Недела на света Марија Египетска – Митрополит Струмички Наум
Марко 10, 32–45
„И кога ги повика повторно дванаесетте, почна да им зборува за она што ќе се случи со Него. Ете, се искачуваме кон Ерусалим и Синот Човечки ќе биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт и ќе Го предадат на незнабошците. И ќе Го исмеат, и ќе Го бијат, и ќе Го плукаат, и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе воскресне“ (Марко 10, 32–34).
Христос нѐ потсетува сите дека нашето Царство не е од овој свет и дека во овој живот нѐ очекуваат и страдања. Со оваа вистина треба да сме начисто и да не се лажеме самите себе со некакво „земно царство“. Секако, страдањата прифатени со смирение и благодарност кон Бог ќе ни ги донесат и утехата на Светиот Дух и предвкусот на Царството Небесно, уште сега и овде.
„Тогаш пристапија кон Него Заведеевите синови, Јаков и Јован, и рекоа: ’Учителе, сакаме да ни направиш она што ќе побараме‘. Он ги праша: ’Што сакате да ви направам?‘ А тие Му одговорија: ’Дај ни да седнеме до Тебе, едниот оддесно, а другиот одлево, во славата Твоја‘. Но Он им рече: ’Не знаете што барате‘“ (Марко 10, 35–38).
Навистина не знае што бара некој што превидува дека ако неговото барање се оствари, треба да седне пред Божјата Мајка и Божјиот Крстител.
И, што гледаме ние, денес, на храмовиот иконостас – иконата на Царството Небесно: кој седи од десната и од левата страна Христова? Не седи ниту апостол – па бил тој Петар или Павле, ниту некој свет архиереј, односно не седи претставник на видливото свештенство; не седи никој друг, туку првите и совршени носители на внатрешното, новозаветно, есхатолошко (вечно) и царско свештенство – Пресвета Богородица и Секогашдева Марија и свети Јован Крстител.
Само преку постоечките носители на ова свештенство во Црквата, а преку нив и во светот, сега и во целата неговата историја, дејствува единствената непрестајна Литургија – односно Очевиот Домострој на нашето спасение, преку Синот во Светиот Дух Господ.
„Да се седи од Мојата десна или лева страна, тоа не зависи од Мене; таму ќе седнат оние за кои е приготвено од Мојот Отец“ (Матеј 20, 23). Значи, тоа не зависи ниту од Бог, туку од самите тие што ќе го остварат, слободно и љубовно, од Бог поставениот критериум за единство и заедница со Него; од тие што ќе Го љубат умно-срдечно – со цело свое срце, со цел свој разум и со сите свои сили; од тие со непрестајна молитва на умот во срцето.
Господ ни дава можност за градење совршен личносен однос со Него; но, односот зависи од тоа кој колку сака да се отвори пред Бог и кој колку сака да се даде. Со други зборови, само од нас зависи каков однос сакаме да градиме: дали синовски, наемнички или робовски. Нема предодреденост и не важат овде овоземните протекциски правила – за тоа кој ќе биде пред кого.
Во овој подвиг не смееме да очајуваме. И најголемиот грешник има можност да се покае и да го исправи и освети својот живот; и да добие битно место пред Господ. Тоа ни го покажува животот и љубовниот подвиг на света Марија Египетска, чиј спомен оваа недела го чествуваме.
„Десетте, пак, штом го чуја тоа, негодуваа против Јаков и Јован.“ Јасно ни е на сите дека и барањето и негодувањето се дел од истата борба – за световна слава.
Богочовекот Исус Христос ни го покажува вистинскиот и единствениот пат кон славата на Царството Небесно: „Знаете дека оние што се сметаат кнезови народни, господарат над нив, и управниците управуваат над нив. Но меѓу вас нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга; и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде роб на сите. Зашто и Синот Човечки не дојде за да Му служат, но да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина“ (Марко 10, 42–45). И тука нема што да се толкува.
Пресвета Богородице, по молитвите на света Марија Египетска, спаси нè!
Митрополит Струмички Наум
(17.04.2021 16:00)