// Google analytics code

Новомаченик Епископ Максим Серпуковски / прв Епископ на Катакомбната Црква во Русија

            ,,Не Вие Ме избравте Мене, но Јас ве избрав вас и ве поставив да одите и да принесувате плод, и вашиот плод да остане; и Мојот Отец да ви даде с# што ќе посакате во Мое име. Оваа заповед ви ја давам: ,да се љубите еден со друг!’  Ако светот ве мрази, знајте дека Мене Ме мразеше пред вас! Ако бевте од овој свет, светот би ги љубел своите; но бидејќи не сте од светов – туку Јас ве избрав од светот – затоа светот ве мрази. Помнете го зборот што ви го реков: ‘Слугата не е поголем од својот господар!’ Ако Ме гонеа Мене, ќе ве гонат и вас; ако го пазеа Моето Слово, ќе го пазат и вашето. Туку, с# ова ќе ви го прават заради Моето име, зашто не Го познаваат Оној, Кој Ме пратил” ( Јн. 17;16-21).

            Овие зборови Христос им ги објавил на своите први ученици уште пред околу две илјади години, а истите важат и до ден денешен. Тие посебно биле актуелни до пред некое време. Не е многу далеку од нашата блиска историја и фактичката реалност на систематското и до сега најсурово, најнечовечко и најсвирепо прогонство на Црквата.

            Комунизмот, које се појави во средината на 19 век во западниот свет, најпогодна почва пронашол на Православниот Исток, и тоа не случајно. Како што сонцето изгрева од Исток и оди кон Запад осветлувајќи го светот, така и ова движење, спротивно на изворот на Светлината, со неговата безбожничка и лицемерна идеологија имаше цел од Запад да го засени Православниот Исток. Во името на правдата, вистината и хуманизмот  беа убивани милиони луѓе. Нивна главна мета била Црквата. Во царска Русија беше најлошо, со брутални прогони проследени со целосно уништување на храмовите, апсења, убиства кадешто во текот на две децении по револуцијата беа уапсени 130.000 свештеници, а речиси 95.000 убиени. Комунистичките власти тврдеа дека религијата е опиум за народот и затоа таа мораше насилно да се отстрани.

             Во тој период во Русија, со доаѓањето на болшевичката комунистичка власт, настанува посебно тешка и многу сложена состојба во Црквата. Рускиот Патријарх Тихон, ја предвидел опасноста од новата ,,антихристова власт” и затоа во 1917 г. свикал Собор на Серуските Цркви во Москва и во 1918 г. & дал на РПЦ цврста канонска основа сврзана за животот на христијанската Црква и антихристијанската држава.

            Патријархот Тихон на Богојавление 1918 г. ја анатемисал Советската Влада, чија цел била реконструкција на целиот живот во Русија на атеистичка и материјалистичка основа, кој сеуште бил во зародиш. Оваа анатема ја потврдил на Серускиот Црковен Собор на 28 Јануари истата година.

Богоборечката власт се обидувала на секој начин да ја покори Црквата под своја власт. Под изговор дека Црквата и државата треба да делуваат одвоени тие сакале перфидно да ја прикријат нивната цел. Ова раздвојување на државата од Црквата не беше поставување само на граница помеѓу сферите на влијанијата на државата и Црквата, туку и прикриена забрана која Советската власт ја поставила пред Црквата, која, заради атеизмот, по самата своја природа, беше и антисоветска.

             Советската држава и Православната Црква беа две крајно непомирливи организации. Конфликтот беше неизбежен, а природата на конфликтот беше јасна. На Антихристијанската, безбожничка и материјалистичка идеологија &  биле неопходно потребни одредени методи на борба: на прво место невистини, а потоа измами, лаги и лажни пропаганди, клевети, терор, насилство, прогонства, инквизиција, и конечно, потполно истребување не само на Црквата, туку дури и на самиот поим за вера во душите на луѓето. Руската Црква, од своја страна, заповедала дијаметрално спротивни методи на борба: исповедување на верата, нејзина храбра одбрана на Вистината, откривање на скандалите и измамите, самоодрекување, проповедање, спремност на исповедање на верата дури до мачеништво. Со еден збор: одбрана на Христос и Неговата пречиста Црква, дури и по цена на мачеништво.

             Од самиот почеток на конфликтот помеѓу Црквата и државата, Црквата беше во служба на Христос, а државата во служба на сатаната и антихристот. Борбата била на живот и смрт. Секој православен христијанин  бил соочен со реалноста на избор: да прифати мачеништво или да ја компромитира својата вера и совест. Да се избере мачеништво значело да се биде светец, зашто суровоста на мачењата кои Советската власт ги применувала на своите непријатели, ги надминувала сите дотогашни тортури и насилства до тогаш познати во историјата на човештвото.

