// Google analytics code

Отец Гаврил Галев: Христијанска антропологија според светиoт апостол Павле во посланијата до Коринтјаните (II дел)

2-corinthians-lectures_bcccff05c25f7a936ec8e7afd5e552fc~+~

Основна христијанска антропологија според св ап Павле

Основните антрополошки концепти на апостол Павле за човекот се дека тој е психосоматско суштество создадено по образ и подобие Божјо. Создаден од материјално тело и нематеријална душа/дух. Обраќајќи им се на Солунјаните, тој вели: „и целиот ваш дух и душата и телото да се запазат без порок при доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос! “(1 Сол. 5:23).

Ова се основните категории со кои свети Павле го опишува човекот. Покрај овие примарни категории (тело, душа, дух) во антропологијата на свети Павле, уште можеме да ги сретнеме поимите: ум, срце, совест, надворешен, внатрешен, телесен, природен и духовен човек.

Христијанската антропологија се дели на трихотомна и дихотомна. Светите Отци најчесто го употребуваат дихотомниот концепт на човекот како поприфатлив, додека трихотомното разбирање: дух / интелект – душа-тело, повеќе го употребуваат за да ја истакнат човековата способност за единство со Бог. Во дихотомниот концепт, човекот е поим за душа и тело, каде што душата (ψυχή) всушност се однесува на обединетите духовни атрибути (душа и дух) во една категорија. [1]

Според трихотомската антропологија познаваме три дела на човечкото битие: тело, душа и дух. Овој поим за свети Павле се среќава на многу места во Посланијата до Коринтјаните. „Трите елементи или аспекти, според епископот Калистос Вер, ја сочинуваат човечката личност,“  телото („физичкиот или материјалниот аспект на човечката природа“), душата (оние човечки способности како умот, емоциите и волјата, кои заедно создаваат „жива сила која го оживува и раздвижува телото“) и духот – со мала буква „здив“ од Бога (1. Мој. 2:7), што им недостига на животните. Овие три аспекти на човечката личност целосно зависат еден од друг зашто човекот е интегрално единство, а не збир на посебни делови.[2]

„Телото, душата и духот имаат секој свој посебен начин на спознание: телото преку петте сетила; душата преку интелектуалното расудување; духот преку совеста, преку мистичната перцепција.[3]

Тело

Телото, според православната христјанска антропологија и св ап Павле, е материјално, безсловесно, создадено од земјата според образот Божји[4] (1. Кор. 15,45-49). Тоа е храм Божји, храм на Светиот Дух и според неговата природа е свето и не треба да се валка во гревови, бидејќи телото е наменето за Господ и Господ за телото (1 Кор 3,16-18; 6:12-20; 2 Кор. 6:16). Тоа не е создадено за распаѓање, туку како последица на гревот станало смртно и треба да претрпи распаѓање за да биде пробразено зашто распадливото треба да се облече во нераспадливо, а смртното – да се облече во бесмртно. (1. Кор. 15:35-54; Фил. 3:21)

Телото се разликува од душата по нивниот состав и е независно од неа. Сепак тие не се целосно независни едно од друго, туку се меѓусебно поврзани. Бидејки се создадени воедно и нивното соединувањето е нераскинливо. Состојбата на душата се рефлектира на телото и обратно (Мат. 6, 22,23). Преподобениот Јован Касијан Римски забележува: “Духовните луѓе може „да се препознаат по изгледот на лицето; на надворешниот лик на човекот се отсликува неговата внатрешна состојба[5]

Ваквото влијание посебно се забележува кај светителите, но и кај луѓето што паднале во големи гревови. Кај последните, природата човечка се разобличува, а кај првите се просвелува и обожува за што има многу примери во житието на светиите, а нај впечатлив е примерот со свети Серафим Саровски и Мотовилов.[6]

Душа

Основните карактеристики на душата според св. Атанасиј се: создаденост, рационалност, нематеријалност, мобилност, духовност и бесмртност[7]. Свети Јован Дамаскин ја дополнува оваа дефиниција опишувајќи ја душата како едноставна, без тело и невидлива. Таа е и безоблична, а телото го користи како орган и му дава живот, раст, смисла и регенерација. Уште е и слободна, обдарена со волја и моќ да дејствува.[8]

Душата има посебно сродство со Бога. Таа е посредник помеѓу Бога и телото. Душата е носител и принцип на животот на физичката природа. Душата е соединета со телото, а сепак останува различна од него.[9]  Го покрива целото тело и го води телото кон спасение (вечност). Без душа, телото умира. Душата добива живот од благодатта Божја, без која таа умира. Душата е над телото и му дава живот на телото, меѓутоа, душата е под духот (1. Кор. 15:45, 46).

