Недела на светите отци
Човекот е центар на светот. Круна на сето создаде. Микро космос на макро космосот. Образ и подобие Божјо. Потенцијален бог и бог по благодат.
Како никогаш до сега општеството не се занимавало толку со човекот и неговите потреби и како никогаш до сега човекот не бил осамен и изгубен. Сето тоа е затоа што го има изгубено вистинскиот критериум на вредностите и основата на која е поставена сега.
Како во математиката, кога равенката ќе се постави погрешно, тогаш во погрешен правец ќе појде и целиот процес и ќе дојдеме до погрешно решение, односно ќе ја промашиме целта.
Затоа нема друга основа освен Христос. Со Неговото воплотување Богочовекот Христос постанува основа и критериум за сите вредности.
Согласно христијанскта антропологија човекот е психофизичко битие од материјално тело и нематеријална душа. Телото е потчинето на душата, а душата со својата енергија, која е благодатта Божја, го одржува и телото во живот.
Душата има своја суштина и енергија. Срцето е центар (суштина) на душата. Во срцето постојат три сили(енергии): умот како словесна сила и волјата и желбата како бессловесни.
Кога умот ќе ја насочи својата примарна функција е во синергија со несоздадените енергии Божји, тогаш тој се нарекува чист ум (или само ум) и тоа се нарекува созерцание. Кога пак умот комуницира со создадениот свет, тогаш тој се нарекува разум, што е пак искуство.
Бог го создал човекот како совршен со прекрасна хармоничност и координираност на сите негови сили. Таа хармонија ја нарушува гревот и тогаш срцето, преку неговите три сили (умот, волјата и желбата), бива заразени и заробени од страстите.
Целиот напор е човекот преку константен аскетско-исихастичкиот подвиг и светотаински живот во Црквата, да го преобрази “надворешниот човек” и најпрво да се врати на таа првобитна состојба, а подоцна и да се воздигне до подобието Божјо за кое Св ап Павле сведочи: “знам еден човек во Христа, кој пред четиринаесет години, со тело ли, не знам; без тело ли, не знам: Бог знае, беше грабнат и однесен до третото небо. И знам дека тој човек, со тело ли, или без тело – не знам: Бог знае, беше грабнат и однесен во рајот и дека чул неискажливи зборови, кои што човек не може да ги искаже.”
Тоа е и вистинското назначение на човекот и негова цел зашто сето тоа Бог за нас го подготвил. Тоа се и светите отци кои ја достигнале таа цел!
о. Гаврил Галев