            Патријархот Тихон беше најголемиот маченик во тоа време. Тој навистина бил маченик распнат во дхот. Неговото срце се кинело со морални прашања и за иднината на Православна Русија. За да ја олесни тешката состојба на свештенството и нивната мисија тој направил серија отстапки и компромиси со државата. Но нивната цел и барања биле јасни, та с# што и да направил, тие повторно биле незадоволни. Тие од него барале да потпише декрет за ,,соработка”, но Патријархот Тихон, знаејќи ги нивните задни намери и сметајќи ја нивната власт, априори, за антихристова, сметал дека потпишувањето на таквата декларација значи и потпишување на ,,соработка” со антихристот и одбил да потпише било каква декларација. По неговата смрт на Патријаршискиот трон го наследил Митрополитот Петар Крутицки, кој исто така одбил да потпише таква декларација. Заради тоа го уапсиле во декември 1925 г., го депортирале, го мачеле во прогонство и по 11 години тој умрел. Такви понуди имале и уште некои други поугледни руски архиереи, но и тие останале непоколебливи во своите одлуки дека не сакаат да соработуваат со антихристовска власт.

             Меѓутоа, секогаш се наоѓа некој со послаб карактер и  вера, така што во овој случај Советската власт си го нашла ,,својот” човек во лицето на Митрополитот Старогородски Сергеј.  Предаден на сатаната и извршувајќи предавство на Црквата како некогаш Јуда, Митрополитот Сергеј на ,,исправен”, ,,канонски” и подмолен начин ја предал РПЦ во рацете на непријателот на Христос  Советската власт,  потпишувајки ја ,,Туцковата Декларација”.

            По потпишувањето на таа срамна декларација од страна на митрополитот Сергеј, настанала нова ситуација. Порано изгонетите и пребегани Руси, меѓу коиимало и свештени лица, никако не сакале да ја признаат јурисдикцијата на Сергеј.

            Комунистичката власт во Русија ги убивала и прогонувала прогласувајќи ги за ,,државни непријатели” сите оние кои се противеле на нивната идеологија, та заради тоа и многумина (постои една бројка од 2 милиони) Руси, својот спас го нале во бегство во светот: во Западна Европа, тогашна Југославија, Америка, на Исток во Кина и Јапонија, па дури и Австралија и Нов Зеланд. Заради тоа, со благослов на неговата светост Патријархот Тихон, тие признавале само Црква базирана на каноните и преданието на св. Отци и затоа во поранешното Кралство Југославија, на т.н. Карловачки Собор во 1921 г., врз основа на одлуката на патријархот Тихон од 7/20 Ноември 1920 г., беше одлучено да се организира слободен дел на Руската Православна Црква, наречена Задгранична Руска Православна Црква, предводена од Митрополитот Антониј Храповитски. Во таа Црква суштествувале сите парохии, цркви и манастири надвор од границите на Советскиот Сојуз, односно, Русија. Сите руски иселеници и прогонети надвор од Русија се организирале и ја основале РПЦЗ, која никогаш не се сметала како одцепена од РПЦ, туку привремено одвоена, до времето кога ќе се отстранат сите пречки за нивно повторно соединување, кое се случи на 17 Јуни 2008 г., на денот на споменот на светото руско царско семејство маченици Романови.

            Така Руската Православна Црква беше поделена во две јурисдикции: Руската Задгранична Православна Црква на Митроолитот Антониј (Храповитски) и остатоци од Руската Православна Црква на патријаршискиот местобљустител Митрополит Сергеј.

            Според официјалните податоци на Министерството за криминологија и научните истражувања во советските концентрациони логори, во 1929 г. бројот на осудени заради Црковни прашања се искачил на 20% од сите заробеници во логорите. Заради тоа оние кои сакале вистински да го следат и му служат на Христос, немале друг избор туку да се повлечат во Катакомба, тајништво.

            Идејата за Катакомбна Црква ја зачнал самиот Патријарх Тихон и него слободно можеме да го наречеме татко на Катакомбната Црква. Во првите години од своето постоење Катакомбата Црква немала своја организација и администрација. Била физички и просторо раздвоена, и само името на Митрополитот Петар Годунов ја одржувала во заедништво. Подоцна, немајќи подолго време контакт со него, Катакомбната Црква го признала Митрополитот Кирил за свој духовен водител и возглавител.