Човечката душа има своја суштина и енергија. Духовниот центар на човечката душа е духовното срце, кое се наоѓа во областа на човечкото физичко срце.[10] Во срцето е „нашиот внатрешен човек“, каде што почива и е засаден натписот на Божјиот лик, таму се неговите енергии, желбите на Духот во нашите срца (2. Кор. 3:3-4; 1:22). Срцето е местото каде што живее Бог. Тоа е жртвеникот на душата, каде што Бог се прославува и каде човекот (умот) разговара со Него. Место од каде што се манифестира благодатта Божја и извор од каде што тече жива вода.

Срцето има посебно значење во православната христијанска антропологија. Тоа е духовниот центар на човекот. Струмичкиот Митрополит Наум пишува: „Во срцето како духовен центар на човекот има три сили на душата: една свесна (разумна) – умот, и две неразумни – желбата и волјата.

Вишиот и интелектуален дел од душата се нарекува „νους“ или ум. Штом умот ќе се ослободи од сите претстави и слики на нештата на светот, тогаш тој го познава Бога на директен интуитивен начин.

 

Дух

Свети Павле не дава јасна дефиниција за поимите душа и дух и често ги употребува наизменично, затоа што христијанското учење претпочита да зборува не за духот на човекот, туку за неговата душа.

Духот не е ентитет во човекот, различен од душата, одвоен и независен од неа. Духот е концизно, оној дел на повисоката функција на душата посветен за созерцание, способен да се издигне дури и до мислата на Создател.[11] Тој е најдлабокиот, скриен и најважен дел од нематеријалниот дел на човекот, т.е. душата, преку кој, човекот создава заедница со Бог (1. Кор. 6: 17).[12] Интелективниот дел од душата, кој се нарекува дух или ум.

Откако умот ќе се ослободи од сите претстави и слики на работите од светот, тој го (с)познава Бога на директен интуитивен начин. Умот е око на душата[13], орган со кој човекот го гледа Бога.[14]

Духот во човекот е Божјиот лик, Неговиот отпечаток и носител на нашата личност (1 Кор. 2:11).[15] Затоа свети Павле рекол „кога ќе се соберете заедно со мојот дух“ (1. Кор.5. 4).

 

 Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

22 / 06 / 2022

 

[1] Наум, Илиевски, Христијански Идентитет, 2018, 229

[2] Chariton of Valamo, The Art of prayer: an Orthodox anthology. Farrar, Straus and Giroux: New York, 1997, 17

[3] Chariton, Valamo, The Art of prayer, 18

[4] Јован, Дамаскин, Точно Изложување на Православната Вера. Икона, Скопје, 2005, 68

[5]  “Прп. Иоанн Кассиан Римлянин, Собеседования египетских отцов, 7.1., Правило Веры,

[6] Николај, Левитски, Свети Серафим Саровски. Св. Ѓорши Полошки: Велес, 2013, 600-609

[7] Peter, J. Smith, “Deification of Body and Soul in Athanasius of Alexandria”:

A Present Foretaste of Resurrection: https://place.asburyseminary.edu/cgi/viewcontent.cgi?article=2153&context=ecommonsatsdissertations

[8] Јован, Дамаскин,Точно Изложување, 69

[9] Dumitru, Staniloe, The Experience of God: Orthodox Dogmatic Theology (Vol. 2;Brookline: Holy Cross Orthodox Press, 2000, 74

[10]Наум, Илиевски, Христијански Идентитет, 216

[11] Dumitru, Staniloe, The Experience of God: Orthodox Dogmatic Theology (Vol. 2; Brookline: Holy Cross Orthodox Press, 2000, 71

[12] Michael, Pomazanski, Orthodox Dogmatyc Theology

[13] Наум, Илиевски, Прирачник за неделни беседи. Манастир Воведение на Пресвета Богородица Елеуса: Библиотека Воведение, 2022, 54

[14] Dumitru, Staniloe, The Experience of God, 74

[15] Bailey, Kenneth E., Paul Through Mediterranean Eyes: Cultural Studies in 1 Corinthians. Downers Grove: IVP, 2011, 114-115


About The Author