// Google analytics code

Не знаете што барате! – о. Гаврил Галев

A19A35CB-9ADE-4084-B2E7-247F8963D7B1“ Не  знаете што барате”

Недела на Св. Марија Египетска

Марко 10, 32–45

~+~

“Не знаете што барате” е одговорот кој што Господ Исус Христос им го дал на неговите ученици Јаков и Јован и кој после двеилјади години сеуште е актуелен. Преку нив можеме и ние да се препознаеме, зашто и после две илјади години сеуште ништо не се сменило. Господ уште на почетокот објавува зошто е дојден, а ние сеуште се наоѓаме во едно слепило, во едно бунило, во незнаење и сеуште не знаеме што бараме. Ако знаевме што бараме, светот и нашиот живот ќе беа сосема поинакви.

Светот не го позна Бога, не го позна во свое време, и ден денес не го познава и затоа смета дека треба да постојат поинакви правила од тие што Тој ни ги даде. Тие правила и ни ги диктираат како начин на живеење. Духот на тие правила е гордоста, суетата, високото мислење за себе, кариеризмот, капитализмот, хедонизам итн. Со еден збор егоизмот или служењето на самиот себе.

Од тука пак потекнуваат сите оние неблагородни односи помеѓу луѓето, на презир, бесчувствителност, угнетување, потценување, злоба, завист, љубомора, озборување итн. Затоа Бог дава поинакво правило, а тоа е правилото во кое што, оние што сакаат да бидат први треба да бидат последни, и оние кои што сакаат да господарат треба да бидат слуги.

И вистина е. Сите наши проблеми, наши лични (кој и да е) и на заедницата воопшто, потекнуваат од тука, од високото мислење за самите себе, вознесувањето и заземањето на првото место. Кога самите ќе се поставиме на тој пиедестал, кога ќе бидeме и ние така речено “господари” и “богови”, тогаш се’ се испревртува.

Затоа што ние, како човечки род воошто, сме едни никакви. Ние луѓето, го исмејувавме Христос. Го удиравме, го плукавме и срамно го распнавме. Немојте да мислите дека ако ние бевме таму немаше да го направиме истото?  Со своите гревови и  одстапување од Него го покажуваме тоа. Исто и со нашето погрешно однесување кон своите ближни е непобитен факт дека сме грешни, и дека всушност не заслужуваме ништо добро.

И кога сето тоа ќе го воочиме, ние наместо да се смириме и покаеме, за да не се почувствуваме поразени, бараме нешто што е безумно. Гледате, овие двајца браќа кои што откако Бог објавил што ќе се случи со Него, посакале да не загубат нешто од овој свет, и побарале да седат од неговата лева и десна страна во неговата слава. Меѓутоа да се седне во славата Негова, потребно е пред се да се помине преминот, а тоа е крстот. За да дојдеме до воскрсение треба да се помине Голгота. Зашто нема воскресение без Голгота. Нема очистување на страстите без страдание, нема спасение на грешните без страдание. Затоа и ние доброволно ги прифаќаме тие правила на духовниот живот кои што се неизменливи. Примерот на светителката која што денес ја празнуваме, Св. Марија Египетска го сведочи тоа. 

Додека живеела во овој свет таа била грешница, и секако обземена со суета, со гордост, а најмногу од се, робинка на блудот и прељубата. И само заради тоа што се сметала себе за нешто. Сакала да владее над луѓето. Да ги има и поседува. Ама подоцна, откако станала робинка на сатаната и гревот, сватила дека самата се измамила. Сакајќи да ги има сите, се изгубила себе си.

Ho, откако дошла до освестување, кога видела дека сите кои што доаѓале да се поклонат пред чесниот Крст во храмот на Богородица, влегувале слободно, а таа не можела да влезе, се покајала и сфатила дека вината ја носи во себе. Сфатила дека таа е пречката, нејзиниот грешен живот, гревот што го носи во себе и тоа ја спречувало да не може да дојде да му се поклони на Бог.

Меѓутоа, Бог не’ сака нас, но не ги сака нашите гревови. Нашите гревови се одвратни пред Него. Не може да пребива нечистотата во местото на чистота и светост. Тогаш сфатила еднаш засекогаш дека, ако овде на земјата неможе да се удостои и да влезе во Неговиот храм, уште помалку таму во небесниот и вечен храм и треба да направи подвиг за да се поправи. Тогаш вистински се покајалa и донела дефинитивна одлука да си го смени животот. Направила исповед и заминала во пустина и таму живеела до крајот на нејзиниот живот во оcкудица и немаштија.