             Истовремено, и покрај отстапништвото на Сергеј и многуте негови истомисленици, сепак и во РПЦ останало православно свештенство да му служи на народот, да го одржува континуитетот на преданието и духовно да го води рускиот народ. Некои од оние што останале говореле: ,,Не можам да живеам без Црква,  но не го признавам Советскиот Патријарх”. Многумина оделе во Советските цркви само заради мноштвото св. мошти и чудотворни икони. ,,Јас одам на црква откако ќе заврши службата да ги целивам иконите” викале други, а трети пак велеле: ,,јас одам на црква, но не се исповедам или причестувам зашто Епископите и свештениците &  служат на  Советската власт…”

            Имало свештеници кои дома плачеле и жалеле што служат во ,,Советските цркви”. Но, имало и други монаси и свештеници кои говореле: ,,Сега може да се спасите во црквата лажејќи, но зачувањето на каноните е најважна работа”. Многу малку биле оние кои во потполност го одобрувале с# она што Патријарх Алексеј го рекол и направил.  Повеќето од оние кои го подржувале и одобрувале биле од оние интелектуалци и професори кои се прилагодиле на Советскиот режим. Колку што луѓето биле поедноставни, според: ,,блажени се бедните по дух”, појасно ја увидувале прозирноста од лагата и невистината во Советските цркви и ја осудувале. Нема сомнеж дека повеќето од свештенството и мирјаните во Советските цркви биле таканаречени ,,отпадници во времето на прогоните”.

            Во својата беседа по повод споменот на Жените мироносици и на Никодим и Јосиф од Ариматеја (двајцата потајни Христови ученици), толкувајќи го делото и ликот на овие Христови следбеници, Рускиот патријарх Кирил посочил еден друг сегмент од ова прашање, па зборувал дека тоа што тие биле тајни ученици и не ја откриле јавно својата вера, не значи дека тие се страшливци, но напротив, дека така повеќе му послужиле на Христа Бога и дека низ целата историја, па и во мрачните времиња за Православието во Русија по Револуцијата во 1917 г., но и денес, кога некои права се загарантирани, Бог имал и има свои тајни ученици, а нивната тајност е зашто така повеќе и подобро придонесуваат во остварувањето на домостројот Божји.

             На тој начин дејствувала и тајната катакомбна Црква во Русија.

             Од 1917 г. прогонот за верата и верниците бил отворен, а посебно, во концентрационите логори, кадешто свештениците биле шишани и бричени и им било забрането да носат мантии и крстови. За богослужења не ни можело да се спомне, а камо ли да се богослужи. Нивната безчуствителност и до крајна граница дрскост и арогантност, дошла до таму што моштите на светиите биле изложувани на на потсмев во антирелигиозни музеи.

             Биле приведувани како озлогласени криминалци, чие  присуство претставувуло опасност за општеството; со нив се постапувало како со смртоносни инсекти кои треба да се згазат само затоа што веруваат во Бог и кои во суштина се најбезопасните, најлојалните и најмирните граѓани во општеството.

             Во тие амбиенти  делувало тн. ,,бело монаштво”, т.е. тајни монаси кои, работеле по фабриките и советските институци, а биле тајно замонашувани и се држеле до своите монашки заветиа. Се зборува за бројка одоколу 70 илјади такви луѓе расеани по цела Русија. Се споменува и за некој генерал кого, подготвувајќи го за погребение, под офицерската униформа му нашле монашка схима. Исто така, се раширила веста ,,за црквата која ја нема и за градот кого го нема”, односно дека еден познат инжинер во една од космолошките ,,невидливи” градови  воени бази необележени на картите, населени исклучиво со комунистичка младина, во кои, јасно, не можело да се спомне за постоење на храм, сепак верниците биле удостоени да гледаат епископи, свештеници и мноштво верници во подрумите на градот над кој гордо се перчела петокраката.

            Патријархот Тихон, пред неговата смрт (25 март 1925 година), го искажал своето мислење дека единствениот пат за РПЦ за да ја одржи својата одданост кон Христа, во иднина би бил само да побегне во катакомби. Така Патријархот Тихон го дал својот благослов на професор Жижиленко да стане таен монах кој, станал професор и, кој бил главен лекар во Таганка – затвор во Москва, и кој подоцна станал прв таен Епископ на Катакомбната Црква  – Епископ Максим Серпуковски.

Епископ Максим Серпуковски

             Во еден од претходните броеви на 8-ми ден, објавивме житие на еден таков маченик: св. Иларион Троицки, кој бил близок соработник на исповедникот Патријархот Тихон. Во овој број ќе проговориме за друг свештеномаченик, првиот таен епископ на Руската Катакомбна Црква, епископот Серуковски Максим, кој ни е посебно интересен заради специфичноста на неговиот подвиг.

