Неблагодарни муабети
Едно вредно но сиромашно семејство си имало само едно магаре. Кога мајката, таткото и детето се враќале од својата нива, детето, како најслабо, го качиле на магарето за да не оди пеш.
Тогаш целото село зборувало „како не му е срам на детето да ги остави родителите кои цел ден работеле уште да си ги мачат нозете!“.
Другиот ден мајката, која била со слабо здравје и преморена, седнала на магарето, но тогаш луѓето во селото зборувале „како не ѝ е срам на мајката, не ѝ е жал детето да оди пешки?!“.
Следниот ден, од почит, го качиле таткото на магарето, ама тогаш целото село зборувало „како може маж да дозволи неговата уморна жена и дете да се влечат пеш покрај него!?“.
Четвртиот ден сите тројца се стиснале на магарето, а луѓето биле вџашени – „Па, како не им е жал за кутрото магаре?!“.
Следниот ден сите тројца се враќале пешки, крај магарето, а селаните им се смееле – „Што глупави луѓе! Си имаат магаре, а цел пат се мачат пешки!“.