Сите страданија и маки што ги претpпeла остануваат тајна за нашиот ум, и можеме само да претпоставиме. Но таа толку се усовршила, и својот живот го дала во Божја милост, та го надминала сиот човечки род. Ги надминала и законите на природата, и ангелите и служеле . Затоа е една од најпочитуваните во православната црква. Како било поточно, е запишано во нејзиното житие кое по правило се чита во црквите за време на великиот пост, а и сите ние треба редовно да го читаме дома. Посебно оние кои се борат со блудната страст, треба и да и’ се молат.

Меѓутоа како што реков ,таа го последовила Христос, го избрала Неговиот пат, патот на страданието, патот на самоодрекувањето, патот на смирението, борбата со самиот себе и заземањето на последното место.

Значи, не треба да бидеме неразумни како овие двајца браќа кои што не знаеле што бараат. Барајќи го првото место, секогаш во секого ќе гледаме потенцијален непријател и ќе имаме лоши и грешни помисли кон него. И не само тоа, туку и ќе се наоѓаме осамени, затоа што ќе сметаме дека сите се против нас и никој не не’ разбира, зашто не може цел свет нас да ни служи и не може постојано само ние да бидеме во право. Тогаш и настануваат конфликтите во себе и надвор од себе.

Меѓутоа, кога ќе седнеме на последното место, тогаш е сосем поинаку. Тогаш се вртат работите кон Божествената, благодатната страна. Со самиот факт дека се смируваме, дека застануваме на последното место, седнуваме на Христовото место, “зашто Синот Човечки не дојде да Му служат, но да послужи и (да) ја даде душата Своја за откуп на мнозина.” Кога ќе седнеме на последното место, во секој ќе гледаме светител, ќе гледаме брат и ќе го сакаме од сето свое срце. Тогаш е се полесно, и тогаш ќе завладее мирот ( во нас и надвор од нас).

IMG_2814Затоа треба да се сакаме. Не да се сакаме самите себе без другите, туку да се сакаме себе само со другите. Да се прифаќаме еден со друг со сите свои слабости и доблести зашто Бог не’ створил за заедница. И Бог е Света Троица, Отецот, Синот и Светиот Дух. Не е Сам, туку се три Лица кои безмерно се сакаат и се даваат целосно еден за друг. И ние сме створени за заедница, преку таа заедница ќе се спознаеме, преку таа заедница ќе се осмислиме и ќе се спасиме, а таа заедница е Црквата Христова. Затоа живот добродетелен, благодарен, светоатаински, аскетско-исихастички во Црквата треба да живееме...да го живееме животот Христов во Црквата Негова, безусловно, крсто-љубовно предадени на Бога и на Ближниот.

Другите пак апостоли, кога го слушнале разобличувањето на овие двајца кои што побарале да седнат од неговата лева и десна страна, почнале да негодуваат. А тоа значи дека и тие самите во себе имале некои такви притајни желби. Вистина за жал сите имаме некои такви желбички, да бидеме први, да се покажуваме, да не’ чествуваат другите и сл. Меѓутоа Бог рекол за кого е подготвено тоа, тоа е подготвено за оние кои што се подготвени да го земат својот крст и да го следат Христос. А тоа е само преку патото на смирението, преку патот на својата лична жртва, преку патот на љубовта и личносното восовршување на нашите односи со Бог и ближниот.

Христос не чекаше некој друг да дојде да го спаси светот, туку сам себе се принесе за жртва за спасение на светот и нас да ни ги даде сите дарови кои што Бог ги подготвил за нас, да ја подигне нашата падната природа, и да ја постави таму каде што таа треба да биде. Така да и ние да не чекаме промена од некој друг, да се смени цел свет, и после тоа да се смениме најпоследни и ние. Не, туку баш тука треба да бидеме први. Да бидеме први во љубовта што ќе ја понудиме, во понижувањето, во прифаќањето, во трпението, во саможртвата на самите себе пред другите. Тоа е всушност суштинското значење на зборовите: “за кои што е подготвено да седнат од Мојата десна и лева страна”. Само оние кои се спремни да се крстат со Неговото крштение и да пијат од чашата од која што Тој пие, односно оние кои ќе учествуваат во неговите страданија, ќе можат да седнат до Христос во Царството Негово. Поинаку не е, и не може да биде, и нема да биде. Се додека не го земеме овој крст како правило, како свое лично правило, се до тогаш ќе сме во темнина и бунило и нема да знаеме што бараме.

Нека Господ Исус Христос по примерот и молитвите на оваа света преподобна наша мајка Марија, која што ни го дала примерот како треба во покајание и подвиг да живееме, ни го даде нејзиното покајание и ни помогне во нашиот подвиг да издржиме до крај и се удостоиме да седнеме оддесно на Христос во Царството Негово. Амин. 

Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

18.04.2020


About The Author