            Тој е роден на 2 Март 1885 г. во Калиш, Полска, кадешто неговиот татко 25 години бил управител на Окружниот суд и бил со голем углед во градот. Михаил Александрович Жижиленко бил едно од деветте деца  кои биле воспитани во патријархален дух од нивната мајка и живееле во голема слога меѓу себе. Неговата постара сестра Лидија му помагала и го спремала младиот Михаил за школо и благодарение на неа тој сезапишал во Калишката гимназија и ја завршил со одличен успех. Поточно, по упокоението на нивните родители (1905 и 1906 г.), Михаил се преселил кај неговиот брат во Петербург и таму ја завршил последната година од Гимназијата. Потоа, на изненадување на сите, затоа што сите очекувале дека ќе ја продолжи семејната традиција, тој се запишал на медицински факултет и него успешно го завршил. Неговиот постар брат Александар Алескандрович Жижиленко бил многу познат професор по Кривично Право на Петербуршкиот универзитет и учествувал во одбраната на познатото судење на Митрополитот Венјамин, во кој случај многу се заложил за правдата. Александар, не бил религиозен човек и на почетокот на одбраната на ,,црковните личности”, како што тој ги нарекувал свештенослужителите Божји, се искажал како атеист, кој само ја застапува правдата и законот. Меѓутоа, откако разбрал за тајното замонашување на својот брат и ракополагањето во епископски чин, тоа оставило силен впечаток во него и лично дошол кај него и зел благослов. На смртната постела, кога се наоѓал во агонија, рекол: ,,велат дека нема Бог, но сепак Тој постои”.

            Во 1911 г., уште додека студирал (завршил во 1912 г. ) Михаил се оженил со една негова колешка од факултетот и со неа поживеал една година. Таа починала за време на нејзината бременост бидејќи не можела да ја поднесе, а двајцата никако не сакале со абортус да ја прекинат бременоста. Таа заминала кај нејзините родители во градот Ејск на лекување и таму се упокоила. Така сметале дека тоа е Божја волја и не сакале да ја нарушуваат и затоа по нејзиното блажено упокоение, тој ја нарекувал праведничка, а ние ќе ја наречеме и маченичка. Во истото време и тој бил многу болен заради што оддолговлекувале да му кажат за нејзината смрт, та кога разбрал, тоа го погодило повеќе од неговото боледување, но Господ нема да ги остави своите деца да паднат до крај во очајание и дал сон во кој неговата, веќе упокоена мајка, го советувала да се моли на св. Пантелејмон. Утредента тој станал и си купил една мала иконка од овој светител од која што не се одвојувал никогаш. Светителот му помогнал да се опорави од неговите физички болки од операцијата и психички болки по загубената млада сопруга, кое нешто многу влијаело тој да го смени животот. Ја продлабочил својата вера, постанал благ, сочувствителен со болните и многу помагал на немоќните.

            По завршувањето на факултетот во 1912 г. работел како доктор на повеќе места. Најпрво работел како невропсихијатар во Соколничкиот округ во Москва, а потоа во 1914 во време на војната со Австроунгарија и како лекар на Кубанскиот пластунски батаљон каде што за малку и ќе умрел од тифус што го фатил од заробените австриски војници.

            По револуцијата работел некое време како универзитетски професор по психотерапија, а потоа како психотерапевт. Имал голем дар за музика – многу убаво свирел пијано и самиот компонирал свои песни. Во својата психотерапевтска пракса најчесто ја применувал музиката во лекувањето на неговите пациенти. Подоцна бил повикан за лекар психотерапевт во Таганскиот затвор во Москва.

Грижливиот психотерапевт

            Затворската болница била преполна со криминалци и не малку политички затвореници кои го памтат како редок пример на добрина и го сметале како нивен ангел чувар. Св. Максим имал толкаво смирение и љубов кон тие напатени грешни луѓе и со голема љубов и внимание ги лекувал. Тие го чувствувале не само како теле сен доктор, туку и како утешител и другар на кого му ги отворале своите души. Пред него, како пред свештеник, не ретко и најтврдите и непоправливи криминалци и злочинци му се исповедале и добивале од светителот не само утеха, туку и сила за покајание и промена на нивниот живот.

            Скромниот човек секогаш се води според Евангелието: она што го прави десната рака да не знае левата, односно да не се фали со своите добри дела и подвизи. Но, и според истото Евангелие не може да се сокрие свеќник под поклоп, така и за неговите подвизи се слушнало во Москва и многумина знаеле дека спие на гола даска, ја јадел истата храна како и затворениците и сета плата ја раздавал на нив. Тоа го правел не само за време на болшевиците, туку и пред тоа во време на Царштината.

