// Google analytics code

Недела на православието – Отец Гаврил Галев

Православната вера не е религија, систем на некои верувања, традиции и чинодејствија,  испишана по некои правила. Таа е живот и се живее и таа живее во нас. 

Православието е жива вера, вера во живиот Бог во кој што целта е тоа да го видеме (спознаеме) Христос и да останеме со него. Православната вера, е сведоштво. Ние сме Православни единствено само ако живееме Православно, односно ако го живееме Христовиот живот, ако се вградиме како живи членови на Црквата Христова. Светиот Дух да живее во нас. 

Тоа да го постигнеме треба да се смиреме. Гордоста, високото мислење за самите себе, суетата се најголемата пречка да го видеме Бог. Многу од нас, или поточно, сите имаме позив од Христа да го следиме. Меѓутоа ние за жал избираме да се следиме себеси, односно своите страсти или своите видувања и мисли отколку Христос, затоа и најчесто грешиме. Секогаш кога ќе сме го следеле Христос не сме згрешиле. Господ секогаш е со нас. 

Филип решил да појде по Христос, затоа што бил спремен да појде по Христос, се откажал од самиот себе и пошол по Христос. Натанаил пак исто така. И ако на прв поглед како да се спротивставил, меѓутоа сакал да се увери, зашто нашата вера е и вера во познание. Значи треба да знаеме во што веруваме. Треба да знаеме и како веруваме, да знаеме како правилно треба да живееме. 

Натанаил, додека Исус бил со Филип тој се молел под смоквата и размислувал за Христос. Затоа Христос на неговиот одговор „од каде ме познаваш“, му рекол дека Го видел додека бил под смоквата, што значи тие биле заедно иако Натанаил за тоа не бил свесен. Молитвата е заедница, разговор на човекот со Бога и преку неа сме со Бога, лице во лице, еден покрај друг. Кога ќе го отвореме своето срце, ќе дадеме да влезе светлина во нашиот ум иќе размислуваме за Христос, тогаш и дозволуваме Христос да влезе во нашиот живот. Затоа и Натанаил веднаш го прифатил Христа и го исповедал. Тоа е првото исповедување воопшто: Ти си Синот Божји, избраниот Месија. И затоа, потоа Натанаил станал еден од Апостолите. Натанаил според преданието е истоит св. Ап. Вартоломеј кој својот живот маченички го заврил заради Христос. 

Денес е празникот на Победата на Православието. Само оние кои се крстени и живеат православно можат да ја разберат Православната вера. Со крштевањето се излеваат полнотата на даровите на Светиот Дух, а потоа со животот, во црквата, со добродетелен живот во исполнувањето на Божјите заповеди, во послушание, пост,молитва, исповед и така живеејќи на некој начин го спознаваме Христос. Христос се спознава, како што реков преку благодатните енергии Божји, односно преку исполнувањето на Божјите заповеди, добродетелите, свето-таинскиот живот и молитвата. 

И денешниот празник, триумфот на светото Православие е празник востановен по повод победата на Православната црква над иконоборството. Почитувањето на иконите е камен за сопнување баш за оние кои што реков кои што не се крстени Православно и кои што не размислуваат и живеат, православно. Не дозволуваат Бог Светиот Дух да живее во нив и тие верата ја сфаќаат како пишано правило, како некој законик, како религија. Не е тоа Православната вера. Православната вера е жив живот, живот во Христа, во Светиот Дух, во Света Троица.

Затоа и треба Православно и да веруваме. Коренот на сите ереси потекнува од неправилното разбирање на воплотувањето Христово. Всушност самото воплотување на Исуса Христа е потврда и доказ дека ние не ја нарушуваме втората Божја заповед, и не се поклонуваме и правиме идоли на небото и на земјата. Преку воплотувањето на Словото Божјо, Исус Христос и стана жива икона на Бог Отец. Бог ни се јави нам потполно, затоа што Исус Христос беше не само Бог потполен, не само Син Божји, туку потпол човек и Син човечки, односно Богочовек.

И затоа како што велат Апостолите:  „Го видовме, и Го слушнавме и го допревме“, со тоа можеме и да го претставиме, да го опишеме и да го нацртаме. И тоа почитување, не е всушност почитувањето на самата даска, на самата претстава туку едноставно духовно поклонување во кое што ние се поклонуваме на оној кој што е изобразен, односно изобразениот кој што се наоѓа во Царството Небесно, образот Божји, подобието. И не секој може да се нацрта на икона и не секој може да се прогласи за светител, само оние кои што го изобразиле образот Божји во себе, односно подобието Божјо. 

Секако дека ние треба да имаме правилен став кон самите икони. Не треба да ги сметаме како што прават некои, да ги мачкаме или да ставаме парички врз нив. За паричката си има простор под иконата кај што треба да се стави таа пара. На светителот или на Господ не им требаат тие пари, туку требаат на Црквата да живее, да функционира и да ја врши својата мисија. Тоа е дарот на самата Црква. Ниту пак да мислите дека со пари или некој материјален дар може да го поткупиме светиот или Господ што е изобразен на иконата.

Исто така значи иконите треба да бидат и Православно изобразени. Односно го изобразуваме прославениот, обожен образ Божји на светителот кој што се наоѓа во Небесната Црква, горе на небесата, а на земјата затоа иконата треба да се разликува од обичен портрет на световната уметност, туку треба да се цртаат според Каноните на Православната иконографија, а тоа е обратната перспектива во која што се шири во просторот до бесконечниот простор на Царството небесно и на тој начин и самите ние учествуваме во таа заедница со небесната Црква во Царството Небесно.

Отец Гаврил Галев
игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,
Кинглејк, Мелбурн, Австралија

07 / 09 / 2024


About The Author