// Google analytics code

Недела на Cвети Григориј Палама – Митрополит Струмички Наум

Paralytic 2~+~

Често, човек е толку фатен, т.е. парализиран од гревот, што самиот е неспособен да дојде до Христос и да побара исцеление. Во такви ситуации доаѓа до израз големото и незаменливо значење на Црквата како заедница, која со своите најразлични богочовечки дарови како: утеха, поука, личен пример, материјална помош, покајание и слично, и без оглед на тешкотиите, го приведува човекот кон Господ Христос – Исцелителот на нашите души и тела. Од „фатениот“ се бара само смирение.

Таков заеднички подвиг гледаме и во напорот фатениот да биде приведен до Богочовекот Христос. Но, гледаме и смирение. Влегувањето преку покривот на куќата со надеж за исцеление, а наместо тоа јавно да ја слушне само причината за својата болест – гревот, и без помисла и приговор да го прифати сето тоа, зарем ова не е сведоштво на смирение?

Да, однесувањето на фатениот покажува дека тој ја освестил причината за својата болест, а тоа е гревот, како што потврди и Христос, и молкум, со смирение и благодарност ја прифаќа Господовата одлука, сметајќи се себеси недостоен и за толку – да му ги прости „само“ гревовите.

Прифаќањето на Божјото слово за нас, прифаќањето на Божјата волја за нас и прифаќањето на Божјата промисла за нас, при нашите неволни страдања, со смирение и благодарност, истовремено значи и наше отворање и наше прифаќање на Божјата благодат. Следствено, тоа значи и наше исцеление, и душевно и телесно. Дека токму за тоа се работи, покажува следот на настаните.

Господ Бог е единствениот Кој има власт да ги простува гревовите, ако со вера и покајание, односно со смирение и благодарност, пристапиме кон Него. Вистинското покајание и вистинското простување на гревовите се препознава од неповторувањето на гревот. Простување на гревот значи и исцелување од последиците на гревот, а тоа е возобновување на нашата заедница со Бог.

Затоа и Господ Исус Христос на фатениот му се обраќа татковски, со зборот „синко“…

Токму тој момент, простувањето на гревот, е причина за помислите на книжниците. Тие знаат од Книгите на Законот дека единствено Бог има власт да простува гревови. Затоа немаше можеби и ништо да помислат ако Христос само го исцелеше фатениот, зашто тоа ќе беше само уште едно исцеление од многуте кои во тоа време Он ги правеше; но објавата на простувањето ги збунува.

Посебно, заради нивно обраќање и спасение, Христос постапува по редот по кој следуваат настаните: прво јавно му простува на фатениот, па љубовно – без да ги кара како што Он знае, кога ќе види непокајание – им ги открива помислите на нивните срца, и на крај им ја пројавува Божјата сила и власт – што како Бог ја има, со исцеление на фатениот. Ова го потврдува и самото евангелие: „така што сите [без исклучок] се дивеа и Го славеа Бог, велејќи: ’Никогаш вакво чудо не сме виделе!‘“

Духовниот развој, како своеволен подвиг – според отците исихасти, е освестено чистење на срцето од страстите до пројава на благодатта на Крштението од него, т.е. до неговото отворање за умно-срдечната молитва и прво гледање на несоздадената светлина. Тоа е вистинско ослободување од робувањето на страстите, од гревот, демонот и од смртта; тоа е премин од противприроден во природен начин на живот, тоа е неприпадност на овој свет и восиновување од Бог.

Теологијата на аскетско-исихастичкиот подвиг најпотполно е објаснета во делата на светиот отец наш Григориј Палама, кому Црквата ја посветила втората недела од Великиот пост.

Пресвета Богородице, по молитвите на свети Григориј Палама, спаси нас!

Митрополит Струмички Наум

(27.03.2021 16:54)

http://www.mpc.org.mk/MPC/SE/vest.asp?id=7401

 


About The Author