 Пријателство со светиот патријарх Тихон

            Уште како мирјанин Др. Жижиленко како многу побожен човек имал чест да го познава светиот Патријарх Тихон. Тие двајцата знаеле за многу нешта да си разменуваат мисли и да се советуваат. Патријархот Тихон имал длабока почит кон него и во една прилика, му се отворил искажувајќи загриженост за тековните проблеми и тешката состојба и искушенија кои ги притискале Руската Земја и Христовата Црква во неа. Патријархот Тихон многу се грижел да се запази чистотата на Православието и неговата духовност. Му исповедал во доверба на докторот дека решението на тој проблем го гледа во основање на тајна катакомбна Црква. Го советувал да прими тајно замонашување, а потоа и ракополагање во Епископски чин и да стане прв епископ на Руската катакомбна Црква, а истовремено да работи како доктор и на тој начин да го лекува и да и му помага на напатениот народ.

            Со патријархот, тој имал многу заеднички мисли, но имало и во што не се сложувале. На пр., Патријархот Тихон, бил оптимист и имал чувство дека сепак рускиот народ ќе се покае за својот грев и ќе се врати во крилото на Црквата, а пак тој бил песимист. И како што подоцна во смеа (што ретко практикувал да се смее) самиот ќе каже: ,,Очигледно е дека еден со друг по малку се заразивме со нашите ставови. Јас него со песимизам, а тој мене со оптимизам”.

            Во едно писмо, кое всушност и било последно од него, што &  го пишува на својата сестра во Белград, во кое &  кажува колку страда народот заради своите гревови и колку грижа треба да му се посвети за неговото душевно и телесно опоравување. Рускиот народ треба да принесе големо покајание и да го моли Бога за милост. Подоцна некои нивни заеднички пријатели ја известуваат на заобиколен начин дека нејзиниот брат тајно примил свештенички чин, притоа не напуштајќи ја неговата работа како лекар и на тој начин станал и духовен лекар. Нешто подоцна пак примила писмо во кое се наведува дека нејзиниот брат е испратен на три години во ,,едно одморалиште на Север”, всушност во концентрационен логор.

            По смртта на блажениот исповедник Тихон, Патријарх на цела Русија и со потпишувањето на познатата негова декларација, Михаил Александрович Жижиленко тајно бил пострижен за монах Максим. Подоцна, на 20 мај 1928 г., Михаил Жижиленко бил тајно посветен во ѓаконски чин од јосифљанскиот епископ Димитриј (Љубимов) во петроградскиот собор на Воскресението Христово, а следниот ден бил ракоположен и за свештеник. Во септември, др. Жижиленко повторно се вратил на својата поранешна работа, но сега како таен катакомбнен епископ Максим Серпуховски.

            Кога прв пат стигнал во на Серпуховската Епархија (Серпухов  предградиена Москва) и луѓето го препознале ,,докторот од Тиганка”, тоа на нив оставило голем впечаток. Освен осумнаесетте Серпуховски парохии, под негова управа влегле и Коломна, Звенигород, Волоколамкс, Перјеслав, Задески и поголем број на парохии од другите градови. Неговиот углед меѓу верниот Руски народ с# повеќе растел, а особено откако во литургиската пракса влегла да се чита ,,молитвата за Св. Црква”, која верните помеѓу себе ја нарекувале, ,,молитва против болшевиците”.

            Тој не се исплашил на Митрополит Сергеј од негово име и од името на сите правоверни од Серпуховската Епархија да му напише отворено писмо во кое смело и директно му се обраќа на Митрополитот Сегиј и го разобличува заради неговото отпадништво и лицемерие во составувањето на присвоена декларација која на многу перфиден начин ја формулирал така што, демек се држи до каноните и традициите на Црквата, а кои истовремено со неа ги прекршува и погазува. Го укорува со тоа што Црквата ја подредува под државната власт со што дозолува таа да биде контролирана од неа и и биде скратена слободата на дејствување и мисијата. Во истото писмо на крај отворено му кажува дека нема подршка од нив и дека му го откажуваат своето послушание, а за единствен православен местобљустител го сметаат само Митрополит Петар.

 

Апсење, Соловецки концентрационен логор

            Појавувањето на др. Жижилиенко во мантија ја вчудовидело Советската власт и логично беше дека тоа нема да трае за долго, па бргу по тоа, во средината на 1929 г. го уапсиле и затвориле. Така добриот доктор, кој до сега беше љубена и подобна личност, одеднаш за нив, постана омразена и неподобна личност.

