Нашиот однос кон Бога и човекот – Игумен Гаврил
2 А во Ерусалим, при Овчата Врата, има бања со пет тремови, на еврејски наречена Витезда.
3 Во нив лежеа мнозина болни; слепи, хроми и суви, (кои чекаа да се раздвижи водата.
4 Зашто, ангел, одвреме на време, слегуваше во бањата и ја раздвижуваше водата, а кој прв ќе влезеше – откако ќе се разбрануваше водата – оздравуваше од каква и да било болест да страдаше.)
5 Таму имаше еден човек, кој лежеше болен триесет и осум години.
6 Кога Исус го виде како лежи и кога узна дека веќе долго боледува, му рече: „Сакаш ли да оздравиш?”
7 Болниот Му одговори: „Господине, немам човек да ме спушти во бањата, кога ќе се разбранува водата; а додека дојдам јас, друг слегува пред мене.”
8 Исус му рече: „Стани, подигни ја својата постела и оди!”
9 И човекот оздраве веднаш, ја зеде својата постела и почна да оди. А тој ден беше сабота.
10 Затоа Јудејците му рекоа на оздравениот човек: „Сабота е и не смееш да ја носиш постелата.”
11 Но тој им одговори: „Оној, Кој ме излечи ми рече: „Подигни ја својата постела и оди!”
12 Тогаш го прашаа: „Кој е човекот кој ти рече: „Подигни ја својата постела и оди?”
13 А исцелениот не знаеше Кој е, зашто Исус се отстрани, бидејќи имаше многу народ на тоа место.
14 Потоа Исус го најде во Храмот и му рече: „Ете, оздраве, не греши повеќе, за да не те снајде нешто полошо.”
15 Човекот отиде и им кажа на Јудејците дека Исус го излекува. (Јован 5:1-15)
Бог е личност. И човекот е личност. Затоа можеме непречено заедничарејќи да градиме личносни односи со Бог и меѓусебно. Меѓутоа тие односи треба да бидат правилни, здрави. Здрава заедница се гради кога се има и здрави личносни односи засновани на љубов, искреност и доверба. Ако овие услови се пореметат, тогаш се пореметува и нашиот личносен однос со Бог и човекот (ближниот). Тогаш ние боледуваме, свесни или несвесни за тоа.
Евангелскиот настан за раслабениот ни говори за случката во Витезда при Овчата бања, кога Христос со еден збор, како Единствен Бог и вистински лекар, исцелува еден раслабен кој цели 38 години чекал некој да го спушти во водата во која еднаш годишно слегнувал ангел Господов раздвижувајќи ја, та првиот кој ќе влезел во бањата оздравувал од каква и болест да боледувал. Токму тука се разоткрива таквиот неправилен и болен, личносен однос со Бога, а со тоа и со човекот.
Христос приоѓа до човекот кој долги години лежел неподвижен, чекајќи некој да го спушти во водата. За да чекаш толку многу години и да немаш кој рака да ти подаде, кажува многу. И Христос подоцна му(ни) напомена, гревовите човечки многу се. А гревот бил и е, оној кој не разединува од Бога, кој не ни допушта правилна изградба на односот како со Него, така и со ближниот.
И ние како и овој раслабен човек, најчесто имаме погрешен однос кон Бог, а заснован на овоземните закони и норми. Па си го поставуваме прашањето: зошто Бог не ја слуша нашата молитва? Не се издигнуваме до небесата и не го бараме Него, туку одговорите на потребите ги бараме од “земниот човек“, а како последица од „добиеното“ се препуштаме на задоволствата од овој свет и век. Бараме помош и утеха не од Него, туку од некој и нешто.
Само Бог е тој Кој може реално да ни помогне. Он е милостив и не дозволува неговото создание (човекот) да страда и живее во непознавање на Вистината, затоа и прв пристапува и му помага. И сето ова Го прави ненасилно, туку љубовно, запазувајќи ја слободата на секого. Затоа најпрво го прашува и раслабениот, дали сака да оздрави. А кога овој одговорил потврдно, тогаш Господ и му помогнал.
Овој човек бидејки имал неправилен однос кон Бог, не Го познал и не знаел Кој е Оној што го исцелува, оддалечувајќи се од Него. А Исус, како што вели Евангелието, исчезна во народот што се беше собрал таму – се скри.
Меѓутоа Исус, како сезнаен Бог го знае нашето минатото, но и нашата иднина. Знаеше кој е овој човек и затоа подоцна, повторно наоѓајќи го во храмот му рече:
„Ете, оздраве, не греши повеќе, за да не те снајде нешто полошо.” (Јован 5:14)
Овој човек, според Светите Отци, е токму оној што подоцна Му удрил шлаканица на Исуса кога Тој беше на суд пред првосвештеникот Кајафа. Затоа Христос го најде обраќајќи му се повторно. И го предупреди за иднината. Но човекот, кој бил искривен не само во телото, туку и во душата, заслепен од страстите на овој век, повторно не ја познал големата љубов Божја, а заради тоа – какво ќе е неговото вечно наследство? Зар не ќе е пострашно од маката која 38 години му ја предизвикуваше парализата?
А еврејските старешини пак, поставувајки го почитувањето на законот човечки пред љубовта кон човека, помрачени беа и во умот и во срцето. Па бидејќи беше сабота, Јудеите му бранеа да оди на сакатиот, а Оној, односно Христос, Кој што направи овој да оди, сакаа да го фатат и убијат.
Како што треба да имаме правилен однос кон Бог, така треба да имаме правилен однос и кон човекот. Човекот е најсветото нешто, по Бога. Тој е образ Божји. Печат Божји. Акт на Божјата љубов. Според тоа, ако го сакаме човекот, го сакаме и Бог. Затоа ништо не треба да не спречи пред љубовта кон човекот. Исполнувањето на законот е ништо, наспрема тивката самопожртвувана љубов кон човекот. Суетата, самољубието, себичноста се причините заради кои повеќе му служиме на некој закон, идеја или принцип, наместо да го сакаме и почитуваме човекот. На тој начин го затвараме своето срце за другиот и несвесно го гонеме и „убиваме“ Бог (во човекот). Таквите луѓе, исто како еврејските старешини, се заслепени од самите себе и немаат конкретна милост и љубов кон ближниот, не познавајќи го Бога. Во името на некој си закон, погазуваат и убиваат конкретна личност, образ Божји.
Да ни даде Господ ум и разум и да го отвориме своето срце за Бога, па преку Неговата светлина да Го познаеме и да имам љубов меѓу себе.