Недела на простувањето – Митрополит Струмички Наум
Читајќи го денешното евангелско четиво, гледаме дека Богочовекот Христос во него нè поучува како да се ослободиме од трите главни вида на страсти: од славољубието – со простувањето и барањето прошка; од сластољубието – со постот; и од среброљубието – со собирањето богатство на небото, а не на земјата.
Црквата го нагласува подвигот на простувањето создавајќи и благодатна и психолошка атмосфера за простување токму на овој ден пред почетокот на Великиот пост; затоа што, ако не се ослободиме од страста на славољубието преку простувањето и барањето прошка, напразно е да се подвизуваме против сластољубието и среброљубието. Ѓаволот ниту е сластољубив, ниту е среброљубив, но затоа е многу славољубив.
Работите се многу едноставни: Оној што им простува на сите што му згрешиле, па дури и на своите непријатели, има Божја благодат во себе; а оној што нема да му прости и само на еден човек, па бил тоа и најголем непријател, има демон во себе. Простувањето е сведоштво за присуството на благодатта Божја, а непростувањето е сведоштво за заробеноста од демонот. Истото важи и за барањето прошка. Простувањето е секојдневен подвиг, а не само денес.
Ви зборувам за реално простување, а не за фантазија. Реално простување се случува кога се молиме за оној што нè повредил; кога не го озборуваме, судиме и осудуваме тој што нè повредил; и кога на дело му помагаме, му чиниме добро, кога ќе му затреба помош.
Но, како простувањето и барањето прошка да ни стане освестен подвиг, а не само подвиг што го правиме со вера и послушност кон Евангелието? Станува освестен подвиг кога ќе осознаеме дека критериум на нашата вина, или не, се Богочовекот Христос и Божјата правда, а не човекот и човечката правда. Што значи тоа во пракса?
Кога некој ќе нè повреди, ние во тој момент не размислуваме за оправданоста или не на неговата постапка, туку нашето внимание е свртено кон тоа дали нашите мисли, зборови и дела во тој момент се согласни со Христовите или не!? Дали нашите мисли и чувства во тој момент се согласни со Христовите или не!? Односно, дали постапуваме љубовно исто како и Христос што постапува со оние што Го повредуваат? И ќе осознаеме дека многу сме далеку од тоа.
Ете од каде произлегува нашата вина – па дури и вината на оние што се на степенот на обожение, а не од оправданоста или не на повредите што другите ни ги причинуваат… Ете каде се наоѓа и неисцрпниот извор на нашето покајание… Затоа никогаш, ама во ниту еден единствен случај немаме оправдување кога не бараме прошка и кога не простуваме! Со непростувањето отпаѓаме од Богочовекот Христос, Кој на Крстот, на сите сѐ ни прости…
Таква е поставеноста во духовниот живот што секојпат кога тврдиме дека ние не сме виновни, Господ Го обвинуваме. Кој е дотолку ненормален за да тврди дека Господ е виновен?
И зборовите од Евангелието: „Ако ли не ги простите грешките на луѓето, ни вашиот Отец Небесен нема да ви ги прости вашите“, не треба да се сфатат така како што буквално ги читаме, туку овие зборови значат дека ако не им ги простуваме грешките на луѓето, не дека Бог пак не ни простува, туку ние самите со непростувањето се одделуваме од Божјата благодат и самите себе се осудуваме и отпаѓаме од Бог.
Со неисполнувањето на волјата Божја, ние самите на себе не си простуваме.
Никој не рече дека е лесно. Простувањето на почетокот е аскетско – се принудуваме…
На сите што ми згрешиле сѐ им простувам. Простете ми и вие мене, во Господ Исус Христос и заради Него! И простете си и на самите себе со исполнување на волјата Божја.
Пресвета Богородице, спаси нас!
Митрополит Струмички Наум
(14.03.2021 10:00)