            Господ рекол: Кога, пак, ќе ве поведат, за да ве предадат, не грижете се однапред што ќе говорите, ниту размислувајте; а она, што ќе ви се даде во тој час, тоа кажете го; не сте вие што ќе зборувате, туку Св. Дух. И брат брата ќе предаде на смрт, и татко чедо, и ќе се дигнат децата против родителите, и ќе ги убијат. Ќе бидете намразени од сите заради Моето име; кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен. (Мар. 13, 1113). Епископот Максим на судот се држел достоинствено и одговарал многу мудро, така што тие не успеале во ништо да ги испровоцираат неговите одговори и да го обвинат освен за тоа дека тајно се замонашил и истовремено работил како главен доктор во Таганскиот затвор. Судот го осудил на три години затвор во Соловецкиот концентрационен логор со обвинение за ,,контрареволуционерни пропаганди”.

            На крајот на Септември 1929, тајниот епископ и лекар, бил спроведен во четвртиот оддел на Соловецкиот концентрационен логор, во специјалното одделение на островот Соловецки, на Белото Море. Кога го донеле во групата 10 и го преставиле: ,,Ова ви е новиот доктор, Миахаил Александрович Жижиленко”. Другите затвореници му пристапиле и се поздравиле, а имало и такви кои веќе знаеле за него и побарале благослов, на што тој смирено ги благословил.

            За него веќе се знаело дека не е само обичен човек, туку таен монах и епископ Серпуховски, заради тоа требало да го префрлат во група 14, во т.н ,,групата на забранетиете” и дека ќе биде во посебен режим и надгледување и кои цело време од нивниот престој работеле т.н. ,,општи” тешки физички работи.

            Вистинити и секогаш актуелни се Христовите зборови: ,,Овците го познаваат Пастирот и гласот негов го слушаат”. Во затворот во лекарското одделение кај што бил сместен Владиката Максим, како што тие го нарекувале,  му пристапиле неколкумина затвореници и му рекле дека знаат с# за него, за неговото минато, за тајниот постриг и хиротонијата. Му се поклониле  и побарале благослов. Неговото лице се усредсредило и неговите остри веѓи намрштиле и полека, достоинствено со благ и љубовен израз на лицето ги благословил, а неговите сини очи станале уште потопли и понежни озарени со радосна светлина.

Лекарот – Епископ ги покажува своите квалитети

            Цела недела останале така во исчекување дали ќе биде преместен, но подоцна болшевиците си го смениле мислењето и го оставиле таму.  Шефот на целиот Санитарен оддел В.И. Јахонтов (бивш криминалец и затвореник кој после истекувањето на казната останал даслужи како лекар), дури како искусен лекар сакал да го именува за шеф на целиот 4-ти санитарен оддел (целиот остров Соловецки), но му се спротивставил шефот на разузнавачкиот оддел, најстрашниот отсек во логорот од кого зависела судбината и животот на секој затвореник. Како искусен лекар, не го поставле во Централната болница,  туку го поставиле во една барака со тифусари со посебен надзор и контрола. Но неговиот талент и искуство поткрепено со длабока вера, силна љубов и благодатната молитва, дошле до израз, па сите, дури и советските лекари и доктори, барале помош од Него. За брзо време тој станал општ советник на сите доктори во логорот, млади и стари, ги прифаќале неговите совети и ги користеле неговите методи на поставување на дијагноза. Неговата почит како искусен лекар ја потврдува и тоа дека дури и самите агенти на комунистичката ГПА, заедно со нивните семејства му се обраќале за совет.

            При крајот на 1929 г. во логорот избила страшна тифусна треска: од 18.000 затвореници на островот, 5.000 биле болни. Стапката на смртност била многу висока, дури до 20-30%, освен во одделот на др. Жижиленко, каде стапката на смртност никогаш не ја поминала границата од 8-10%. Лекарот-епископ, многу детално го испитувал секој пациент. Првиот преглед секогаш бил длабински и опсежен. Освен дијагнозата на главната болест, секогаш ги гледал и останатите пропратни болести на сите органи. Дијагнозите секогаш биле прецизни и точни, што било потврдувано и со аутопсијата на умрените. Никогаш немало ни најмала несогласеност меѓу клиничката дијагноза и патолошкиот – анатомски извештај.

            Неговата методика била многу зачудувачка, како за болните, така и за лекарите. Откако првиот пат детално ќе го испитал болниот, ќе му ја открие дијагнозата и препише терапијата, изгледало како понатака да е ,,незаинтересиран” за болниот.             Ќе поминел на кратко отслушувајки му го пулсот и молчејќи го гледал интезивно во очи. Ако пак доаѓал ,,намерно” да види некој пациентот и се задржувал подолго време кај него без да биде повикан, тоа значело дека болеста се интензивирала и настанале несакани влошувања. Затоа бил често тема на жалби и поплаки, дури еднаш и бил на консултации кај Шефот на Санитарниото одделение. Тој само му ја потенцирал ниската стапка на смртност кај неговите пациенти, која била драстично помала во однос на другите. Лекарства давал малку, но знаел и на основните да препишува и други и бил строг во барањето за извршувањето на пропишаната терапија. Со неговата терапија многу тешко болни, кревал на нозе.

