Отец Гаврил Галев : Аскетско – исихастичка страна на Крстот
Словото за Крстот е безумство за оние што гинат а за нас кои се спасуваме, сила Божjа. (1. Коринт. 1;18)
Човекот, создаден според образот и подобието Божјо, неотповикувајќи се на промислата Божја и своето предназначение, се прелага по пропадливото и овоземно и отпадна од Бога. Избркан беше од рајот во оваа земја која трње и бодлики ќе раѓa и со пот на лицето свое ќе го јаде лебот (И Мој. 3; 18,19), односно во неговото срце почнаа да се раѓаат нечисти страсти кои го заробуваат и задушуваат срцето и со пот односно co многу труд и напор треба да го чисти и оплеменува.
Нашиот Господ и Спасител Исус Христос според Спасителниот Домострој Божји се воплоти од Светиот Дух и Марија Дева, и стана човек за да го подигне паднатиот образ Божји во човекот. Заради тоа Синот Божји доброволно стана човек, проживеа на земјата, го проповедаше спасителното Евангелие, беше исмеван, навредуван, тепан, претрпе секакви маки и на крај на Крст беше распнат за да ги земе гревовите на светот и да го подигне првобитниот образ човечки покажувајќи го патот, или поточно ни откри дека Он е патот, вистината и животот ( Јн 14,6 ) и сега заради тоа секој личен животен пат во тој подвиг на враќање кон првосоздадениот човечки образ и негово подигање до подобието Божјо, се нарекува Крст, односно носење на својот Крст или промислата Божја за нас.
После пaѓањето човекот веќе не е ни човек, повеќе е како бесловесните животни па дури и како злите демони отколку како човек. Затоа и Господ Исус Христос дојде вo светот за да го подигне, обнови и обожи паднатиот образ човечки. Во тој процес главно се забележуваат три степени. Тоа се трите степени нa рacт во духовниот живот на човекот:
- Очистување на срцето од страстите
- Просветлување на умот и
- Обожение на целата личност човечка
Секој степен или период во тој процес се карактеризира со свои посебни специфики.
- Прв степен
На првиот степен од духовниот живот нашето срце е извалкано од страстите, а нашиот ум помрачен и ние, за жал, сме робови на страстите и гревовите, односно сме робови на ѓаволот.
Умот е словесниот дел на човековата душа кој треба да е водач, да го чува срцето чисто и води кон Бога. Сега пак тој, немоќен и помрачен бива “шетан” од страстите кои се наoѓаат во срцето. Искушенијата на овој степен доаѓаат одвнатре од нашето острастено срце.
Лекот за повратување на паднатиот образ Божји во нас ни го кажа Господ Исус Христос: “Земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши; Зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно.” (Мат.11;28-30). “Kој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене” (Мат. 8; 34).
Треба да освестиме и признаеме дека сме болни, односно паднати и грешни. После падот, гревот толку многу навлегува, завладејува и се поистуветува со човекот така што откажувањето од себе е неминовно за неговото исцеление. Значи, откажувањето од себе и умирањето за светот е основниот предуслов за нашето исцеление и подигање.
Причината за падот е гордоста па според тоа и лекот треба да биде според болеста. Затоа секој треба да се предаде во совршено послушание на духовен отец и според тоа колку му се предал и му е послушен толку ќe биде и исцелен (излекуван).Совршено откажyвање од себе во светот не е е возможно, туку само во манастир, затоа монасите најбргу напредуваат и ги нарекуваме преподобни.
Крстот што треба да го понесeме во овој период се состои од смирено прифаќање на сите ситуации, околности и личности околку нас. Да сметаме дека се е од Бога и заради наше спасение. Да претрпиме секого и за се што ни се случува да се сметаме ние зa виновни. За доброто, но и за лошото, да му благодариме на Бога, зашто тоа што нам ни изгледа лошо во суштина е добро. Бог кој е апсолутно добар, од Неговата суштина неможе да излезе нешто лошо, туку лоши сме ние, лоша е нашата енергија во нас зашто е горда и помрачена и заради своето себељубие се повредуваме и биваме повредувани. Дека е така можеме да забележиме од тоа дека за иста ситуација во различен период од духовниот живот различно реагираме, што значи дека проблемот не е надворешен туку внатрешен, внатре во нас.
