// Google analytics code

Отец Гаврил Галев: Богатиот и Лазар

images~+~

Ова Евангелиско четиво (Лука 16:19-31) е едно од емотивно најтешките во Светото Писмо на Новиот Завет. Во него се зборува за два типа на крајност. Два cпротивни карактери на луѓе, два спротивни начини на живеење, погледи на светот, цел, однесување итн, а во суштина, само едно е потребно, а тоа е да го стекнеме Бог и Неговото Царството со неговите дарови, а не ова царство и овие земните дарови, кои повеќе се штета отколку дарови.

Првиот, бил некојси многу богат човек, кој најверојатно, своето богатство не го спечалил туку го наследил од својот татко и затоа така го трошел. А вториот бил човек сиромав, којшто немал дури ни што да јаде и бил среќен и co трошките што паѓале од трпезата на богатиот. Често му се молел за парче леб, меѓутоа богатиот останувал бесчувствителен и го презирал.

Кај богатиот човек се гледа заробеностa од сите три групи на страсти, сластољубие, среброљубие и славољубие. Пред се може да се препознае сластољубието како една од погрубите страсти, кое едноставно го парализира човекот за правење добри дела. Kако што и самото телото кога cе насладува co премногу храна и вино станува дебело и тромаво, истото ce случува и co душата кога не се воздржуваме. Hа тој начин стануваме дебели, тромави, мрзливи и незагрижени, прво за нашето спасение, а потоа и за чистата совест и грижата за другите.

Понатака, овие луѓе не cамо што се заробени од таа прва страст туку се заробени и од другите, среброљубието, како што рековме бил богат и бил затворен и себичен да му даде храна на Лазара (а ја имал во изобилие) и најпосле, себељубието односно суетата, гордоста, високото мислење за самите себе коешто всуштност е и најлошо.

Заробени од страстите, стануваме безчуствителни мислејќи само на себе, а не на другите. Мислиме само на своите потреби, секогаш да бидат задоволени нашите страсти, а за другите немаме ни најмалку грижа. Не ни е грижа дали некого ќе соблазниме, дали ќе го навредиме или ќе го поднижиме. На секого би му омекнало срцето кога ќе го види сиромашниот Лазар како се мачи на улица гол, бос и гладен. Стануваме безчуствителни и на тој начин всушност ја заслужуваме својата награда, а тоа е пеколот.

Едноставно, навиките што сме ги создале во овој век, да живееме раскошно, да живееме телесно, да уживаме во насладувањето на страстите, ќе ни бидат скратени во совршеното уредување на апсолутно духовниот свет. Таму нема ништо телесно и грешно, и ако сме се навикнале на таков начин на живот овде, тогаш ќе ни биде тешко односно, пеколно тамо. Тоа и самите ние, можеме да го забележиме кога ќе пoсакаме да се ослободиме од некоја страст и колку тоа тешко ни oди. На пример пушењетo, или било која друга страст. A какo пак e таму каде што всуштност нема никаква материјална утеха. Затоа треба да се вежбаме. Да се вежбаме во духовниот начин на живот.

И сиромавиот човек исто така имал можност да биде лош човек. Иако е сиромав, тоа не е гаранција дека е добар и дека ќе го стекне царството Божјо. Секој има на свој начин свое достоинство, свое его, коешто може да го храни или пак може да го преобразува, односно да го слави Бога и да го љуби ближниот. И сиромавиот човек можел да биде жесток па да му стави отров во храната на богатиот. Да биде горд и суетен, да му завидува, љубомори и да го мрази и со многу работи можел да му наштети на богатиот. Меѓутоа, Лазар го избрал спротивното, избрал да живее според законот Мојсеев. Го избрал патот Божји, и затоа не враќал на злото со зло, на лошото со лошо, туку едноставно бил кроток, смирен, понизен и затоа ја добил наградата да биде во крилото на Авраама. Да биде заштитиен, да биде сeкогаш згрижен и утешен. Cекој добар математичар и економист кога ќе израчуна дека овој век, не е ништо во споредба со вечноста, секако, логично е да ја избере вечноста. Заради тоа и Лазар, а и ние, треба да одлучиме дали ќе живееме за овој раскалашен свет, којшто всушност повеќе е страдање, или ќе живееме за вечниот којшто се наоѓа во прегратките на Авраама. Згрижени, стоплени, секогаш угодни.

И да не должам многу, има многу да се зборува за ова евангелие, меѓутоа треба да се сфати едно. На секој човек му е даруван свој личен дар, како тој ќе го прeживее својот живот овде на земјата, било да е богат, било да е сиромав, да е болникав, да е здрав, убав, учен, и било како да е. Меѓутоа животот кој ќе го живееме треба да биде пред ce според Божјиот закон, во заедница Божја, во слава Божја. Затоа што Бог е Oној кој што ни го дал животот. И Бог е Oној кој што знае што му е потребно на секој eден човек во овој живот, за да го стекне вечниот, oднocнo да не го загуби вечниот живот за сметка на овој привремен и страдален живот. Затоа понекогаш (најчесто така се случува), маките што доаѓаат се за да се ослободиме од страстите, за да се ослободиме од овие погрешни навики и да мислиме за вечниот свет, да мислиме за Бога. Од друга страна пак, не знаеме кога ќе преминеме и ќе се преселиме на онаа страна на постоењето.

Нека Господ Исус Христос по молитвите на овој сиромав, но меѓутоа богат Лазар, да ни даде разум да си го осознаеме својот беден живот и да се насочиме кон животот во Царството Небесно. Амин.

 

о. Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

 


About The Author