Нашиот Свет Отец Св. Климент Охридски – Беседа за блудниот син
Слушајте ја, возљубени, Божјата приказна! И да се навикнеме добро да ја вршиме неговата волја! Каков Човекољубец Бог имаме, Отец штедар кој создава и уредува се заради нашето спасение.
Како некој што имал два сина, праведник и грешник и на обајцата им дал еднакво богатство, така и Он нам ни дал крштение и покајание и евангелско учење. Од нив ние се оттргнуваме како помладиот син далеку настрана од слушање на божјата Црква и расточување на божјото богатство. Живеејќи блудно ги примаме божјите зборови и светата Причест во прељуба, живееме и ја растураме благодатта што ни е дадена од Бога со зли дела и со грешни желби.
Грев е кога некој од малку ќе се израдува и вечно ќе се осуди и за малку ако се израдува, вечно ќе се мачи.
Но Господ Бог со својата штедрост нема да ја презре својата творба, но го очекува нашето спасение. Затоа што Tој не сака никој да се потчини на ѓаволот, но на сите им пожелува спасение, учејќи нé низ овие божествени приказни.
Никој да не очајува заради своето спасение, ако има многу зла, но да брза кон спасението. Овие посни денови со радост ни носат покајание, оти заради нас Тој (Христос) самиот постејќи четириесет дена ни даде пример за очистување од гревови. Па затоа да се откинеме од тие лоши дела и да се свртиме кај дарежливиот и милoстив Отец.
Он на сите подеднакво им е Татко и на сите еднакво им дава милост. На сите што му притекнуваат, и така, слушајќи да го разбудиме срцето кон смиреност и душата кон каење.
Да пролееме солзи како некогашната блудница, да се биеме в гради како митарот, да извикаме како блудниот син: “Татко, згрешив пред небото и пред тебе: театрите се слушаат, на игралиштата има викот, на собиралиштата лоши нешта се слушаат, блуд се разоткрива; не сум достоен да се наречам твој син, не смеам со нечисти очи да гледам кон чисти, кон светињата на светиите. Hе смеам самиот, бидејќи сyм нечист да пристапам кон твојата неосквернета трпеза”
Така да чуеме што се зборува :”Облечете ја првата облека, направена од огнен Дух, во неа праведните сјаат!”
Второто крштение и каењето се прстен на раката и печат на Светиот Дух. Со нив ангелите ги изгонија духовите; евангелското учење се обувки на нозете, со нив да се згази змиската глава.
Заколете им теле гоено, пречисто меѓу пречистите, што го колат, но што не умира. За да се повеселат со сите верни, оние што им зборуваат на слугите, на архиереите и на иереите: О, голема милост и неискажана милосрдност!
Оној во кого не смеат ни анелските легиони да погледнат, Него ни го заколуваат! Оној кого не смеат да го погледнат Многуочните (Херувими), Него ни го принесуваат на жртва! Жртва јадена и неизедена!
Заради тоа, да ја оставиме зависта и непријателството и сите лоши дела и со љубов и со смирение да ни поминат посните денови и да ги поминеме чисти и непорочни и да пристапиме кон светата непорочна Трпеза на гоеното Теле, на Јагнето непорочно Господ Исус Христос.
Тој се дал себеси да биде заклан за сиот свет. Јадејќи го Него, сите светители починуваат во Небесното Царство. Со нив да учествуваме и ние, заради Исуса Христа, нашиот Господ.
Нему вечна слава, Амин.
Св. Климент Охридски