, што ја извршува волјата Божја, останува довека (1 Јн. 2:16,17).

Заради таа причина и Самиот Господ Исус Христос кога разбрал дека луѓето сакаат да го направат земен цар избегал и се оддалечил сам во гората. Давајки до знање дека тој нема ништо со светот и не дошол за земното привременото царство, туку за Небесното, вечното.

Од аскетско-исихастичка гледна точка се што е во светот само го соблазнува и оддалечува човекот од Бога. Затоа Богочовекот Исус Христос ни го покажува патот, бега од светската слава, од светскиот метеж, свeтската врева и се оддалечува сам на исихастички подвиг во гората на возвишеното созерцание.

Светот е само лага, измама, лицемерие, неправеден натпревар и духовна штета. Во светот ќе те лажат, ќе ти ласкаат и ќе те фалат, а сето тоа е за наша штета. Да помислиме високо за себе и да се опрелестиме, и на тој начин да го загубиме Христа. А ние пак, суетни, тоа ни е пријатно и посакуваме сето тоа да го слушаме. Ама, тоа е она кое што го убива духот во нас, тоа е она што го убива покајанието, го заслепува нашето духовно око, кое што го затрупува нашиот пат кон Царството, кон Bистината, кон Бога.

Затоа со сите сили треба да се трудиме да ги избегнуваме, тие светски гужви и да бегаме од нив. Посебно оние луѓе кои што се одделиле од светот и живеат монашки. Монаштвото не е ништо друго освен согледувањето на тоа дека сѐ во светот е суета, лага, измама и дека сѐ завршува еден ден со смртта, па затоа тие луѓе, монасите, си определуват тој ден да биде малку порано, да умрат за светот уште сега и овде, и се оделуваат и живеат монашки, осаменички живот во послушание и молитва. Меѓутоа кога се живее така, треба вистински да се биде одделен од светот, зборувам пред се духовно, со своите мисли, со своите зборови, со своите желби, со своите дела. Да бегаме како Христос што избегал од вревата и суетата човекова. Оддалечувајќи се во коработ, кој што е Црквата и кој што веднаш стигнал на другата страна, а тоа е вечниот живот. Само во Црквата можеме да се зачуваме од сите овие метежи, од сите овие искушенија и лаги, и безбедно да стигнеме до брегот, односно до целта. И само Црквата е местото на вистинско спасение.

А луѓето кои вистински го барат Бога и царството Негово, кога ќе увидат дека Христос не е помеѓу нив (во светот) чуствувајки ја празнината, го бараат, трагаат по Него и сѐ ќе направат за да го најдат, за да го стекнат и да го имаат. Овој настан се случил веднаш по настанот на наситувањето на 5000 души со 5те лебови и заради тоа Господ им вели дека не го бараат заради чудото, односно заради надворешни, споредни причини, туку заради суштински причини, тоа што се хранеле од лебот, зашто храната што Тој ја дава е благодатта. Тоа е Самиот Он преку Неговите енергии, и во светата причест на светатa Ефхаристија.

И затоа оние луѓе, поточно монасите кои што го оставиле светот и тргнале по Христос, кога ќе го почуствуваат и го примат еднаш во своето срце (преку благодатнотo дејство на Светиот Дух), треба да остават се и да тргнат по Него и да го бараат само Христос (зашто Тој е благ и добар) и само во заедница со Неговата благодат ние сме всушност на сигурно (во коработ).

Затоа Господ не поучува да не работиме за храна што се расипува, но за храна што останува за живот вечен, и којa ќе ни ја дава единствено Синот Човечки, Богочовекот Исус Христос, зашто врз Него сложил печат Бог Отец.«

 

Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

07 / 05 / 2021


About The Author