            Оние кои не ќе можеле да ја победат болеста секогаш му умирале во рацете. Како однапред да го знаел нивниот час, па и да не бил присутен во просторијата, одеднаш, понекогаш и на полноќ, ќе дошол кај болниот кој умирал и ќе го испрати пред Бога. Му ги затворал очите, ќе му ги положел рацете на градите во вид на крст и стоел неподвижен до него неколку минути, очигледно молејќи се. Покрај тоа што бил многу добар доктор, тој секако бил и голем молитвеник.

            Епископ Максим, пленел со неговата внатрешна и надворешна големина. Бил тивок, молчалив со висок раст и херкулеста градба, со густа и сива брада и сиви остри веѓи над неговите чисти и благи сини очи. Во личните контакти бил многу воздржан, строг, молчалив до крајност. За себе не сакал ништо да зборува. Темите на разговор секогаш му биле болните или ако бил со своите блиски духовни браќа, зборувал за состојбите на Црквата.

Катакомбните служби и ,,храмови” во Соловки

            Иако во концентрационите логори ширум Русија се живеело во многу тешки и најстроги условибазирајки се на Павловите зборови: Оти сигурно знам дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни силите, но сегашнината, ни иднината, ни височината, ни длабочината, ниту, пак, некоја друга твар ќе може да н# оддели од љубовта Божја во Христа Исуса, нашиот Господ (Рим. 8,38-39), тие сепак се собирале на заеднички служби, се молеле, причестувале, ги празнувале сите празници, дури имале и замонашувања, ракополагања за свештеници, па дури и за епископи. Некои од нив биле извршувани тајно, дури и најблиските не знаеле за тоа. С# со цел во случај на гонење да не ги кажат вистинските свештеници и епископи и да се прекине ланецот на Православното преемство и предание.

            Катакомбните епископи Максим, исто така и епископите Виктор, Нектариј и Иларион, го одржувале тоа предание да не се прекине. Заеднички духовен Отец на целиот катакомбен епископат и ниското свештенство на островот Соловки бил протопрезвитер и подоцна маченик за Христа, Николај Пискановски од Вороњеж. Него, Владиката Максим многу го почитувал и ценел, нарекувајки го ,,Дијамант на Православието”.

            Тие си имале и свои ,,храмови” и тајни места за богослужение. Најчесто ,,храмовите” им се наоѓале во шумите под отворено небо или во некои шупи и работилници. Си имале и ,,соборен храм”, кој бил посветен на Света Троица и се наоѓал на една чистинка во шумата во правец на ,,Сава-тиевото” одделение, на кој ѕидови му биле брезовите дрвја, а купола отвореното небо. Најомилен храм им бил ,,храмот” на св. Никола кој се наоѓал длабоко во шумата кон ,,машкото” одделение. Во ,,соборниот Светотроицки храм” се собирале само на лето и на големите празници, а посебно свечено било на Педесетница на празникот на Света Троица. Најчесто се собирале во св. Никола, кој се состоел од природно обликуван честар составен од седум големи смреки. Понекогаш се случувало заради безбедност, да се служат и по неколку служби истовремено на различни места. А понекогаш и секојдневно да се менува местото за собирање. На пример, на Велики Четврток 1929 г., за читањето на дванаесетте Евангелија се служело во лекарската соба во 10то одделение. Владиката Виктор и о. Николај дошле божем за дезинфекција и така зад затворена врата тајно се отслужила целата служба. За Велики Петок богоборните комунисти, за да го спречат евентуалното собирање и одбелеување на Христовите празници, забраниле било какво движење после 8 часот навечер. Откако лекарите, по 12-часовната дневна работа се вратиле во своите ќелии дошол о. Николај и им кажал дека сликарот Р. нацртал плаштаница со големина на дланката и за еден час ќе започне оплакувањето Христово во големата просторија за сушење риба, близу шумата покрај логорот. Лозинката за влез била да се тропне на вратата прво три пати, па потоа уште два пати.  За да не предизвикаат сомнеж, доаѓале на одредено временско растојание и посебно. За половина час Владиката Максим со уште еден лекар тргнале кон назначеното место и на два пати им побарале дозволи и бидејќи биле лекари, тие ги имале. Во првиот самрак, небото било покриено со темни облаци, тие дошле до крајот на шумата кадешто се наоѓала голема 9-метарска сушара за риби, без прозори и приближно незабележителна врата. Тропнале на вратата според договореното и им отвориле. Владиците Иларион и Виктор и о. Николај веќе биле таму. По нив дошол и Владиката Нектариј и уште четворица, од кои двајца монаси, вкупно десетмина. Внатрешноста на сушарата се претворила во црква. На подот биле послани неколку гранчиња од смрека. Гореле неколку свеќи. Неколку мали хартиени икончиња и малата плаштаница положена на зелени гранчиња го правеле црковниот амбиент. Молитвата започнала со шепот. Се чувствувале како да се духовни, надвор од телата. Ништо не можело да ја ремети и расејува молитвата. Само Господ знае како си отишле по своите ќелии заштитени, никој да не ги забележи.