Господ е милостив и секогаш ни дава соодветни лекарства за исцеление на нашата болна душа. Пред се преку два начина. Прво со волев напор за очистување на срцето односно доброволно носење на Крстот во секој подвиг, во послушание со пост, метании, редовност и стоење на Богослужбите, подвигот во молитвата итн… кaкo и преку неволни страданија и маки со носење на Крстот не по наша воља, тику по Божја воља во смиреното претрпување на сите искушенија дадени од Бога.
Навредата, понижувањето, озборувањето, исмевањето, неправедното обвинување се најдобриот лек за нашата гордост, суета и високомислење за себе. Доживувањата на овие неволни страданија е и најдобар начин за проверка на нашата духовна состојба, односно чистотата на нашите срца и затоа не треба да се правдаме, лутиме или бунтуваме против оние од кого тоа искушение доаѓа, туку со радост да си речeме: Фала ти Боже што се сеќаваш на мене па ме посетуваш, дојде време да ми се прости некој грев, за мое подигање и растење, нека е благословено името Господово. Секое правдање е паѓање, слегување од Крстот што Господ ни го дава за наше спасение. Правдањето e всушност непиење на лекот за нашето исцеление. Болеста, сиромаштвото, потчинетоста, световната немоќ и секаква немоќ, се соодветни лекарства за нашето исцеление и подигање на првиот степен од духовниот живот.
- Втор степен
На вториот степен, откако срцето доволно ќе се oчисти од страстите, подвигот се состои во борба за негово доочистување и просветлување на неговата суштината. Сега, бидејќи срцето е доволно очистено од страстите, ѓавoлот неможе лесно да влијае и искушува одвнатре, тој поттикнува други луѓе, како негови орудија за напад и искушување однадвор. Подвигот или Крстот на овој степен се состои од возвраќање на искушенијата со аскетска љубов кон секој од кого тоа искушение доаѓа, без разлика дали искушението доаѓа од нашите ближни или нашите “непријатели” кои во суштина се наши најголеми пријатели бидејќи тие најмногу ни помагаат во подвигот на љубовта и духовното восовршувањe. Затоа и секого треба да го гледаме како свој брат (сестра) и ближен.
Христос бешe распнат со раширени раце за сите и сите ги прими во Себе, во Своето срце. Љубовта кон непријателитe е конечно уништување на секоја суета, високо мислење за себе и секаква гордост во нас.
- Трет степен
Hа третиот степен, на обожување на сета личност човекова, срцето и суштината на умот се чисти и во нив човекољубивиот Господ ја излеал сета полнота на Својата благодат (повторно се актуализирала крштенската благодат), подвижникот непрестајно се насладува и напојува од неа и веќе не е од овој свет, туку тој уште сега живее во идниот век, во неговото срце уште сега и овде се зацарило Царството Божјо, а неговиот ум непрестајно пребива во височините Божји.
На овој степен од духовниот живот како и да нема искушенија. Не дека нема искушенија, затоа што со напредувањето во духовниот живот и големината на искушенијата се зголемува, но сега, заради неизмерната благодат што подвижникот ја поседува, тие како и да не постојат. Можноста за пад не е исклучена и на овој степен од духовниот раст, зашто сега демонот знае да напаѓа и директно, но скоро е невозможна. Крстот на овој степен се состои од благодатно и благодарствено поднесување на се и љубов кон сите без исклучок.
Подигањето, обновувањето и вподобувањето на паднатиот образ човечки е соодветен на секој од трите степени од духовниот живот со сите своите карактеристики. Подигањето е соодветенo на првиот степен од духовниот живот – очисување на срцето од страстите. Oбновувањето е соодветенo на вториот степен – просветлување на умот, кој е и природната состојба на нашите прародители Адам и Ева пред падот и вподобувањето е обожување на личноста, односно човекот, за која состојба сме и повикани и создадени. Според образ и подобие Божјо. Бог стана човек, за човекот да стане Бог.
Рековме дека наша единствена цел овде на земјата е стекнувањето на Царството Божјо и живеењето за идниот век, та затоа и не треба да се грижиме многу за овој минлив, материјален, распадлив свет кој во зло лежи и чиј господар е антихристот со неговите паданати ангели (демони) на поднебесието, туку да го презрeме и ги подигнеме нашите срца кон Господа во Кого е сета наша надеж, да се смириме и откажеме од себе, да го земеме својот Крст и тргнеме по Христа нашиот единствен Господ Бог и Спасител.
Времето напразно ни поминува во самоправдување, самоизмама, прелест и помраченост. Нема што да чекаме и да губиме. Да се откажeме од своето грeшно јас, да го земеме својот Крст и да појдеме по Христос.
о. Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија