// Google analytics code

Нашите Отци за Рождеството Христово

rooooozВо градот Витлеем, длабоко во ноќната тишина, Словото Божјо – Богочовекот Христос, дојде на земјата – се облече во нашето тело, сакајќи да го обожи со Своето Божество, објаснува свети Климент Охридски. На ист начин Синот Божји постојано се раѓа и во нашите души – онаму каде што замолкнува разумот, таму каде што единствено е присутна молитвата и каде што умот е исправен пред Бога. Господ Христос, очекуваниот Миротворец4, се роди на земјата како незнаен и непознат, и само мудреците, пастирите и ангелите дојдоа да Го пресретнат во витлеемските јасли. Па да им се придружиме и ние на тие први поклоници и дарители пред Богодетето, како и на сите праведници и луѓе со добра волја, славејќи Го и фалејќи Го Бога за сè што е чуено и видено5, зашто голема е тајната на побожноста – Бог се јави во плот…, им беше проповедан на народите и светот Му поверува6.

Од Божикното Послание на Архиепископот Охридски и Македоснки г.г.Стефан заедно со Светиот Архиерејски Синод 

 

На личен план, Рождеството Христово можеме вистински да го славиме само ако со умот го пронајдеме влезот за внатрешноста во нашето срце, влезот за пештерата каде што Христос положен во јасли лежи.

Затоа треба да внимаваме да не го славиме Рождеството Христово без Христос.

Митрополит Струмички Наум 

 

Мислите ли дека витлеемските жители навистина немале место во своите домови?
Не, просто не сакале да си ја нарушат својата комоција, не сакале да се откажат од комфорот и од компромисот со овој свет; тесно им било во срцата. Витлеемските жители немале место во своето срце, но за разлика од нас, и не знаеле што прават.

А ние?

Митрополит Струмички Наум 

 

Надприродно зачнат од Светиот Дух и Вечнодевствената Марија, Христос, ни понуди предвкус на Божјото и совршеното. Долгоочекуваното  навестување на старозаветните проророштва, дека ќе дојде време кога Бог ќе го посети своето создание и ќе пребива во него, конечно се исполни. Св. апостол Лука во своето Евангелие вака ги забележал блажените зборови на ангелот кој на пастирите им ја пренесе радосната вест: Не плашете се! Еве, ви соопштувам голема  радост која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ. (Лк. 2:10-11). За радоста да биде уште поголема, преку ова воплотување надежта на спасението се врежа во духовниот код на човечкото битствување неизбришливо и спасоносно. Ние од Христа не примаме некаков ограничен и надворешен дар, туку Го примаме самиот Христос, Изворот на животот. Божјата природа е таква, што по милост и благодат оплеменува се што барем и малку се приближува до Бога. Кога нешто пак се соединува со Бога – како што беше случајот со Христовото воплотувње во кое Тој Самиот своеволно ја прими човечката природа – истото преку тоа соединување и се обожува. Христос, Кој Самиот е Бог, Совечен со Отецот и Духот Свети, ја отвори вратата на една поинаква божествена форма на постоење, која иако дел од првобитниот план за човекот, заради падот во грев, беше невозможна без Христовата интервенција. Ја гледате ли торжествената причина за духовен восхит и за песни, и за нашата неизмерна радост драги мои браќа и сестри во Христа? Преку Христовото воплотување, ние учествуваме во Бога. Затоа што Тој е веченобожествен, во Него и ние добивме учество во вечната Божја природа. Со истиот принцип преку кој Вечниот Христос стана дел од нашата ограниченост, ние станавме дел од Неговата совршена вечност!

Митрополит Американско – канадски Методиј

 

Не е човекот создаден само за голо преживување на земјата, за победување на стресот и неизвесностите. Тој е создаден за да биде совршен како што е совршен нашиот Отец небесен. Создаден е да се бори против ропството на гревот, за што се роди и самиот Христос, за да нѐ ослободи од тоа ропство и да нѐ воведе во живот вечен. Во таа борба човекот не смее да биде млак и да се задоволува со корка леб само за себе, кога гледа дека друг му ја зема и таа корка. Господ вели дека доаѓа да донесе не само мир, туку и меч на земјата (Матеј 10,34), но не буквално меч со кој би го убиле братот, туку меч како симбол на револуционерен дух за остварување на основните човекови права и зачувување на верата во Бога. Тоа е наше давање на Бога, наша саможртва, а не барање жртва.

Митрополит Европски Пимен

 

prosk1Раѓањето на Богочовекот Христос е реален, конкретен и историски настан. Богомладенецот во Витлеем му откри и му дарува на човековиот род нов начин на постоење. Воплотувањето на Логосот му овозможи на човекот да постои како личност, но секогаш наспроти другиот. Љубовта го обожува човекот, но, истовремено, може да се каже дека таа Го очовечува Бога. На овој начин љубовта се јавува како онтолошки мост што ги поврзува Творецот и тварта. На сите оние кои во литургиските димензии и преку иконата на Рождеството Христово личносно го доживеале посоченово, позната им е радоста на оваа тајна“.

Епископ Климент Хераклејски

 

Овој пост го идентификувам со патот на трите мудреци кои ја следеле божествената ѕвезда од незнабожечкиот Вавилон за да му се поклонат на Богомладенецот во Витлеем Јудејски. Кој знае какви маки, тешкотии, болки, студови, жештини, напади од нечесни луѓе и диви ѕверови и секакви искушенија претрпеле, но со нивната цврста желба, силна волја и апсолутна решеност ги победиле сите искушенија и препреки на патот до Христос. Меѓутоа, кога го откриле и го виделе Христос, на се заборавиле, а нивните очи повеќе не ја гледале сјајната ѕвезда патеводителка, туку Христос, вистинскиот Бог наш, сонцето на правдата.

Во ширум отворената пештера, која дотогаш била ладна и темна, сега силно ограјало Сонцето на правдата кое ја осветлила целата просторија и се создадено.

Христос е Оној Кого го бараме и на Кого се поклонуваме. Тој е нашиот живот. Патот до Него е долг, тежок и трновит, но кога ќе го возљубиме со сето свое срце, со сета своја мисла и со сета своја сила, тогаш и ќе бидеме спремни да претрпиме се за Него.

Игумен Гаврил

 

… Христос Господ дојде на земјата и прими човечка природа, не од праведници, туку ги опфати сите, и добри и лоши, и праведни и грешни, за сите да ги спаси, на сите да им даде можност за спасение. Истото се случува и денес во Светата православна црква – Телото Христово. Црквата е света и Божествена, затоа што е Тело Христово, затоа што Нејзина глава е Самиот Господ Исус Христос и постојано е изградувана и вдахновувана од Светиот Дух, а неа ја сочинуваат сите крстени, и праведни и грешни. И се додека сите овие се борат во подвижничката арена на Црквата, се додека постат, се молат, се исповедаат, се причестуваат, се дотогаш ќе постои надеж за нивното спасение, и нивните гревови нема воопшто да ја извалкаат светоста на Црквата.

Отец Јани Мулев

 

Христос се роди! Нема веќе безлична апсолутна недостижност, туку Личност конкретна и достижна Која ја познаваме низ покајание. Нема ништо поголемо од Оној што ни го подари Пресвета Богородица, Бог стана Човек, за човекот да стане бог во благодатта на Светиот Дух во Христа за слава на нашиот небесен Отец.

Отец Горан Стојчевски


About The Author