            За светлата пасхална ноќ се собрале во лекарската соба. Сите што сакале да ја прослават Пасхата, дошле. Околу петнаесетмина. Бог ги удостои неповреденода се соберат и да го прослават славното Христово Воскресение. Имале и празнична (сега непосна) вечера: пасхален колач, сирење, дури и вапцани црвени јајца и вино (течен квасец со боровница и шеќер). Таа вечер прославиле и одседнале до три часот.  Редовната контрола поминала во 11 часот навечер и 4 наутро, одминувајќи го нивниот собир. Само ги затекле Владиката Максим и уште тројца лекари будни и се зачудил: ,,Што е докторе, не спиете? Таква ноќ и некој да не сака да спие?” и зачудено заминал.

            ,,Господи Исусе Христе, ти благодарам за твојата милост и моќ” – прошепотил епископот Максим и заблагодарил на Бога.

            Таа тивка и бела ноќ, полека заминувала. Се раѓало Воскресното нежно розово небо, а сонцето разиграно треперело над соловецкиот манастир – логор. Тивките и благодатни спомени од таа прекрасна пасхална ноќ останале длабоко врежани во нивните срца и сеќавања.

Духовни разговори и остварено пророштво

            Владиката Максим многу другарувал со Владиката Виктор, кој работел како книговодител во фабриката за јажиња и бил потполна спротивност негова. Со низок раст, полничок, жив, полн со енергија, дружељубив, пристапен, разговорлив. ,,Секого мора да знаеш со нешто да го утешиш“ – говорел и секого што ќе го сретнел, знаел како да го утеши, ослободи и да му извлече насмевка на лицето. Долго разговарале со Владиката Максим за судбината на Руската Црква и како оптимист непрестајно се обидувал да го зарази и владиката Максим со неговиот оптимизам за светлата иднина на Руската држава.  Но Владиката Маским, како што самиот вели за себе, останувал ,,оптимистички песимист”.

            На денот на св. Максим Исповедник (21 Јан./3 Фев.), именденот на Владиката, лекарите од логорот се собрале и од логорската продавница купиле еден богат ,,епископски” порцелански чајник со убава изработка и со љубов му го подариле. Владиката Максим, не јадел многу, ама сакал да пие руско чајче. Таа вечер, исто како на Пасха, се дружеле до доцна навечер, а Владиката Максим им говорел за поединости околу судењето на св. Максим Исповедник.

            На 5-ти/18-ти Јули, на денот на св. Сергеј Радонешки, на еден од неговите созатвореници – лекари, му јавиле дека вечерта ќе биде пренесен со ,,специјален” конвој на ,,нова должност”. Пред да го соберат, тој дошол кај светиот Владика да побара благослов и молитва. Му пристапил, направил метанија пред него и побарал  благослов и го замолил да се моли за него, Господ да му даде сили за престојните искушенија, тешкотии и измачувања, а можеби и маченичка смрт. Владиката, којшто исто така не спиел и лежел на својот кревет, се подигнал и станал со својата масивна градба, што во тој момент изгледал уште поголем, му дал благослов, го целивал три пати и му рекол: ,,Те чекаат многу маки и тешки измачувања, но ќе бидеш запазен и на крајот ќе се дограбиш до слободата. А за мене…, за наколку месеци ќе ме депортираат… и стрелаат. Моли се ти за мене, додека сум жив, а особено после смртта”.

            Неговото пророштво во целост се исполнило. Во Декември 1930 Владиката Серпуховски Максим бил депортиран за Москва, а на 6 Јули 1931 година стрелан од страна на болшевиците, комунисти, а неговиот другар ослободен и тој е кој го пишува неговот житие од кое ние се исползивме.

            Господи Исусе Христе, по молитвите на светиот свештеномаченик Максим епископ Серпуховски, првиот епископ на Катакомбната Руска Православна Црква, помилуј нe. Амин!


About The Author