Отец Гаврил Галев: Гледање на лицето Господово
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
~+~
Пораката од овој евангелски настан (Матеј 14, 22-33) е јасна – секогаш кога го гледаме лицето Божјо ние одиме по тесниот пат и не паѓаме, а кога ќе го завртиме погледот [кoн мислите, грижите, овоземните потреби, барањето на човечката правда наместо милоста и вербата во Господа] oд Него, тогаш паѓаме т.е. грешиме – убаво е да се потсетиме дека само Христос е оној кој може да не спаси откако ќе побараме прошка и ќе посакаме повторно да се вратиме кон Него.
Имено, после наситивањето на петте илјади луѓе со чудото преку петте леба и двете риби, Господ Исус Христос ги испратил своите ученици на брод, а Toj се повлекува, за насамо да се помоли на планината. Бродот во меѓувреме, зафатен од невреме, бил брануван и се нашол среде морската шир. И како што псалмот во црква пее: каде што Бог сака и природните закони се покоруваат, така и во овој случај Христос сакајќи да им се врати на своите ученици пошол по морето како по суво, а водата под Неговите нозе ја изгубила својата агрегатна состојба. Кога ова го виделе апостолите се исплашиле затоа што нивната вера била слаба, и се уште вистински не го познавле Бог, заради тоа тие се посомневале, мислејќи дека гледаат привидение, дух.
Откако се соземал, Петар му рекол на Христос: „ако си тоа навистина Ти, позволи ми да дојдам до Тебе.“ Кога Господ му дозволил да оди, и Петар почнал да чекори по водата, тој не пропаднал се до моментот кога го свртел своето лице од Господа. Тогаш ги забележал брановите, се посомневал, се уплашил и почнал да тоне. Кога почнал да тоне, се сетил дека Господ е пред него и само Господ може да му помогне и извикал: „спаси ме Господи“, и Господ веднаш му ја подава раката, го истргнува од водата и безбедно го пренесува до бродот.
Така и во нашиот живот секогаш кога ќе го гледаме Господ во лице, како што цар Давид секогаш го гледал Господ, ние ќе одиме безбедно и сигурно преку световното море на соблазни и искушенија. Во моментот кога ќе го свртиме своето лице од Бога, кога правиме дела спротивни од Божјите, ние пропаѓаме, ние гинеме.
Кога на злото ќе одговориме со зло, било со помисла, збор или на дело. Кога наместо да се обвиниме себе cи, ние се правдаме, па дури и го напаѓаме ближниот како виновен за злото во нас. Кога не љубиме. Кога не простуваме. Кога се лутиме и се гневиме… сетоа тоа е свртување (гледање настрана во разбануваното море) и наше паќање и пропаѓање. Тоа е прифаќање на Адам за наш критериум, а не Христос. Меѓутоа знаеме каде Адам не однеce, а кaде Христос. Затоа изборот е наш.
Kога би живееле така свесно, кога секое дело и збор и се што правиме во животот, би го правеле отворено и пред лицето Божјо, тогаш ќе станеме и сотрудници Божји. Ќе се трудиме да не грешиме, ќе се трудиме да ги исполнуваме Божјите заповеди преку послушание на Црквата, преку послушание кон својот духовен отец, преку молитва, пост, редовна исповед и причест.
Како што пророкот Мојсеј во Египет, пред да го убие еѓипјанецот кој што ги малтретирал неговите браќа, најпрво се свртел и погледнал лево – десно. Така и ние пред да направиме каков и да е потег, треба да размислиме дали тоа му е угодно на Бога или не. Дали тоа ни е на корист или на штета, за потоа со трезвен и просветлен ум од Бога, да издејствуваме.
Разбрануваното море и брановите се искушенијата и демонските помисли во овој свет. Сите ние имаме искушенија. Во секоја ситуација имаме можност да избереме да постапиме според Евагелието или да ги прифатиме помислите на паднатиот ум за кои ѓаволот ни вели дека се “разумни”, а се спротивни од Божјите заповеди. Но ние сме тие што одлучуваме дали ќе се држиме цврсто за Христа и ќе одиме кон Него и нема да тонеме во морето на искушенијата од овој свет, или пак, ќе го свртиме погледот од Исус и ќе направиме нешто што не е богоугодно. Од тука почнуваат сите проблеми – кога нема да постапиме Евангелски, туку според логиката на паднатиот и помрачен разум. Тогаш се јавува несигурноста, маките, страданието, болестите…
На пример, кога човек ќе направи погрешен чекор и кога ќе падне во длабока вода, губи контрола, почнува да паничи и да се дави. Истото се случува и со нас – во момент на искушение сите наши одлуки и решенија се погрешни. Се што треба во тие ситуации е да собереме храброст и веднаш да се покаеме. Односно, да ја подадеме раката кон Бога и Тој да не извлече.
Во првиот случај, одиме по морето со бурни бранови кои иако ни се закануваат, ние продолжуваме да одиме одлучно кон Бога, следејќи ги заповедите Божји. Тогаш чекориме и ќе стигнеме безбедно до целта, до Него.
Во вториот случај, веднаш штом ќе го свртиме погледот од Господа, и покрај тоа што работите ни изгледаат сигурни, безбедни и логични, ние во суштина грешиме и пропаѓаме.
Вистината е една. Патот по кој одиме за да влеземе преку портата на спасението е трновит и тесен. Сите што ќе влезат во неа ќе се спасат, пасиште ќе најдат и безусловена слобода. Покајанието, смирението, молитвата, послушанието и цврстата приврзаност кон Бога се главните компоненти со кои ние христијаните можеме слободно да чекориме по разбрануваното море од денешниве стихии.
Меѓутоа никој не е безгрешен освен единствениот Господ Исус Христос. Од маловерие, како во овој случај со св. ап. Петар, или од било која причина, ќе го приклониме погледот oд Господа и ќе направиме нешто спротивно на Божјите заповеди, ќе згрешиме. Треба да се има длабока свест дека Господ е нашиот спасител и живот, и треба да побараме прошка од Него. Да се покаеме и да се исповедаме за каков и да било престап. Да ја подадеме раката кон Господ, за Тој повторно да не крене и да не внесе во коработ, во Црквата, да не воведе на Светата трпеза, причестувајки не со светите дарови, со Cамиот Cебе, за наше спасение и за живот вечен.
Амин.
Отец Гаврил
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија